Свесност за ракот (канцер) / ментални промени за време на болеста

Секој што имал близок човек болен од рак се соочил со сите промени што се случуваат за време на борбата со болеста, која за жал најчесто завршува фатално. Тие промени не се однесуваат само на болнииот, туку и кај луѓето од семејството што се грижат за него. Напредувањето на болеста носи страшни последици на физичко ниво, но овој пат нема многу да се задржувам на нив, туку повеќе на менталните промени, бидејќи чудовишната болест ја менува свеста целосно и кај болниот, но како што веќе напишав и кај најблиските луѓе околу него. И сите овие промени не може никој да ги разбере, освен тие кои веќе го поминале истиот пеколен пат. Ќе се обидам во фази и преку примери да ја подигнам свесноста кај сите, бидејќи се додека болеста не затропа на нечија врата, ниту од далеку не може да се претпостави за каков монструм станува збор. Ќе почнам од првата фаза.

1. Збунетост

Ова е првата фаза кога болеста се уште не е потврдена, меѓутоа нешто навестува дека нема да оди ситуацијата на добро. Тука се одвиваат многу прегледи, при што секојдевните посети во болниците стануваат рутина, а почнувате да се навикнувате полека на таа неубава атмосфера. И кај болниот и кај блиските веќе се чувствува мал страв од неизвесноста, почнуваат првите несоници. Прегледите честопати се болни (земање крв, гастроскопии, колоноскопии, итн.). Свеста почнува да се менува.

2. Сомнеж

Веќе се добиваат првите резултати и почнува сомнежот околу истите. „Како може човек до вчера здрав, денес да биде болен од рак?“ И тука почнувате да одите кај различни лекари-специјалисти во разни болници да барате второ, трето мислење. Кога сите на крајот ќе го потврдат истото, кај болниот се уште постои сомнеж, додека кај блиските се јавува лутина измешана со бес и очај. Се трудите на болниот благо да му ги соопштите вестите и да го соочите со реалноста, но тој се уште се сомнева во наодот.

3. Надеж

Ова беше доста болна фаза, особено во нашиот случај. По соочувањето со реалноста, болниот почнува да се фаќа за сламка и да се надева дека ќе се најде некој да му помогне. Кога ние дознавме, татко ми веднаш ми рече да контактирам една личност кој што тој многу ја сакаше и да и соопштам, надевајќи се дека таа ќе најде некаков начин да му помогне. Во тие моменти таа личност беше на службено патување во прекуокеанска земја и кога му го кажав тоа, татко ми рече: Абе ти само кажи и, таа ќе го фати првиот авион и ќе долета веднаш за мене. Знае таа колку многу ја сакам и ќе дојде и ќе ми помогне. Што е една авионска карта за неа, кога знае дека ја сакам како да ми е ќерка.
Го послушав, иако против своја воља и ја известив. Откако видов дека нема шанси да се исполнат очекувањата на татко ми, побарав да слушнам барем еден убав збор. Но ниту тоа не го добив.
Надежта во борбата со ракот, може многу да ги разочара и да ги ослабне ментално и болниот и здравите. Оваа случка кај мене создаде горчина, но за чудо татко ми не замери ништо.

4. Соочување и борба

Ова е фазата кога болниот директно се соочува со болеста и се фаќа во борба. Тој бара што побрзо да се направи операцијата и храбро вчегува во клинч. Бара од блиските да му обезбедат лекар кој што ќе го оперира и кој со сигурност ќе му помогне. Тука почнуваат потрагите по најдобрите лекари и обезбедување термин колку што може побрзо да се изврши операцијата. Ниту самиот не сум свесен колку луѓе ангажирав и од кои се не места му се јавија на единствениот лекар кој се нафати да ја изврши операцијата. Кога прв пат се видовме, веднаш ми кажа: „Аман бе Игор, не знам што работиш ти, но за една недела над 30 луѓе од судови, полиции и здравство ми се јавија за да го вметнам татко ти во термин“.
И така и беше. Претходно само за една друга работа сум ангажирал толку луѓе, но бидејќи таа успешно ја завршив, бев сигурен дека ќе успеам и во оваа.
Истиот ден кога добивме термин отидов кај еден другар кој е гастро-специјалист и го прашав дали со операцијата ќе избегаме на смртта. Тој ми кажа вака: „Игор, ова е истиот тип на карцином од кој почина најбогатиот човек на светот, Стив Џобс. Кога него не го спасија, а плати милионски суми и ги ангажира најдобрите лекари на светот, дали мислиш дека кај вас ќе биде различно? Парите навистина помагаат да се остане здрав или да се излекува некој човек од канцер, но тоа се ракови на гради, матки и слично. Во вашиот случај, нема ништо да помогне“.

И оваа информација нежно му ја соопштив на татко ми, но тој не прифати и инсистираше да се оперира што побрзо, бидејќи влезе во следната фаза: Инат.

5. Инат

Иако самиот по себе инатот е лоша особина, според нашата вештина (Нинџутсу) може да биде корисна само во случај кога станува збор за борба за преживување. И кај татко ми токму тоа се случи. Го фати инат и желба да се бори до крајот.
Операцијата помина како што помина и првите денови добивме некој зрак надеж, бидејќи полека почна да станува на нозе. Но тоа не траеше многу долго….

6. Лутина

Како што времето минува, а ситуацијата не оди многу на подобро, почнува да се јавува блага лутина. Мојот татко беше лут на лекарот и на персоналот, бидејќи сметаше дека не се грижат најдобро за него. Особено откако почна да крвари при секое одење во нужда. Е тука би сакал да се задржам на една многу важна работа, која треба сите да ја знаат, Ако сте во болница и оставени персоналот да се грижи за вас, не очекувајте многу. Кој би сакал да чисти туѓ измет??? Ќе ве поминат со крпа реда ради и ќе скапувате во инфекции на кожата која ќе ви стане црвена и ќе почне ужасно да ве чеша. Затоа земавме апартман во кој ќе може и мајка ми да биде со него и да се грижи и тука веќе се виде најважната работа во животот на секој човек. ЉУБОВТА!!! Бидејќи ако сте сам и без партнер кој вистински ве сака, ќе бидете оставени на милост и на немилост на болничарите, на кои тоа им е рутина и негата ќе ви биде сведена на формалност. Но затоа, мојата мајка која цел живот го сакаше татко ми со неверојатна страст и почит, не го остави нуту еден миг без грижа. Нејзината жртва во целиот случај беше дури за неверување.

7. Понижување

Како што промените на физичко ниво напредуваат (губење сила, неподвижност, крварење, зависност за јадење, тоалет и хигиена), така болеста го напаѓа достоинството на најсуров начин. Ова кај татко ми беше најжалното нешто, бидејќи тој отсекогаш беше перфектно педантен човек. Секогаш чист, намирисан, бричен, дотеран, а сега наеднаш зависеше од други околу хигиената. Бараше да го бричиме, постојано да го чешламе, да биде облечен во чисто, а тоа кај неподвижен човек е многу тешко. Но и тука љубовта од страна на најблиските, особено од мајка ми дојде до израз и се потрудивме достоинството да му го задржиме колку што можеме повеќе.

8. Сарказам

Ова беше начудната ментална состојба во која западна татко ми, од причина што тој никогаш не бил саркастичен кон никого. Но овој монструм од болест, направи да ја помине оваа фаза.
Во неговиот случај, тој почна да губи доверба и да мисли дека го лажат луѓето кои најмногу ги сака. И тоа од психолошка гледна точка е поради фактот што татко ми никогаш не лажел и секогаш бил искрен и директен и така очекувал и од другите да бидат кон него. И токму затоа почна да станува саркастичен секојпат кога ќе се посомневаше во некого.
Последните месеци секојдневно бевме околу него и речиси се преселивме во неговиот дом. Еднаш, Ксенија му најави дека следниот ден ќе оди на кафе со другарка после школо и потоа ќе дојде и ќе седи доцна до ноќтта со него. Но татко ми изгледа не ја слушнал дека прво ќе оди на кафе и веќе следниот ден кога виде дека Ксенија (која инаку му беше посебна слабост и неизмерно ја сакаше, како сите останати внуци), почна да се сомнева дека го излажала. Кога му кажав дека прво ќе оди на кафе и дека го најавила тоа, татко кажа: Не, не кажа така. И Ксенче лаже.
Ова е нешто што тој никогаш не би го кажал.
Вториот случај се однесува на Таки. Мој ученик кој постојано ми помагаше за се и сешто низ голготата околу болеста, а татко ми многу го сакаше. Особено што, додека беше болен, Таки  доаѓаше дома да го шиша. И еден ден токму кога требаше да го потстриже, на Таки му се расипа колата и не дојде. И тогаш тато рече: Еве го и Таки лаже, Не дојде, а кажа дека ќе дојде.
Третиот случај беше најтажен. Тоа беше две недели пред да почине. Посака да види личноста која премногу ја сакаше и која не ја извади од уста цело време додека беше болен. Ми кажа да и се јавам утре и да ја викнам да ја види. Се согласив, но следниот ден дознав дека таа отишла на одмор на еден далечен остров на север. Кога му го кажав тоа, ми рече дека сака да ја види барем на слика. Откако му кажав дека сликите со неа ми се на компјутер, му отворив на фејсбук на нејзиниот профил и на една свежа слика таа беше фотографирана како се забавува со пријатели во ноќен клуб. Ме погледна и ме праша: „А знае таа дека сум болен?“. Му одговорив дека знае, бидејќи „нели еднаш дојде да те види во болница“. На што татко ми саркастично одговори: „А кога беше оследен пат кај нас, рече дека веќе престанала да пие. И она лаже“.

9. Аманет

Тука веќе болниот почнува да дава насоки, задолженија и да остава аманети што да правиме после него. Мене ми кажа три работи:
1. Да си насадиш лукче, кромидче, пиперче и патлиџанче во бавча, да имаат децата во секое време да си скинат.
2. Да не дозволиш да се запусти куќата во село. Да имаме најубав двор и да се одржува целиот имот.
3. Немој да останеш сам. Смири се со ….. и сакајте се до крајот животот.

Веднаш се согласив, иако знаев дека третата желба тешко ќе му ја исполнам. За љубов се потребни двајца, а јас сум веќе изморен од лаги и празни ветувања. Но оставив отворена врата, само колку да се обидам да го исполнам аманетот….

9. Предавање на смртта

Последната фаза е престрашна да ја опишам што се се’ случува на физичко ниво. Крварење од сите страни, гноеви, неконтролиран измет, течности насекаде. Тешки мириси низ станот и ужасен очај, страв, бес, лутина кај сите блиски. Страдањето е се поголемо, а болниот се предава на болеста целосно и се бори да преживее од ден за ден, но не се надева воопшто дека тоа долго ќе трае. Тука ќе прекинам, бидејќи тоа што следува е премногу тешко и да се мисли на него, а камоли да се напише.

Цело време додека траеше борбата и страдањето би ја издвоил храбоста на татко ми, иако не го очекував тоа на почетокот. Татко се покажа како извонреден храбар и силен борец, многу посилен од сите нас кои постојано се тресевме над него.

И уште една работа која ја покажа неговата големина дури и во најтешките момненти на психофизичките промени што ги доживеа. Кога и да го прашавме како е, тој кажуваше дека е добар. Не сакаше да се нервираме за него.
Во една ситуација кога почна да губи здив, ги избркав Косара (ќерка ми) и Ирена (сестра ми) во соба, мислејќи дека доаѓа крајот. Го земав во прегратка, но за среќа за кратко време почна повторно да дише. По пет минути ги викна Косара и Ирена до него и им кажа: „Немојте воопшто да се плашите. Нема ништо да се случи, само еден вампир помалку“.

Најмили мои. Бидете среќни дека сте здрави. Бидете скромни и сакајте ги сите кои ја заслужиле вашата љубов. И не заборавајте. Здравиот има илјада желби, а болниот само една – да оздрави!

Западна психологија VS Источна психологија

Живееме во ултра брз свет во развој што е невозможмо да се следи, отуѓени од семејството и преокупирани со обрски кои не ни дозволуваат да комуницираме со најблиските од опкружувањето. Резултатот на тоа е се повеќе луѓе со психози и психички пореметувања, кои спасот го наоѓаат во западната медицина и користењето на услугите од психолозите и психијатрите.
Меѓутоа, пред да продолжите да го читате овој текст, Ве молам прво изгледајте го ова видео направено на една конференција на психијатри во 2006 година, каде еден новинар ги прашува околу успехот на лекувањето на нивните пацијенти, а тие искрено одговораат дека бројот на излекувани пацијенти се движи од нула до еден излекуван. Најискрениот од нив признава дека ниту еден човек со болна психа не може никогаш вистински да се излекува.

Откако го изгледавте видеото, дозволете да Ви објаснам нешто подлабоко, со надеж дека овој текст, барем на еден од Вас ќе му помогне.

Западна психологија

Денес во модерниот западен свет кон кој се стремиме, веќе е многу нормално луѓето да го бараат спасот кај психолозите, мислејќи дека тие можат да ги извлечат од проблемите во кои западнале, а кои најчесто се сведуваат на проблем со сопруг/сопруга, родител/дете, партнер/партнерка и поретко проблеми поврзани со работата. Нормално, тука во овој текст нема да се осврнам на проблемите настанати поради повреди, насилство, незгоди и анксиозност предизвикана од болести, бидејќи тие се друга категорија која си бара посоодветен третман и различен пристап.

Во западниот свет, тоа отприлика изгледа вака. Вие плаќате соодветна сума пари на непознат човек кој што завршил четири години факултет, при што тој ги слуша околу еден час (во зависност колку сеанси ќе платите) Вашите проблеми, при тоа поставувајќи Ви прашања и давајќи ви толкувања кои најчесто се плод на неговото досегашно или лично искуство, како и психолошки совети како да го надминете проблемот. Меѓутоа, психологот обучен според учењето на западните правци на психологијата, најчесто тргнува од фактот дека Вие сте клиентот кој плаќа, а тој е должен да Ви помогне да го надминете проблемот. Бидејќи по автоматизам се става на страна на клиентот (тој што плаќа), тој не се труди да ја најде вината и причините кои Вие ги носите со себе, а кои најчесто се производ на траумите од детството, туку ја бара причината во тој кој Вие (според Вашето субјективно гледиште) го наведувате како причина за Вашиот проблем. Не можејќи да ја слушне и другата страна, психологот се става во заштита на клиентот (тој што плаќа) и се труди да го „спаси“ преку совети како да стави крај на односот што „му нанесува“ штета. Оттука, на сите Ви се познати термините на „токсична врска“, една многу честа дијагноза која нема никаква допирна точка со вистинската наука, меѓутоа моќно звучи и дава надеж дека со едноставно прекинување (пресекување) на истата, ќе се решат и проблемите на клиентот. Така, психологот секогаш ќе Ве охрабри, ќе се обиде да Ви го напумпа егото, ќе Ве подучи дека треба да заборавите што било, да почнете нов живот, да свртите нова страница, да се оддалечите од Вашите најблиски (родител, дете, партнер, сопруга, пријател) и дека тоа е лекот на Вашиот проблем. При тоа, ќе Ви дава огромна поддршка, ќе Ви зборува како сте Вие во право, како другиот треба да се смени, ќе Ви ја билда самодовербата, се со цел да Ве натера да бидете посилни и похрабри во Вашите одлуки. И? После ова најчесто сте подготвени да продолжите со втората фаза од лекувањето, бидејќи првата најчесто има краткотрајни ефекти. Ќе се оддалечите од луѓето кои „Ве токсицираат“ се додека не забележите дека истите проблеми се појавуваат и понатаму, дека тоа не е решение на проблемот, за на крајот да завршите на психијатар, кој ќе ве лекува преку одредени лекарства и терапии, за кои како што се изјаснија господата од видеото погоре – всушност и не лекуваат. А зошто? Затоа што никој не ја бара вистинската причина која секогаш лежи во Вас, туку Ви дава лажна надеж дека се ќе биде во ред доколку ја смените Вашата околина или ја земате редовно пропишаната терапија, која всушност има само една улога, а тоа е да ги затупи Вашите чувства и сетила и да ја замагли вашата свест. Вие всушност внесувате еден вид дрога во Вашето тело (мозок) која прави огромна штета и Ве менува како личност. Во составот на лекарствата кои најчесто ги препишуваат психијатрите, основни компоненти се Бенседин, Прозепам и други. Доколку ги погледнете и проучите механизмите на делување на супстанците кои ги внесувате и ги прочитате несаканите појави при користењето од нивната честа и долготрајна употреба, ќе ја разберете опасноста од нивното користење. Така, за прозепамот ќе дознаете дека може да предизвика пореметување на сонот, зголемена акнсиозност (неоправдан страв, најчесто од болести и смрт), честа промена на расположението, пореметена перцепција кон надворешниот свет, чувство на губење на сопствениот идентитет (кој впрочем никој и никогаш не може да Ви го одземе), итн. Сето ова би требало да Ви го објасни ставот на психијатрите изразен преку видеото погоре. Тие никого не лекуваат, туку ги затупуваат чувствата и ја замаглуваат свеста, правејќи од Вас еден вид зомби кое продолжува да живурка со една главна цел – да ја снема или да ја намали душевната болка која знае да биде најсилна од сите други.

Источна психологија

Источната психологија има многу длабоки корени и воглавно се потпира на филозофските учења на будизмот. Источните психолози нема да бараат од Вас да почнете со раскажување на Вашата лична приказна преку кажување на проблемите кои Ве донеле кај нив, ниту пак ќе ве тераат да ги „вадите валканите алишта“ од Вашиот приватен живот. Тие не се концентрираат на луѓето кои Вие ги наведувате дека се предизвикувачи на Вашите животни проблеми, туку ќе се концентрираат на Вас, со желба да Ве научат техники кои ќе доведат до ваше исцелување. Ова е важно бидејќи тие многу добро знаат дека доколку Вие не успеете да ја смените сопствената свест и да ги откриете и признаете вашите слабости, никој друг нема да може вистински да Ви помогне (без лекарства за затупување на свеста). Единствените прашања за минатото, можат да се однесуваат за Вашето детство, бидејќи источните психолози веруваат дека токму траумите од детството се тие кои ја формирале Вашата свест и Вашата личност односно дека тие потиснати стравови од далечното минато се тригерот за Вашето однесување во сегашноста. Тука е особено важно да се дознае кој бил доминатниот родител во семејството, а потоа да се дознае како неговото влијание во семејството има извршено и влијание врз клиентот. Потоа пацијентот ќе се соочи дека додека бил дете, растел со постојано уверување дека кога ќе порасне ќе биде сосема спротивно од моделот на неговиот родител кој несакајќи му ги нанел тие трауми, но за жал, најчесто тој несвесно го инхибира и го копира односот од доминантниот родител во својата свест и се повеќе низ годините почнува да наликува на него и да ги прави истите грешки. Ова особено се отсликува преку одност кон својот партнер со што се јавува тешкотија да се усогласи со различните ставови и погледи, бидејќи недостасува истата флексибилност која родителот ја немал кон својот партнер, а која е неопходна за една здрава и долготрајна врска. Кажано просто, доколку детето не го гледа својот родител како изразува љубов кон својата сопруга/сопруг (партнер/партнерка), како спијат заедно, како се држат за рака, како се попустливи и флексибилни, нежни и внимателни еден со друг – тогаш најверојатно и детето истите навики ќе ги вреже во својата свест и ќе се одразат во подоцнежните години кога личноста ќе основа своја врска/семејство.

Да се вратиме на техниките на источната психологија. Откако психологот/психотерапевтот, ќе го натера клиентот да си ги согледа сопствените слабости и грешки и откако ќе му објасни кои се причините за истите, почнува процесот на исцелување, кој наместо оддалечување од личностите, најпрвин почнува со обид за разговор и усогласување околу ставовите, погледите, но најчесто со совет за зголемена флексибилност, со безотпорност, со пристап да се победи сопственото его, да се отрфли инатот и тврдоглавоста – по принципот „ти биди во право, а јас ќе бидам среќен“. Но ова е само почеток. Потоа следуваат совети и практики за чести посети во природа, прошетки во шума, медитации, јога вежби и обезбедување внатрешен мир преку практицирање на некој вид уметност, опуштање преку музика, чајни церемонии, аранжирање икебани, плетење (во последно време метод кој дава одлични резултати во Јапонија), Ваби-Саби (наоѓање перфекција во неперфекцијата)  и други вештини кои обезбедуваат „менување на свеста“, но не преку хемија (лекарства), туку преку „ангажман на мозокот“ со цел да се доживее личен развој и трансформација. Со еден збор, источната филозофија не Ви го потхранува егото кое секогаш во Будизмот се смета за најголем непријател на внатрешниот мир, не ја бара вината во никого, не ги смета за релевантни Вашите субјективни искази, туку Ве соочува со вашите стравови и Ве учи како со прифаќање на ситуациите и преку наоѓање внатрешен мир, самите да ја лекувате Вашата психа. Тие сметаат дека само Вие можете да си помогнете самите на себе, а тие само ќе Ви ги покажат техниките (начините).

Откако го прочитавте текстот и дознавте за разликите меѓу западната и источната психологија, време е да одлучите што е подобро за Вас, но најважно од се е да ја разберете ранливоста и кршливоста на психата.

Тука, би сакал да се извинам на сите мои ученици кои денес се успешни психолози и имаат свој „бизнис“ или работат во јавното здраство. Можеби некои од нив ова ќе го сфатат како напад врз нивната професија, но ги молам да имаат разбирање и кон „источната школа“ која е предмет на мојот интерес и да разберат дека различните пристапи се потребни, а различното мислење е дозволено се додека дава резултати. Еве ова нека биде само мое лично гледање и сознание, но базирано врз моето огромно искуство со стотиците луѓе на кои сум им помогнал со користење на техники од источната филозофија. На крајот, сетете се дека и Вие уште додека бевте студенти и потоа, вртевте со мене кругчиња низ патеките на Аеродром зборувајќи за Вашите проблеми и дека моите совети Ви помогнаа да бидете денес тоа што сте.

Тука сум и понатаму за сите Вас кои имате потреба од разговор, совет, исцелување.

Ваш, Довезенски

БЕЗ ДИСЦИПЛИНА НИЕ СМЕ РОБОВИ НА СВОЕТО РАСПОЛОЖЕНИЕ

Интервју со единствениот Нинџутсу учител во Македонија – Игор Довезенски

БЕЗ ДИСЦИПЛИНА НИЕ СМЕ РОБОВИ НА СВОЕТО РАСПОЛОЖЕНИЕ


Последното интервју со вас имаше огромна читаност, бидејќи секогаш имате нешто интересно да споделите со нашите читатели. Се надевам дека и сега ќе можеме да уживаме во разговорот со вас.

Јас не мислам така, бидејќи човек со ригидни ставови не би требало да е многу интересен за широките народни читателски маси. Но ќе се обидам повторно да кажам нешто корисно.

Последната година бевте многу активни. Редовно ја следам работата на вашето Доџо Буџинкан Македонија и забележав дека одржавте неколку меѓународни семинари, а бевте и во Јапонија во посета на Хомбу Доџото односно во седиштето на организацијата Буџинкан.

Оваа година успеав дури два пати да ги посетам учителите во Јапонија и да учам од нив, што ми причинува особено задоволство, бидејќи како што неколку пати веќе сум кажал, водата е најчиста при самиот извор. За време на престојот имав по неколку тренинзи во текот на денот, а при второто патување со мене беа и моите ќерки, кои го осетија духот на Нинџутсу токму во земјата од каде што е родена оваа древна вештина.
Што се однесува до семинарите, ги имаше многу, повеќе домашни, а како и секоја година традиционално предавав во Србија и во Турција. Морам да признам дека оваа година динамиката беше малку намалена, но повеќе поради мои лични обврски на приватен план, но верувам дека следната година ќе продложиме со нашата позната ултра динамика.

Во еден наш разговор пред неколку години ве прашав зошто еден ваков мајстор како вас, кој е толку многу меѓународно ценет  и признат, не е толку познат во сопствената земја?

Истиот одговор од тогаш ќе го дадам и денес. Ништо не е сменето. Тоа е кодот на македонскиот народ. Тоа е нашето проклетство од кое не можеме да избегаме. За нас секогаш туѓото ќе биде подобро, а за нашето никогаш не се грижиме да го заштитиме и да го сочуваме. Но секогаш останува онаа мала надеж дека ќе дојдат генерации кои ќе почнат да си го почитуваат своето и да се гордеат со него. Се разбира, доколку успееме да преживееме како народ, со оглед на лошиот Пат што сме го фатиле.

Следејќи ги вашите објави на Фејсбук сум забележал дека многу ја сакате уметноста. Цртате јапонска калиграфија, пишувате поезија, книги и стрипови, пеете, продуцирате документарни филмови кои самите ги монтирате и режирате, направивте цела јапонска градина во Македонија, изработувате дрвени куќички во дворот на вашето Хомбу Доџо, сам правите традиционални јапонски оружја од дрво и метал, па би сакал да ве прашам – има ли нешто за што не ве бива?

Малку ја претеравте. Да не кажам многу. Јас ја сакам уметноста, меѓутоа сето ова што вие сте го забележале на моите постови, јас го сметам само како обид за уметност односно обид за создавање. Тоа што јас го објавувам се најдобрите примероци и успеси. Да не ви кажам колку многу песни сум избришал, колку цртежи сум искинал и колку пати сум се разочарал од своите креации, бидејќи верувам дека можам многу подобро од тоа. Животот на социјалните мрежи е сосема различен од реалниот. Би сакал да ги правам работите многу подобро, а кога веќе ме прашавте, а би било културно од мене да дадам некаков одговор на вашето прашање, сакам јавно да признаам дека многу ми е криво што никогаш не научив да свирам на некој музички инструмент. Ете тоа ќе го заокружеше мојот обид да создадам некаков креативен круг околу мене, меѓутоа најверојатно сум голем антиталент, штом ми останала неостварена таа желба.

Ајде малку да ве прашам за вашите тренинзи, за тие кои не знаат за вас. Каде сте лоцирани во моментот и кои вештини можат да се вежбаат кај вас?

Во моментов се наоѓаме кај Три Бисери во населбата Аеродром, а секако многумина го знаат и нашето Хомбу Доџо кое се наоѓа во долината на планината Липац. Нашето Доџо е едно од постарите во Македонија односно постоиме од 1995 година и оттогаш не се случило да ги затвориме вратите ниту на еден ден. Работиме во текот на целата година, интензивно и посветено, а претставници сме на Нинџутсу организацијата Буџинкан која е предводена од страна на д-р Масааки Хатсуми, како и на меѓународната организација ДаитоКан, при што ја претставуваме древната самурајска вештина Даито рју Аикиџуџутсу, позната како „мајка на Аикидото“. Освен тоа, во нашето Доџо може да се вежба и Јапонска Јога (Шиноби Таисо), а наскоро планираме да почнеме со јапонска масажа (Анма) со цел да им помогнеме на нашите сограѓани кои страдаат од болки во телото. Секако, имаме и други активности, но да не должам, вашите читатели можат да читаат за нас на www.koryu.mk

Ајде малку на приватен план. Имате три деца кои минуваат низ пубертет. Како е да се биде татко на тројца тинејџери?

Предизвикувачки. Секое од нив си има свој карактер и веќе си ја градат личноста. Морам да признам дека во минатото бев претерано строг и грижлив, плашејќи се кој Пат ќе го фатат во животот, но сега кога потпораснаа, веќе попуштив и целосно се сменив. Стекнав доверба и мислам дека најтешките предизвици ги поминавме, па така сега веќе можат да уживаат без стеги. Сите тројца се бунтовни, но јас сум меѓу ретките родители кои поддржуваат бунтовност, бидејќи ништо ново не се раѓа на планетава без бунт. Самата планета е создадена од експлозија. Животот на земјата е создаден поради бунт на примитивните форми на живот и нивната желба да бидат подобра верзија. Сите историски фигури кои направиле промени во општеството биле бунтовни и токму затоа се случиле промените по кои ги познаваме денес. Мислам дека јас сум заслужен за бунтовноста кај моите деца. Не само поради тоа што ги наследиле моите гени, туку старите учители велат дека строгите родители раѓаат бунтовници. Причината претпоставувам ја разбирате. Секако, јас сум многу нежен и грижлив како татко и сите што ме познаваат дури ме прекоруваат за тоа, меѓутоа сум строг во однос на нивната дисциплина и посветеност. Тие две работи отсекогаш сум ги форсирал кај нив. Ова затоа што сум уверен дека само дисциплината и посветеноста можат да те направат среќен и слободен, бидејќи без нив ние сме робови на своето расположение и на своите страсти. Најверојатно ова ќе биде тешко за многумина да го разберат, па затоа се трудам да го одржувам ова интервју во некои „нормални рамки“.

Какви се вашите планови за следната година? Дали планирате повторно да заминете во Јапонија?

Секако, многу одамна си зададов задача дека најмалку еднаш годишно ќе ја посетам Јапонија поради тренинг со моите учители. За следната планирам да отпатувам на есен односно после нашиот летен нинџа камп. Што се однесува до плановите, морам да кажам дека тие се тесно поврзани со моите ученици. За да ги исполнам зададените цели на моето Доџо, морам да ја имам нивната поддршка. Се надевам дека таа ќе продолжи како и досега, се разбира доколку се уште ја заслужувам. Следете не’ како и досега, мислам дека може да се очекува возбудлива година за Буџинкан Македонија.

На крајот би ве прашал, што според вас е главниот двигател во светот?

Љубовта, секако. Без двоумење ќе кажам дека сите достигнувања во животот не се доволни да ја заменат љубовта. Тука не мислам на љубов кон сопствените деца која е задолжителна, природна и неизбежна. Ниту љубов кон татковината, која е вродена. Ниту за љубов кон работата како што некои знаат да кажат, бидејќи доколку не ја сакате работата што ја работите треба веднаш да ја напуштите. Зборувам за љубов кон партнер/ка која може да го затвори кругот на сето друго што сте постигнале за време на вашето битисување. Децата еден ден ќе пораснат и ќе си заминат по својот Пат. Таковината ќе продолжи да живее и без Вас. Работата треба да ви слугува вам, а не Вие на неа и како таква не заслужува да се спомене. Меѓутоа љубовта е нешто што раѓа енергија, убави чувства и дава сила да се живее среќно и осмислено. Иако не сум религиозен, тука би ја цитирал најубавата љубовна песна на сите времиња, напишана од Свети Павле во првото посланије до Коринтјаните:

„Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.

Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум.

И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори – штом љубов немам, ништо не ми користи.

Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, се`извинува, во се`верува, на се`се надева, се`претрпува.

Љубовта никогаш не престанува, а другото, ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици – ќе замолкнат; ако се знаења – ќе исчезнат. Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме, а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.

Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското. Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат.

А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“!

Ви благодарам многу за одвоеното време.

Ви благодарам за можноста, со надеж дека нема да бидам досаден на вашите читатели додека го читаат ова интервју.

***************************************************************

Ова интервју со Игор Довезенски е правено на 29 ноември и објавено на 2 декември, 2024 година, во единствениот македонски портал за боречки вештини ипон.мк

Македонски Дух

Никогаш нема да успееме да бидеме ветена земја и достоинствен народ доколку не развиеме нешто што јас го нарекувам „Македонски Дух“. Затоа што благосостојбата бега од луѓе кои се полни со злоба, со завидлук, кои озборуваат и кои сејат омраза. Среќата е недостижна за народ кој ги учи децата уште од мали како да љубоморат на туѓата среќа, како да ја уништат слогата таму каде што ја има, како да го сопнат поуспешниот од себе. Мирот во душата не царува таму каде што се озборува, каде што се набедува, каде што се клевети. Нема хармонија во заедница во која децата се хушкаат против родителите и браќата против сестрите или обратно. Нема држава вредна за почит во која народот се подбуцнува еден против друг и во која предавството не се третира како најстрашен и најужасен чин.

Токму затоа ни е потребна нова преродба преку која ќе почне воспитувањето на децата од најмала возраст. А тоа воспитување треба да почне од родителите, преку наставниците, преку учителите и преку медиумите. „Македонскиот Дух“ треба да биде синоним за морални вредности кои ќе бидат сосема спротивни од сите погоре наведени слабости и негативности. Морални вредности кои ќе обезбедат слога, лојалност, патриотизам, храброст, воинство, правдина, работливост, заедништво, добрина, широкоградост, хармонија, љубов.

Јас нема да доживеам да го видам процутот на „Македонскиот Дух“, меѓутоа се надевам дека моите ученици преку своите деца и преку нивните ученици ќе го растат семето на преродбата и еден ден „Македонскиот Дух“ ќе биде синоним за сите морални вредности кои еден народ може да ги поседува. И тој дух нема да биде само доблест за нашиот народ, туку ќе може да го поседува и било кој друг што сака да биде подобар и поуспешен. Слично како кога за некој што не е Швајцарец ќе се каже дека е „Прецизен како Швајцарец“ или дека „Работи напорно како Германец“.

Веќе гледам како многу од вас се потсмеваат на мојата утопистичка замисла и тоа секако ми е пресметан ризик и можете слободно да ме наречете „непоправлива будала“, но истовремено таквиот ваш став ми е показател колкумина од Вас не’ го поседуваат и никогаш нема да го развијат „Македонскиот Дух“ во себе.

Емоциите не помагаат

На неделното тестирање за „Начините на зимско преживување“, семпаи Влатче повторно не успеа да положи. Колку и да се надевавме, колку и да навивавме, колку и да посакувавме успешно да ја заврши оваа задача – едноставно неговата заложба не беше доволна за тоа да се случи. Кога си Учител на толку добар и посветен ученик како што е тој, знае да биде тешко јавно да соопштиш дека „паднал“ на испитот.

И само што тргнавме кон локацијата каде што се наоѓаше (полагаше) семпаи Мики, дотрчаа до мене Косара и Ксенија и веднаш ми кажаа „Тато, нас ни е многу жал за Влатче“. А јас веднаш им одговорив:

  • И мене ми е многу жал. Особено кога ќе видам разочараност на неговото лице и во неговите очи. Меѓутоа емоциите нема да му помогнат да биде подобар во тоа што го прави. Напротив, само ќе го омекнат и ќе го излажат дека е доволно добар. А вака, со тоа што „го бутнав“, тој уште повеќе ќе се труди, уште повеќе ќе сака да се докаже, уште повеќе ќе даде се од себе за да ги (до)совлада вештините за зимско преживување. Колку повеќе ќе се обидува, толку подобар ќе биде на крајот. Затоа емоциите не помагаат. Ако некого навистина сакаш, научи го да биде најдобар. Не попуштај му се додека не го прави тоа што треба да го прави на најдобар начин. Емоциите ќе ги чуваме кога некому навистина ќе му треба помош. Но кога му треба усовршување и напредок – тогаш нема место за емоции.

Икигаи 生き甲斐 (Причина за постоење)

Застанат на највисокиот камен на врвот на Липац и загледан во златните полиња на Средорек во пауза помеѓу два тренинга, размислувам дали достојно сум ги извршил само-поставените цели во мојот живот.

Во основа, Икигаи 生き甲斐 треба да даде соодветен и позитивен одговор на следните прашања:

1. Дали сум целосно посветен на мојата страст за Кобудо (класични јапонски боречки вештини)?
2. Дали ги исполнувам моите цели во животот?
3. Дали сум задоволен од животот?
4. Дали ги достигнав моите очекувања?
5. Дали сум тоа што јас сакам да бидам во животот?
6. Дали сум искрен кон себе си?
7. Дали ги поседувам вистинските вредности?
8. Дали правам корисни работи за општеството?

Обидете се некогаш и Вие. Застанете на некое посебно место за Вас, далеку во природата и поставете си ги овие прашања. Размислете дали поседувате некои од доблестите кои ги поседувале јапонските самураи и пронајдете го одговорот кој ќе Ви помогне да го трасирате Вашиот Пат.

И така загледан во далечината, Петарче бесшумно се прикрадол зад мојот грб и ја направил оваа фотографија која уште еднаш ова утро ме натера да размислувам за моите животни постапки.

Икигаи. Причина за постоење.

Корона (Ковид-19)

Корона (Ковид-19) – единствена тема за разговор. На телевизија, на социјални мрежи, во домот. Државата е парализирана, економијата во застој. Се повеќе забрани, се повеќе закани. Стравот и паниката го надвладуваат нормалниот начин на размислување и на делување. И најстрашно од се – луѓето околу мене почнаа да го прифаќаат ваквиот начин на постоење. А мене ми доаѓа силно да викнам: „ВРАТЕТЕ СИ/НИ ГО НОРМАЛНИОТ ЖИВОТ. НЕ ПРИФАЌАЈТЕ НИШТО ПОМАЛКУ ОД ТОА ШТО СТЕ/СМЕ ГО ИМАЛЕ“.

Добив покана за некаков си Фејсбук настан за излегување на балконите и ракоплескање за министерот кој „добро се справувал со пандемијата“. И веднаш ми текна кога пред неколку месеци татко ми отиде на специјалист-уролог, откако матичниот лекар му напиша упат, а поради болки во долниот дел од стомакот. И така стариот мој влегол во ординацијата, а лекарот му кажал да си замине дома и да дојде после половина година. На прашањето зошто, тој му одговорил на татко ми „дека бил здрав“ (од око се гледало тоа) и дека сите термини биле закажани за поитните случаи. Ете, специјалистот како баба Ванѓа (од око) ја проценил здраствената состојба на пациентот.
Пред три недели мојата партнерка се попари со врела вода на ногата и и се излупи кожата. Отидовме во Градска болница и љубезната сестра (и докторка) кои беа на смена одлично не примија. Меѓутоа, ни кажаа дека им недостасувал некој специјален завој кој требало да се купи од аптека, бидејќи болницата го немала.
И сега, Вие организирате ракоплескање за Министерот, кој како и неговиот претходник, целосно го срози здраството во државата. И тоа само затоа што излегува на телевизија и најавува нови забрани и построги казни за нивно прекршување. А сте се запрашале колку респираторни машини набавил досега? Дали болниците ги имаат сите неопходни апарати и медикаменти? Дали се изгради некоја нова амбуланта или здраствена установа?
Тоа е се што треба да знаете за нас Македонците. Ние кратко паметиме. Ние сме тешки мазохисти. Се палиме на зборови, забрани и казни. А делата никаде ги нема.

Јас ќе излезам на балконот и ќе ракоплескам за сите оние медицински сестри и лекари кои за мизерни плати го ризикуваат својот живот за да помогнат на обичните граѓани. Ќе излезам и ќе ги подржам продавачките во маркетите кои за мизерни плати секојдевно се трудат да воспостават ред на касите кои се пребукирани од исплашените соседи. Ќе ракоплескам за работниците во сите сектори кои ни овозможуваат некаков си минимален нормален живот во овие хистерични времиња. Меѓутоа нема никогаш да излезам и да ракоплескам за политичарите кои со огромни примања од државната каса излегуваат пред екраните и ќаруваат ефтини предизборни поени.

Кога сме кај политичарите. Размислуваат ли како ќе ги прехраниме своите деца доколку продолжиме да седиме дома и доколку не сме во можност да заработуваме? Што е се нашите сограѓани-уметници, кои заработуваат продавајќи го својот талент и кои мора да излезат од дома и да работат во затворените музеи, кафулиња или други јавни простории? Кој ќе ни ги плати сметките? Како ќе се исплатат плати доколку локалите не работат?

Треба да внимаваме и да бидеме одговорни со цел да го спречиме проширувањето на вирусот. Но и да внимаваме да не ни ја земаат СЛОБОДАТА и ДЕМОКРАТИЈАТА затскривајќи се зад некакви си закони кои се донесуваат и се почитуваат (само за време на) во кризни ситуации.

Уесуги Кеншин

Пред 490 години, поточно на 18-ти февруари во 1530 година, роден е Уесуги Кеншин. Тој е запомнат како еден од најмоќните и нај импресивни Даимјо на периодот Сенгоку Џидаи. Меѓудругото, Кеншин е познат и како еден од најсериозните противници на напорите на Ода Нобунага за превласт во Јапонија. Уесуги Кеншин се родил како четврт син на Нагао Тамекаге. По смртта на неговиот татко и борбата за власт помеѓу неговите браќа, што довело до смрт на еден од нив, Кеншин на седумгодишна возраст бил испратен во храм. На 14 годишна возраст, верните придружници на неговиот татко го замолиле да го смени неговиот брат, кој што бил сметан за лош администратор и неспособен водач. Во 1547 година Кеншин односно Кагетора како што бил нарекуван, го протерал својот брат и продолжил успешно да владее со земјата која што била освоена и наследена од неговиот татко.

Познат како „Змејот од Ечиго“, Кеншин е запаметен и по неговото долгогодишно ривалство со соседниот Даимјо – Такеда Шинген. Кеншин и Шинген се судриле пет пати кај полето Каванакаџима, од кои што четвртата битка (во 1561 година) биле најкрвава од сите судири. Во историјата се изучува како „Битката за Каванакаџима“. За време на судирот, Уесуги Кеншин качен на коњ се пробил до главниот воен штаб во кампот на Такеда Шинген и лично се судрил во борба со својот непријател. Седнат на своето камперско столче, Шинген ладнокрвно со својата командна палка (лепеза) ги изблокирал сите напади со меч на Кеншин, при што на неговата лепеза биле зачувани дури седум засеци од катаната на противникот.

Во 1573 година, гласниците го известуваат Кеншин за смртта на Такеда Шинген, при што тој почнал да плаче на сиот глас, жалејќи ја загубата на достоинствениот и благороден противник.

Кеншин исто така останал запомнат и по неговите брилијантни воени вештини, но и по неговиот чесен однос на бојното поле (но и надвор од него). Меѓутоа, по смртта на неговиот голем ривал Такеда, почнал многу да пие алкохол.

Овој брилијантен генерал на неколкупати се обидувал да го порази Ода Нобунага. Тој ја победил неговата војска во 1577 година, при битката на Теодоригава, а потоа спремал уште неколку кампањи, меѓутоа уште пред почетокот на акцијата добил мозочен удар (9 април, 1578 година). Четири дена подоцна починал.

Иако во официјалните записи за неговата смрт се наведува мозочниот удар кои наводно бил предизвикан поради рак на стомакот, многумина верувале дека врз него бил извршен атентат од страна на Нинџа кој се криел под тоалетот и го прободел низ дебелото црево со кратко копје.

Како и да е, посмртната поема на Уесуги Кеншин засекогаш ќе остане:

四十九年一睡の夢 一期の栄華一盃の酒

„Четириесет и девет години минаа како сон во ноќта. Величенственоста на Животот изчезна како чаша саке“.

Македонија - идеја која (ќе) живее

– Тато, а зошто некои коли на табличките имаат ознака НМК?
– Тоа се истите оние кои претходно со налепници ја покриваа ознаката МК.
– Тато, а дали мораше да се смени името на нашата земја?
– Секако дека не. Но без грижа дечиња мои. Набрзо и тие кои го подржаа менувањето, ќе се срамат од своите постапки. Верувајте ми, ќе дојде денот кога ќе им биде срам да одат по улица. Ќе се кријат од срам во глувчешки дупки. Ќе бидат исмевани додека се движат низ градот. Но Вие не смеете да ги мразите. Не смеете никого и никогаш да мразите. Омразата е болест која раѓа насилство. Не смеете никогаш да подржувате насилство. Тие ќе бидат доволно казнети со тоа што ќе бидат гледани со очи полни со презир.
– Тато, а што е тоа презир?
– Презир е кога некого го гледаш со потценување, со омаловажување.
– Ќе се врати ли некогаш нашето име Македонија, тато?
– Името Македонија е врежано во срцето на секој Македонец. Македонија не е само име на државата во која живееме. Македонија е идеја. Ниту едни пари, ниту било каква репресија или закана можат да ја уништат идејата. Таа живее во нашата свест. Затоа е неуништлива. Затоа Македонија засекогаш ќе постои и ќе опстои. Македонија е народот кој живее во оваа земја. Македонија сте ти и Петар и Вашата сестра Ксенија. Македонија сме сите ние кои ја сакаме, кои ја чуваме и кои го негуваме нејзиниот јазик, нејзината култура и традиција.
И запомнете. Македонија е љубов. Се додека Вие ја пренесувате љубовта на Вашите деца и внуци, како што тато Ви ја пренесе Вам – Македонија ќе живее. Вие сте љубов, Вие сте Македонија. Нека се срамат тие кои за власт, за пари, за позиција и за моќ ја прододоа. Ќе бидат исмевани и омаловажувани засекогаш. А Вие ќе бидете горди Македонци. Полни со љубов кон сите. Па дури и кон тие кои се обидоа да ја уништат најсветата идеја.

 

Лицемери (кон природата)

Секоја година одржуваме по неколку семинари за Преживување. На тие специјализирани настани ги учиме луѓето како да преживеат и да спасат животи на лица кои случајно се загубиле во природата или биле принудени да се засолнат. За време на тие обуки, за жал мораме да одземеме неколку животи на животни, со цел да демонстрираме како може да се преживее доколку некој заталка во див и суров предел. Најчесто убивме по некоја змија, жаба, риба или желка. Го правиме тоа со емоции, со најголема почит и со благодарност дека можеби некогаш ќе помогнат за една друга кауза. Да спасат човечки животи!

И од време-навреме, некој „душегрижник“ ќе ми пише во инбокс критика, па дури и навреда, дека јас не сум ја сакал природата, дека не сум го ценел животот, дека не сум ги сакал животните.

Дали Вие кои речиси секој ден јадете скара, сендвичи, сувомеснати производи, Ве прави поголеми од мене, ако Ви кажам дека јас речиси и да не јадам месо, освен тие неколку дена во годината кога имам семинар за преживување?
Дали Вие кои користите паста за заби (и други хигиенски средства), за чие производство (ако не сте знаеле) се користат животни, Ве прави подобри од мене – кој користи само органски пасти (и други хигиенски средства) направени само од растителна основа?
Дали Вие кои пиете алкохол за чија дестилација се уништуваат шуми кои се засолниште на многу животински видови Ве прави похумани од мене – кој не пие алкохол?
А дали Вие кога одите во природа носите десетици пластични вреќи за да го соберете целиот отпад кој несовесните го оставаат зад себе, како што тоа јас го правам секој викенд?
Дали Вие сте си поставиле за цел да засадите пет дрва неделно како што сум си поставил јас и го правам тоа веќе 20 години?
И можам да Ви набројувам до утре и да Ви докажам колку сте Вие лицемерни и лажно загрижени поради немањето желба да ги разберете законите на природата.
Тоа што јас во годината ќе изедам три змии, 10 жаби, три желки и 20 риби, не ме прави убиец. Јас не го нарушувам балансот на природата, туку го подржувам секојдневно.
Затоа Ве молам следниот пат, пред да ставите некое ќебапче или пршутче во уста, или пред да се напиете алкохол, сетете се на страдањето на животните и на природата кои (преку мене) ги жалите. Сетете се дека Вашата алчност и стрвност ги држи затворени во нехумани услови, дека ги хранат со секакви стероиди за прерано да пораснат и дека на најсуров начин ги колат по кланиците. Помислите на тоа дека Вашата потреба за храна и дека Вашиот хедонизам ги уништува истите оние шуми (дрвја) кој јас ги садам и за кои се грижам, додека Вие пиете коктели и виски по кафулињата.
И тогаш сетете се дека тие десетина мали животинки кои сум ги уловил под фер услови и со голи раце додека слободно живееле во природата, сум ги убил на колку што може побрз и побезболен начин и за секое од нив сум пуштил солза и сум се поклонил како да се најголеми божества (за мене сè). Во исто време Вие не сте ниту свесни дека за само еден месец сте придонеле да изумрат неколку пилиња, телиња и останати цицачи кои во себе имаат крв, месо и душа.

Толку за ова. Дегутатно ми е дури и да објаснувам. Лицемерието не ми била силна страна. Никогаш!