Мукојоши 婿養子 — Посвојување на зетот

Денес ќе објаснам за една многу честа практика во Јапонија која влече корени уште од феудалното време (средниот век), но како културно и историски појава се задржала се до денес. Станува збор за практиката наречена “Мукојоши” (婿養子) или посвојување на зетот (сопругот на ќерката) во семејството на сопругата, при што тој го презема презимето на невестата и станува формален член на нејзиното семејство. Оваа појава е многу специфична за јапонското општество и има длабоки корени во традицијата и наследното право.

Практиката на Мукојоши има длабоки корени во феудалниот систем, каде што континуитетот на семејството бил од суштинска важност. Во јапонската култура, особено кај семејствата што имаат ие (家) — традиционално семејно домаќинство, најважно од се е да се задржи семејната линија, името и имотот.

Кога се применува?

Ако семејството нема син што би го продолжил семејното име, тогаш се посвојува зетот како машки наследник што ќе го зачува името и наследството. Тој станува правно дете на родителите на невестата. Но оваа пракатика се применува и кога семејството на невестата има длабоки историски корени, како и воинско или друго културно наследство или самурајско минато, па затоа е потребно да се осигура продолжувањето на семејната лоза. Во многу случаи, особено кај семејства што поседуваат компании (традиционални или модерни), Мукојоши се користи за да се обезбеди континуитет во управувањето со бизнисот. На пример, во познатите јапонски компании како Сузука и Киккоман, директори биле зетовците што го презеле името на семејството. Во многу случаи, дури и ако фамилијата има синови, семејството може да избере зет кој е добро квалификуван или има голем потенцијал да го наследи бизнисот или традицијата. Зетот треба да биде посвоен и формално и правно и да го смени своето презиме според презимето на сопругата и тогаш почнува да се води како член на семејството.

Јапонското општеството и ден-денес генерално ја гледа оваа постапка како практично и рационално решение, а не како „понижување“ на мажот (зетот).