Мувла

„Ако лошите мисли навлезат во умот, тие ќе се прошират како мувла, се додека не го замирисаат целото битие„

Петок: Во 17.00 го вдишив воздухот што дава сила, енергија, воља…

Сабота: 05.00 веќе на нозе. До 07.00 расчистување со цел мајсторите да можат веднаш да почнат со работа. 07.30 веќе се поставува електрична инсталација во доџо-то. 12.00 се  меша малтер за да се почне со „шприц“. 14.00 два камиона со градежен материјал паркираат во Живуша. Истоварање и носење во доџо. На грб и на раце.  17.30, завршено за денес.

Недела: 05.00 веќе на нозе. До 07.00 расчистување со цел мајсторите да можат веднаш да почнат со работа. 07.30 камената волна се реди на таванот. Телото чеша од прашина, рацете со рани и суви од малтерот и од чеканот. 17.30, завршено за денес. Првите несогласувања и кавги со новите мајстори почнуваат. „Измрдуваат“ од почетниот договор. Мислат дека јас „спијам на пари“ и сакаат повеќе да заработат. Не веруваат дека сето тоа што се гради е со пари од кредити кои треба цел живот да се отплаќаат. 18.00 разочаран од луѓето се повлекувам на С’мкнено да размислувам. 18.45, лошите мисли навираат. Апатијата совладува. „Дали вредат сите овие нервози ? Дали ова навистина ми требаше ?“

18.50 победа. Лошите мисли целосно избркани од умот. Апатијата заменета со оптимизам. Дали вреди ? Секако дека вреди !

Само треба трпение. Да се издржи. Да се совлада. Да се победи. НИН 忍

Слабост

Додека се враќавме од семинар, со Тина разговаравме за човечките слабости, секојдневната борба и начинот како да се излезе на крај со самиот себе.

Кажав дека годините поминати во Будо, искуството, премрежијата, доста влијаат на зацврстување на духот. Тоа што не го кажав, беше како (од друга страна), раѓањето на сопствените деца влијаат на истиот тој дух.

Пред спиење размислував за тоа. Колку бев силен и бестрашен пред нив, а колку сум плашлив и слаб откако тие се родија.
Како што одговорив на едно до прашањата, се би можел да совладам, преку се би можел да поминам, но за нив, би се предал и би легнал на постела.
Секој има слабост. Но мислам дека слабоста поврзана со децата е заедничка за сите луѓе.
Среќата на нашите деца ни дава сила, но нивната несреќа може целосно да не уништи.
Се договоривме наскоро да одржиме семинар на тема: сеишин текки кјојо. Ова нека биде најава за тие што се заинтересирани.

Јајца

Македонија во НАТО е како јајца. Секогаш учествува во акција, а никако да влезе.
Во моментов и Буџинкан Македонија има слична положба во однос на Буџинкан Доџо. Имаме најмногу активности, имаме најредовни тренинзи, најредовно членство, проучуваме најмногу материјал, а некако сме на страна од случувањата во организацијата. Разликата е што ние намерно се дистанцираме од организацијата, додека нашата мила земја другите ја дистанцираат од НАТО.
Зошто го одбравме статусот на ЈАЈЦА? Едноставно, не сакаме да бидеме дел од игрите и политиките на организацијата. Се додека ги има, ние ќе си бидеме јајца.
Нашата цел отсекогаш била и ќе биде напредокот во класичните боречки вештини. Квалитетните доџо-а и инструктори ја препознаваат нашата заложба и затоа сме толку многу почитувани во светот на боречките вештини. Политиката нека ја водат политичарите, битката на паркетот ќе си ја водат воините. И ќе си останат чисти. Неизвалкани.
Колку и да се другите во предност, на крајот целата работа ја завршуваат јајцата. Кога ќе стане густо, јајцата се тука да ја за завршат започнатата работа. Јајцата навидум не се главни, но се главни.

Да се биде јајца не значи да не се сака организацијата. Напротив. Таа се сака толку многу што тоа се покажува со пример. Со единствениот начин на докажување во Будо-то. Со напорен тренинг и саможртвување.
На крајот, да се биде јајца значи да не се прифати политиката на тие што со препирки, политики, невежбање (неквалитет) го уништуваат Буџинкан Доџо. Тоа значи да не се биде дел од плукачите кои цел ден вежбаат нинџутсу на тастатура плукајќи и озборувајќи.
Будо-то има само еден начин. Кој стапнал на паркетот  во Буџинкан Македонија го знае тоа.

Кирилица

Многу од луѓето кои ги погледнале моите деншо-а за разните рју-ха ми поставиле прашање зошто се целосно преведени на македонски јазик и напишани на кирилица. Одговорот е јасен. Ние имаме наше кирилично писмо на кое го пишуваме нашиот македонски јазик.
Многу пати сум забележал како моите ученици додека „фаќаат“ забелешки користат кирилица, но кога ќе дојде време да напишат некој збор, на пример буџутсу, тие пишуваат bujutsu. Зошто???
Или напишете го во оригинал со канџи или напишете го на кирилица. Зошто мислите дека латиницата е порелевантна кога станува збор за боречки вештини?

Ги преведувам деншо-ата (стручно се разбира) на македонски јазик и со кирилично писмо за да можат моите ученици да ги разберат. Таму каде што се нејасни, ги дополнувам со цел да бидат појасни. Не за да ја загубат формата, туку напротив, да ја задржат оригиналноста. Лесно е да се менува нешто што има слободно толкување. Но тешко е да смениш нешто што е здраво поставено во цврста рамка.
Копиите со јапонски канџи се во ред. Но кој би можел да чита правилно на јапонски од 17 век?
На крајот, во деншо-ата не пишува ништо спектакуларно. Тоа се само прости потсетници на техниките кои можат да се научат само преку тренинг со некој што „фатил“ дел од Потокот. Дури тогаш записите добиваат на вредност. Не заборавајте го ова.

Деншо

За време на кјушо семинарот, Марче изговори една антологиска реченица:

-„Сенсеи, поубаво ми е вака, кога ми даваш дел по дел од деншото, отколку кога ќе ми дадеш се наеднаш“.

Марче кажа и со тоа ја покажа својата зрелост на дело.
Кога би Ви дал комплетно деншо, би заминале дома, би го разгледале, прочитале, а потоа би го ставиле на некое сигурно место подалеку од дофатот на најблиските. И…толку.

Кога добивате дел по дел, страница по страница, тоа значи дека материјалот што сте го добиле, добро сте го проучиле. Така, секогаш кога ќе го прочитате деншото, ќе знаете што пишува во него и ќе го разберете. Потоа, како што Вашето знаење се зголемува, секое читање ќе Ви открива нешто ново.

Токму затоа, од време на време, давам делови од деншо-то. И тоа за време на специјални настани, како што се семинари, прослави, полагања. Тие што се упорни, еден ден ќе го комплетираат целосно.

Прочка

По повод големиот христијански празник Прочка, најпонизно ги молам сите мои ученици и пријатели да ми простат за се што сум им згрешил во текот на изминатава година.

Меифу Шинкаге рју

Во последно време многу од членовите на Буџинкан, па и на Џиненкан, почнаа да ја вежбаат шурикен школата Меифу Шинкаге рју. Таа е основана во 1970 година од страна на Чикатоши Сомеја. Денес школата е предводена од соке Отсука Јасујуки, кој успеа да ја прошири низ светот.

Ова е повеќе одговор на еден од Вашите мејлови каде што ме прашавте зошто и ние да не почнеме со тренинзи на оваа школа и зошто не отвориме секција (гранка) за истата, кога таа е толку расположена за проширување (кое е релативно лесно – сенсеи Отсука дава одлични услови за семинар и веднаш потоа можете да отворите секција).
Мојот одговор е едноставен.

„Со сета почит кон соке Отсука, ние засега вежбаме само јапонски корју буџутсу (кобудо од пред 1868 година). Не сме заинтересирани за модерни школи кои се формирани пред 40-тина години. „
Планираме така и да остане.

Фуџита Сеико

Извадоци од весникот Никкан Канко 14 јануари, Шова, 1966 година:

„Последниот активен нинџа што живееше во овие модерни времиња почина на 6 јануари, 1966 година, од цироза на црниот дроб. Фуџита Сеико, беше последниот наследник (14 соке) на Кога рју Нинџутсу. Бидејќи не остави наследник зад себе, овој закоравен нинџа направи вештината да исчезне засекогаш. Церемонијата околу погребот се одржа пладнето на 11 јануари, во храмот Кано-ин во Даито-ку (Токио). Со церемонијата раководеше сенсеи Кониши од школата Шиндо Мунен рју Кенџутсу. Сите големи имиња од светот на традиционалните боречки вештини беа наредени во една линија пред последниот нинџа.
Според зборовите на Фуџита, тој се уште не сретнал некој кој е доволно упорен и доволно отворен во умот за да може да ја наследи неговата вештина. “

п.с. Со овој текст ја исполнувам желбата на мојот верен и посветен ученик Марко.

Место збогум…

Прости ми што не сакам да се видам со тебе за да се збогуваме. Мразам збогувања со луѓе кои ги сакам. Таквите моменти тешко ме погодуваат и се трудам да ги избегнувам.

Тоа е проклетството да бидеш сенсеи. Се вложуваш, се приврзуваш, а еден ден мораш да се збогуваш.

Беше една од најдобрите ученички што сум ги имал. Активна, вредна, редовна, исполнителна, полна со емоции и желба. Ќе те паметам како таква. Се надевам дека работите, навиките и техниките кои ги научи тука ќе ти користат понатаму во животот.
Следи го срцето. Тргни по нов пат. Стариот Пат го знаеш. Можеш секогаш да го пронајдеш повторно. Кога и да посакаш.

Адресата на мојот дом е секогаш иста:

Игор Довезенски

Буџинкан Македонија

Хомбу Доџо бб.

Сенсеи, можеш ли да веруваш на жена?

Мислам дека овој пат ќе го навлечам гневот на жените врз себе.
Сакам само да ги замолам, пред да донесат конечен заклучок, да поразговараме лично на оваа тема.
Ова не е дискусија за на интернет. Туку е само одговор на некои Ваши прашања. Можеби моите аргументи ќе се уважат барем малку, доколку разговараме…

_______________________________________________

Пред некое време, една моја ученичка ме праша: сенсеи, повеќе веруваш на мажите отколку на жените, нели?
Мојот одговор беше потврдан без размислување. Потоа се обидов да и дадам објаснување зошто е тоа така, а на мое големо изненадување, таа го прифати.
Пред да бидам обвинет за шофинизам, сексизам и за уште некој „изам“, би сакал да појаснам дека мојот став не се изградил врз база на библиско-религиски сознанија, ниту пак на филозофски и историски (не)вистини. Станува збор за лично искуство. И лични психолошки истражувања и проучувања врз поубавиот пол. Ништо повеќе. Затоа и Ве замолив, немојте онака бланко да ме замразите. Не е толку страшно. Мене би ми било сосема сеедно доколку Вие (жените) не им верувате на мажите. Тоа не значи дека сте „out“. Дека сте старомодни. Од друг свет. Лоши. Бедни.
Ете, Вие сте преубави, најпривлечни, мирисате прекрасно, заводливи сте и се нај, нај, нај. Но, довербата тешко ја одржувате, ветувањата исто така.  Малку сте нестабилни, а почесто раздразливи. Имате посебни изградени критериуми за правда што тешко кој може да ги разбере (освен Вие самите, а некогаш ниту Вие). Одмаздољубиви сте често…

Аххх…колку ми е тешко што го пишувам ова. Тешко ми е поради тоа што имам прекрасни ученички и не сакам ниту една од нив да ја повредам со некоја моја мисла, збор или дело.
Простете ми и докажете ми дека грешам. Би уживал во тоа, навистина. Доколку веќе Ве повредив, извинете за овој простаклук и Ве замолувам друг пат да не ми поставувате слични прашања.

п.с. Има и олеснителна околност за жените. Се повеќе мажи се жени во душа.