Хоџо Џутсу, позната и како Нава Џутсу, претставува традиционална јапонска боречка вештина за врзување и задржување на лица со помош на јаже. Таа е дел од богатото самурајско наследство и потекнува од времето на многубројните граѓански војни во Јапонија – Земјата на изгрејсонцето. Оваа техника е типично јапонски производ на нивната длабока култура, во која прецизноста, дисциплината и естетиката се испреплетени во секојдневието.
Во периодот на Сенгоку Џидаи (епохата на граѓанските војни пред 17 век), животот бил исполнет со опасност и несигурност. Во честите битки меѓу завојуваните кнежевства, многупати страдале обичните луѓе. Како и во сите војни, се појавувале групи одметници кои ги пљачкосувале селаните и нивните имоти. Затоа, самураите, освен на бојното поле, биле принудени да се борат и со криминални банди.
Со текот на времето, се покажало дека е покорисно разбојникот да се зароби отколку да се убие на лице место, бидејќи за време на испрашувањето можел да открие информации за своите соучесници. За таа цел, самураите ја развиле вештината Хоџо Џутсу, која најчесто се предавала како дел од наставата во рамките на другите боречки школи (рју-ха).
Со завршувањето на војните и воспоставувањето на мирот во Едо периодот, техниката не исчезнала. Напротив, продолжила да се користи, но овојпат во служба на полицијата и правосудниот систем. Наместо за заробување непријатели на бојното поле, се користела за апсење криминалци.

Иако со текот на времето самураите исчезнале од општествената сцена, Хоџо Џутсу се практикувала речиси до почетокот на 20 век. Подоцна, полицијата почнала да применува пософистицирани методи, како метални направи – лисици, но вештината не исчезнала целосно. Таа останала дел од традиционалните боречки школи и кај некои Јапонци прераснала во предмет на вистинска опседнатост и восхит.
Со современите времиња, врзувањето добило нова димензија. Од практична техника за контрола, Хоџо Џутсу се претворила во еротска уметност – Шибари. Во оваа форма, врзувањето не служи за лишување од слобода, туку како чин на доверба, естетика и сензуалност. Самото врзување станува дел од интимниот ритуал – доколку во Хоџо Џутсу владее дисциплината, во Шибари владее уметноста.
Чинот на врзување е подеднакво, а понекогаш и повеќе возбудлив од самиот сексуален чин. Позицијата на телото, симетријата на јазлите, допирот на влакното од јажето врз кожата – сето тоа создава чувство на рамнотежа меѓу доминација и предавање, контрола и доверба.
Од каде потекнува оваа фасцинација со врзувањето?
Јапонската култура отсекогаш негувала обредна симболика на завиткување и врзување, особено во контекст на Шинто религијата, каде врзувањето се користи за обележување на свети простори и предмети. Но, уште од најмала возраст, Јапонците се навикнуваат на прецизно врзување: традиционалната облека кимоно не се закопчува со копчиња или ластици, туку се врзува со појаси (оби). Од таму потекнува чувството за совршенство во јазолот – вештина што преминува од практично во уметничко.
Воените услови, пак, ја поттикнале потребата од функционално и сигурно врзување при транспорт на заробеници. Така се развиле и усовршиле различни техники, кои подоцна нашле свое место и во секојдневниот живот.
Во Хоџо Џутсу се користат два основни типа јажиња:
- Хајанава – тенко јаже со дебелина од 3–4 мм, кое се носело на ножницата на мечот. Се користело за брзо и практично врзување на приведените лица. Кај заробениците од повисок сталеж, врзувањето имало и естетска функција, за да се намали нивното понижување.
- Хонава – подебело јаже, со должина од околу 3 метри и дебелина над 6 мм, кое се користело за сигурен транспорт на затворениците. Овие техники најчесто ги изведувала група од повеќе лица, што овозможувало поголема контрола и прецизност.
За совршено изведување на техниките, било неопходно одлично познавање на човечката анатомија, како и разбирање на психолошките аспекти на контролата и покорноста.

Посебен правец во оваа уметност е Кинбаку – збор што во превод значи „убаво врзано“. Во Кинбаку, акцентот се става на естетиката, емоцијата и интимноста. Се обрнува внимание на затегнувањето на јажето околу телото, најчесто околу градите или половината, со што се создава и визуелен и емотивен ефект. Возбудата, велат мајсторите, се наоѓа во моментот на создавањето, не во резултатот.
Почетоците на Шибари и Кинбаку може да се пронајдат уште во времето на традиционалните корју вештини, но современите форми се развиле во Едо периодот. Во споредба со Хоџо Џутсу, тие се многу понежни и внимателно изведени, за да се избегнат повреди.
Според историските извори, сексуалното врзување за првпат се појавува токму во периодот Едо. Сеију Ито се смета за татко на модерниот Кинбаку – во почетокот на 20 век тој ја проучувал и практикувал старинската Хоџо Џутсу, внесувајќи уметничка и еротска димензија во неа. Во 1950-тите години, Кинбаку станува популарен преку објавување фотографии со врзани модели во јапонските списанија, а во 1960 година Еикеичи Осада прв јавно ја демонстрирал оваа уметност.
Традицијата на Торинава техниките (техники за полициско врзување) долго време се предавала во полициските школи, но со воведувањето на современи методи тие постепено биле исфрлени од обуката. Денес, ова древно знаење го чуваат мајсторите во корју доџоата – традиционалните школи за боречки вештини.
Еден од последните чувари на ова наследство бил соке Нава Јумио (1912–2006), наследник на школата Масаки-рју Буџутсу. Тој оставил зад себе неколку книги со практични описи на 25 традиционални техники за врзување, сочувани од неговите претходници и документирани во редок архивен материјал – деншо и макимоно.
Игор Довезенски
www.bujinkan.mk