Три години по ред моите ќерки Косара и Ксенија се најредовни на часовите во детската група на Буџинкан Македонија (Нинџа Клинци).
Според правилата (статутот) на доџо-то, за возрасните кои немаат повеќе од три отсуства во текот на целата година, водачот на Организацијата им доделува Пофалница, која што се смета за многу важно признание за нивниот труд. Според истиот статут, на трите дечиња кои имаат најмалку отсуства во текот на годината, исто така им следува Пофалница.
Косара и Ксенија и во 2013 и во 2014 година имаа најмалку отсуства споредено со останатите дечиња. Но татко им (јас), не им додели Пофалници, иако сосема заслужено требаа да добијат.
Правилата кои важаат за моите ќерки се секогаш построги во однос на останатите дечиња.
Кога ме прашаа зошто за нив нема Пофалница и покрај тоа што отсуствувале само пет пати во текот на целата година, мојот одговор беше дека ќе добиева доколку немаа повеќе од три отсуства.
Знам дека не можат да ја разберат мојата строгост кон нив. Знам дека не им е јасно зошто правилата кои важат за сите, за нив се многу построги. Но еден ден ќе сфатат. Ќе разберат зошто нивниот татко секогаш бил со „крстот на чело“. И зошто, наместо да бидат привилегирани во однос на другите, за нив правилата секогаш биле построги.
Оваа година и двете се на добар пат да добијат Пофалници. Немаат направено повеќе од три отсуства во текот на целата 2015-та. И кога беа болни редовно ги посетуваа сите часови во детската група. И повеќе од тоа. Ги посетуваа и сите дополнителни саботни часови.
Само со труд и со крајна посветеност се добиваат привилегии во Буџинкан Македонија. И тие се подеднакви за сите кои се залагаат. Но секогаш, моите ќерки ќе треба да работат и да се докажуваат повеќе од останатите. Бидејќи доколку „крстот на челото“ падне долу, никогаш повеќе не може да се врати назад.