Јагју Шинкаге рју

Одамна не сме пуштиле некој корју клип на блогот. Одбрав еден добар, бидејќи мајсторот со прецизност карактеристична за кобудо-то објаснува некои елементи. Како што ние разговараме за елементите карактеристични за нашите школи (правци, агли, дијагонали итн.), така и во Јагју Шинкаге рју постојат автономни обележја што ја прават школата специфична.

Другарство

Мацко и Марче ќе лепат плакати за новото доџо. Антон и Косара веднаш се нудат за помош. Тина се придружува. Лепат сите заедно до 04.15 (изутрина) . Ако лепеа сами, ќе завршеа до 09.15 (наутро).
Другарството е прекрасна работа. Тоа се заслужува со дела. Не со зборови.

Другарството е: Буџинкан Македонија.
п.с. Одвреме-навреме резонирајте со детска логика. Таа секогаш функционира беспрекорно.

Борба

Буџинкан Доџо е тежок брод кој продолжува да плови и покрај силниот ветер и дожд.
Буџинкан Македонија е мало бродче. Кога паѓа дожд, морам да исфрлувам вода од него, кога ветерот силно дува, морам да го одржувам во рамнотежа. Дури ни навечер не смеам да заспијам. Тоа е прашање на опстанок. На тоа се привикнував целиот свој живот и таков начин на живот си создадов.
Тоа го направи мојот дух силен и бескомпромисен.

Доџо VS Насилство

Последниве недели сведоци сме на невидено насилство помеѓу средношколците во нашите училишта. Вестите се преплавени со информации за тепачки со ножеви и метални шипки, а експертите дават празни совети за тоа како за целата оваа ситуација се криви родителите, медиумите, општеството итн.
Сите тие поуки и совети, сите експертизи ни се одамна познати, но никој ништо не презема за да се подобри сигурноста на нашите деца.

Како може филозофијата на кобудо (класичните јапонски борбени вештини) да помогне во ваквата ситуација?

Се сеќавам кога јас бев дете, тепачките во училиштата исто така беа чести. Но тоа што ги разликуваше од денешниве беше таканареченото фер тепање (ферка) каде што силата и вештината се мереше еден на еден, а употребата на било какво оружје беше строго забранета по некое непишано правило (исклучоци имало и секогаш ќе има). Овие борби најчесто завршуваа со пријателство без желба за понатамошна одмазда.
Денес ситуацијата е различна. Нашите деца се се помалку на улица, а се повеќе пред компјутер или пред телевизор. Филмовите кои се емитуваат ги величаат криминалците и најчесто ги претставуваат како симпатични ликови кои животот ги натерал да го прават тоа што го прават. Игриците за компјутер изобилуваат со насилство и крв. Децата се отуѓуваат едни од други, желбата за да се биде подобар од другите ги прави премногу амбициозни, а со тоа емоциите затапуваат и не се бират средства за да се успее или да се биде подобар од другите.

Многу од овие работи можат да се надминат со вежбање на кобудо. Зошто кобудо?
Во класичните боречки вештини не постои натпреварување меѓу вежбачите. Со тоа не се потикнува желбата за успех и не се потхранува амбициозноста која што толку често знае да предизвика емоционални, па дури и ментални проблеми кај луѓето. Во традиционалното доџо (место за вежбање / усовршување) се учи на почит кон постарите, се потикнува пружањето помош на послабите, а со тоа се зголемува хуманоста и љубовта кон сите околу нас.
Во традиционалното доџо болката за време на тренингот е постојано присутна. Така, луѓето кои вежбаат кобудо знаат што значи нанесување болка и какви можат да бидат последиците од нејзиното неконтролирано аплицирање. Како што порано, за време на „ферката“, знаевме зошто не смееме да употребуваме оружје, бидејќи имавме почуствувано што значи болка и без оружје (а камоли со оружје). Со самото тоа, при евентуална борба, Вие внимавате на Вашиот противник бидејќи знаете што можете да му направите доколку не се контролирате.

Од друга страна, децата кои растаат во виртуелниот свет на телевизијата, видео игрите, Фејсбук-от, немаат никогаш почуствувано што значи да удриш, да бидеш удрен односно некој да ти нанесе физичка болка. Поради тоа, кога ќе настапат емоционалните проблеми, посегнуваат по нож или метална шипка и без многу размислување удираат на најранливите места. Главниот лик во филмовите никогаш не покажува болка, како ниту јунаците од видео игрите.

Фрустрацијата се лекува. Но не со совети кои функционираат само на хартија. Нема полесно од тоа да се даде добар совет. Википедија е преполна со добри совети. Праксата е таа што помага. Примената на советите дава резултати.
Сакате да бидете здрави и ментално и физички? Сакате Вашето дете да биде здрава индивидуа спремна да оддолее да искушенијата кои ги носи новото време?

Однесете го во најблиското доџо. Таму ќе почуствува болка и ќе почне да ја почитува. Ќе престане да ја нанесува на другите. Ќе ја остави негативната енергија на паркетот каде што се вежба. Ќе се врати дома свеж и полн со добри мисли.

ШУ ХА РИ

Шу – потчини се на основата и научи ја до совршенство

Ха – оддели ја реалноста од илузијата

Ри – остави ја техниката, таа е дел од твојата природа

Еден од најважните принципи на секој вистински борец.

Невидливи

Добрите работи ги прават тие што не се видливи. Вредно работат во позадина без грам желба за себепромоција и слава.

За ова вреди…

И-мејл од сабајле:

„Сенсеи јас не сакам да ви одземам многу време, но седејќи дома размислив колку многу се сменив и просперирав во секој аспект во животот од кога прв пат стапнав на паркетот во Лисиче. Заслугата за целиот тој напредок е само ваша. Благодарам што ме научивте за вистинските вредности во животот.

Со почит   

За ова вреди да се мачиш, да се трудиш, да напредуваш, да губиш, да се радуваш, да чекориш…

Тоа се луѓето кои сакат да учат, да напредуваат, да се движат напред. Тоа се луѓето кои со насмевка влегуваат во доџо. Се радуваат на животот, на сонцето, на облаците, на воздухот (и на џунан ундо). Тоа се луѓето кои ги учат вистинските вредности во животот. Во нив нема злоба, завист, лошотилук.

За останатите, кои сакат на најдат влакно во јајцето, кои ја гледаат раската во туѓото око, а не можат да ја видат гредата во своето, нема место во нашето доџо.
За среќа, таквите се малку, а низ филтерот наречен Буџинкан Македонија ѓубрето тешко минува.

Испливување

Големиот мајстор Свенерик Богсатер ќе одржи семинар за Асајама Ичиден рју Таиџутсу во Прага-Чешка. Топ вест!

Вештините кои соке Масааки Хатсуми ги вежбал во својата младост, пред да стане ученик на Такаматсу и соке за школите на Буџинкан, а за кои има менкјо каиден (или некаква лиценца), конечно почнаа да испливуваат на површината (читај за јавност). Станува збор за класични јапонски борбени вештини, кои Хатсуми ги предавал само на мал број луѓе во Буџинкан (претежно Јапонци), со исклучок на шиханот Свенерик, кој е еден од највлијателните луѓе во организацијата.

Со тоа, истите тие школи пополека се отвораат за јавноста, а кој може тоа подобро да го направи (и кој смее да го направи), ако не сенсеи Свенерик.

Е да, сега ќе се јават едно чудо други самопрогласени мајстори на оваа школа кои ќе тврдат дека ја научиле кај „сенсеи Танака“ (синоним за исмислен учител), но вистината секогаш лесно се открива доколку се има барем малку памет во главата.

Ова е знак дека во иднина можеби ќе почнат да се подучуваат и некои други рју-ха, но истовремено и знак дека луѓето во Буџинкан малку се заситени од начинот на кој нинџутсу се предава и се разбира на запад.

Лекција

Мојот учител по Даито рју Аикибудо, сенсеи Черта, ме направи лом, пуздер и парам-парче (се во едно). Се чуствувам лошо денес, поради тоа што го изневерив и му згрешив.

Поради далечината и неможноста да се гледаме, ја користиме модерната технологија за комуникација (интернет). Честопати ќе снимам некое видео парче од нашиот тренинг и потоа ќе го закачам на ју туб (на приватен линк, не на јавен) и ќе му го пратам на сенсеи за да ги искритикува и да ми ги посочи грешките. Сенсеи Черта е многу строг и праведен и секогаш правилно ја оценува секоја техника (или ситуација).
Вчера, пред спиење, го отворив електронското сандаче и се соочив со неговата правдина и со моите големи грешки.

Сенсеи Черта со многу лут тон ме прекорува поради тоа што последното видео наместо на приватен, сум го ставил на јавен линк (од пусто незнаење, не намерно), па секој можел да го гледа. Како претставник на неговата организација, со моите грешки на видеото, му нанесов голем срам. Грешките почнуваат од таму што муданша (ученик) не смее да носи хакама, па одат до таму што појас не се носи над хакама (иако имав ставено бел, а долното кимоно беше испрано, но кој ми е крив што не го исправ цела недела порано???). Потоа следеа уште еден тон забелешки кои што само мајстор од негов ранг може да ги забележи.

Најмногу од се ми е криво што сите тие пропусти ми се толку јасни, а сепак ги занемарив. Ги занемарив затоа што мислев дека како почетници во Даито рју, како мала група, засега ни е важно само да вежбаме и да напредуваме во техниката. Но не е така. Сенсеи е во право (секогаш). Почетник или не, мала или голема група, јас сум претставник за Македонија на неговата организација.

Ете зошто треба да се има добар учител. Затоа што кога Вашата ароганција ќе стане толку голема за да си земете слобода да си правите како што Вие мислите дека треба, тој треба да ве тресне силно од земја и да Ве приземји повторно. Учителот е секогаш во право. Чим сте му го довериле Вашиот живот во негови раце и чим сте му дозволиле тој да Ви го осветлува Патот, тогаш мора да верувате на неговите зборови, акции, дела и намери.
Сенсеи Черта ме критикувал многу пати (со право). Секогаш без ниту една негативна мисла сум ги прифаќал неговите забелешки. Во моментот кога ќе помислам нешто лошо или моето его ќе направи некоја лоша гримаса на моето лице или срце, тогаш јас повеќе не ја заслужувам неговата добрина.

Sensei, mi dispiace tanto.