„Најголемата победа е победата врз самиот себе“.
Ваква или во некаква слична форма, звучи најискористената изрека во светот на боречките вештини која веќе сите ја знаеме и сите со гордост си земаме за право да ја цитираме наоколу.
Но како и секогаш, зборовите од уста толку лесно излегуваат, а критиката и смеењето врз туѓиот грб не боли воопшто.
Која е целта на оваа изрека? Дали некој размислил подлабоко за нејзиното значење? Каква е таа победа врз самите себе?
Во светот на боречките вештини многу работи се од голема важност. Се следат принципи, закони, правила. Но една од клучните работи е: МОТИВАЦИЈА-та. Од неа почнува се и без неа се завршува.
Секој вежбач поминува низ неколку фази на Патот на Будо-то.
Во првата фаза е големата „загреаност“ за вештината. Ученикот ужива во техниките и едвај чека да дојде новиот час. Колку поголема загреаност, толку побрзо ученикот ќе „изгори“ доколку неговиот карактер не е челичен. По правило, ученици кои на почетокот најмногу ветуваат, после неколку години се истрошени и нивната мотивација се губи. Најзагреаните ученици најчесто барат изговори и кривицата за нивната слабост ја префрлаат на други (никогаш на себе).
Во втората фаза ученикот почнува да ја губи насмевката за време на тренингот и секогаш пред тренинг се чуствува безволно. Тој знае дека чувството после тренинг ќе му биде убаво, но се потешко му е да се натера да појде во доџо-то и да вежба.
Во последната фаза ученикот е крајно демотивиран. Тој почнува да се сомнева во зборовите и намерите на својот учител, ја губи довербата во техниките и во вештината. Почнува да развива сомнеж дека не е пожелен во доџо-то, дека учителот или „колегите“ имаат нешто против него. Се повеќе се интересира за други вештини и други клубови и мисли дека таму повторно ќе се пронајде и ќе го „запали огнот“. Тој е убеден дека нешто мора да смени, да сврти нова страница во животот и дека тогаш се ќе му тргне од рака.
Откако замката која што самиот си ја поставува ќе успее, ученикот заминува и ја затвора вратата зад себе. Честопати со трескање. И тоа силно, да се запечати и никогаш повеќе да не се отвори.
Во новото доџо е интересно. Нови лица, нов учител, со нова и интересна филозофија. Новата вештина е супер. Толку различна од старата. И функционира, бидејќи ученикот ја прифатил (новата) играта што беспрекорно е создадена за (новиот) теренот. Тој не ни помислува: „уф, што можам да му направам со мојата стара вештина во овој момент додека противникот е вака поставен“. Нема ниту потреба за тоа, бидејќи мотивацијата повторно е голема, така што слепилото силно ги држи очите во темнина.
И така, ден по ден, месец по месец, година за година, ученикот поминува низ истите фази од претходно. Се додека уште еднаш не стигне до последната. А тогаш, пак се среќава со двете опции. Полесната е повторно да заврти нова страница и да талка понатаму. Да следи нови луѓе, нови филозофии, нови правила. Да остане талкач и следач низ лавиринтот на Мотовацијата.
Потешката варијанта е да погледне внатре во себе и да каже: „не бил проблемот ниту во вештината, ниту во учителот, туку во мене и во мојот слаб и нестабилен карактер“. Оваа варијанта речиси никогаш не победува. Таа однапред е осудена на пропаст од страна на суетата и егото кои цврсто господарат со нашите битија.
Сите од нас некогаш се нашле во некоја од фазите. Сите го почуствувале горкиот вкус на демотивацијата. Но разликата е таа што прави да бидеме тоа што сме. Разликата во нашиот карактер, да ги извадиме нозете кои тонат во „втората“ фаза навреме и да не дозволиме да пропаднеме подолу, кон третата. Некои успеваат, а некои не. Некои дури испливале и од третата фаза. За жал, кога ќе се влезе еднаш во неа, нозете засекогаш газат врз мекото тло кое во секое време може лесно да пропадне и да не повлече надолу.
„Најголемата победа е победата врз самиот себе“.
Следниот пат пред да го изговорите ова со неподнослива леснотија, размислете дали имате право на тоа. Дали успеавте да се победите себе си и да излезете како победник од Вашата внатрешна борба.