Шиноби Таисо и Вагусниот нерв

ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА СО ТЕЛОТО ЗА ВРЕМЕ НА ШИНОБИ ТАИСО (ЈАПОНСКА ЈОГА) И УЛОГАТА НА ВАГУСНИОТ НЕРВ

Многу луѓе кои практикуваат јапонска јога во нашето Доџо или во фирмите каде што држиме часови, за кратко време почнуваат да забележуваат промени што понекогаш ги изненадуваат, а понекогаш не се ниту свесни за нив. Смирен пулс и јасна глава, исчезната напнатост во вратот, стабилен стомак, подобро варење, подобра работа на срцето, лесно дишење и чувство на ментален мир што останува со часови, па дури и со денови. Најголем дел од нив веруваат дека тоа се случува спонтано, без некоја особена причина, и често го објаснуваат со реченици како „еј баш ме отпушти“, „ми се средија нервите“ или „како добро се смирив“. Но зад овој процес не стои случајност, туку многу јасна биолошка, анатомска и нервна механика во која централно место има вагусниот нерв, а кој преку специјалните Шиноби Таисо вежби намерно се стимулира.

Вагусниот нерв е десетиот кранијален нерв и претставува најважната комуникациска патека меѓу мозокот и внатрешните органи. Тој започнува во мозочното стебло, минува низ вратот, се спушта во градниот кош и завршува длабоко во абдоменот, поврзувајќи ги срцето, белите дробови, желудникот, цревата и целиот систем кој го регулира внатрешниот ритам на телото. Вагусниот нерв е главниот столб на парасимпатичкиот нервен систем – оној дел од нервниот апарат што го смирува организмот, го исклучува внатрешниот аларм и го извлекува телото од состојбата на „борба или бегство“. Кога вагусниот нерв се активира, срцевиот ритам се стабилизира, дишењето станува длабоко и природно, мускулниот тонус омекнува, варењето се подобрува, воспалителните процеси се намалуваат, а умот ја напушта состојбата на хаотичен стрес.

Она што е особено интересно е дека јапонската јога директно и многу ефикасно го стимулира овој нерв. Со бавни, функционални и свесни движења, со правилно дишење и со специфична телесна геометрија, јапонската јога испраќа тивки сигнали до вагусниот нерв, кој потоа ја активира внатрешната програма за смирување, обновување и самоисцелување. Тука се случува најголемото недоразбирање кај учениците: додека вежбаат, тие често немаат претстава што точно се случува во нивното тело. Мислат дека само „растегаат“, „вежбаат“, „дишат“ и „се релаксираат“, а не сфаќаат дека зад кулисите се одвива прецизен неврофизиолошки процес воден од искусната рака на инструкторот за Шиноби Таисо.

Инструкторот, пак, многу добро знае што се случува. Тој свесно ги избира движењата, позициите и ритамот на дишење за да го вклучи вагусниот нерв и да го доведе телото во состојба на регулација. Неговата цел не е да држи анатомски или медицински предавања за време на секој час, ниту да го преоптоварува ученикот со детални објаснувања. Тој не го подготвува ученикот да стане учител, туку да оздрави, да се смири, да се врати во рамнотежа и да почне да живее во телото без болка, со здраво срце, без напнатост и без измачувачка психичка тежина. Инструкторот ја разбира мапата на телото, ги познава нервните врати низ кои се влегува во парасимпатичка активација, и точно знае зошто секое движење е таму каде што е и зошто доаѓа токму во тој момент од вежбата.

Учениците, пак, често и не мора да го знаат тоа. Доволно е да вежбаат, да се препуштат на процесот и да дозволат телото да реагира. Објаснувањето може да дојде подоцна, а за многумина и не мора никогаш да дојде — бидејќи целта не е интелектуално разбирање, туку телесно ослободување и ментален мир. Сепак, за оние кои имаат потреба да разберат, важно е да се каже едно: зад секое смирување, зад секое отпуштање, зад секое подобрено варење и зад секој стабилизиран нервен систем стои активираниот вагусен нерв, а јапонската јога е еден од најмоќните патишта што го буди токму него.

Како вагусниот нерв придонесува за здраво срце

Кога вагусниот нерв е смирен и активен, неговото влијание најсилно се забележува врз срцето. Тој делува како природен регулатор на срцевиот ритам, тивок чувар кој му дава команда на срцето да забави, да се ослободи од напнатоста и да работи во склад со остатокот од телото. На тој начин го намалува оптоварувањето врз срцевиот мускул и ја зголемува неговата издржливост. Срцето не трча пред телото, не бега, не се грчи во илјадници отчукувања на ден – туку пулсира ритмично и природно, како што му е зададено од природата.

Оваа регулација создава стабилен и избалансиран срцев ритам, што е еден од најважните показатели за здрав нервен систем и силно кардио-васкуларно здравје. Кога вагусниот нерв е активен, варијабилноста на срцевиот ритам се подобрува, што значи дека срцето знае да се прилагоди – да забрза кога треба, да забави кога е безбедно и да остане мирно кога опасност нема. Тоа е срце кое работи со телото, а не против него.

Токму тука повторно се открива силата на јапонската јога. Луѓето доаѓаат на вежбање, ги изведуваат инструкциите, го следат движењето, го слушаат сопственото дишење и мислат дека „само вежбаат“. Но за време на сите тие свесни и внимателни движења, инструкторот намерно ги води низ процес кој ја активира парасимпатичката регулација и му помага на срцето да се префрли во состојба на смирен проток и ритам.

И токму затоа, доволно е да следат. Доволно е да дишат. Доволно е да веруваат во процесот. Сè друго го завршува тивката физиологија на телото – со помош на вагусниот нерв, кој го успокојува срцето, го смирува внатрешниот оган на стресот и му овозможува на организмот повторно да ја почувствува природната состојба на рамнотежа.

Зошто луѓето зрачат со посебна енергија за време на вежбањето на јапонска јога?

Многумина забележуваат уште една појава за време на вежбањето на јапонската јога: чувството дека од телото „истекува“ енергија. Некои велат дека се потат премногу, други дека им се врти, трети дека одеднаш им се спие, а четврти чувствуваат како да им се спушта некој товар од градите, вратот или стомакот. Сите овие реакции не се чудни и не се случајни. Тие се последица на тоа што телото конечно почнува да ја испушта енергијата што со години била заглавена во него – енергијата на напнатост, на плашливи реакции, на незавршени емоционални процеси и на телесни стеги што човек ги носи несвесно, од ден во ден.

Кога телото преминува од состојба на стрес во состојба на смиреност, вагусниот нерв го отвора патот, а парасимпатичкиот систем дозволува она што било потиснато да излезе на површина и да се ослободи. Стресната енергија не исчезнува сама од себе – таа мора да биде исфрлена. Кај некого тоа ќе биде преку дишење, кај друг преку потење, кај трет преку неконтролирана емоција. Вежбачот често мисли дека тоа се случува „однапред“, „ненадејно“ или „без причина“, но вистината е дека токму тогаш телото исфрла нешто што одамна требало да го испушти.

Вежбачот не мора да знае што точно се случува во неговиот нервен систем – доволно е да биде правилно насочуван. Инструкторот ги гледа телесните реакции, го слуша дишењето, го забележува ритамот на движењето и точно знае кога енергијата почнува да се движи, кога почнува да се чисти, и кога се подготвува да го напушти телото.

Затоа за време на јапонската јога човек не губи енергија – ослободува енергија. Стара, потрошена, заглавена и токсична енергија, која му ја краде силата, вниманието, сонот и здравјето. Во моментот кога таа ќе се испушти, нервниот систем се смирува, срцето се стабилизира, умот се расчистува и телото повторно почнува да живее природно, без внатрешен притисок. Човекот кој ќе го постигне тоа преку Шиноби Таисо секогаш е расположен, насмеан, зрачи со некоја посебна аура што сите ја забележуваат. Она што многумина го нарекуваат „посебна енергија“ е всушност физиологија во чиста форма – процес на ослободување кој го отвора патот за целосно враќање на човекот во неговата природна состојба: мир, стабилност и присутност.

За РАМНОДУШНОСТА

Рамнодушноста не е отсутност на чувства, туку нивно психолошко замрзнување. Таа претставува состојба во која емоционалните системи престануваат да реагираат на стимулите што порано предизвикувале длабоки реакции.
За разлика од омразата, која сè уште подразбира активна емоционална врска со објектот, рамнодушноста означува целосно прекинување на таа поврзаност.
Од психолошка перспектива, рамнодушноста е форма на емоционална одбрана, често резултат на долготрајна афективна преоптовареност. Кога личноста е изложена на повторени разочарувања, конфликти или загуби, психата понекогаш избира „емоционално исклучување“ како стратегија за самоодржување. Но ова исклучување, со тек на време, може да прерасне во хронична состојба на апатија – не само кон конкретниот однос, туку и кон животот воопшто.

Во меѓучовечките односи, рамнодушноста е најдлабоката форма на оддалеченост. Таа не создава конфликти, туку тишина; не провоцира болка, туку празнина.Додека омразата може да се трансформира бидејќи во неа сè уште има енергија, импулс и афект, рамнодушноста нема динамика што би овозможила промена. Таа е крајната психолошка стагнација на емоциите.

Рамнодушноста се поврзува со состојби како емоционална исцрпеност, депресивна незаинтересираност и неможност за справување со проблем или ситуација. Таа може да биде знак на потисната болка или незавршена тага, каде личноста, за да избегне страдање, несвесно ја блокира целата емоционална палета.
Сепак, рамнодушноста има и пошироко општествено значење. Таа е тивок двигател на моралниот пад, кога луѓето престануваат да реагираат на неправдата, насилството или страдањето околу себе односно се создава колективна етичка анестезија. Токму затоа, рамнодушноста не е само личен, туку и цивилизациски проблем.
Во суштина, крајот на љубовта, на доблеста и на човечноста не доаѓа со омразата, туку со рамнодушноста поточно со моментот кога ништо повеќе не нè допира.
Зашто омразата, иако болна, е сè уште жива емоција. Таа содржи остатоци од врска, од страст и од значење. Понекогаш токму преку неа љубовта може повторно да се роди, па дури и во почиста, подлабока и посилна форма од претходно. Но таму каде што завладеала рамнодушноста, љубовта е веќе неповратно мртва, без можност за воскреснување.
п.с. Во изминатите години забележувам дека делови од моите текстови сè почесто се појавуваат на туѓи профили и објави, претставени како оригинално авторство. Истите содржини ги среќавам и на различни фан-страници, а понекогаш и преведени на странски јазици.
Иако ова, лично, не ме засега ниту ме вознемирува, сепак би било коректно од аспект на почит кон авторството да се наведе името на авторот. Не од суета, туку од елементарна чесност и одговорност, за да биде јасно кој стои зад написот и кој ја презема одговорноста за неговата содржина, доколку некој одлучи да ѝ се спротивстави.

Љубов...

Во животот мој имав безброј авантури и само три вистински љубови.
Од првата добив три преубави дечиња. Втората ми ја врати вербата во љубовта и ми остави грижа на совест што уште долго време ќе ме измачува. Третата ми ја уништи вербата во љубовта и ми остави горчина во душата.
Првата и третата љубов јас ги прекинав, откако тие направија сè што можеа за да ме натераат да ги оставам.
Втората љубов ја прекина таа, откако јас направив сè што можев за да ја натерам да ме остави.
Но сега сакам нешто да пишам за втората — за еден вистински ангел што одеше по земјава и што беше подготвена и душата да ја даде на ѓаволот за мене. За една преубава девојка која јас никогаш не ја заслужив, а сепак, некако ни се вкрстија патиштата и срцата. За една душа најмила, која ниту еднаш не ме повреди — ниту со збор, ниту со дело, ниту со мисла.
Пред неколку недели, сосема случајно, ја сретнав во еден мол. Се симнуваше со ескалаторот кон приземјето, а ја забележав со крајчето на окото додека излегував низ вратата од трговскиот центар. Облечена целата во бело, ме забележа и се стаписа.
Го спушти погледот за миг, но брзо сфати дека средбата е неизбежна и дека сепак ќе мора да се соочиме. Тргна кон мене, додека погледите ни беа вперени еден во друг. Се доближи и, без збор, ме прегрна.
Само што сакав да изустам нешто, ме прекина:
— Те молам, не зборувај ништо. Знам сè. Знаеш дека секогаш сум те разбирала без да проговориш ниту еден збор.
Се гледавме така, молчешкум, неколку секунди, а потоа, за да ја прекинам тишината, изустив нешто сосема бесмислено.
Таа, повторно полна со чувства, прозборе:
— Те чекав со години и ќе те чекав засекогаш, сè додека случајно не налетав на тебе и не те видов како љубиш друга. Ќе те чекав и понатаму, да знав дека е една од оние. Но забележав дека ја гледаш со очи полни љубов — дури и повеќе љубов отколку што некогаш имаше за мене. Ми требаа години по таа глетка за да почнам од почеток. Сега најдов човек што ме сака. Се надевам дека никогаш повеќе нема случајно да се сретнеме. Секоја средба со тебе е премногу болна…
Ја погледнав уште еднаш, со огромна почит, и се упатив кон излезот, по што тргнав кон автомобилот. Додека се движев, целосно ја сфатив нејзината порака за збогум. Таа многу добро знае дека, од моментот кога ќе биде со друг маж, ги закопува сите надежи — и кај мене и кај себе — за повторно оживување на љубовта.
Влегов во колата исполнет со некаква чудна среќа во душата. Не затоа што ја видов, туку затоа што нашла некој што, се надевам, ја заслужува многу повеќе отколку јас. А мене не ми беше потребна порака. Јас, уште многу одамна, во моментот кога сфатив дека не сум доволно добар за неа, ги закопав сите надежи за некаква иднина. Но таа е таква — сака секогаш да биде начисто, секогаш коректна и доречена.
Во нејзина чест — една кратка песна, како благодарност за сета љубов што ми ја дарила. За сите долги ноќи исполнети со страст и безброј споделувања на емоции, течности и енергии.
Последната песна посветена на неа…
——————————
Ангелот што не го заслужив
Ти ми дојде тивко, како зора меѓу зелени полиња,
со очи што ја препознаваа и гледаа сета тага на светот,
но сепак се смееше на секоја капка дожд,
како да во секоја гледаш благослов, а не солза.
Твоите раце мирисаа на добрина,
твоето срце — отворено како пролет што не бара ништо,
а, воедно, сè подарува.
Секоја твоја мисла беше милозвучен глас
што шепотеше „љубов“ дури и кога молчеше.
Јас, пак, груб од премногу денови зад себе,
со зборови што болат и печат,
со сомнежи што не умеат вистински да сакаат,
те гледав и не разбирав
дека пред мене стои ангел што оди по земјата.
Ти — голема уметничка душа,
сликаше со светлина,
со раскошни бои, родени во длабочината на твоето постоење,
ги обојуваше и моите темнини,
а јас не научив да те чувам.
Кога си замина,
небото не ми се затемни —
само потона и се повлече подлабоко,
како да се срами што ти верував премалку,
а сепак повеќе отколку што верував во сопствената сенка.
Сега, кога ќе го слушнам твоето име,
како да зјапам во старо писмо,
го чувствувам мирисот на она што било вистинско,
и знам — некои ангели не си заминуваат,
само се враќаат дома,
далеку од оние што не умееле
да ги сакаат чистите срца,
како твоето.
— Игор Довезенски, 15 октомври 2025

Инклузивноста во Буџинкан Македонија

Денес малку за отвореноста на нашето доџо кон ранливите групи или, ако употребам странски збор што е во мода (иако мене лично не ми се допаѓа) – инклузивноста.
Многупати сум зборувал дека Буџинкан Македонија е вистинско прибежиште за сите млади и возрасни на кои им треба поддршка, љубов, заштита, развој и семејство.
Што се однесува до диверзитетот, иако нашето доџо е познато по тоа што негува традиционални, патриотски и патријархални вредности, можеме да се пофалиме дека имаме најголем степен на разновидност на луѓе од сите останати клубови за боречки вештини во Република Македонија.
Се прашувате зошто?
Поради нашата искреност и желбата вистински да помогнеме таму каде што треба!
Да почнам по ред.
________________________________________
• Луѓе со попреченост
Во нашето доџо досега вежбале над педесет лица со попреченост, особено деца со аутистичен спектар. Толку сме познати по работата со нив, што стручни лица од медицинските центри во државата честопати им препорачуваат на родителите да ги носат децата токму кај нас на вежбање.
И тоа не е случајно. Речиси да не постои спортски или боречки клуб во државата што ги прима лицата со различен начин на развој и функционирање на мозокот.
Не само тоа – родителите често ни раскажуваат дека нивните деца биле грубо одбиени од страна на тренери во други клубови.
А ние? Сите тие деца што некаде ги одбиваат, ние ги прифаќаме и со сета наша сила се трудиме да го извлечеме максимумот од нив. И не само тоа, туку кон нив се однесуваме на ист начин како и кон сите други. Се шегуваме, ги потикнуваме тие да се шегуваат со нас. Ги критикуваме кога треба и ги учиме да прифаќаат критика со цел да бидат подобри.
Во ретки случаи, кога сметаме дека детето може да претставува опасност за себе или за другите, им кажуваме на родителите дека не сме во можност да помогнеме — но тоа се навистина ретки случаи.
Во најголем број, децата не само што се прифатени, туку и одлично напредуваат — во координацијата, рамнотежата, развојот на мускулно-скелетниот систем, како и во социјалните и комуникативните вештини.
Во моментов, во доџото имаме седум деца со аутистичен спектар кои одлично се дружат меѓусебно и со останатите ученици.
Се случувало, поради едно такво дете, да изгубиме десет други – поради себичноста на некои родители кои сметаат дека тие деца го нарушуваат мирот на нивните. Но ние секогаш сме избирале да му помогнеме на детето со попреченост, дури и по цена финансиски да ослабнеме и да го доведеме во прашање работењето на доџото, кое се самофинансира преку членарини со кои ја плаќаме закупнината на просторот.
(За работата со децата со аутистичен спектар ќе пишувам во друга прилика, со цел да ги мотивираме и останатите инструктори да ги прифаќаат.)
________________________________________
• Постари лица
Иако, за жал, ги нема многу, во историјата на доџото сме имале постари лица кои биле сами или напуштени од своите деца што заминале во странство.
Првото, срамежливо прашање секогаш гласи:
„Да не е срамота да вежбаме со децата тука? Сигурно сме многу стари за боречки вештини?“
По краток разговор им објаснуваме дека боречките вештини кои ние ги вежбаме не се спортска или натпреварувачка дисциплина, туку традиционален начин на психофизички развој – и дека токму поради годините би било одлично да почнат да работат на себе. За тоа, никогаш не е доцна.
Така, постарите лица си наоѓаат друштво, разонода, здравје и семејство во нашата средина.
________________________________________
• Сиромашни лица
Овие лица се моја слабост, бидејќи многу добро знам што значи „да се нема“.
Особено е жално што многу талентирани деца не успеале во животот само затоа што нивните родители не можеле да им овозможат повеќе.
Од друга страна, знам и многу разгалени деца што трошат пари на секакви глупости, само за да ги задоволат своите апетити што постојано растат.
Децата чии родители се невработени или имаат финансиски потешкотии, во нашето доџо плаќаат намалена членарина или се целосно ослободени од плаќање — и секогаш се добредојдени.
________________________________________
• Деца без родителска грижа
Ваквите деца целосно се интегрираат во нашето семејство. Им помагаме колку што можеме – преку згрижување, воспитување, донираме облека и спортска опрема за вежбање, и се трудиме да ги изведеме на вистинскиот пат.
Постарите ученици им се пример и се грижат за нив како постари браќа и сестри.
________________________________________
• Жртви на семејно насилство
Добредојдени се – за да ги заштитиме и да ги научиме самите да се заштитат од насилниците. Истовремено им даваме надеж дека можат да ја сменат својата сегашност и иднина, доколку храбро се соочат со животот и се посветат на личен развој.
________________________________________
• Сексуална ориентација
Ова е најинтересно од сè. Ќе објаснам накратко зошто.
Дали ви се верува дека во нашето патриотско, традиционално и патријархално доџо досега вежбале (или сè уште вежбаат) триесетина лица со хомосексуална ориентација?
Сигурно ќе се прашате како е можно геј мажи и лезбејки да вежбаат во доџо кое пропагира семејни и традиционални вредности. Едноставно е — ние сме искрени со нив, и тие го почитуваат тоа.
За разлика од многумина што во јавност зборуваат дека се целосно отворени и поддржуваат лица со различна ориентација, а зад грб зборуваат лошо за нив или се шегуваат на нивна сметка – ние тоа не го правиме.
Тие знаат дека единственото што бараме од нив е да не ги наметнуваат своите лични ставови или вредности над другите, и тука завршува сè.
Какви се нивните желби и чувства – тоа не нè интересира и не сакаме да знаеме. Сексуалниот живот е лична работа, и сè додека се држи во рамките на приватноста, е во ред.
Откако ќе почнат да вежбаат со нас, тие се прифатени и заштитени, и никој никогаш не обрнува внимание на нивниот приватен живот.
Како што реков погоре – секој може да прави во својата спална соба што сака, сè додека никого не повредува и не навредува.
Ние ги прифаќаме такви какви што се, тие не прифаќаат нас. Толку сме блиски што често знаеме да се пошегуваме едни со други и никој не се лути, бидејќи знаеме дека нема лоша намера.
Неколкумина од нив многупати ми имаат кажано:
„Сенсеи, иако си многу традиционален тип и конзервативец, те сакаме бидејќи си искрен и не работиш никому зад грб. Затоа сме членови на Буџинкан Македонија – тука нема дволичност.“