Празници

Празниците поминаа. Време е да се враќаме во нормала, а тоа за нас подразбира напорен тренинг. Интензитетот полека ќе се подигнува, а знаењето ќе се продлабочува. Почнуваат и семинарите во природа. Тие се неизбежни за сите сериозни воини.

Во новава година посакувам да бидете редовни на тренинзите со цел да не се појавуваат дупки во Вашето знаење. Часовите се „врзани“ еден со друг. Испуштената лекција потешко се надокнадува. Пополека ќе го стартуваме и блогот. За почеток, една стара тема, која не треба да се зафрли и заборави. За „ужасите“ кои ги носи новото време. За „вежбачите“ пред компјутер. За жал се повеќе се такви.
Една слика – илјада зборови.

Програма 2011

Програмата за работа за 2011 во Буџинкан Македонија веќе е поставена на нашата веб-страница. Сигурно забележавте дека школата ТЈРЏ изобилува со многу кати односно многу нивоа (сетови). Она што е уште поинтересно се оружјата кои оваа школа ги користи и кои се речиси непознати за сите Вас. Бидејќи станува збор за вештина користена за борба во замоците и куќите (урбани простори), таа користи цел арсенал на какуши буки (скриени оружја со помали димензии). Од долгите оружја задолжителна е обуката со Даито (катана) и Шото (вакизаши). Затоа нив ќе ги работиме во текот на целата година.

Следниот блог напис ќе го напишам после Божиќ со цел да Ви дозволам да се одморите за празнициве. Овој пост ќе го завшам со еден мал дел од едно мејлче испратено денес од еден од Вас:

„Како и да е, сакам да кажам дека сум ти многу благодарна, за се што ме научи изминативе години и за се што ќе ме учиш понатака, дека сум ти благодарна за убавите зборови од вчера, за довербата која ја имаш во мене и во се досега наученото. На крајот на краиштата “Учителот се познава по учениците”. Ти благодарам уште еднаш.

п.с. Ме фати паника за деновиве без тренинг.“

Соџутсу

Хозоин рју Такада ха Соџутсу е една од последните јапонски традиционални школи во која што се вежба исклучиво со копје. Создадена е во периодот Мурамачи (околу 1560 година) и во непрекината линија ја одржувала традицијата. Се одликува со употреба на многу долги копја (некогаш и по 3,6 метри). Денес соке на школата е Кагита Чубеи ( 20-ти наследник на традицијата).

Бог во својот мал свет

Искуството кажува дека има две варијанти како да станете Бог во својот мал свет (кој егзистира само во вашата глава).

Првата варијанта започнува со зголемување на апетитите, потикнати најчесто поради алчност, самобендисаност и желба за пари или слава или внимание (некогаш и сите овие комбинации заедно). Оваа варијанта има две подваријанти.

Се почнува во некој клуб, каде што на почетокот вежбате редовно и почнувате да му се упикувате на инструкторот под кожа. Љубезни сте, не пропуштате тренинг и одлично напредувате со вашата техника. Инструкторот постојано ве фали дека сте најдобар, создава доверба кон вас и почнува да ви препушта дел од работите во клубот. По некое време, неговото фалење дека сте најдобар го сфаќате како да сте подобар и од него самиот. Почнувате да летате во облаци и верувате дека никој повеќе не ви е потребен. Само небото е лимит за вас. Барате некој да се поврзете, некој што ќе ве потурне, но можете и без некој таков. Заминувате од клубот, отворате свој клуб каде што вие ќе бидете главен, но најчесто не успевате. Без дополнување (апдејтување) на вашето знаење, а бидејќи сте заглавиле на некое ниво (а секогаш ги има повеќе), вашата техника стагнира, но вие не го забележувате тоа. Сепак, важно е дека останувате главен во вашиот мал свет без разлика што имате само тројца ученици сосе вас (од кои едниот ви е прв братучед).

Втората подваријанта оди вака. Вие сте нередовен на тренинг, мрзелив, не сакате да осетите болка, ниту пак многу ви се паѓа на земја. Џунан ундо правите со мака, а тоа што секој час мора да почне со џунан таисо ве убива. Инструкторот ве прекорува поради сите овие работи, а вие во себе го пцуете и му викате „кој те ебе“. По некое време нетрпението станува толку големо, да почнувате да правите планови како да се поврзете со некој што не го сака вашиот инструктор, а поради тоа што и тој самиот е нередовен на тренинг, мрзелив, не сака да осети болка, ниту пак многу му се паѓа на земја. Џунан ундо прави со мака и тоа што секој час мора да почне со џунан таисо го убива. Но тој си купил дипломи од некој друг Бог во својот мал свет и попрво се снашол на истиот начин на кој планирате и вие да го сторите тоа. Потоа станувате негов ученик, кажувате дека тој е најдобриот учител на целиот свет, му се упикавате длабоко у шупак и тоа трае се додека на лесен начин ги добивате дипломите и вниманието од него. Со тек на време тој инсистира се повеќе да одите на неговите семинари за да може да лепи фотки на Фејсбук и да покажува како има ученици низ целиот свет и на тој начин да се надева дека цената ќе му скока и понатаму. Но, во моментов кога ќе заглавите со него и нетрпението ќе почне да расте, вие почнувате да барате нов Бог кој ќе ви помогне побрзо вие самите да станете Бог.

Втората варијанта е малку пософистицирана. Бидејќи не ве бива во вештината што ја работите (а ниту во било која, а сте пробале многу), односно не можете набрзина да станете Бог во својот мал свет (или вашиот мал свет ви е премал), си одите во Суд и си регистрирате „Светски сојуз на јапонските боречки вештини“ или нешто со наслов „Балканска федерација на боречките вештини“ и слично. Потоа луѓето кои не знаат дека во Судот ќе ви регистрираат се што вие ќе посакате во однос на името на организацијата (Нив им е важно само да не се повторува името со некој друг правен сујбект), ќе се „акаат“ од земја завидувајќи ви дека вие сте Бог на една таква светска федерација. Следниот чекор е да се наименувате за Соке (или некоја друга звучна јапонска титула). По ова следат зачленувања во организацијата од други губитници кои сакаат набрзина да станат Богови во својот мал свет, а им треба потврда дека припаѓаат на некоја организација. Е сега веќе лесно се лаже народот (па дури и државните органи) дека вие сте почитуван мајстор кој припаѓа на „Светскиот будо совет“ или слична организација. И конечно, вие станавте Бог во својот мал свет.

п.с. Сите овие примери се случиле и во нашиот клуб, а ќе се случуваат и понатаму. Да не зборуваме за примерите кои се случувале низ светот. Знаете колку лузери имаат самопрогласена титула на соке, канчо, ханши, шихан или слично и се водачи на федерации со звучно име?

 

Бог во својот свет (сите тројца се Соке-иња)

Бог во својот свет

Јорои / модерни времиња

Јапонските самураи почнале да го усовршуваат и да го користат оклопот (јорои) на бојните полиња уште пред седум-осум века. Денес тој се усовршува и користи од страна на многу полициски структури ширум светот.

Не дека пред седум-осум века западните витези немале оклоп, туку нивниот бил толку многу тежок и неподвижен, што успешното движење во него било речиси невозможно.

Но овој напис не е посветен на историјата на оклопот, туку на потребата да се вежбаат традиционалните форми на класичните школи за боречки вештини. Тоа подразбира удари и движења на начин како ние и нашиот противник да носиме оклоп, но и барање на соодветни агли за напад односно места кои остануваа незаштитени.

Доколку добро се совлада и се разбере ова, ќе се забележи дека начинот на борба гради в гради на бојно поле воопшто не се изменил низ времето. Оттука и потребата нашите полициски сили што поскоро да почнат да го изучуваат ваквиот начин на борба.

Гоши 郷士

Гоши е термин кој означува: „Воини кои живеат на село и обработуваат земја“.

Не ретко, откако ќе завршат со службата кај господарот, или, пак, во случај да ја откажат истата поради било која причина, воините својата енергија ја насочувале кон живеење во хармонија со природата.

На тој начин, нивниот тренинг продолжувал, но истовремено своето тело и ум ги одржувале и преку работа на нивите, кои им овозможувале и храна за себе и за семејството.

Дури и во поновите времиња имало вакви случаи. Поглаварот на Даито рју Аикиџуџутсу (Сокаку Такеда) се преселил на островот Хокаидо каде што изградил семејна куќа и култивирал доста земја на слабо населениот остров. По неговиот пример, личниот му ученик и основач на Аикидо-то, Морихеј Уешиба, купил земја во селото Ивама и таму изградил доџо и култивирал земја која ја обработувал заедно со своето семејство и учениците.

Воинот и природата градат нераскинливо единство.

Маса

На масата седат Соке, Штефен Фролих, Арно Кусерж, Наташа Морган и Љубош Покорни. Фотографирано пред 15-тина дена.
Меѓу Соке и Штефен се одвива доста важен разговор.

Трпение…

Победа

Тој дојде во нашиот клуб пред некоја година и од тогаш постојано покажува напредок во совладувањето на деветте школи на Буџинкан.

Овој пат, намерно нема да давам карактеристики за него, со цел да ја заштитам неговата личност, а секоја работа која дискретно ми е кажана од страна на моите ученици за мене претставува светост.

Туку, да се вратам на муобетот. Кога прв пат го пречекори прагот на моето доџо, ми кажа дека боледува од шум на срце и дека докторите не се сигурни како тоа ќе се развива. По краткиот разговор сепак одлучив дека е подобро да вежба.

Оттогаш поминаа доста месеци и години.  Во понеделникот, истиот тој, ми пријде и ми рече дека ги направил сите испитувања и дека шумот целосно исчезнал. Лекарот му честитал и му кажал дека тоа е благодарение на физичката активност.

-Сенсеи, сега е се во ред со мене и сакам да Ви се заблагодарам бидејќи знам дека ова е благодарение на вас и на вашите тренинзи.
Не кажав ништо специјално. Бев толку радосен и среќен, а кога сум среќен тогаш обично зборовите ми бегаат од устата.

Ова е моја (мала) победа поради начинот на кои ги водам тренинзите, прилагодени за правилен развој на телото и умот. Ова е уште повеќе твоја (голема) победа, бидејќи ти си еден од најредовните на тренинг. Ова е заедничка победа на сите нас кои си помагаме за време на тренинзите.

Ти, јас и сите наши членови ја постигнавме најважната работа. Сето друго не е важно.

Ако дозволуваш, ова нека биде и победа на Пат кон Сонцето / Буџинкан Македонија!

Кихон

Кихон Хаппо. По се изгледа нема да има промена на темата за 2011. Се надевам и дека луѓето ќе ја разберат пораката. И дека нема да ги вежбат само 8-те техники (Хаппо), туку и дека ќе посветат доволно внимание на основите (Кихон). А тие основи доаѓат пред 8-те техники. Тие основи се состојат од камае (положби), удари (атеми / тсуки/ учи ваза), блокови (нагаши / уке ваза) итн.

Можеби оваа тема е мал обид да се стави ред во работата на Буџинкан (зборувам за „техничкиот“ дел). Можеби со ова некои доџо-а, кои со години се трудат да го издигнат стандардот на Буџинкан на повисоко ниво, конечно ќе бидат задоволни од своето залагање.

Мислам дека целта на оваа тема ќе биде токму тоа. Консолидирање на редовите во Буџинкан и еднаш засекогаш воспоставување на систем што ќе обезбеди квалитет на секое доџо поединечно.

За жал, морам да признам, дека се сомневам во успехот на идејата…

Дај Боже да грешам.

Шодо (Начин на пишување)

Пред еден месец земав четкичка в рака. Го ставив белиот лист пред мене, ја нурнав четкичката во мастилото, ги затворив очите, го избистрив умот, а потоа без здив повлеков неколку линии врз хартијата. Кога ги отворив очите бев зачуден од едноставноста и убавината на тоа што го напишав.

„Од прва рака добро излезе. Тоа може да значи само едно. Време е да почнам да вежбам Шодо“

Од тогаш помина еден месец. Секој ден запишувам по едно канџи. Јас немам учител за Шодо. Самоук сум. Како и за се друго што се обидувам да направам, го користам моето искуство во боречките вештини. Движење на раката (те сабаки), Мушин (без свест), Ритам (Ритсудо).

Многупати сум зборувал за важноста на уметноста при развитокот на секој воин. За да бидете комплетни (Татсуџин), треба покрај тренингот во боречките вештини, да одберете и усовршувате некоја уметност. Не е важно која. Поезија, сликарство, инструменти, пеење, фотографија, резба, вајање, итн. Се што може да Ве оплемени, што може за миг да ви го исчисти мозокот, да Ве опушти, да Ве пренесе во друг свет. Се е тоа добро. И секој од нас има талент барем за некоја уметност. Па и да нема, со малку труд ќе почне да развива. Важна е упорноста.

Шодо е јапонска калиграфија или уметничко пишување на знаците на јапонскиот јазик. Главно постојат три стила на пишување и јас ги вежбам сите три истовремено (Каишо, Гјошо, Сошо).

Врз развојот на Шодо големо влијание имал зен будизмот. Но и обратно. Шодо имал големо влијание врз зен будизмот.

Тоа е медитација преку пишување.