За време на јулскиот Даито рју Аикиџуџутсу интензивен семинар во Хомбу, после 36 години непрекинато вежбање јапонски боречки вештини, за прв пат „се фатив“ како за време на тренингот правам работи кои не се директно поврзани со самиот тренинг.
Запрепастен самиот од себе, вечерта не можев око да затворам од размислување. Одговорите дојдоа изутрината, откако ги подредив и разгледав сите делови од мозаикот наречен „мојот живот“.
Да, тие кои беа на јулскиот семинар беа сведоци, а оттогаш и другите мои ученици кои го посетуваат Хомбу-то, дека откако ќе ги покажам сите детаљи на техниката која што тие ќе ја вежбаат, си седнувам на земја и почнувам да читам книги или некои други ракописи и белешки поврзани со класичните јапонски боречки вештини.
Што се случува? Ќе Ви објаснам на кратко!
Ниту сум се изморил од предавање и вежбање, а уште помалку таа моја животна активност ми здосадила. НАПРОТИВ!!! Се повеќе низ годините го засакувам буџутсу-то и нинџутсу-то. И токму поради таа огромна љубов, почна да се случува ова!
Како? Зошто?
Како што животот минува, а времето се намалува, се јавува кај мене чувство дека има уште многу работи да научам, а едноставно правилата на Природата го спречуваат тоа ограничувајќи го животот со своите универзални закони.
Иако речиси сето мое време го посветувам на тренингот и на корју-то, сепак почна да ми надоаѓа емоција дека има уште многу работи да научам, дека можам уште многу да дадам – а немам време за тоа. Животот тече и минува. Краток е за сите планови и дела кои планирам да ги остварам. И два животи да имам, мислам дека малку ќе бидат за да дадам се што можам да дадам на моето доџо и на моите ученици.
И кога Влатче во книгата „Разговор со Учениците“ ми постави прашање „како успевам“, а јас му дадов одговор дека скратив од се што може да се скрати, несвесно тој јулски ден ми текна дека можам и за време на тренингот да учам и да се надоградувам.
Ете така! Можам! Откако ќе ги покажам катите по неколку пати, а со тоа ќе ги повторам и извежбам, додека моите ученици ги повторуваат и вежбаат, јас ќе читам, ќе вежбам на страна и ќе правам работи кои мене ќе ме надоградуваат во тие делови кои ги зметаам за недовршени и несовршени. Ве молам, не помислувајте дека повеќе не се грижам за Вашиот напредок. Или за мојот! Јас и понатаму имам по неколку тренинзи во текот на денот. А Вас постојано „под око“ Ве набљудувам. Ве поправам и Ви ја дотерувам техниката, ама најважно од се е што после 36 години поминати во будо, веќе имам ученици кои можат да им помагаат на почетниците и тие да ги исправаат ггрешките кои другите ги праваат.
Јас сум среќен што конечно имам заменици кои можат речиси целосно да ме одменат и да ја пренесуваат вештината, а секако, кога нема да бидат сигурни за нешто, секогаш сум тука да ме прашаат за совет.
Како што кажав: гледам се, слушам се и кажувам се. Не помислувајте дека сте оставени самите на себе. Но јас морам постојано да се надоградувам за да можете и Вие да одите напред и еден ден да станете подобри кобудоки од Вашиот учител.
А јас немам време. Морам да го зграпчам секој миг. Јас сум човек со голема страст за животот, а особено за боречките вештини.
Простете ми што после 36 години тренинг почнав да си дозволувам освен за Вас, да се грижам помалку и за себе, па истовремено да подучувам и да учам.
Заедно ќе одиме по Патот. Се додека Вие го сакате тоа. А кога ќе застанете, јас ќе продолжам. А доколку некогаш посакате повторно да се сретнеме, тргнете по моите чекори. Ќе Ве почекам. Ќе продолжиме заедно.
Ганбатте Кудосаи !!!