ЗА РЕКАТА ❤

Нема поубаво чувство од мирот што те обзема кога ќе седнеш покрај река и ќе дозволиш таа да зборува наместо тебе. Во нејзиниот тек има нешто што не се објаснува со зборови – некоја тивка енергија што ги смирува мислите и ја учи душата да слуша. Додека ја гледаш како минува, не ја гледаш само водата, туку го гледаш својот живот. Ги гледаш своите почетоци во нејзините извори, своите падови во нејзините вирови, своите надежи во нејзината светлина. Секое бранче носи спомен, секое тивко шумолење е прашање, секој одраз од површината е одговор. И во тој миг сфаќаш дека не си само набљудувач – ти си дел од тој тек.

Реката никогаш нема потреба да брза. Таа точно знае каде оди. А доколку седнеме покрај неа и тивко ја набљудуваме и ние ќе научиме во кој правец треба да се движиме.

Во реката тече минатото, збунето и наивно, полно со први чекори, први стравови и први соништа. Во неа сè може да биде светло, а дури и болката има боја на надеж. Минатото нè обликува како што водата ги обликува камењата, тивко, упорно, без прашања.

Сегашноста е текот што не можеме да го запреме. Бучен, брз, понекогаш матен, а понекогаш мирен. Тука се судираат спомените и очекувањата, сомнежите и вербата. Учиме да пливаме, иако често не знаеме каде нè носи струјата. Но ете, токму затоа сме живи. Срцето чука, а душата зборува.

А иднината…иднината е хоризонтот што се огледува на површината на водата. Не ја гледаме јасно, но ја чувствуваме. Таа е како морето што ја чека секоја река да влезе во неговите прегратки. Широко, таинствено, полно со ветувања. Не знаеме какви ќе бидеме кога ќе стигнеме таму, но знаеме дека сè што сме биле досега – и понатаму ќе нè следи.

Животот не е само пат што го одиме, туку и река што нè носи. И не е важно колку брзо течеме, туку колку длабоко чувствуваме.

Затоа најубави реки не се оние што најгласно шумат, туку оние во кои можеш да се огледаш и да се препознаеш.

Уште од мал си замислував дека, ако успеам да доживеам старост, би сакал да го напуштам овој свет седнат до реката и загледан во нејзиниот тек. За последен пат да го видам целиот свој живот – од раѓањето до преминот…

– Игор Довезенски