Среќата со пари не се купува

Ако срцето ти е тажно во тишината на твојата соба, ако душата ти се гуши во четирите ѕида полни со немир, тогаш ниедно место на светот нема да ти го подари мирот што го бараш. Ниту Малдивите, ни Сејшелите, ни Карибите. Ниту белиот песок, ниту тиркизната вода, ниту луксузот на скапите хотели и најскапите ресторани нема да ја потопат тагата што ја носиш во себе.

Не можеш да ја однесеш несреќата на одмор и да очекуваш таа да остане таму. Таа ќе патува назад и ќе се врати со тебе, во секој куфер, во секоја мисла, во секој здив. Зошто? Затоа што таа не е надвор од тебе. Таа е внатре во твојата душа.

Среќата не е дестинација. Таа не се купува со пари, не се украсува со филтри и лажни насмевки на социјалните мрежи. Среќата е состојба на духот, на карактерот, на начинот на кој живееш со себеси кога никој не те гледа, кога си дома, кога си сам/сама, кога е тивко.

Ако дома си немирен, тажен, огорчен, неусогласен со себеси, тоа е првиот знак дека работата што треба да ја завршиш не се наоѓа надвор, туку внатре – во тебе. Не менувај локации туку менувај го својот карактер. Не барај лек во нови места туку барај вистина во сопственото срце. Зашто не е важно каде одиш, туку кој оди таму со тебе.

Почни од дома. Не бегај од своите сенки туку осветли ги. Не крпи го ѕидот со шарени слики – среди ја пукнатината внатре во себе. И дури тогаш, кога срцето ќе стане мирно, каде и да одиш, ќе ти биде убаво. Не поради местото, туку поради мирот што ќе го понесеш.

Најтешката врата што треба да ја отвориш не е онаа на светот наоколу, туку онаа во себе. И не е лесно да се соочиш со сопствениот гнев, со стравовите што ги потиснуваш, со болките што ги туркаш под тепих додека се обидуваш да изгледаш „добро“. Но таму, токму во тие сенки, се крие вистинската трансформација.

Среќата не доаѓа кога ќе „избегаш“ од животот, туку кога ќе го прегрнеш. Кога ќе престанеш да бараш виновници и ќе почнеш да бараш одговорности. Кога ќе си признаеш дека не ти треба уште едно патување, уште еден ресторан, уште еден нов предмет, туку ти треба вистински контакт со самиот себе, со својата душа, со она што одамна го заборави заради брзината на денешниот свет.

Работи на карактерот. Секој ден. Како што се полева цвеќе. Со трпение, со љубов, со дисциплина. Зашто карактерот е темелот врз кој се гради вистинската среќа. Сè друго е само декор.

И запомни, светот не може да ти даде тоа што ти одбиваш да си го дадеш себеси.

Најпрво направи го домот мирен, душата тивка, срцето исправено и тогаш – дури и најобичниот ден во твоето маало ќе биде повреден од луксузното зајдисонце на крајот на светот.