Чесноста меѓу Воините

Можам со денови да пишувам и зборувам за чесноста на Воините на Буџинкан Македонија. Ама сега би се задржал само на еден мал и безначаен сегмент.
Речиси 25 години опстојува нашето доџо и досега никогаш не се случило нешто да снема од него. А во него има речиси се.
Па така, секој може нешто да остави, а некој можеби нешто ќе заборави. И секако, се ќе остане на местото каде што било оставено или заборавено. Па така, соборците си оставаат (позајмуваат) пари на некое видно место, си разменуваат облека или реквизити. Тука е и онаа наша тегла полна со донирани 10 денарки со кои се купуваат средства за чистење на доџото. И никој-никогаш не знае колку точно пари има во неа, ниту пак има потреба да знае. Затоа што СЕ ЗНАЕ најважното. Дека луѓето во Буџинкан Македонија се толку чесни, што никој досега не се осмелил ниту да помисли нешто да изнесе од домот наречен ДОЏО.

Колкупати досега сум видел „илјадарки“ спакувани во коцка како со недели седат на рафтот во кујната. А понекогаш на нив нема ниту ливче за кого се наменети. И потоа тој што ја позајмил ќе си ја земе, а другиот ќе биде известен дека е земена. И сите сме спокојни, бидејќи сме сигурни дека секој што го поминал првичниот филтер во почетничката група – раката нема никогаш да „му залепи“ или умот да „му помисли“. Бидејќи лошите луѓе не виреат на нашата воинска почва.

Како што кажав на почетокот, можам со денови на оваа тема. Но нема потреба. Се знаеме „кои сме и што сме“.

Сеопфатен Воин

Денешниот ден ми помина во градините околу нашето Хомбу Доџо, подготвувајќи ја земјата за пролетното садење на зеленчук, со цел да бидам подготвен за Летниот Нинџа Камп. Март е идеално време за хранење на почвата со природно ѓубриво произведено со гниење на кравји лепешки.

Цврсто верувам дека секоја личност што претендира да биде сеопфатен Воин, треба да практикува неколку работи кои се екстремно важни:

1. Боречки вештини. Редовен тренинг со цел постојано да се остри телото и духот.
2. Земјоделие. За да можете да ја разберете тајната на раѓањето на нов живот со цел да бидете во хармонија со природата.
3. Наука. Со особен акцент на проучувањето на медицината, историјата и психологијата. За да не бидете жртви на манипулација.
4. Литература и уметност. Бидејќи уметноста го урамнотежува духот, а понекогаш зборот е посилен од мечот.

Вежбајте, уживајте, сонувајте. За сопственото совршенство.

Сериозните Кобудоки и Нинџи кои редовно ги посетуваат семинарите, после неколку учества на вакви настани добиваат Деншо, кое ќе им служи како потсетник на научените кати, а воедно ќе ѕирнат подлабоко во историјата и традицијата на самата школа.
Да се добие Деншо е огромна чест. За да ги комплетирам сите историски материјали поврзани со боречките вештини и школи кои ги практикуваме, ми биле потребни над 20 години макотрпен тренинг и потрошени илјадници и илјадници евра за патување и учество на семинари и приватни часови. Ваша олеснителна околност е што некој веќе го изодел трнливиот Пат за Вас, па сега Вие можете по асфалт поплочен со листови од рози да го добиете тоа што мене ми требало крв да плукам за да го добијам.
Не откажувајте се никогаш! Вежбајте, уживајте, сонувајте. Бидете секогаш на Патот. Кон сопственото совршенство.
На Патот кон Сонцето.
Нинпо Иккан!

Еден сосема обичен ден

Не баш обичен, ама речиси обичен. Со тоа што мене обичните денови ми се секогаш најубави.

По изминатиот викенд при што со откостивме од вежбање на двата семинари, утрово бевме гости во Телевизија 24, каде што во живо нашите три преубави дами Сања, Косара и Стефи, го претставија нашето доџо во најубаво светло.
Се разбира, потоа следуваше онаа работа која што Вие честопати не ја забележувате, меѓутоа ги гледате последиците од неа.
Само што завршив со пишувањето на извештаите за настаните, со одговарањето на педесетината пораки (што од Македонија, што од странство), архивирањето на материјалот од семинарите, од медимските презентации, од писмата, од пораките, итн., кога примив уште една убава вест.

Имено, на Природно-математичкиот факултет една група на професори поднела писмена иницијатива до Наставно-научниот совет за враќање на часовите за Шиноби Таисо (Јапонска Јога) откако претходно, (после три години) беа укинати со смешно образложение. Не знам дали ќе успее оваа иницијатива, меѓутоа не можам да не признам дека ме израдува фактот што луѓето го препознаваат квалитетот што „Пат кон Сонцето“ веќе 24 години го носи со себе.
Истиот тој квалитет што придонесува секојдневно да се полни електронското сандаче со признанија и честитки за нашата работа, а кои доаѓаат од еминетни или помалку еминентни практичари на боречки вештини од целиот свет. Зборувам за тој квалитет кој ги тера новинарите секојдневно да не контактираат и да не покануваат да гостуваме во нивните медиуми (се разбира, само повремено одговараме на ваквите покани со цел да не им здосадиме на луѓето). За квалитетот поради кој секој божји ден се легнува толку доцна, а се станува толку рано, само за да се постигне се во текот на денот и да се овозможи доџото да напредува и да се развива, а луѓето во него да се усовршуваат и подобруваат во секој поглед. И на крајот, квалитетот за кој еден ден ќе се пишуваат и книги и дипломски и магистерски трудови – за луѓето кои ги донеле класичните јапонски боречки вештини во Македонија и кои помогнале во нивното ширење. Да. Звучи многу нескромно и прстите ми се грчат додека ова го пишувам бидејќи се борам со егото кое ми шепоти вакви грозни работи, меѓутоа вистината е таа. Јас и Вие кои сте постојано околу мене, пишуваме една историја во оваа наша Македонија. Историја која за некого е помалку важна, меѓутоа за некого е многу важна. Ја пишуваме историјата на Кобудо-то во нашата држава. Но и на сето она што Кобудо-то го носи со себе. Традицијата, честа, пожртвуваноста, лојалноста…

Сега остануваат да се завршат уште дваесетина обврски до вечерниот тренинг и да се посветат уште неколку саати на нашето доџо. А потоа се гледаме на тренинг.

Ќе заборавев…се гледаме на тренинг и бидете подговени бидејќи повторно ќе имаме гости од медиумите.

И ќе продолжиме посветено. Го знам тоа. Бидејќи така сме научени и така сме воспитани. До крајот.

За животот и смртта

Дојдовме во фаза кога почнуваат да не измачуваат прашања поврзани со нашето суштествување на земјава.

„Тато, а зошто сите морат да умрат еден ден? Татичко, јас не сакам никогаш да умреш, кој ќе се грижи за нас? А мора ли секогаш да се умре на крајот? Може ли некој засекогаш да живее? А дали боли смртта? Се плашиш ли тато ти од смртта? Јас сакам ти вечно да живееш!“

Различни татковци, даваат различни одговори. Најчесто се обидуваат да ја сменат темата, да дадат утеха, привремено да ги ослободат своите деца од стравот од непознатото.

А јас?

„Петарче, не плаши се. Животот и смртта се вечни сопатници. Одат заедно рака под рака. Животот е посилен, но на крајот смртта секогаш победува. Меѓутоа смртта е траен премин, а животот постојано се раѓа и продолжува.
Ништо не е вечно и не треба да биде. Постарите треба да направат место за помладите. Тоа се вика Круг на Животот. На крајот, воопшто не е важно колку време ќе живееме, туку како ќе живееме. Дали ќе бидеме исполнети и среќни или ќе ги осудуваме луѓето околу себе за својот неуспех. Многу луѓе завршуваат со својот живот на четириесет години, само што ги закопуваат на осумдесет.
Важно е, по што ќе останеме запаметени. Дали по нашата добрина или по нашата злоба. Важно е што ќе оставиме зад нас. Какви ќе бидат нашите дела.
Тато твој не се плаши од смртта. Ограничувањето на слободата, стравот од болести и од умирање – тоа е најстрашното за мене.
Затоа сине мој – живеј слободно. Диши со полни гради и зграпчи го животот цврсто со двете раце. Живеј во сегашноста, заборави на минатото и не мисли на иднината. Живеј го секој ден како да е последен. Тоа ти е совет од татичко твој. Сега нема да ме разбереш, меѓутоа еден ден се ќе ти стане јасно“.

Продуховеноста на Учителот

Неолиберали, демократи, националисти, атеисти, хипстери, панкери, сељаци, вегетеријанци, традиционалисти, комунисти – од едната страна и Учителот за јапонски боречки вештини на другата. А истовремено и некаде помеѓу, над и под сите нив.

Многумина го пречекориле прагот на вратата на доџото, која секогаш била отворена речиси за сите. Секој од нив со различни идеи, сфаќања, желби, верувања и уверувања. Некои со мисија да ги наметнат своите убедувања на другите, а некои со внатрешен порив никогаш да не дозволат некому да им го наметне своето учење.

И помеѓу сите тие убедувања и уверувања се наоѓа Учителот, кој треба секого да го запознае, да му прозбори, да го потпраша, да го советува, да го утеши, а истовремено постојано да биде „на тапет“ и да му се мери и вага секој збор што ќе го каже и секоја мисла што ќе ја сподели.

А секој збор и секоја мисла, се насочени таму каде што треба. Во срцето на учениците. Да разбудат нечии емоции и мисли и да отворат врата за нивните зборови. Да го откријат карактерот. Да излезе на виделина. Да се види „кои сме и што сме“.

На националистите ќе им парафразира некоја левичарска фраза, на неолибералите ќе им сервира националистичка реторика, на вегетеријанците некоја нутриционистичка сељачка фора, а на атеистите верска поука. И смирено ќе ја набљудува јадицата која многу брзо ќе биде загризана. И многу брзо ќе го открие карактерот на секој ученик поединечно. И тогаш ќе знае каде, дали и колку треба да вложи од својата енергија и од своето знаење. Затоа што да споделиш знаење, значи да споделиш љубов. Да дадеш се од себе, а ништо да не очекуваш за возврат. Бидејќи еден ден и онака ќе бидеш напуштен од тие на кои си им дал дел од себе.

Да. Од една страна се сите тие кои мислат дека Учителот е некој продуховен лик кој целиот ден го минува во медитација. А никој од нив не разбира дека неговата духовност лежи токму во умешноста да балансира помеѓу сите различни ликови кои периодично гравитираат во и околу доџото. Духовноста е во можноста да се изберат најквалитетните и да се направи таа селекција која на крајот ќе ги задржи само најдобрите. Тие кои ќе станат комплетни личности, способни да излезат на крајот со сите предизвици и тешкотии кои следат на Патот. Тие кои ќе бидат наречени Воини.

А останатите? Ќе зборуваат колку се разочарани од Учителот седнати пијани во некое ќоше, додека длабоко во себе го вовлекуваат димот од цигарчето кое чади. И никогаш нема да разберат дека боречките вештини биле создадени за одбрана на семејството и на земјата. И дека секоја друга намена на боречките вештини е само производ на нивните желби и фантазии предизвикани можеби и од гледањето цртани филмови со омилените јунаци.

Да. Боречките вештини служат да се заштити земјата во тешките времиња и да се усоврши карактерот потребен за тоа, во мирнодопски услови. Секоја друга замисла е само Ваша фикција.

Затоа, не си го губите времето доколку не ја разбирате филозофијата на јапонските боречките вештини. Ако сакате само духовност изучувајте филозофија, религија, запишете се на јога. Ако сакате само одбрана, запишете се на бокс, фул контакт или борење.
Ако сакате да научите да ги сакате Вашите најблиски, да бидете благородни, дарежливи, големи, пожртвувани – тогаш јапонските боречки вештини се Вашиот најдобар избор.

И не заборавајте ја нивната првична намена. Не заборавајте ги причините зошто се создадени. Од тука почнува се. Сето друго е само надоградување.

Учителот за јапонски боречки вештини се наоѓа некаде помеѓу, над и под сите Вас.

Муша Шугјо во Јапонија II

Уште еден Муша Шугјо во Јапонија и повторно цели три недели „пиење вода“ од самиот извор кога станува збор за Буџутсу и Нинџутсу.

И повторно детално спремање пред самиот Пат. Секојдневни физички и ментални подготовки. Намалување со храна, намерно губење на килограми и мускулна маса, медитации. За тие што се веќе подлабоко влезени во Шиноби Таисо, јасно им е зошто е добро да се ослабнат мускулите пред еден таков силен интензитет на вежбање што ме очекува. Едноставно. Помалку мускули, помала потреба од внесување на енергија (храна). А храната таму е многу скапа, а распоредот „набиен до даска“.

Првите седум дена во приградска населба во Кавасаки. Специјално за Даито рју Аикиџуџутсу. Мала група од само четворица ученици, од кои само јас Гаиџин. Договорено е семинарско вежбање во траење од шест саати дневно. Тука имав среќа да договорам и спиење во самото доџо. На татами. Нема интернет, ама има туш. Спиењето е бесплатно, ќе ми се наплатат само часовите поминати во вежбање. Плус дополнителни два саати на ден тренинг во доџо за Џудо со мајстор кој одлично ја познава Кошики но Ката односно катите од Кито рју Џуџутсу. Минатиот пат ги донесов катите на Омоте (14 на број), а сега освен што ќе ги повторам, ќе ги донесам и останатите седум од Ура.

Потоа од тука патувам во Нода. Нови седум дена во близина на Соке и неговите верни Шихани. Ќе спијам во рјоканот Бишамонтен во паркот Шимизу Коен на 13 минути пешачење од новото Хомбу Доџо на Буџинкан. Колку за да Ви доловам колку е скап животот таму за нашиот стандард, ја објавувам фотографијата од мојата соба која чини 40 евра од ноќ. Се состои од една рогозина поставена на сред соба врз татами од оризови снопја. Во град, кој спореден со македонските, ќе му дојде како изнајмиш соба во куќа во Пехчево, за 40 евра од вечер. Но тоа не е ништо во споредба со парите кои ќе ги потрошам на тренинзи, од кои неколку ќе бидат и приватни со големите нинџутсу мајстори. Секој ден по четири сесии од по два саати. Значи осум саати тренинг на ден.

Последните седум дена се селам во Нарита. Ќе престојувам во рјоканот Фуџи, каде што спиев пред четири години. Тука ме чекаат секојдневни 4-часовни приватни и по два часовни јавни тренинзи за Катори Шинто рју. Секако, додека ќе бидам сместен во споменатите градови ќе треба да патувам уште во Инзаи, Катори и Токио (секако, повторно поврзано со Корју тренинг).

Уште да додадам дека за време на паувањето со воз, рачно ќе ги пишувам научените кати и куденот, со цел да не ги заборавам додека да се вратам во Македонија. Ќе имам време и средства за само два оброци дневно, кои со таа потрошувачка на енергија од постојаното движење, најверојатно ќе биде премалку.

Но не бадијала во мојата книга „Разговор со Учениците“ напишав дека животот на Учителот за боречки вештини е беден. И навистина е. Но никогаш не сум се посомневал дека само преку беда се стигнува најблизу до она совршенство по кое што сите ние кои се трудиме да живееме како Воини – тежнееме.

п.с. За време на моето отсуство, како и секогаш, доџо-то целосно го оставам во рацете на мојот ученик Марко Опачиќ. Ве замолувам да му помагате и да искажувате почит кон него, уште поголема од таа што ја искажувате кон мене. Тој заслужува многу повеќе!

Време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија

Живееме во времиња на Фејсбук демократија. Секој исфрустриран лик кој што поради свои лични убедувања или претензии нема симпатии кон вас, може да ве уништи и сотре за миг. Доволно е да ве исплука на ѕидот на својот профил, а потоа истата невистинита информација како магија ќе се прошири со молскавична брзина низ мрежата. Се разбира, колку лагата е посензационалистичка, толку брзината на распростанување на истата ќе биде поголема.

Таквите лажни обвинувања без докази веќе станаа стандард и ги гледаме и читаме секојдневно. Тоа што плаши е што никој не се обидел барем да размисли пред да ја прочита, лајкне или сподели информацијата: дали има вистина во неа?

Утрово еден од моите ФБ пријатели споделил информација дека обвинетиот за тероризам Борис Дамовски побарал од судот да се брани од слобода, а веднаш под самата информација некој лик коментирал: „Море нека скапе во затвор, убаво му беше кога лапна од државата 700.000 евра“. Потоа на ова веднаш се налепија сезнајковците кои лицитираат со некакви си добиени пари од државата (за филм кој никогаш не бил снимен), па така цифрата стигна до 2.000.000 евра. А јас сум убеден дека такви пари за таков филм, дотичната особа никогаш не добила. Меѓутоа, веќе се е доцна. Го обвинија, го осудија и го жигосаа човекот без при тоа да го прашаат, разговараат, а да не зборуваме да изнесат некакви докази против него пред јавноста.

А вакви ситуации има секојдневно. Една таква лавина од обвинувања и осуди неодамна имаше и за водичот на планинарското друшто „Трансверзалец“, Зоран Костадиновски – Москито. Тој беше толку силно „исплукан“ од сезнаечките експерти, што како што дознав од негови лични пријатели, човекот бил на работ на нервен слом. Замислете, без воопшто да ја познаваат ситуацијата, „експертите“ кои што никогаш не стапнале на планина, го осудија и уништија животот на човекот кој планината ја познава како својот џеп.
Со најголема жал за загубените животи на Калина и Александар, сигурен сум дека Москито дал се од себе за да ги извлече од ситуацијата во која што се нашле. Но тоа што „фејсбук експертите“ не го знаат, е бројот на спасени животи од страна на истиот тој човек што така немилосрдно го исплукаа.
И што сега? Неговиот углед засекогаш е уништен од страна на сезнајковците кои никогаш не стапнале на планина. Од тие кои воопшто не го ниту познаваат Москито.
Секако, можам целосно да ги разберам родителите на загинатите кои поради огромната болка изрекоа сомневања и обвинувања кон Костадиновски. Нивното страдање е толку големо, што тие се спремни на се за да ја дознаат вистината. Но што е со сите други кои даваа експертизи и го „решаваа случајот“ удобно залегнати во своите меки фотељи? Дали некој од нив помисли дека животот на Москито е веќе уништен? Ниту една тужба за клевета која сигурно би ја добил повеќе нема да го испере неговиот образ, извалкан безобзирно без никаков доказ.

И сега додека сите ликуваат и навиваат државата да го суспендира планинарското друштво „Трансферзалец“, никој не се запрашал што тој клуб има направено за илјадници млади луѓе кои спасот од загадениот град го нашле во мирот на планината. Никој од плукачите не ја почуствувал слободата што природата ја дава. И најважното од се!!! Секој вистински планинар ја знае моќтта на планината и дека самото искачување на неа може да биде опасно. Всушност, ние сме нејзини гости и мораме да ги почитуваме нејзините правила. А планинарските друштва не се „војничка чета“ па да можат некому да наметнат насила дисциплина. И на крајот, тој што сака да ужива во планината и во нејзините врвови, ќе замине ако треба и сам да ја искачува.

Оставете ги клубовите нека си работат. Колку повеќе луѓе во природа, толку повеќе здрави генерации (граѓани) во државата. Наместо да ги стимулирате да работат, вие навивате да се затворат.

Но ете, живееме во време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија и секој може да напише што сака без трунка страв дека ќе одговара за напишаното. Секој може да уништи нечиј живот со неколку потези на прстите врз тастатурата. А најстрашното од се е што таа информација ќе се прошири со невидена брзина од страна на бедниците кои се ситаат додека нечиј живот пропаѓа. Ним им е важно само некој да биде осуден, обвинет, понижен и уништен. Само така нивната душа ќе ужива во фиктивната правда која единствено може да ги излечи нивните злобни души.

Живееме во време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија. Војните почнаа да се водат со тастатура, преку медиуми и на зелени маси. Чесната борба гради в гради со соочување на вештината и на аргументите веќе одамна е демоде. Битките почнаа да ги добиваат тие кои можат најдалеку да плукнат. За чесните нема повеќе место на овој свет.

Да живее Фејсбук демократијата. И не заборавај. Можеби ТИ си следната жртва.

Уште една Прочка

Денес е денот кој народот го прославува под името Прочка. А јас и понатаму упорно одбивам да бидам во ист кош со оние кои цела година грешат, а потоа мислат дека со една реченица ќе си ги измијат гревовите. Не дека сум јас подобар од другите и дека не грешам, меѓутоа не сум лицемер и не мислам дека сите гревови ќе ми бидат однесени како „со дланка преку прашина“ ако ги изговорам „магичните зборови“.
Оригиналната идеја која стои зад овој празник е совршена и надземска. Но практичната реализација е преточена во желба за потчинување на помладите, над послабите, за обид за докажување на нечија вина или за смислено „перење на мозокот“ во некои случаи.
Религијата е наменета за обичните луѓе. Духовноста е за Воините. Можеш да бидеш крајно продуховен, а воопшто да не бидеш религиозен. Не може секој да го разбере ова. И не треба секој да го разбере. Не припаѓаме сите во истиот кош.

Во името на „оригиналната идеја“, барам прошка од сите Вас за се што сум Ви згрешил во текот на изминатава година. И се додека ја барам, затоа што јас самиот така сакам и така чувствувам, а не поради наметнатите правила на околината, не поради тоа што морам некому да се правдам, не поради тоа за да бидам потчинет или послушен, не за да некого смирам или удоволам, не поради мода – ќе го празнувам овој празник во вистинската смисла на зборот.

Се друго е само религиозност. А за Воините е духовноста, се сеќавате?

Патриоти, а?

„Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја. Тие кои се многубројни, ќе ја наследат“. – Бог *
* Митски владетел на Универзумот
———————————
Имам едно правило во мојот живот. Не зборувам на тема „патриотизам“ со луѓе кои немаат повеќе од две деца. И точка.
Секако, тука не ги сметам оние кои од оправдани причини не можат или не смеат да раѓаат. Туку мислам пред се на оние себични луѓе кои не сакаат да си го нарушат сопствениот комфор и слобода, посветувајќи го своето време или своите средства на одгледување деца.

Секоја дискусија на таа тема со оваа категорија на луѓе е бесцелна. А честопати токму тие се „патриотите“ кои се лупат во гради, продаваат демагогија, се сликаат со знамиња во секоја прилика и критикуваат дека ја губиме државата. Па ја губиме нормално! Како мислите да ја задржиме? Кој ќе ја наследи?

Случајно пред некој ден на телевизија се појавува еден политичар од десничарска провениенција и раскажува како во неговиот град имало многу стари моми кои наместо деца за рака, шетале кучиња на ременче. А типот начукал четириесет и кусур и се уште неженет. Каква лакрдија!!!

Бадијала се сите тие изблици на љубов кон татковината, скандирања на натпревари, пеење патриотски песни, критикување на државата. Секоја изјава дека ние „сме немале национална свест“, а при тоа сте неженети или немате деца е прдење во шише.
Всушност Вие и воопшто нема потреба да ја сакате државата, ниту пак сопствениот народ. Вие само родете односно одгледајте три деца и сте направиле поголем патриотски чин од сите кои себе си се сметаат за родољуби. Бидејќи земјата ќе ја наследат тие кои се множат и кои се помногубројни.
Сите тие Ваши слики со македонското знаме, сите изблици на патриотизам, сите Ваши зборови ќе ги снема заедно со Вас еден ден. Ќе отидат во заборав низ ветрот. Дури и сите големи дела направени за оваа држава ќе се заборават или ќе бидат урнати еден ден од тие кои ќе ја наследат. Ќе остане само Вашето семе и Вашето поколение да сведочи за Вашиот патриотизам. Секако, доколку го оставите зад вас.

И сите закони за територијална поделба, за двојазичност, за можни федерализации и редефинирања во иднина ќе паднат во вода доколку Вие оставите пород што ќе ја наследи оваа земја. Бидејќи земјата не се брани со пушка, туку со деца. И тоа не со две, бидејќи правилото е јасно: „Двајца одат, двајца доаѓаат“. За множење и зголемување на народот потребни се најмалку три.

А има ли нешто поубаво и помило од сопствениот пород? Има ли повредно од рожба, од дечиња, кои ќе Ви возвратат многукратно на Вашата љубов?  Ете, тоа треба да биде „светата должност“ на сите кои сакаат да зборуваат или се сметат себе си за патриоти. Се друго…..кажав погоре.

И на крајот да појаснам. Не поминуваат оние фори дека државата не ни овозможила услови за раѓање деца, дека е сиромаштија, итн. Не другари. Се додека ги полните кафаните, додека патувате низ светот, додека пиете алкохол и пушите цигари – ова нема да Ви се важи. Јас сум исчувал три. И знам дека единственото што треба за да се чуваат деца е МНОГУ ЉУБОВ и ОТКАЖУВАЊЕ од сопствените задоволства и навики. И ништо повеќе. САМОПОЖРТВУВАЊЕ. Тоа е вистинскиот збор. Прашањето е кој е спремен на тоа.