30 години Буџинкан Македонија

Во секој здив што го вдишуваме во доџото, се наоѓа семето на преобразбата. Нинџутсу не е само вештина – тоа е животен Пат. Нинџутсу е повикот на душата што бара ред во хаосот, стабилност при промените и мир во движењето.

Упорноста не се мери со тоа колку долго можеш да стоиш исправен на нозе, туку колку пати ќе се подигнеш откако ќе паднеш. Доџото не ги бара најсилните, туку најистрајните. Тие што се враќаат повторно и повторно, иако нивното тело е обележано со рани, главата оптоварена со прашања, а срцето полно со стравови. Само тој што ќе собере храброст да продолжи ќе почне да го разбира вистинското значење на вештината. Нинџа не се станува со купување кимоно или со самодавање на некаква титула. Нинџа се станува преку многу пролиена пот, исплакани солзи и тихување во темнината поради самосознавање.

Лојалноста не значи слепа покорност. Таа е плод на доверба, култивирана со текот на времето. Во доџото не си никогаш сам. Секој чекор што го правиш, го правиш за себе, за својот учител, за своите соборци и за традицијата што те обликува. Лојалноста е врската што нè обединува во едно тело, во едно срце и во една волја.

Нинџутсу не е надмоќ, туку разбирање. Во борбата, ние не победуваме, туку се усогласуваме. Во секој противник препознаваме знаење. Во секој предизвик ја гледаме лекцијата.

Учител не е тој што знае сè, туку тој што е постојано ученик. Ученик не е тој што само слуша, туку тој што живее со отворено срце, чекори стабилно, а умот му е како вода – тивок, длабок и прилагодлив.

Во времето на брзо живеење, вистинскиот борец чекори бавно. Тој не брза да стигне, затоа што знае дека Патот нема крај. А во секој здив, во секој поклон, во секој поглед – воинот оддава почит кон тој што му го покажал Патот.

Биди упорен. Биди пред се лојален. Биди во хармонија. Само така ќе бидеш вистински дел од неверојатната вештина – Нинџутсу.

37 години Нинџутсу во Македонија. 30 години Буџинкан Македонија. Продолжуваме!!!

  • Игор Довезенски