За ИНТИМНОТО ПРЕДАВСТВО

Едно од најтивките, а најдлабоки предавства во интимната врска е изнесувањето на интимата надвор од врската. Кога болката, стравовите, слабостите и конфликтите со партнерот се споделуваат со пријатели, колеги, родители или, уште полошо, со децата, се крши една суштинска психолошка граница. Не заборавај дека тие луѓе не се дел од односот. Во односот си ти и твојот партнер. И токму затоа, никој однадвор не може да го реши, поправи или исцели она што се распаѓа внатре, меѓу вас двајца.

Од психолошка перспектива, ова однесување најчесто не е свесна злоба, туку несвесен одбранбен механизам. Во основа стои потребата за „внатрешно чистење“ – катарзична потреба напнатоста да се истури надвор, како и да се префрли товарот во туѓ сунѓер што ќе впие дел од болката. Во клиничката психологија ова се поврзува со екстернализација на афектот: наместо да се толерира и обработи непријатната емоција во себе или во дијадата, таа се изнесува надвор, каде што станува полесна, но изобличена.

Често тука се препознаваат и елементи на несигурна приврзаност (anxious attachment): силна потреба за потврда, за сојузници, за уверување дека „јас сум во право, не сум лош/а“. Советите што се добиваат ретко се вистинска помош; тие најчесто функционираат како нарцистичка валидација. Пријателите не ја слушаат целата вистина, туку селектирана нарација што бара оправдување. А таму каде што има оправдување, нема одговорност.

Интересно е што истражувањата за емоционалната социјализација покажуваат дека жените, во просек, почесто го практикуваат ова споделување. Не затоа што се „полоши“, туку затоа што од мали се учат дека емоциите се решаваат преку зборување и социјално поврзување. Машките, обратно, почесто ги потиснуваат или канализираат во дејство. Но токму таа културно научена навика кога е некритички применета во интимен однос, може да стане форма на предавство. Зашто интимата не е само право на израз, туку и обврска за чување.

Од психолошка гледна точка, предавството тука лежи во нарушувањето на сојузот. Врската е несвесен договор: „јас ќе те носам тебе на раце пред светот, но на светот нема да му дозволам да влезе во нашиот сојуз“. Кога овој договор се прекршува, партнерот се понижува преку туѓи интерпретации. Тоа создава хронична ерозија на довербата што е основниот темел на секоја психолошка сигурност во односот.

Има уште една, подлабока димензија: оној што денес ја изнесува интимата на партнерот пред пријателките, утре по истата психолошка логика ќе ја изнесе и интимата на тие пријателки пред други. Зашто проблемот не е во содржината, туку во структурата на личноста: во неможноста да се држи внатрешниот простор, да се толерира напнатоста, да се биде лојален на договорот. Каде што нема договор, нема ни верност во љубовта, ниту во пријателството.

Вистинската зрелост не е во тоа колку зборуваме, туку каде зборуваме. Не секоја болка е за јавност. Некои болки се за тишина или за храбар директен дијалог со оној со кого сме ја создале. Сè друго е олеснување на себеси по цена на другиот. А тоа, колку и да се рационализира, психолошки останува она што е: длабоко и валкано предавство.

Нарцисите на работното место

На работното место нарцисот ретко ќе го препознаеш по гласноста. Почесто ќе го препознаеш по тишината што те тера да се сомневаш во себе.

Тој или таа влегува со насмевка, со културен тон и со речник полн со „добри намери“. Во психологијата ова се нарекува маскирана грандиозност – надворешна смиреност зад која стои силна потреба за контрола и надмоќ. Колку е поелегантна маската, толку е подлабока празнината.

На состаноци ќе забележиш суптилни убоди: коментар што звучи невино, но подоцна остава трага на душата. Пасивната агресија е омилен јазик на нарцисот во работната средина, бидејќи му овозможува психолошка доминација без отворен конфликт. Ако реагираш, проблемот си ти. Ако молчиш, тогаш тој победил.

Нарцисот не поднесува колеги со автономија. Луѓе што имаат став и стабилност. Во организациската психологија ова се гледа како закана за неговото лажно јас односно конструкција што се храни од надворешно одобрување. Затоа, компетентните и тивки професионалци често стануваат мета, не затоа што грешат, туку затоа што не се покоруваат.

Ќе забележиш и чудна динамика меѓу колегите. Информации што „случајно“ се пренесуваат, недоречени приказни, тивко создавање табори. Тоа е класична триангулација – манипулативна техника со која нарцисот ја одржува контролата преку поделба и конфузија, додека самиот се прикажува како разумен и мирољубив.

Емоциите, кај него, не се доживување туку алат. Навреден поглед, ненадејна тишина, контролирано „жртвување“, често жалење дека тој премногу работи за разлика од другите. Сè е во функција на моќта. Во клиничката психологија ова се поврзува со дефицит на емпатија и високо развиена способност за когнитивна манипулација.

Кога ќе престанеш да му служиш како извор на внимание, нарцисот влегува во следната фаза. Повлекување на поддршката, студена дистанца, суптилно рушење на твојот углед – бара начин како да ти го загрози работното место. Нарцисот ретко напаѓа директно, тој напаѓа преку системот, затоа што таму репутацијата е валута.

И секогаш, ама секогаш, тој е жртвата. Во неговиот наратив никогаш нема лична одговорност. Хаосот е „погрешно сфатен“, конфликтот е „предизвикан од другите“. Ова е класичен механизам на проекција – сè што не може да поднесе во себе, го гледа во другите.

Најјасно ќе го препознаеш во моментите кога мисли дека никој не го набљудува: во коментарите по состанок меѓу неговите поддржувачи, во љубоморниот поглед кога некој друг добива признание, во тишината што следи после секој твој успех.

Нарцисите на работното место не се секогаш токсични на прв поглед. Тие се токсични на долг рок. И затоа, најздрава стратегија не е да ги победиш, туку да ги препознаеш навреме и да се заштитиш за да си ја зачуваш психолошката стабилност.