Со убивање од вежбање до убивање на Раскошот

Една мала група од нас се убива од вежбање (факат)!

Ми текнува пред неколку години кога држев тренинзи и во Лисиче (понеделник, среда, петок и недела) и во Буњаковец (вторник, четврток и сабота). Секој Божји ден.
Тогаш се уште немав црни појаси од учениците, па сите тренинзи морав самиот да ги одржувам. Денес имам црни појаси меѓу учениците. А знаете зошто? Затоа што Тие двајцата доаѓаа на тренинг и во двете доџо-а секој Божји ден.
Се сеќавам, после неколку месеци, во соблекувалната мојот мил шидоши хо Мацко ми се онесвести буквално во раце. Го повратив во живите смирено бидејќи знаев дека момчето падна во бесознание поради замор. Инсистирав да направи преглед поради него самиот, а лекарот го потврдил моето сознание дека Мацко е здрав како дрен (и дека се онесвестил поради замор).
Таа мала група и сега го прави истото. Не пропушта тренинг. А за секој случај и во текот на викендот вежба во Хомбу (каде што темпото на вежбање „убива“).
Знаете дека Мацко оваа година нема пропуштено ниту еден тренинг? И Антон. Тука некаде со активноста се и Зоки и Марче и да не ги редам и другите понатаму.
На групата што се убива од вежбање сакам да им кажам нешто:

Свесно или несвесно Вие се определивте за Патот. Да се чекори по Него значи да се живее во беда. Вие ја прифативте старата самурајска изрека „Зеитаку ва теки да односно „Раскошот е непријател“.

Од поштенското сандаче

Пет години во Буџинкан Македонија поминаа брзо ( 5 години и месец… ќе се утепам, си го утнав роденденот )

Што да кажам навистина незнам, без зборови сум.
Опкружен со вистински другари кои зрачат позитивна енергија.
Многу тренинг, забава, дружење, емоции и дешавки кои за ништо на светов не би ги сменил.
Никогаш нема да го заборавам мојот прв тренинг, толку ме болеа нозете мислев дека толкава болка никогаш нема да почувствувам (се излажав   ). Мојот прв семинар во природа ( Тамбо Џутсу ), мојот прв нинџа камп, тренинзите без струја во старото легендарно доџо во Лисиче.
Горд сум што сум ученик на Сенсеи и што сум дел од ова семејство, се надевам на уште многу долги години заедно, на уште многу модрици, гребаници, млатење и ќотеци.

-Мирон

———————————————————————

Прееска си се релаксирав со видеата кои ги има од нас на фб, јутуб и сл. и морам да кажам дека доста емотивно се растресов, ми се насолзија очите, што од радост поради сите убави моменти, што од тага заради носталгијата кон некои луѓе, но највеќе од се – од љубов. И пак морам да кажам, сликите од тебе и од Мацко ме вадат од патики. Сите до една, а особено тие од под Липац (на зајдисонце). Убавина, грациозност, моќ, љубов, пријателство = едноставно и видливо извираат од нив. Секој поединечен член го дава својот “зачин” во видеата, но и во спомените воопшто. До вечер сенсеи. Добра ноќ.

Одбери страна

Таа:

-И ти ги оправдуваш твоите ученици што се однесувале така? Можеш да бидеш барем неутрален во целата ситуација.

Јас:

-Мораш секогаш да заземеш страна. Не верувај во неутралност. Ако си пријател со сите, тогаш не си пријател со никого.

Силата е во нозете

Во една прилика,  сенсеи Такаматсу му кажал, на тогаш младиот ученик Хатсуми:
– Тајната на Таиџутсу лежи во силата и флексибилноста на нозете. И за твоето здравје е важно да ги одржуваш нозете силни и флексибилни. Тоа е еден од начините за долговечност. Нозете не служат само за стоење и одење, туку се силно оружје кое што мора да се контролира преку умот. Силата и флексибилноста овозможуваат подобра контрола. Треба да бидеш во можност да упатиш удар во било кој правец. Тоа се вика „Хаппо Гири“.
п.с. Шугендо е еден од начините што јас го применувам за да ги „преточам“ советите на сенсеи Такаматсу во пракса.

Прашина

Денес објавив за семинарот за Џиссен Хеихо. Сега се на ред „душегрижниците“.

Најголем број од нив ќе ми пратат приватен мејл. И ќе ми солат памет дека бла, бла, бла…
Некои од нив (можеби) ќе го препостираат текстот на нивниот ѕид или Форум. И таму, без мое знаење ќе бла, бла, бла…

Се надевам (но подготвен сум) дека многу малку ќе си земаат за право да почнат јавно да бла, бла, бла…
Тие добронамерните и пријателите ќе ми пратат честитки за иновативноста, храброста и ќе ме подржат.

Сепак, едно знам. И едните и другите, во себе знаат дека тоа што го правам е „вистински погодок“ и порано или подоцна ќе го направат и тие истото. Веќе „гледаам“ какви имиња ќе смислуваат на „нивните системи“: Динамичен блискоборбен систем,  Голорака блиска борба, Реален Тиџутсу итн. (секако, подобро ќе звучат на англиски, нели).

Како и да е, некој мора да „влече“, а некој да „каска“.

Прашината се крева, а потоа мора да падне на земја. Животот продолжува.

38

Да ме праша некој во сон: „кога почна да вежбаш нинџутсу“, ќе му одговорам како од топ – „2 јули 1988“.
А да ме праша: „кога ти е роденден“, ќе ми треба малку време за да се расонам, па да одговорам точно.

Но за разлика од минатата година, оваа не си го заборавив роденденот. Моето семејство се погрижи на време да ме потсети на тоа.

„Како се чуствуваш денес кога полниш 38“ ?
Бедно, како и секогаш. Бедно бидејќи знам дека ништо не знам и дека има уште многу работи за учење и уште многу врати за отворање.

Ајде, нека Ви е Вас убав денот, а мене? Па јас и никогаш не сум сакал да го прославувам денот кога додавам една бројка повеќе на патот наречен Живот.

п.с. После три месеци пауза, блогот повторно ќе почне да се полни одвреме-навреме.

Преживување

Во текот на 90-сетите, го создадов легендарното подвизување наречено „Трка по кањонот на Матка“. Се одржуваше на крајот на јули и се состоеше во неколкучасовно трчање(без престан) и вежбање на ивиците на патеката на кањонот. После пет години успешно одржување, за трката се пријавив единствено јас. Го истрчав чесно последниот круг од подвигот и го убив. Го убив без око да ми трепне тоа што јас го создадов. Ја убив трката и ја спасив од мизерување и лоши спомени. И не згрешив. Тој подвиг стана легендарен и за него и ден-денес се зборува меѓу учесниците.

По трката, во првите години од 21 век, го создадов подвигот наречен „Преживување во природа“. Се роди една пролетна ноќ, откако сам преноќив на ридиштата на Липац. Членовите на доџо-то го прифатија со воодушевување. Подвигот стана предмет на престиж и докажување. Почна да се зборува за него за време на секој тренинг во природа. Почна да се дискутира речиси после секој тренинг во доџо-то (во соблекувалната).
Оваа година, три дена пред одржувањето има само еден пријавен. Почнав да размислувам да го убијам и овој подвиг. И ако треба ќе го сторам тоа без око да ми трепне. Само така можам да го спасам и да го внесам во легендите на Пат кон Сонцето.
Болката е привремена, славата останува засекогаш!!!

Лето

На прагот сме на уште едно лето. Долго, топло, примамливо.

Во доџо-то во градов е неподносливо жешко. И лепливо.

Истовремено забавите во Скопје се интензивираат. Пивото е ладно. Сладоледот вкусен. Девојките посакувани повеќе од било кога.

Ова е период кога гужвата во доџо-то се намалува. Остануваат оние најзаљубените во корју-то. Оние кои не прават компромиси со тренингот. Оние кои сакаат да напредуваат секојдневно.

Од семестарот ни остана уште месец ипол. Буџинкан Македонија не знае за пауза. Не знае за одмор. Додека останатите клубови веќе ги затворија вратите, ние продолжуваме и во јули. Во август сме на камп.
Јас сум во доџо-то. За сите што сакаат да вежбаат. Јас не пијам пиво, не се лажам  на сладолед. Девојките ги обожувам, но тренингот ми е на прво место. Друштвото за излегување одамна крена раце од мене. Кафулиња, дискотеки, паркови…ништо не ме интересира.

Јас се дружам со тие што не пропуштаат тренинг како мене. Тие на кои доџо-то им е втор дом. Моите духовни пријатели не се Европското првенство во фудбал, ниту пак Локалните избори 2013.

Моите духовни пријатели се Кото рју и Гјокко рју. И Такаги Јошин рју и Шинден Фудо рју. И Даито рју и …..

Ви посакувам убаво лето полно со розеви спомени. Се читаме повторно тука од есен.
На тие како мене им посакувам тежок и напорен тренинг зачинет со запурна атмосфера и модрици.

Нинпо Иккан!

На чекање

„Речиси стигна до крајот. Но поточно си на почеток. На нов почеток. Сега си на чекање. Две-три години. Сега ќе го дотеруваме тоа што го научи до сега. Ќе го дотеруваме до перфекција.

Немој сега да оплескаш. Немој егото да те отруе. Немој чекањето да те измори и да ти го помати умот.

Сега веќе не се исплати да купиш евтина и безвредна диплома. Тоа можеше да го сториш до сега. Веќе е доцна.

Инаку, зошто толку губење време, зошто толку залудно вложен труд?
Сега си на чекор до успехот. Не мисли на дипломата. Мисли на перфекцијата. Колку повеќе чекаш, толку повеќе можност за усовршување.

Размисли за ова.“

Полагање

(Порано бев изненаден кога Марко ќе напишеше нешто добро на Форум. Сега сум горд поради тоа што успеав да „создадам“ еден здрав, зрел и цврст шодан – И. Довезенски.)

_____________________________________________________

П О Л А Г А Њ Е!

Секогаш кога ќе дојде време за полагање, слушам по некој БИСЕР од страна на некои ученици.

Дечки малку да ви објаснам што значи тој збор.

Прво, го разбирате во буквална смисла и после ни (M&M) поставувате глупави прашања:
– може ли да полагам две кју во едно (мислам хелооооу)
– зошто сум со услов, а немам пропуштено ни еден тренинг последниве
6 месеца
– несакам да полагам… не заслужувам, или, не е во стилот на корју
итн…

Второ, колку пати Сенсеи и Мац имаат спомнато, дека секој ваш тренинг е полагање и дека полагањето е само церемонијално унапредување. Зар мислите дека Сенсеи незнае колку вие знаете, или незнаете. Уште пред да почнете да полагате, тој однапред знае каде ќе згрешите, а каде ќе бидете добри, каде сте најслаби, а каде можете да дадете максимум.
Во ова сум се уверил лично.
Да не заслужувавте, не би биле на список, да заслужувате, сигурно не би биле со услов.

Трето, прочитајте го полагањето меѓу редови и размислете за самиот збор.
Заборавате на вашето однесување,  во доџо, на семинар, на камп или надвор. Ако мислите дека полагате само на тренинг, или, кога е присутен само Сенсеи, тогаш сте се зафркнале.
Кога јас и Мац сме излегле на списокот за полагање, без разлика дали сме биле со услов или не, без разлика дали ни се допаѓало или не, не сме смееле да поставуваме прашања, зошто вака или така. Што ви кажува ова. Само едно. Зборот на Сенсеи е последен. Како каже тој, така ќе биде сакале вие или не. Тој е секогаш во право. Тоа е почит и така се гради доверба. Ваше е да дознаете и откриете зошто е така. Одговорот лежи тука…

Четврто, некои се разочаруваат кога не се на список, некои пак едвај чекаат да полагаат. И првото и второто размислување не ми се допаѓаат воопшто. Ми звучи себично и не ми мириса на „ратнички дух“.
Тие што размислуваат вака, во старт паѓаат на еден тест, на тема што треба да ја полагаат за 1 кју : „Сеишин текки кјојо“.

Со вакво размислување, не го заслужувате кафеавиот оби, ниту пак ќе стигнете до него.

Петто, ако не полагате, неможете да напредувате, ќе стоите во место. Зошто? Па зар би добиле исто деншо некои што имаат 2 кју и некој што е 10 кју, без разлика, кој колку години е во клубот. Тој што дошол до 2 кју, сигурно вложил повеќе од тој што е 10 или мукју.
Впрочем, да не вложил не би бил 2 кју.
Значи “филозофските“ приказни дека не треба да се полага од „дрн дрн јариња“ – паѓаат во вода.

Шесто. Бидете секогаш приземјени и скромни. Бидете исти и на пофалби и на критики. ФУДОШИН (во превод).

Полагате со вашето секојдневно однесување, физичко, ментално и духовно, а не со вашите 10 минути од последниот петок од јуни или од декември.

Се надевам ќе го разберете ова, тие што неможат, нека го прочитаат текстов повеќе пати.

-Марко Опачиќ (MArChEDONIAn!)