Мацко (+дополна)

Одамна одлучив да не ги посветувам написите на блогов на одредени личности од нашето доџо, но ќе морам да направам исклучок, а тоа најмногу се должи поради Вас, бидејќи секогаш кога сум отсутен, ми праќате пофалби адресирани на човекот што најчесто ме заменува – Мацко.

Го знаете Мацко, нели? Тоа е тивкото момче кое низ годините разви одлична техника која постојано се оплеменува и напредува.
Ги прочитав сите Ваши мејлови и пофалби дека одржал одличен тренинг. Многу од Вас напишаа „се гледа веднаш од кого учел“. Тоа е одличен комплимент. Но не само за мене, туку и за Мацко. Ќе Ви кажам веднаш зошто. Кажете ми за колку луѓе можете да ми го напишете тоа? За многу малку, нели?
Едно е луѓето да учат. Друго е дали и колку ќе научат. Мацко навистина се труди. Неговата редовност е неверојатна. Посветеноста исто така. Лојалноста е јасна чим му го доверувам доџо-то секогаш кога ќе одам некаде на Пат.
Тоа што најмногу ме фасцинира кај него е напредокот на сите полиња. Пред неколку години тешко му одеше комуникацијата со луѓето. Неговиот кроток карактер не му го дозволуваше тоа така лесно. Еднаш, додека се возевме за семинар во Битола, му реков: Мацко, читај повеќе, читај ги извештаите на страницата, читај го блогот, слушај внимателно додека имаме состанок (одржуваме состанок барем еднаш до двапати месечно) и внимавај на структурата на зборот, на реченицата, начинот на кој таа се кажува и кога се кажува.
И знаете што? Забележав како неговата комуникација е се подобра. Забележав како неговата сигурност расте. Забележав како несебично ги користи фразите кои и самиот ги употребувам. Забележав дека внимателно следи се.
И знаете што? Успеавме!

Сабајлево видов дека многу од Вас го фалат начинот на кој Мацко објаснувал во петокот. И сите признаваат дека се зачудени поради тоа. И сите потврдуваат дека Мацко просто бил брилијантен во петокот.
Такви работи сакам да слушам за Вас и од Вас!
Нинпо Иккан!

__________________________________________________

Дополнето со последниот мејл што го објавувам со дозвола на авторот.
„Здраво Сенсеи,

Имав во план да напишам денес еден маил во врска со одличните тренинзи од страна на Мац додека бевте отсутни, но
како што видов на блогот вие веќе сте добиле доста мејлови од истиот вид.
Си викам ај да не праќам и јас мејл, све што планирав да кажам веќе кажале/напишале другите.
Сепак решив да го споделам и моето видување на тренинзите со Мац.

Мацко многу брзо напредна, но не во однос на другите туку во однос на себе, за таков напредот треба навистина многу труд.
Низ целиот тренинг е расположен и позитивен, кога објаснува техники знае да каже некоја шега и да не насмее
(кога сме ко телиња во фаците) а во исто време да ја одржи дисциплината, техниките веќе ги објаснува темелно и со детали.
Веќе голем дел од вашиот начин на водење на тренинг Мацко го има одлично разбрано и го применува многу добро.
Ви текнува Сенсеи на крајот од нашиот состанок на кеј кога ви реков дека Мац и Марче фукционираат одлично заедно.
За краток период одлично почнаа да функционираат и кога не се заедно во Дојо.“

39.2

Половина час пред вчерашниот тренинг, грлото почна да се стега и да гребе. А знаев! Знаев дека еден ден пред летот и семинарот ќе ме фати некое вирусиште. Децата цела недела наназад беа виросани. Довлечкаа некоја „бубичка“ од градинката како и секогаш. И како и обично „Тато да те бацам во уста“ по 20 пати на ден.
Сабајле станувам како камион да ме удрил. Главата кине, мускулите болат, а не можам да голтнам ниту плунка. Во моментов тресе температура.
Утре е летот. Утре вечер два тренинга. Сабота и недела семинар, понеделник од сабајле уште два. А вечер нашиот Даито рју тренинг.
И не е ова ништо. Ќе шибам парацетамоли, мед, ќе жвакам восок и ќе дадам се од себе на тренинзите. И нема да биде прв пат.
Туку ме боли кога ќе видам некоја намуртена и нерасположена фаца на тренинг. Нервозна и љута. Демек пропаднале лаѓите. „Имам големи проблеми, не сум спиен ниту јаден“.
Хм, проблеми ? Имам и јас многу. Како и сите. Ова со вирозата е најмал. Има и поголем. Едвај скрпив со позајмици 1000 евра за во Белгија. Толкав е целосниот трошок ако помине се како што треба. Па кому му е гајле за тоа? Дали забележавте нервоза на моето лице изминативе денови? Дали не се потрудив да направам да се чуствувате одлично во нашето доџо? Дали некого навредив намерно или лошо го погледнав?

Другари, ние како воини сме должни со нас да носиме со нас мир и спокој. Каде и да се појавиме треба да направиме луѓето околу нас да се чуствуваат безбедни и среќни. Ние немаме време за луксузи (нервози и баксузирања). Ние треба да ја носиме среќата со нас.
Ве молам. Одржувајте ја атмосферата во нашето доџо. Проблемите да си ги оставиме за надвор! Нинпо Иккан!

Кимбеи Сато

Од серијата познати ученици на Такаматсу Тошитсугу, продолжуваме со Кимбеи Сато. Роден е во 1925 година во провинцијата Фукушима.

Специјалност: Гикан рју Коппоџутсу

Кои сме ние?

Буџинкан Македонија. Едно навистина поинакво буџинкан доџо. Нема политика, нема „скокање појаси“, нема скратени Патишта. Само напорна работа, цврста дисциплина и железна воља за напредување.
Сакаш црн појас? Годишно имаме 156 редовни тренинзи. Треба да вежбаш околу 5-6 години без да пропуштиш повеќе од 20 во годината. Да посетуваш и неделни тренинзи, семинари во природа, кампови. Да навлезеш во суштината на класичните јапонски боречки школи, да ја знаеш историјата, да ја предвидиш иднината.
Го црпеме знаењето од старата традиција, во тек сме со модерниот начин на војување. Борба без оружје, борба со оружје, кондиционен тренинг, правилна исхрана, неверојатни достигнувања. Само два збора се доволни. Врвна обука.
Мото? Неколку. За разни прилика. „Одиме секогаш до крај“. „Движи се и изгори или застани и умри“. „Без предавање до последниот здив“. „Верност до смрт“ итн.
Буџинкан Македонија. Посебно доџо, со посебен тренинг, за посебни луѓе.
Не гарантираме дека од секој ученик ќе направиме воин. Но гарантираме дека од секој ученик ќе го извадиме најдоброто. Посебно друштво во кое местото се заслужува со пот и крв. Или успеваш и се здобиваш со почит или заминуваш со измислени изговори во кои само ти веруваш.

Буџинкан Македонија. Нема скратен Пат.
Буџинкан Македонија. Начин на живот!

Киба Коширо

Со серијата на познати ученици на Такаматсу Тошитсугу, продолжуваме со Киба Коширо. Негова специјалност била Кукишин рју, а во 1937 година ја објавува книгата „Кукишин рју Боџутсу“.

Чуден

Од среда почнуваме со Чуден (средното ниво) на ТЈр Џутаиџутсу.
„Во ова ниво важно е да го движите телото ефикасно напред-назад, лево-десно, горе-долу и да ги научите тајните на фрлање на противникот, без притоа да користите голема сила“
Овој совет (за чуден) ми беше даден на времето кога ја изучував интензивно оваа школа. Истиот совет ви го предавам и јас. Тоа е Куден.

Ивами Нангаку

Еден од најпознатите ученици на Такаматсу сенсеи пред доделувањето на титулата соке на Масааки Хатсуми.
Специјалност: Кукишин рју

Сок

За оваа тема сме зборувале многу пати. Но, приливот на нови ученици бара повторно да се дискутира за некои минати теми, а важноста од повторувањето на знаењата, исто така, бара некои работи да се поразговараат повторно.

Во неделата бевме на семинар за фукија. Интересно оружје кое не бара многу физичка подготвеност за изучување, а од друга страна, многу лесно се учи. Бројката на учесници беше на завидно ниво, а дисциплината повторно разочарувачка. Времето катастрофално лошо. Сето тоа допринесе од потребата тахниките на изработка на стрелките, и техниките на гаѓање да се поминат со побрзо темпо од вообичајното.

Но, семинарите се СОК. Онака, добар, густ, снажен СОК. Благ до немај каде. Сите учесници на семинар добиваат по еден таков силен концентрат кој потоа кога ќе заминат во своите домови треба да го разредат со вода. Од тој литар (што се добива за неколку часа), кога ќе се разреди со вода, излегуваат околу 10 литра. Тоа значи дека ученикот треба во наредните 10 дена да пие по еден литар на ден (да ги вежба техниките по еден час кој трае два саати).
Знаењето добиено на семинарите е како СОК. За еден ден може многу да се научи, но не и да се извежба. Затоа, секој си го носи сокот (знаењето) дома, а потоа од него зависи дали и како ќе го испие.

Уште еднаш да напоменам за важноста знаењето стекнато во Буџинкан Македонија да го чувате љубоморно и да го делите несебично само со членовите на нашето доџо. Никогаш немојте да гаѓате пред Вашите дома или пред пријателите. Тие ќе Ве пофалат на страна, па тие од страна ќе кажат во шега или во разговор на други и за некој месец децата ќе почнат да си вадат очи со игли на улица. Со нинџутсу нема играње. Ве молам ова да го разберете најсериозно.

Пијте од сокот! Нинпо Иккан!

Тенгу

Минатата недела преку ката-та Тенгу Дори (Такаги Јошин рју) подобјаснив за значењето на демонското суштество (Тенгу) во јапонската митологија.
После неколку дена ми приоѓа една ученичка и ми вели дека сонувала сон во кој што и се појавил демонот (исто како што го опишав).
И објаснив дека доаѓањето на Тенгу на сон има убаво значење. Сите ученици на боречки вештини станале мајстори дури откако демонот ќе им се појавел на сон и ќе им ги кажел тајните техники и принципи на школата.
Во сонот на ученичката, демонот не успеал да и ги каже техниките, затоа што сум наишол јас и тој избегал кога го слушнал мојот глас. Во сонот, мојот глас може да значи дека тајните техники ќе ги добие од мене место од Тенгу-то.

Како и да е, јас сум сигурен дека Таа еден ден ќе мајсторира.
Без разлика кој ќе и помогне. Јас на јаве или престорен во Тенгу на сон.

Ритам

Петок-тренинг во Белград.

Сабота-тренинг во Белград.

Недела-тренинг во Белград.

Понеделник (01.30) – простигнување Скопје.

Понеделник (03.30) – легнување во кревет.

Понеделник (07.00) – будење за работа.

Понеделник (20.30) – тренинг во наше доџо.

Рутсудо (ритам) !!!.

Чувајте го и негувајте го! Ако еднаш го загубите, ќе Ви биде тешко да го вратите назад.
Пред колку подолго време сте го загубиле, толку повеќе време ќе Ви треба за да го вратите назад.
Ритамот опишан погоре нималку нема намера (потреба) да се фали. Има намера да Ве мотивира никогаш да не дозволите да го загубите Вашиот. Некогаш е потребно да Ве фати (позитивен) инат и да не дозволите нечиј ритам да биде подобар од Вашиот.

Овој напис има токму таква намера.
Без пропуштен тренинг, без откажување, без предавање!