Писмо од Тина

Колкупати, кога сте ми побарале книга или некаков материјал што ќе Ви помогне да ги научите јапонските зборови кои ги слушате на тренинг сум Ве одбил? И секогаш со исто образложение: „Имињата на катите и техниките ќе ги научите доколку доаѓате редовно на тренинг. Дајте си време и на тој начин самите ќе „Ви влезат“ во глава, а потоа нема никогаш да ги заборавите. Нема ниту да го забележите моментот кога се ќе Ви се разјасни“.
Не сакам учење на памет. Сакам учење со памет.

Писмото:

Мора да помине време за одредени работи. На пример, многу ми е интересно како во текот на денот ” од нигде никаде” ти пролетуваат низ глава одредени термини и зборови, како на пример торите гохо, или, аши бараи, или мае/уширо, омоте учи. Дури и на сон, убав сон. На пример, сега никогаш нема да заборавам како се прави гансеки наге, исто така и веднаш ќе знам на што се мисли, затоа што “увото се навикнало”. Некако од тотален хаос, од темница на зборови, почна мозоков да прави “фолдери” на јапонски. И во периоди кога некако се е на климави нозе, во периоди кога се јавува мрзеливост за се друго, во периоди кога по малку се загубуваме себеси, Буџинкан е она кое ме враќа на нозе, кое со задоволство го правам и учам, за кое не ми се важни сите модрици, рани и напукнатини, за кое сета смрдеа од пот и цела жештина станува поднослива, а секој ден станува задоволство, а не обврска. Некогаш имам чуство дека тука сум многу повеќеод година и пол- две колку што реално сум, а некогаш се чуствувам како да сум само неколку месеци. Го ценам твојот напор и твојата енергија вложена во се ова, наречено Буџинкан Македонија, го ценам твоето трпеливо објаснување, исто така , се радувам што ќе бидам присутна на волку убав настан, како што е годишнината која ни претстојува. Имај убав ден сенсеи, извини ако те прекинувам во било што на работа, но имав моментална инспирација да споделам со тебе пар мисли.Се гледаме вечер. Поздрав 🙂

п.с. Писмото е објавено со нејзина дозвола. И понатаму секое Ваше барање за дискреција останува за мене врвен приоритет.

Омоте или Ура? Его или Будо?

Претпоставувате дека на вчерашниот тренинг добив доволна мотивација за да го посветам овој напис за концептот на омоте и ура.

Но нема да зборувам јавно за тоа што е омоте, а што е ура. Тоа ќе го довршиме на утрешниот час. Темата за денес е нешто сосема друго.
Иако сите мислевте дека на крајот конечно разбравте за што зборував во текот на целиот час, на крајот сите паднавте на задачата што ви ја поставив. Поединечно или групно, делумно или целосно, сите покажавте дека се уште имате уште многу да изодите по Патот (послан со трња).

Само еден (една) од Вас имаше доволно доблест постојано да прашува и да бара дообјаснувања. Но истиот (истата) немаше доволно доблест да го задржи во себе исконското: ама…
Нема „ама“. Кога барате одговор на некое прашање, направете го тоа откако ќе го „застрелате“ егото во себе. Две работи не одат заедно. Его и Будо.
Кога го барате одговорот, бидете подготвени да дојдете до него. Со чисто срце и отворен ум. Само кога ќе ги надминете тие „детски болести“, ќе можете да напредувате со големи чекори. Само тогаш ќе почнам да Ве гледам со други очи.
На крајот, излезе дека сите што се потсмеваа, се потсмевале самите на себе. Сите дадоа погрешен одговор.

Да ги отвориме срцата и утре конечно да расчистиме што е тоа омоте, а што е тоа ура. Забележавте дека позади тоа се крие цела филозофија, цела наука.
п.с. На училиште кога не сте можеле да научите нешто, ќе ви „шибнеле“ единица, или во подобар случај тројка, и така лекцијата ќе останела цел живот ненаучена. Или, пак, ќе сте набубале за петка и без да разберете за што навистина станува збор, ќе сте продолжеле на следната лекција.
Кај мене тоа не поминува. Или ќе научите или никогаш нема да преминете на следното ниво.
п.п.с. Кој се лути да јаде жути, а кој се срди да јаде тврди.

Рехабилитација, метаболизам и останати лајна

Денес ги извадија конците од моето десно колено. Точно 10 дена по операцијата. Со тоа хируршкото лекување заврши и од денес треба да започне шестнеделната рехабилитација која подразбира постепено оптвоварување на ногата со лесно пешачење, лесно виткање во зглобот и благо истегнување на прстите. Нешта што јас почнав да ги правам уште од првиот ден.

Што загубив од операцијата?

Килограми. Дури седум. Мојот брз метаболизам веднаш ги „изеде“ мускулите што со години се градеа на телото. Обемот се намали во сантиметри.

Но, од друга страна, како што брзо губам мускулна маса, така брзо знам да ја вратам назад. Но, тоа од август.
Го загубив и Игор Стојановски и можноста да се доусовршам во Кашима Шин Рју. Го „пуштив“ на одмор во Охрид со семејството. Кога веќе не можам сериозно да вежбам, барем нека се одмори човекот. И така со години не се видел со роднините.

А што добив?
Можност да продолжам понатаму по Патот. И да се уверам дека само смрт може да ме одвои од моето доџо и од моите верни ученици.

Се гледаме вечер на паркетот.

Карл

Работи како службеник во мисиите на Обединетите Нации. Последнава година беше на служба во Приштина, на Косово. Ми се јави на телефон пред една година, откако претходно „не пронашол“ преку нашата веб-страница. Се претстави и кажа дека претходно вежбал нинџутсу во неколку клубови во Канада и Австрија. Ме замоли да го примам за ученик. Така, започна неговиот Пат кон Сонцето.

Доаѓаше два пати неделно на тренинг. Неговата основа беше очајно лоша (како и на повеќето во Буџинкан Доџо). Кога ќе ме прашаше како напредува, секогаш го добиваше истиот одговор: „Не сум задоволен со тебе“, му велев. „Можеш ти многу повеќе“.

Пред неколку дена ме извести дека добил „прекоманда“. Го праќаат на нова мисија во Сирија (Голанска Висорамнина). Вчера, на крајот од неговиот последен тренинг во нашето доџо, одржа говор пред неколку наши членови. Кажа дека никогаш и никаде не запознал такви воини како нашиве. Кажа дека никогаш и никаде не почуствувал таков „дух“ каков што владее во нашето доџо. Објасни дека вежбал во неколку клубови досега, но дека после тренингот во Буџинкан Македонија, неговата представа за нинџи и нинџутсу е сосема различна од досегашната. Кажа уште многу пофални зборови за сите нас (делот што го посвети фалејќи ме мене – секако дека ќе го прескокнам).

Се поздравивме уште еднаш надвор пред доџото. Повторно ме праша дали сум задоволен од него како вежбач. Го доби истиот одговор. „Не сум задоволен.“

Ќе ми недостасува Карл. Со неговите 46 години секогаш ми се обраќаше со сенсеи (постар е 11 години од мене). Кога ќе излезевме на пиво во „Бисер“, постојано ме распрашуваше за вештината, за Буџинкан, за јапонската историја и традиција, но и за македонската, која што многу ја почитуваше. Честопати ми опишуваше животни ситуации во кои го применил знаењето научено од мене. „Многу работи научив, сенсеи. Многу сум ти благодарен за тоа“, велеше.

Карл не беше талентиран вежбач. Потрошил многу време на погрешни места и со погрешни луѓе. Но Карл поседуваше нешта кои што другите ги немаат во себе. Лојалност, пожртвуваност и најважно од се – способност наученото да го применува постојано.

Тој издржа на Шугендо до крај. Издржа на преживување до крај.

Со својот однос ја отвори вратата на нашето доџо засекогаш.

Ти посакувам среќа Карл. Знам дека повторно ќе се видиме некогаш. Чувај се.

Се зарекла свиња…

Пред некое време Ви напишав писмо дека во текот на јуни и јули нема да доаѓам на тренинзи и дека поради мојот личен тренинг со некогашниот ученик Игор Стојановски-денес мајстор за Кашима Шин Рју Кенџутсу, ќе паузирам во доџо во следните два месеци. И не издржав. Уште по првиот тренинг со него, се појавив и во нашето доџо и вежбав и со Вас. И друг пат сум имал слични ситуации. Ќе најавам дека ќе отсуствувам и оп – ете ме пак во доџо. Секогаш сум го одржувал својот збор, без ралика на се. Сум го ризикувал и своето здравје и кариера поради зборот, но изгледа, кога станува збор за вежбање во нашето доџо, не може да ми се верува. Баба ми велеше: „Се зарекла свиња, да не једе говна“. Тоа важи и за мене најверојатно.

Завчера го оперирав коленото. Рана длабочка и широчка околу 10 см. Докторот ме предупреди дека две недели треба да лежам во постела, а потоа уште шест да не го оптоварувам никако. А јас вчера повторно се појавив во доџо. Онака, целиот искривен и инвалидизиран се мотав меѓу Вас како „прдеж у гаќи“. А само десет часа претходно, додека низ две игли течеше инфузија во моите вени си реков дека можеби е време навистина малку да одморам. Претходно додека ме подготвуваа за операција, додека ги бричеа влакната од моето тело, како овца пред да оди во кланица, повторно помислив дека е време за мал одмор. Додека влегував во операционата сала и им дофрлував смешки на хирурзите (секако храбар и насмеан, без нималку страв), ми помина низ глава дека овој пат ќе одморам барем две недели по операцијата. Се зарекла свиња да не једе говна.

Друг пат, кога станува збор за намалување на моето темпо – не ми верувајте. Помислете на свињата. Или „утепајте“ ме така добро, да не можам воопшто да станам од кревет. Само тоа може да ме спречи.

Size does matter

Многупати кога сме разговарале за должината на катаната односно на нејзиното сечиво, сум Ви појаснувал дека должината „и те како“ е важна, особено кога станува збор за усовршувањето на вештината кенџутсу.

За да можете да го извлечете најдоброто од Вас, особено при вежбањето Иаи џутсу односно Батто џутсу, важно е должината да е прилагодена според висината на вашето тело.
Затоа, еве Ви една шема според која ќе можете да се раководите при изборот или изработката на Вашиот меч.

Shaku cm inch Sori (curvature) Висина
2,26 68,5 27 0,6 inch 155 cm – 160 cm
2,35 71 28 0,6 inch 160 cm – 165 cm
2,45 74,2 29,2 0,6 inch 170 cm – 175 cm
2,50 75,8 29,84 0,6 inch 175 cm – 180 cm
2,55 77,3 30,43 0,6 inch 180 cm – 185 cm

Јавара

Cега за да ја добиеме поентата, погледајте го и следниот клип каде што станува збор за ембу на таиџутсу односно јавара како што се нарекува борбата без оружје во школата Јагју Шинган рју.

Сигурно тука веќе забележавте огромна разлика од останатите кобудо рју-ха што вам Ви се познати.

Значи, честопати меѓусебното влијание на школите може да биде големо,  но некогаш се успевало во намерата тие да бидат љубоморно чувани од очите на неприпадниците на кланот. Но понекогаш се случувало еден сегмент да биде под влијание, можеби поради потребата од негово дополнување односно слабост, додека друг сегмент да биде целосно без влијанија од страна, па така самата школа да биде многу различна во самите подвештини. Таков е случајот со Јагју Шинган рју.

Куми Тачи

Локација: Јапонија

Школа: Јагју Шинган рју

Ембу: Јорои Куми Тачи (борба со тачи во оклоп)

Напомена: Забележете ги сличностите и карактеристиките што оваа школа ги има како заеднички со останатите корју буџутсу рју-ха. Ќе ги дискутираме заеднички.

БуЈу

Една од одличните идеи на соке Хатсуми е концептот наречен БуЈу односно боречки пријатели (браќа по оружје или крв – по нашки).

Тоа што тој концепт функционира само на хартија и преку тастатура е друга работа.

Сабајлево отворам мејл и меѓудругите гледам дека мојот БуЈу, Марио Тушек, шидоши од Хрватска, ме кани да дојдам на семинар со Свенерик во јули. Напишал: „ти само дојди и за тебе е се гратис, јас покривам“. Колку е убаво кога ќе видиш дека некој секогаш се сеќава на тебе и се труди да ти овозможи се, само за да можеш да напредуваш. И тоа само поради одличното пријателство. Тука нема сокриени намери.
Семинарот се поклопува со роденденот на Косара. Лош тајминг и за други работи.
Инаку, Свенерик доаѓа во Пакрац од 2003 година, а јас сум редовен посетител на тој семинар. Тоа мало градче, толку ми има зараснато за срце, што со задоволство би отишол повторно да го видам. Тоа е најверојатно поради мојот БуЈу Марио. Неверојатна личност. Човек со големо срце. Вистински пријател.

Се надевам дека следната година ќе се видиме. Или во Хрватска или во Македонија. Сеедно.

Блискост

Би сакал сите Вие да можете еден ден да ја почуствувате заемната блискост со Вашиот учител/ученик на ист начин како што и јас ја чуствувам деновиве. Тоа е специјална врска. Врска која подразбира доверба, љубов и разбирање. Врска која што се гради со години. Преку давање и земање, преку заедничка цел. Тука нема ништо лажно, преувеличено, ништо задгрб.

Тренинзите се одржуваат секој ден. Знаењето се дели, се надоградува. Искуството исто така.

Се вежба, се разговара, за минатото, за иднината.

Цели 20 години познанство, ниту еден лош збор. Ниту еден знак на непочитување. Навистина, ама од се срце, би сакал секој да воспостави таква брска со својот БуЈу (боречки пријател).

Истовремено ми е жал за сите оние ситни души што никогаш нема да остварат ваква врска. Тоа нема да се случи бидејќи нивната врска се темели на корист, добивка, телесно и еготрипно задоволство или подршка поради суета или слабост.

п.с. Мечувањето на Кашима Шин Рју ми наликува многу на западното мечување. Многу блокови и кружни удари. Но сепак, гоима она јапонското што си го носи во себе. Секогаш мистично и необично.