Релативитет

За да можам да одам на семинарот во Италија со Такеши Сасамори (Соке на Оно ха Итто рју), морав да ја продадам мојата катана за Катори Шинто рју. А за тие пари што ќе ги потрошам таму, ќе можев да одам на одмор каде што сакам и ќе си останев со катаната и без долгови за враќање.

Сепак, катаната не можеше да најде подобар сопственик од шидоши хо Марко.

Да не ја купеше Марко катаната, ќе можеше да оди каде што сака на викенд со својата девојка и сигурно ќе си поминеше фантастично. Но тој направи избор да седи дома и да има одличен меч со кој што ќе може уште повеќе да вежба и да ја усовршува својата вештина во кенџутсу.

Моментов во кој ја донесов одлуката да останам без катана и да одам на семинар во Италија е многу неповолен. Оваа година веќе направив неколку патувања во странство, нормално со цел да ги изучувам класичните боречки вештини, а веќе организирав и два меѓународни семинари кои доста ме чинеа. Но сепак, ниту во еден момент не помислив на можноста дека треба да застанам и да се смирам. Кобудото е дел од мојот живот и едноставно не можам без него.

А секогаш е тоа така. Ако направев ова, ќе беше она. Ако направев она, ќе беше ова. Тоа е релативитет* во животот и секое размислување на таа тема води во бесконечност.

Затоа, денес без размислување купив авио билет за Анкона.

И повторно се препуштам во рацете на судбината. И повторно се откажувам од сите земни задоволства за да можам да ги остварам моите високи цели и идеали поврзани со класичните јапонски боречки вештини. И повторно продолжувам со мојот здодевен живот во кој усовршувањето е најголемото задоволство. Истиот тој здодевен живот кој ми помогна да „прошетам“ низ речиси половина земји во светот трагајќи по најдобрите кобудо учители. Но здодевноста и приоритетите се исто така дел од релативитетот, зарем не?

* Стави ја раката само една минута на загреана рингла и ќе ти си чини дека си ја држел на неа со саати. Разговарај со убава девојка со саати и ќе ти се чини дека тоа траело само една минута. Тоа е релативитет.

Шидоши хо Марко за семинарот со Сенсеи Ерик

„Се повеќе сум убеден дека Катори Шинто рју ќе стане школа во која ќе се заљубат многу луѓе од нашето доџо, а особено ако присуствуваат барем на еден семинар со Сенсеи Ерик. Тоа е доживување кое не е достојно да се опише со зборови.

Морам да започнам со тоа, каков третман имаше Сенсеи Ерик од нашиот Сенсеи и да кажам дека конекцијата УЧИТЕЛ – УЧЕНИК ме импресионираше уште повеќе и верувам дека многу сегашни и поранешни членови можеби никогаш нема да го разберат ова. Случајно или не, знам колку Сенсеи вложува во секој семинар поединечно и знам дека овие настани не му преставуваат обврска или потешкотија, туку чест и задоволство.

Целиот викенд беше прекрасен, почнувајќи од дружењето, тренинзите, вечерите во Визијана, па се до капењето кај Здравкин Камен, новиот дрвен мост на кој ќе лежиме за време на кампот, прекрасната прошетка низ Кратово – град кој до крајот на мојот живот ќе ми остане врежан во срцето и кој никогаш повеќе нема да биде обичен македонски град. Ќе ги запаметам и вежбањето без струја, вежбањето надвор пред доџо-то, прошетките до црквата на ридот,
вицевите на Влатче, насмевката на Таки, „принцот“ Даре, спиењето во Хомбу, ручекот на тетка Ленче, бамбусите високи 2-3 метри, новите hi-tech тоалети, церемонијата за чај и што ли уште не.

Иако сакав да запишувам додека подучува Сенсеи Ерик, не се охрабрив да го прашам Сенсеи дали може да се фаќаат забелешки, па утредента дома запишав тоа што запомнив.
Овој пат со Сенсеи имавме голем „улов“. Да речам „тежок дивеч“. Нови три кати со Бо и сега знаеме вкупно четири. Катите се како од филм. Прекрасни, неверојатни и некако магични. Аптетите пораснаа до врв, а желбата и мотивацијата немаат граница. Со нетрпение го очекувам утрешниот тренинг, на кој ќе нема време за одмор ниту секунда.
Ме радува фактот што се покажува интерес од Буџинкан Македонија и за останатите наши две школи, Даито и Катори. Ме радува фактот што Даре отсекогаш, дури и кога невежбал, давал целосна подршка на клубот и бил лојален, а и понатаму е наш член преку секцијата за Катори. Потоа ќе го споменам Влатче, кој веќе се навикнав да го гледам до мене на сите позначајни настани, семинари и активности. Таки, кој многу млад успеа да види и да извежба (јас на 19 год почнав да вежбам), а истото важи и за Мони. Тука е и Панче, за кој би сакал да продолжи да доаѓа колку што може почесто, со оглед на незгодното работно време.

За Сенсеи Ерик нема што да се зборува. Треба да се види и да се слушне. Романците се покажаа многу коректни и фини, а семпаи-те од Холандија исто така. Знам дека ќе им се доаѓа и понатаму и знам дека секаде ќе зборуваат само најдобро.

Сега не очекува многу работа, а здравје Боже во Турција ќе ги завршиме катите со Бо и тоа со Сенсеи Отаке.

п.с. Тие што планирале да дојдат на овој семинар, а не успеале – верувајте ќе СЕ КАЕТЕ МНОГУ!!!

Уште нешто, Благодарност до Сенсеи за уживањето што ни го долови!

Добриот Самарјанин

„Ги гледате ли овие мали калемени дрвца“, ги прашав учесниците на семинарот за лак и стрела, што се одржа викендов. Потоа, им ја раскажав приказната за добриот самарјанин. Но ова не е бајка, ова е сосема вистинска приказна која што се случува и во моментот додека го пишувам ова.

Во селото, каде што се наоѓа Хомбу Доџо-то, има еден човек кој секојдневно оди по планините и ридовите и ги калеми дивите круши. Тоа се дрвја кои што ништо не раѓаат, не растат високо и целите се „вооружени“ со многу остри боцки. Ќе нараснат брзо како жбунови и го затвораат патот, а не можат да се искористат ама баш за ништо. Освен за една работа – на нив да се накалеми питома круша. И така, некој добар дедо од селото, кој се труди никој да не дознае за неговите добри дела, оди секојдневно низ ридовите и планините и ги калеми дивите круши. Тие што се накалемени пред десетина години веќе даваат сочни плодови што секој намерник може да ги набере и да се наслади додека се движи низ селото. Питоми дрвја со зрели плодови насекаде. Убави, зелени, здрави. А никој не знае кој е „виновникот“ за тоа. Се обидувале жителите на селото да дознаат, се распрашувале по луѓе, барале, но досега не го откриле самарјанинот што се крие зад ова добро дело.

Велат, дека добрината е добрина кога никој не ја истакнува. Од друга страна, денес ретко и кој ја забележува и помислува на неа.

————————————————————————————–

Вчера, како и речиси секоја вечер, некој од Вас ме почека после тренинг пред доџо и посака да поразговара со мене. Разговорот беше малку подолг, па додека се шетавме низ аеродромските улици, ученикот ме праша:

-Сенсеи, како е можно луѓето да забораваат кога ќе направите нешто добро за нив?

-Не само што забораваат, одговорив, туку со времето дури и ме замразуваат, затоа што мислат дека ќе мораат засекогаш да ми бидат благодарни. Но јас одамна се навикнав на тоа и не сакам ништо да сменам.

(Повторно за бедата) Преку бедата до целта!

-Сенсеи, во петок ти ќе држиш тренинг или Марко, ме праша еден од учениците на вчерашниот тренинг.
-Најверојатно Марко, одговорив и додадов – немој да не си отишол во доџо поради тоа.
-Ама не, јас сакам да одам со друштвото во Велес, па затоа прашав.

Се уште не можам да разберам некои работи. Како може истовремено некој да сака да стане мој личен ученик, да достигне високо звање, да се смета себе си за сериозен практичар на кобудо, а истовремено да калкулира со тренинзите во доџо. Знам дека и за ова ќе бидам погрешно разбран, критикуван и озборуван, но јас сум цврсто убеден дека сериозноста кон класичните јапонски боречки вештини се огледува пред се кон самиот однос кон тренингот и кон самото доџо. И затоа секој наш член треба однапред да си постави одредена рамка низ која ќе се движи. Кажано поедноставно, не можете да сакате да бидете преблиски со мене и да ме прашувате за некои мои интимни одлуки и намери поврзани со Буџинкан Македонија, а истовремено да не давате се од себе и да не се штедите кога станува збор за Буџинкан Македонија. Или уште попростачки и повулгарно кажано: не можете да бидете сериозен кобудока, а својата енергија да ја трошите на страна за други активности.

Изберете веќе еднаш. А јас можам лесно да Ви помогнам во одлуката. Еве, однапред Ви кажувам дека најдобро е да си доаѓате на тренинзи заради рекреација, дружење, релаксација и здравје. Затоа што, доколку доаѓате со цел, еден ден да станете експерти за кобудо, треба навистина да се покажете. За да бидете мајстори за кобудо, треба да се откажете од многу преубави работи што можете да ги имате во животот. Нема шетање и денгубење за време на тренинзи и настани поврзани со вештината. Нема одење на други активности, каде што Вие ќе вложите пари и време кое можете да го искористите за Вашето усовршување во буџутсу. Нема хедонизам и одмор. Има само беда, преку која можете да ја остварите целта. И нема друг начин. Верувајте ми на зборот.

п.с. Оваа година ќе биде тешка за мене. Ќе организирам четири меѓународни настани од кои три во најголем дел самиот ќе ги финансирам. Планирани се и неколку семинари во странство, што исто така ќе ме исцрпат дополнително. И пред некој ден, дознав дека соке-то на Оно ха Итто рју (Сасамори Такеми) во јуни ќе одржи семинар во Италија. За миг се замислив и си реков „Чекај, немаш шанси за оваа година. И онака си пред банкрот“. И оваа мислам ме мачеше долго време, се до денес кога ми се јави некој внатрешен глас и ми кажа „Абе ти да не си станал калкулатор, па размислуваш што да правиш во врска со усовршувањето во кобудо. Зарем ти не ги подучуваш твоите ученици да не калкулираат доколку сакат да станат буџутсу мајстори“. Во истиот миг испратив писмо до организаторот со молба да ми дозволи учество. Нека ми дозволат, а јас ќе најдам начин како да отидам таму и да се поклонам пред Сасамори Сенсеи. Јас одамна го избрав Патот на бедата. Се откажав од сите други желби и потреби. Немам никакви активности поради кои можат моите најмили да ми префрлат дека многу време трошам на доџо-то и (не дај Боже) да ми постават некаква забрана на моите активности. Да. Беден сум и уживам во тоа. Но се поблиску сум до целта. Само преку бедата дојдов до неа!

Насоки

Многупати сум зборувал дека пренесувањето на традицијата оди во две насоки. Првата насока е важноста од кого ја примаш традицијата. Тоа значи дека не смееш да си дозволиш да бидеш дел од сомнителна, неквалитетна или нелегитимна традиција односно организација. Доколку твојот учител не излегол подалеку од границите на соседните земји, доколку и самиот тој соработувал со треторазредни мајстори или организации, немој да очекуваш некој квалитет.

Втората насока е кому ја даваш односно пренесуваш традицијата. Многу учители прифаќаат покани за одржување семинари во некакви сомнителни клубови и организации, од нелегитимни самопрогласени мајстори кои обесиле црн појас на половината и единствено што сакаат е да ја легализираат својата „дива“ работа. Доколку ти се нафатиш да им помогнеш да ја остварат целта, а секако, главната цел е да оствариш финансиски бенефит, тогаш не се разликуваш многу од тие кои те поканиле.

Досега, години наназад, сум ги одбивал сите такви покани за одржување семинари во сомнителни доџо-а кај сомнителни самопрогласени мајстори. Трпеливо чекам и прифаќам само покани од луѓе кои даваат надеж и ветување дека на чесен начин имаат желба да научат и да напредуваат во буџутсу.

Знам дека и моите долгогодишни ученици кои се уште чекорат по Патот, веќе размислуваат на сличен начин. И сигурен сум дека и тие би одбиле покана и понуда од некој што има доџо за „Которашин рју Аикитаиџутсу“.

Крај.

Априлилили

„Вечерва ќе вежбаме техники од школата Јагју Шинган рју. Инаку, тоа што малку е познато е дека јас сум шихан за оваа школа“

Токму вака го започнав вчерашниот тренинг, меѓутоа не издржав до крај, бидејќи почна да ми станува смешно кога забележав како неколку ученици почнаа ширум да ги отворат очите изразувајќи воодушевување од тоа што го слушаат. Во истиот момент гласно се насмеав и изрецитирав „априлилили“. На овој начин, симболично го одбележав денот на шегата.

Многу наши членови слично го одбележаа првоаприлскиот ден. Ете, неколку во текот на денот ме известија дека нема да можат да дојдат на тренинг поради најразлични обврски и причини. И ниту еден од нив не ми кажа дека ќе отсуствува бидејќи сака да излезе „во град“ маскиран или да оди на забава со своето друштво. Можеби приказната со обврските беше нивниот начин да ме насамарат за први април? Можеби помислија дека нивната лага е успешна?

Да не се разбереме погрешно. Јас воопшто немам против свечено одбележување на „априлијадата“. Иако никогаш во животот не сум се маскирал во вакви прилики, отсекогаш ми биле забавни маските што другите ги носеле на себе. Јас воопшто не си земам за право некому да сугерирам дека треба да дојде на тренинг, наместо да излезе некаде и да се забавува.

Но сакам да зборувам за моментот на доверба и за моментот на чесност. Моментот кога ќе слушнам: „сенсеи, јас вечер нема да дојдам на тренинг, туку ќе одам во град бидејќи има маскенбал“. Тоа сакам да го слушнам. Не е важно дали јас ќе го оправдам тоа и што ќе помислам. Важно е што довербата ќе биде задржана и што и понатаму ќе верувам на секој Ваш збор, бидејќи една искажана лага, засекогаш фрла сомнеж на сите вистини кажани потоа.

Во овој текст нема ниту ронка лутина или гнев. Полупразното доџо не беше причина да си поминеме фантастично на вчерашниот тренинг. Овој текст сака да појасни дека подобро е да се биде искрен и да се изгради здрава врска со учителот кој на секој можен начин се обидува да Ве потикне да се подобрите на секое поле од животот.

Бидејќи една лага засекогаш фрла сомнеж на сите вистини кажани потоа.

Април пројде, шамар дојде.

„Проблемите се големи, кога ние сме мали“

Текстот е преземен од Форум-от и без никакви интервенции е објавен на блогот. Автор е кохаи Сања Симонова. Нејзината способност да учи, далеку го надминува нејзиното звање.

——————————————————————————————————-

Колку и да бришеме, кога 32 ножиња ќе остават свој отпечаток, ламинатот брзо се валка. Па и откако се расфрлавме и испотивме, многу брзо стана лизгаво. Прозорците се замаглија, бетонот се ронеше и го вдишувавме. Коментиравме дека е чудно малку за вежбање, а?!
Ќе се тркаламе ли на тврдо? Ќе ни биде ли ладно без чорапи? Црни стапала, а? Одма се почувствува разлика „на кој му е прв пат“ на тврдо. Оние кои со овој тренинг се потсетија на порано, беа поостри, поотсечни, потивки и многу соодветно ја испочитуваа мазната контактна површина. А некои, после секое седнување долу, ја тресеа прашината од себе, пазеа каде ќе згазнат. Имаше многу залутани погледи накај местото каде што порано стоеше часовникот…

Епа другари, мислам дека прекрасните услови кои ги имаме во доџо малку не направиле свилени. На секој изминат тренинг, до вчерашниот, сме имале хигиена, приватност, осветлување, ма СЕ што ни требало на вискоко ниво, а вчера, малку разлика и одма сомнителни лица. Јас верувам дека кога вака би имале 3 тренинга по ред, 4-тиот веќе нема да го забележуваме опкружувањето. Ова беше убава проверка за тоа како го гледаме светот околу нас, како рефлексија на светот во нас.

Не сакам никој да ми замери за искреноста, поентата ми беше дека сме одвугнале. Проблемите се големи, кога ние сме мали, кога ние ќе „по(над)раснеме“, проблемите се смалуваат. Јас сум бескрајно благодарана што после ваков подвиг на реновирање, ќе имаме прекрасно доџо, а до тогаш, колку и да трае процесот, ние треба да си ја носиме сликата од „реновираното“ доџо во мислите, кога ќе влеземе – да го видиме тоа што си го визуелизираме. И да си ја задржиме слогата, оти кај што има слога, има и Бога!

Ве поздравувам сите и ви посакувам убаво попладне!

Патот до успехот

Пред 20 и кусур години, од еден професор по физичко воспитување добив една листа со спортови и активности кои најмногу влијаат врз правилниот развој на телото, на развојот на силата, издржливоста и држењето на самиот скелет. Бев изненаден кога видов дека на прво место е балетот, на второ е гимнастиката и на трето се боречките вештини. Сите други спортови кои ги познаваме од телевизиските екрани, беа далеку под овие три дисциплини.

———————————————————————-

Кога се соочив со фактот, дека можностите за одржување на тренинзи во детската група се сведуваат на само два часа неделно, а сакајќи моите ќерки да добијат врвно ниво на физичка активност, без размислување се одлучив да ги запишам и на балет. Листата добиена од професорот Перо никогаш не ми исчезна од глава.

———————————————————————–

Вчера, во 20.45 часот, требаше да завршат часовите по балет, кои Косара и Ксенија ги посетуваат секој понеделник и среда. Меѓутоа, Учителката Катерина упорно ги тераше децата да го повторуваат последниот дел од „Лебедово Езеро“. Околу 21.10 таа го отвори прозорецот од училницата за да влезе малку свеж воздух, при што имав можност во следните десетина минути да уживам во нејзиното подучување. Истовремено се гордеев со моите ќерки, кои иако се најмали во групата, ниту еднаш за застанаа при вежбањето на кореографијата. Толку упорно работеа, што веднаш ми стана јасно зошто Ксенија ја добила главната улога во преставата, која што наскоро ќе се одржи во некој од театрите во градот.

Учителката Катерина упорно танцуваше меѓу нив, ги бодреше кога треба, но и жестоко ги критикуваше кога дечињата ќе згрешеа во чекорите. Во 21.20 конечно го заврши часот. Додека децата излегуваа кон соблекувалната, таа излезе на прозорецот да земе неколку здива.

-Извините, ги задржав малку, ми рече.

-Воопшто нема проблем, одговорив, единствениот начин да се постигне успех е преку напорен тренинг се додека телото не ги запамети сите движења.

-Вас ви е лесно да го разберете тоа, бидејќи и вие се занимавате со слична професија, додаде таа, но некои родители постојано се бунат зошто многу сум ги задржувала децата.

-Само Вие работете си ја работата како што треба, а еден ден сите ќе Ви бидат благодарни кога ќе ја разберат Вашата улога во развојот на своите најмили, го завршив разговорот.

По ова, Учителката го избриша челото со пешкирче и седна на земјата. Со рацете ги собу балетските патики и почна да го вади памукот насобран помеѓу прстите на стопалата. Во истиот миг погледот ми падна и ми застана на нејзините прсти оковани со плускавци, рани и лузни. И дури тогаш ја разбрав целата таа жртва и сиот напор кој се криел зад успешноста и уште повеќе зад надворешната убавина на Катерина. Сето тоа е постигнато со многу труд и откажување.

Веднаш се сетив на еден разговор со еден голем учител кој бил прашан од страна на својот ученик:

-Колку време учителе е потребно на еден просечен ученик за да стане мајстор?

-Просечните ученици никогаш нема да станат мајстори, одговорил Учителот.

Статистиката на Марко (Селекција)

(Ова е дел од дискусијата на нашиот Форум, водена меѓу шидоши хо Марко и кохаи Влатче)

———————————————————————————–Марко: Денеска е 15.02.2015 година. Пред точно 4 години на 15.02.2011, почна со работа доџото за почетници во Тафталиџе. Тренинзите почнавме да ги водиме јас и семпаи Мацко, се до 31.12.2012 година. За тие година и 10 ипол месеци беа запишани точно 50 ученици.
Од тие 50, денеска (15.02.2015), значи после поминати 3-4 години, се уште вежбаат 9, од кои само петорица ученици не направиле некаква пауза односно имаат континуитет во вежбањето.
Просекот е: на 10 запишани продолжува само еден. Тоа што сенсеи го зборувал многу пати досега, навистина е така, а и добро што е така. Тоа е таа селекција.

Инаку тие петорица се:
1. Михаил Д.
2. Игор К.
3. Сања С.
4. Таки Г.
5. Мартин Г.
——————————————————————————————-
Влатче: Селекцијата во ова наше доџо е бескопромисна и се надевам ќе остане таква засекогаш. Сакам да кажам по некој збор за секој од овие петорица кои издржаа до сега.

1. Михаил Дракалски. Го памтам на почетокот кога се појави во напредната група, искрено не ми се веруваше колку ова дете немаше ни трунка талент за боречки вештини. Но со текот на времето, низ неговата борба со саниот себе се и проблемите кои ги имаше, се издигна над се и сега ми е повеќе од драго што е на исто ниво со мене и секогаш кога ќе побара од мене да му бидам уке за полагање, јас ќе му бидам без разлика на се! За пивото ќе мора да се договараме подоцна.

2. Игор Крстевски. Него не го памтам на почетоците као Михаил, но можам да констатирам дека неговата желба и посветеност за тренинг се неверојатни за човек во негови години со фамилија и работни обврски. Треба помладите да учат од овој човек како се сака доџото и како може да се успее да се стигне дури и за чистење на доџото, иако живее во Ѓорче и буквално трча од работа – дома, па назад на тренинг. А после тренинг скоро секогаш не пренесува накај дома. Му должиме многу. Осу.

3. Сања Симонова. За оваа женска имам многу да зборувам и незнам од каде да почнам. Многу си ја сакам! (знае она). Цело време гледам како се трансформира во прекрасна жена, на тренинг и надвор од него, бидејќи ја знам и надвор од плавата соба, од една друга активност. Заслужува секакви пофалби, посебно во последно време се забележува неверојатен напредок во начинот на кој се движи. Пробајте да ја забележите кога ќе ја земе сенсеи за уке, ќе видите за што зборувам.

4. Таки Гаковски. Неверојатен вежбач. Сите го фалат и јас го фалам, тоа е човекот без его. Меѓутоа една работа е многу битна да се каже за него. Тренинзите со децата…ако има нешто по благодродно да се прави, тоа е да се воспитуваат деца, а тој го прави тоа со цело свое срце и доказите се видливи. Имам една другарка работи во банка, нејзината директорка има син кој доаѓа на тренинзите кај Таки. Детето е фасцинирано и едвај чека да дојде на тренинг, а дома им покажувал што вежбаат. Претходно го праќале на секакви спортови, но само на ова изразил толку голема желба за вежбање.

5. Мартин Гачевски. Детево ако продолжи со ова темпо што во моментов го има, можам да гарантирам дека ќе биде наследникот на шидоши хо Марко. Техниката му е на одлично ниво, сигурно не е случајно што сенсеи скоро секогаш го вика за уке кога покажува опасни техники за паѓање. Минатиот тренинг на последната вежба од Даито рју што ја работевме, ми кажа каде грешам и кои чекори не ги правам. Фантастично забележал и точно ми кажа каде треба да се корегирам. Ова е доказ за нешто, што тие што се долги години на тренинг, знаат што е и нема потреба од објаснување. Се повеќе е самоуверен во себе и само да продолжи така. Патот ќе му биде тежок, но знам дека ќе го изоди.
——————————————————————————————-

Марче: Влатче прекрасно ги опиша сите петорица и не случајно се тука каде што се во моментот.

Мики – неверојатно успеа да се извлече од сите проблеми и да чекори успешно на Патот. Да не беше корју-то, несакам ниту да помислам што би било сега. Доказ дека преку тренингот и телото и умот се зајакнуваат до крајни граници.

Игац – заедно со Зоки ги кршат стереотипите или изговорите дека ако некој има семејство, деца, работа, жена, или, пак, живее далеку од доџо-то е оневозможен да доаѓа на тренинг. Ги кршат изговорите на оние кои велат дека немаат време и дека имаат преголеми обврски, па затоа отсуствуваат. Значи еден ден кога сите ние, вонбрачни што сме – немажени и неженети де, ќе имаме семејства треба да ни текне на Игац и точка!

Сања – прекрасна особа на која што лојалноста кон клубот и е толку голема и која што на еден начин е столб и предводник на куноичите во клубот. Нејзиното присуство е рај за душата и срцето.

Таки – особа на која му се изнасмеав првиот пат кога се запознавме, а сега му „завидувам“ и му се воодушевувам за многу работи. Тој е единствениот кој за толку кратко време доби доверба од сенсеи да ја води можеби најважната и најспецифична група во клубот.
Мартин – кога вежбам со Мартин, имам чуство како да вежбам со некој што е 1-ви или 2-ри кју, а не со некој што има 8-ми кју. Има неверојатна почит кон сите. Многу срамежливо, но брзо напредува. Направен е „камче“.
Впрочем така и треба да изгледа еден кју. Тој е пример за тоа.

Соработка за напредок

Многупати досега сме зборувале за системот семпаи/кохаи и како тој одлично функционира во секое традиционално доџо. Сега, преку разговор на нашиот интерен Форум, ќе се обидеме тоа да го видиме и од уште еден агол.

Влатче: „Вечерва на тренинг, сенсеи спомена дека на шидоши хо Марко му треба помош за време на тренинзите во вторник и четврток. Јас се пријавувам за терминот во вторник.“.

…после првиот тренинг како помошник на инструкторот…

Влатче: „Знаев дека не згрешив кога се пријавив да му помагам на Марче на тренинзите, а тоа се потврди уште денес на првиот. Неверојатно е чувството додека ги гледаш почетниците како вежбаат. Тешко им оди, не можат да издржат долго во камае, имаат неправилни удари, се збунуваат кога блокираат. Веднаш сфаќаш дека и ти си бил таков пред неколку години. Огромна чест и одговорност е да се пренесува знаењето на почетниците, а истовремено и фантастична можност да се напредува во буџутсу. Се надевам ги задоволив критериумите на шидоши хо Марко и со задоволство ќе продолжам и во следните вторници“.

Марче: „Прво да кажам дека бев многу пријатно изненаден од пријавувањето на Влатче, но не бев изненаден од неговото одлично снаоѓање на првиот тренинг. Забележав кај него мала хаотичност и немир во умот, но тоа тој успешно го сокри и се справи со предизвиците. Ги контролираше почетниците постојано, им објаснуваше убаво и вешто ги анимираше постарите. Можеше да направи „целосна слика“ за сите ученици во доџото, па затоа го „шетав“ постојано. Сега знам дека работите може да ги види и од поинаков агол, а ова многу ќе му помогне во неговото понатамошно усовршување. Да водите доџо е огромна одговорност, а истовремено бара голема посветеност. Во групата имам деца од 10 години до членови на 39-годишна возраст. И машки и женски, со различни карактери и воспитувања. Сега броиме 22-ца, најмногу од отварањето на доџото за почетници во сегашниов простор (01.01.2013). Треба да се биде внимателен со секого и на секого да се посвети внимание, бидејќи секој треба да го добие заслуженото според неговиот труд, залагање и почит. Тренингот со почетниците ме исполнува, ме прави подобар и како учител и како борец и како човек. Секој тренинг е лекција и за мене, а помошта од страна е бесценета“.

Влатче: „Тој мал хаос и немир не можев да ги сокријам од тебе Марче. Дефинитивно имав трема, ама помина брзо. Навистина е прекрасно чувството да пренесуваш знаење на помладите (по звање). Сега видов како е и на другата страна и каква посветеност треба да имаш, но и трпение за сето тоа да биде успешно долги години. Секоја чест за сите кои држат часови, им се поклонувам“.