Личен развој

Драги ученици,

сакам да Ве известам дека во текот на месецот јуни и јули ќе го намалам моето темпо на работа во нашиот клуб. За тоа имам две причини кои ќе Ви ги наведам поради отвореноста на нашата посебна врска и транспарентноста која отсекогаш владеела во нашиот клуб.

Најпрвин, со задоволство сакам да Ве известам дека завчера (ненајавено и неочекувано) во Скопје пристигна Игор Стојановски, еден од моите ученици уште во периодот пред да го отворам мојот клуб (пред 1995). Тој пред десет години замина на работа во САД, каде што на моја препорака, се зачлени и стана ученик во клуб во кој што се негува Кашима Шин Рју – стара јапонска школа.

Мајсторот Игор Стојановски ќе биде во Македонија до крајот на месецот јули, а јас сакам да ги искористам тие два месеци за мојот личен тренинг од областа на оваа школа. Освен тоа, сакам да поминам колку што е можно повеќе време со него поради блискоста и специјалната врска која што ја имавме воспоставено како сенсеи и учи деши. Јас сум пресреќен што тој е повторно близу мене и што сега јас ќе бидам негов ученик за Кашима Шин Рју. За возврат, тој сака да учи Оно Ха Итто Рју и Даито Рју, а јас се разбира ќе дадам се од себе да му го овозможам тоа (иако се сметам за почетник во овие школи). Тоа е добар пример на заемна љубов и почит и на однос каков што би требало да имаат сите ученици со своите учители.

Доколку мислите дека јас имам право, после 22 години секојдневен тренинг и после 15 години водење на клубот, да ја препуштам работата на кратко на моите ученици и да се посветам на мојот личен развој, тогаш Ве молам да ме подржите во мојата одлука. Доколку само еден од Вас (40 на број) се спротистави на мојата одлука, јас ќе продолжам со работата во клубот и во месеците јуни и јули без притоа да замерам и најмалку. Имајте во предвид дека јас сум учител кој што сака постојано да вежба, да учи и да се надоградува. Моето усовршување е можно само преку ист начин како и Вашиот – со тежок и напорен тренинг.

Втората причина за оваа моја одлука е тоа што сакам да ја ставам на тест мојата доверба кон Марче и Марко. Тие се ближат до мајсторското звање, кое во нашето доџо е знак на големо знаење и вештина. Сакам да ги соочам со опасноста да бидат два месеци на моето место, да ги набљудувам промените кај нив и да видам дали тие навистина го заслужуваат црниот појас. Сакам да видам дали мојата доверба е оправдана кон нив, како ќе реагира нивната суета, каква е нивната моќ на брзо носење одлуки и подготвеноста да се брани честа на клубот по секоја цена.

Ете, накратко тоа се причините за ваквиот чекор од моја страна. Јас одвреме – навреме ќе присуствувам на тренинзите, ќе Ве следам постојано и ќе Ви помагам. Но моите приоритети за прв пат ќе бидат ставени пред Вашите. Во следните два месеци ќе се потам, ќе крварам и ќе губам на килажа се со цел да се обидам да постигнам нешто повеќе за мојот личен развој.

Секогаш Ваш,

Игор Довезенски

01 јуни 2010 година

Шоден ва окуден нари

Тоа што денес им недостасува на многу Буџинкан практичари е придржувањето до принципот: „Шоден ва окуден нари“ или во превод „Првото ниво е највисоко ниво“. Тука јасно е ставено до знаење колку е важно да ја совладате основата. Техниките кои можат да ги воодушеват набљудувачите поради својата сложена изведба паѓаат во вода доколку не знаете да удрите брзо и силно и да се движите на правилен начин.

Размислувајте постојано за ова!

Љубов

Кога ја впивам сета твоја болка,

Кога те гледам како страдаш,

За да ми донесеш радост,

За да ми подариш младост.

Кога го стискаш чаршавот бел,

Поцрвенет и извалкан цел,

А истовремено чист,

Чест, душа, срце, бел лист.

Ти спиеш и се грчиш,

А јас те гледам,

Столот ми станува кревет,

плачам, се смеам, чекам, бдеам.

Ајде, силна си ти,

Посилна од мене,

Жртва си моја, а јас твоја

Стисни, издржи, тоа е љубов.

Тоа е љубов…

Игор Довезенски,

  1. мај.2010 лето Господово,

„Ремедика“, на столот до креветот твој,

Лап Топ (web’n’walk)

Секојдневие

Желбата да бидеме „запад“, си носи и негативни работи. Насловите во весниците како што е овој (од денес): „Лекар искасапил колешка“ веќе  стануваат секојдневие. Бидејќи неможеме да го спасиме светот со вежбање нинџутсу, како што тоа го прават другарчињата на Фејсбук, ни останува преку вежбање нинџутсу да се спасиме себе си. Тука не подразбира дека со вежбање „ќе ја земеме енергијата од земјиното јадро и преку контрола на противничкиот празен простор ќе ја вратиме со прдење на молњи од газот во неговите меридијански текови“, туку со нашиот смирен дух да воспоставиме контрола врз умот на нашиот противник или поедноставно кажано да спречиме колку што е можно повеќе да се најдеме во незгодна ситуација. Е тука тренингот во доџо може и те како да помогне.

Се разбира, доколку не милувате да го спасувате светот со прдежи.

Хисаку / Фуби

На вчерашниот тренинг го разработивме принципот на катата Хисаку (кото рју) односно Фуби (шинден фудо рју). Ви објаснив дека поради нејзината ефикасност успеала да преживее речиси 800 години . На крајот додадов дека таа е толку ефикасна што и ден-денес ја користат борците на УФЦ (UFC).

Ако се сеќавате на вчерашното објаснување во делот „дека оваа ката изгледа доста чудно на прв поглед. Мислите дека можете да се отарасите лесно од противникот, но доколку се обидете поголема е веројатноста Вие да завршите со потешки повреди“.

Еве Ви ја катата на дело. Процените дали може и има време да се отараси од противникот така лесно.

п.с. На клипот, принципот е во комбинација (хенка) од техниките: До Џиме (давење на телото) и Хадака Џиме (голо давење).

Сакаш назад?

Си замина од клубот во 2005 година. Се навредил (замислете) затоа што сум се пошегувал со него дека откако фатил девојка, веќе неможеме да го видиме на тренинг. Колку ли само сум му згрешил.

Една година потоа, заминал да вежба Аикидо во клубот на еден мој пријател (изгледа поминала првичната љубовна еуфорија). Уште од врата почнал да клевети и озборува (прва грешка). Се разбира, пријателот веднаш ме извести за тоа и ме праша што да прави со него. „Подучувај го како да не рекол ништо“, гласеше мојот одговор. Таму вежбал шест месеци. За тие шест месеци, се сеќавам, направи индиректно се што можеше за да ми стави до знаење дека сега вежба во друг клуб (втора грешка). Тие секогаш мислат (замислете) дека јас сега нема да заспијам од мака што тој вежба во друг клуб. Шизофренија.

Сабајлево отворам мејл и ми пишува дека ми простил (замислете) и дека планирал повторно да почне да вежба во мојот клуб. (Кој еднаш вежбал во Буџинкан Македонија, се друго му делува „празно“ ???)

Се разбира, му одговорив веднаш дека после сето тоа што се случило, најдобро е да си продолжи да вежба таму каде што застанал, со напомена дека ако се покајал за тоа што го направил може да побара прошка (кој егоист би го направил тоа?), но и дека не е во ред тој да ми простува мене кога јас не сум го побарал тоа од него.

Се замислив на кратко. Го премотав филмот назад. Се сетив колку пати моите ученици ми кажале дека сретнале некој поранешен член кој на секој можен начин дал до знаење дека сака назад во семејството.

Што ги спречува? Егото? Чекаат покана од мене? Незгодно се чуствуваат? Или чуствуваат вина што вратата ја запечатиле со некој грд збор или постапка. Неможноста да се вратат назад сега ги тера да продолжат со лоши дела.

А случајно, велам само случајно, да не сакат тие толку многу назад, а не знат како, па сега уште подлабоко тонат во своите говна клеветејќи и лажејќи насекаде? Дали е тоа можно? Дали тука лежи зајакот? Што мислите Вие?

п.с. Има уште еден „смешен“ дел во споменатиот мејл, кој гласи: „Не ми е криво за сите пари што сум ти ги дал“, мислејќи при тоа за парите наменети за членарина, а заборавајќи дека тренингот во клубот е бесплатен, а парите за членарина служат за покривање на клубските трошоци (изнајмување сала, организација семинари, набавка опрема и сл.).

Одговорот гласеше: „Учителот може да ти ги врати парите назад. Дали ти можеш да му го вратиш знаењето?„

Очај

При саботната семејна прошетка по патеките низ Аеродром, видов една женичка, која што е ангажирана од општината за одржување на хигиената, како пред плакат за концерт на Ѓоко Таневски (силата) во очај упатува клетви кон него затоа што „ќе се наполнел“ со пари од  концертот. Онака, во добро расположение, а од жал за женичката, одлучив (со цел памет) да се обидам да ја научам нешто.

-Зошто го колнеш госпоѓо, ја прашав, што лошо ти сторил?

-Види го, ќе држи концерт, ќе се наполни пари, за пари продава карти, види, види, читај, како од топ одговори таа.

-А дали ти би чистела еден месец без пари? – ја прашав.

-Ееееее, не е исто моево. Он сака за пеење да зима пари, а моево е потешко, а он само треба да пее.

-А дали знаеш ти колку пари потрошил тој за да дојде до универзална сала? Знаеш ли колку неспиени ноќи имал? Нервози, секирации?

-Е да, ама сега ќе се наполни со пари за една вечер.

-Зарем не ти е мило што овој млад човек успеал да заработува без да чека пари од некого, упорно продолжив јас, помислувајќи дека за момент станувам адвокат на човек чија музика не можам да ја поднесам.

-Зошто да ми е мило, мене кој ми дава? А што да правам јас? Од каде јас да имам пари.

-Нема ниту да имаш госпоѓо, се додека не го смениш начинот на размислување, завршив и продолжив по патеката, слушајќи ги зад грб клетвите кои од Ѓоко Силата се префрлија на мене.

Има неколку причини зошто Балканот никогаш нема да биде Европа, а особено Америка и обратно.

Уке

Колку пати досега за време на тренингот сме зборувале за важноста на улогата на уке при Вашето вежбање? Многу. Но, повторно ќе кажеме неколку збора за тоа.

Уке не претставува партнер од доверба во кој можеме да бидеме сигурни дека лесно „ќе го преживееме“ нападот. Напротив, уке треба да не натера да го „преживееме“ нападот. Без реален, силен и цврст напад, нема добар напредок за тори. Уке треба да го натера тори на акција. Да го натера да ја почуствува неговата намера за да го удри. Само така тори ќе даде се од себе за да може да се одбрани.

Уке е совеста на тори. Уке треба да го разбуди тори од сонот дека тој е најдобар и највешт. Уке треба да му помогне на тори да разбере дека без сериозна одбрана, ќе „добие“ по носот. Но што се случува ако вежбате само со еден уке? Вие ги учите неговите движења и навики и лесно можете да се одбраните од него. Токму затоа, Ви велам, честопати да го менувате Вашиот уке. На крајот на краиштата, тори треба да учи од уке. Уке треба да го натера тори да учи од него.

Јас вчера (по којзнае кој пат) научив од мојот уке. Навикнат на вештината на Мацко, Марче, Даре, на нивната брзина, сила, на нивната одлична техника, со леснотија можев (и можам) да се одбранам во секое време. Затоа одбрав уке кој ќе ме разбуди. Уке кој ќе ја победи мојата ноншалатност и сигурност. Уке кој ќе ме врати во реалноста. Уке кој ќе ме натера да не потценам ниту еден противник. Уке кој на првата изведба на техниката, ќе направи на следните да бидете будни и внимателни и да дадете се од себе.

Сабајлево кога ја погледнав брадата во огледало се насмевнав и се заблагодарив на Маја за добрата лекција од вчера. Затоа треба да го сакаме и почитуваме нашиот уке. Да му бидеме благодарни.

Будилникот на нашата совест. Одоговорниот за нашиот прогрес.

Благодарам Маја.

Учи деши

Морихиро Саито, заедно со уште 30-тина други бил учи деши (личен ученик) на основоположникот на аикидо-то Морихеј Уешиба.
Морихеј Уешиба бил личен ученик на соке-то на Даито Рју Аикиџуџутсу, Сокаку Такеда.
Големиот нинџа Такаматсу Тошитсугу го имал Акимото Фумио. Сите споменати лични ученици подоцна станале големи водачи.

Да се биде личен ученик носи големи обврски. Многу повеќе обврски отколку привилегии. Прво треба да се биде редовен на секој тренинг. Треба да се следи учителот постојано. Да се биде присутен на сите настани на кои тој подучува (доџо, семинари во природа, други градови). Со насмевка на лице треба да се излезе и да се биде уке. Да се има интерес за длабоко навлегување во „тајните“ на школото (рју-ха) кое учителот го предава. И најважно од се – да се биде лојален до смрт (ова е заемно од двете страни).
Во не толку старите времиња, во времињата кога живееле гореспоменатите, да се биде учи деши подразбирало и многу повеќе обврски. Но, за тоа другпат.
Што добива личниот ученик? За почеток ништо. Само ќотек. Бенефициите доаѓат подоцна. Повеќе внимание на тренинг, подлабоко подучување на сите сегменти на школата, деншо-а, учество на состаноци (доџо каи) и донесување одлуки за иднината на школата, тренинзи „во четири очи“, доверба, подршка, заштита итн.

Но, пред сето тоа да се случи, потребно е да се изоди долг пат. Пат, послан со трња. Учи деши се станува со усмена молба од страна на ученикот и прифаќање од страна на учителот. Или со усмена дозвола од страна на учителот кога тој ќе процени дека некој ученик е сериозен. Некогаш пак, работите си доаѓат спонтано и без никакви молби и проценки. Значи нема правила. Освен да се биде постојано „пред (и во) очите“ на учителот.
Учи деши на некој начин претставува модел за тоа како треба да изгледа еден воин. Тој се бруси полека, но сигурно.
Сенсеи Довезенски ги има Марјан П. и Марко О. за лични ученици, напола пат тоа да стане е Дарко Б., а тука се и неколку „искушеници“ кои треба да се докажат во иднина. Сите нив ги чека напорна работа и брусење. Но и убава иднина во неверојатниот свет на боречките вештини.

Преживување

Уште само неколку месеци, па нашата вештина и способност повторно ќе бидат ставени на тест. Се ближи семинарот над семинарите. Врвот!

Неколку совети за тие што ќе се обидат да го победат ова искушение.

  1. Вежбај напорно. Не обрнувај внимание на болката за време на тренинг. Работи со длабоки ставови..
  2. Диши длабоко. Биди смирен. Сталожи го умот. Победи го стравот.
  3. Не пиј вода за време на тренинг. Не мисли на вода.
  4. Победи го своето его. Самите сме творци на сопствената судбина.
  5. Повторувај го често во себе овогодинешното мото на семинарот: „Тука се создават идните водачи“

Со среќа…