Чуден

Од среда почнуваме со Чуден (средното ниво) на ТЈр Џутаиџутсу.
„Во ова ниво важно е да го движите телото ефикасно напред-назад, лево-десно, горе-долу и да ги научите тајните на фрлање на противникот, без притоа да користите голема сила“
Овој совет (за чуден) ми беше даден на времето кога ја изучував интензивно оваа школа. Истиот совет ви го предавам и јас. Тоа е Куден.

Ивами Нангаку

Еден од најпознатите ученици на Такаматсу сенсеи пред доделувањето на титулата соке на Масааки Хатсуми.
Специјалност: Кукишин рју

Сок

За оваа тема сме зборувале многу пати. Но, приливот на нови ученици бара повторно да се дискутира за некои минати теми, а важноста од повторувањето на знаењата, исто така, бара некои работи да се поразговараат повторно.

Во неделата бевме на семинар за фукија. Интересно оружје кое не бара многу физичка подготвеност за изучување, а од друга страна, многу лесно се учи. Бројката на учесници беше на завидно ниво, а дисциплината повторно разочарувачка. Времето катастрофално лошо. Сето тоа допринесе од потребата тахниките на изработка на стрелките, и техниките на гаѓање да се поминат со побрзо темпо од вообичајното.

Но, семинарите се СОК. Онака, добар, густ, снажен СОК. Благ до немај каде. Сите учесници на семинар добиваат по еден таков силен концентрат кој потоа кога ќе заминат во своите домови треба да го разредат со вода. Од тој литар (што се добива за неколку часа), кога ќе се разреди со вода, излегуваат околу 10 литра. Тоа значи дека ученикот треба во наредните 10 дена да пие по еден литар на ден (да ги вежба техниките по еден час кој трае два саати).
Знаењето добиено на семинарите е како СОК. За еден ден може многу да се научи, но не и да се извежба. Затоа, секој си го носи сокот (знаењето) дома, а потоа од него зависи дали и како ќе го испие.

Уште еднаш да напоменам за важноста знаењето стекнато во Буџинкан Македонија да го чувате љубоморно и да го делите несебично само со членовите на нашето доџо. Никогаш немојте да гаѓате пред Вашите дома или пред пријателите. Тие ќе Ве пофалат на страна, па тие од страна ќе кажат во шега или во разговор на други и за некој месец децата ќе почнат да си вадат очи со игли на улица. Со нинџутсу нема играње. Ве молам ова да го разберете најсериозно.

Пијте од сокот! Нинпо Иккан!

Тенгу

Минатата недела преку ката-та Тенгу Дори (Такаги Јошин рју) подобјаснив за значењето на демонското суштество (Тенгу) во јапонската митологија.
После неколку дена ми приоѓа една ученичка и ми вели дека сонувала сон во кој што и се појавил демонот (исто како што го опишав).
И објаснив дека доаѓањето на Тенгу на сон има убаво значење. Сите ученици на боречки вештини станале мајстори дури откако демонот ќе им се појавел на сон и ќе им ги кажел тајните техники и принципи на школата.
Во сонот на ученичката, демонот не успеал да и ги каже техниките, затоа што сум наишол јас и тој избегал кога го слушнал мојот глас. Во сонот, мојот глас може да значи дека тајните техники ќе ги добие од мене место од Тенгу-то.

Како и да е, јас сум сигурен дека Таа еден ден ќе мајсторира.
Без разлика кој ќе и помогне. Јас на јаве или престорен во Тенгу на сон.

Ритам

Петок-тренинг во Белград.

Сабота-тренинг во Белград.

Недела-тренинг во Белград.

Понеделник (01.30) – простигнување Скопје.

Понеделник (03.30) – легнување во кревет.

Понеделник (07.00) – будење за работа.

Понеделник (20.30) – тренинг во наше доџо.

Рутсудо (ритам) !!!.

Чувајте го и негувајте го! Ако еднаш го загубите, ќе Ви биде тешко да го вратите назад.
Пред колку подолго време сте го загубиле, толку повеќе време ќе Ви треба за да го вратите назад.
Ритамот опишан погоре нималку нема намера (потреба) да се фали. Има намера да Ве мотивира никогаш да не дозволите да го загубите Вашиот. Некогаш е потребно да Ве фати (позитивен) инат и да не дозволите нечиј ритам да биде подобар од Вашиот.

Овој напис има токму таква намера.
Без пропуштен тренинг, без откажување, без предавање!

Кошиџутсу

Тие што беа на вчерашниот тренинг ќе разберат перфектно за што станува збор.
Останатите слободно нека прашат.

Одговорност / Прочка

Корју Буџутсу не е спорт. Да бидеш учител во традиционално доџо е голема одговорност.
Многупати за време на тренингот, кога треба да подучувам некоја ката за која што сум проценил дека е премногу опасна за да се изведе со голема брзина, најавувам дека истата најпрвин ќе ја изведам споро. Откако уке ќе се навикне на движењата и ќе најде начин како да ја избегне повредата, тогаш ритамот на ката-та го забрзувам и обично велам: „еве сега ќе ја направам истата брзо.“
Но постои една група од 3-4 луѓе, „неверни Томо-вци“, кои додека подучувам честопати знаат да направат „фаца“ која вели: „е како да не, ова било брзо, што се замислува овој“. Иако, тие мислат дека јас не ги забележувам, од мој агол „таквите работи“ се гледат кристално јасно.
Дали во таков случај, за да го докажам спротивното, би требало ката-та веднаш и ненајавено да ја направам брзо и ефикасно, за да никој не се посомнева во мене?
Не. Корју буџутсу не е спорт. А да бидеш учител во традиционално доџо е голема одговорност.
Замислете доколку станува збор за ката со оружје, а учителот „падне“ на таква глупава провокација? Замислете тој да не знае како да го совлада своето его и почне да се докажува пред своите ученици? Зарем треба некој да „отиде“ за да водачот на доџо-то ја докаже својата вештина?
Многупати сум се нашол пред различни предизвици, но никогаш не сум дозволил моето его да ме совлада и да почнам да се докажувам. Многу добро знам колку се опасни кобудо техниките. Затоа пред провокациите упатени со „фаца“ и подсмев не одговорам никогаш. Најчесто велам: „не успева секогаш“ и продолжувам понатаму. Но знам дека ако направам за да успее по секоја цена, некој ќе биде повреден. А вештината на учителот не се гледа од неговата способност да ги повредува учениците, туку од начинот на кој тој се движи низ просторот.
На последниот тренинг имаше ситуација кога еден од помладите ученици мислеше дека поради неговата флексибилност ќе може да се ослободи од „Те но учи“. Станува збор за ученик кој има предуслови да стане добар воин во иднина, но се уште неисукусен и незрел. Без да потклекнам на „предизвикот“, но со желба да ја покажам ефикасноста на оружјето и техниката, го врзав малку поквалитетно без при тоа да го стегнувам околу вратот. Но неговата желба за докажување, направи тој самиот да го затегне јаженцето, така што моравме експресно да реагираме за да не се најде во поголема невоља. После оваа случка, истиот ученик го зголеми своето искуство и на своја кожа ја увиде опасноста од техниките.

Корју Буџутсу не е спорт. Да бидеш учител во традиционално доџо е голема одговорност.

_________________________________________________________

Обично во недела избегнувам да пишувам. Но денес е прочка. Затоа на овој ден, ги замолувам сите мои ученици да ми простат за се што сум им згрешил во изминатава година.
Простете ми!

До кога сенсеи?

Пред некој тренинг „газам“ планински мајмун на џунан ундо, а до мене „гази“ Марче. Запнувам силно со нозете од паркетот, на фацата одлучност, а дишењето правилно. Стигнуваме до крајот на салата и додека се исправам, Марче ме прашува (по не знам кој пат):
-До кога сенсеи?
-Додека да умрам Марче. Остарев и не ми дојде памет, па не верувам дека допрва ќе ми дојде.
Сум имал многу причини за да се откажам. Но никогаш не сум ниту помислил на такво нешто. Дури и кога сум имал тешки повреди на моето тело.
Кога сме кај повредите, вчера си правев ретроспектива од периодот 1988-2010 (од доле-нагоре):
-десен палец на стопалото (шинат од тсумасаки гери)
-десен зглоб на стопало (дисторзија од салто преку ѕидче)
-операција на десно колено (долготрајни хронични трауми од удари + удар со бокен)
-карлица (долготрајни хронични трауми од падови)
-лево рамо (изместено од пад на Марио Тушек врз него)
-лев лакт (шинат од они кудаки во далечната 1991)

-лева подлактица (напукната од пад од орев по неуспешно префрлување од гранка на гранка)
-лев зглоб на дланка (шинат од омоте гјакутори на Штефен Шулц)
-десен зглоб на дланка (шинат од пад од јаболко при откачување на шуко-то)
-мал прст на десна дланка (шинат и напукнат (пазете ова каков кретенизам) при тренинг атеми но танрен во ѕидот на зградата во задното дворче во 1990)
-неколку убоди со фукија и два убоди со шурикен
-другите повреди се мали и целосно залечени, така што не се бројат.

Па до кога сенсеи?
Додека сум жив !!!!!

п.с. Во последните неколку месеци дојде до огромно покачување на цените на струјата, горивото, храната, а со тоа и до опаѓање на животниот стандард. И покрај сето тоа, ќе се потрудам колку што можам подолго да ја сочувам сегашната цена на членарината за тренинг во доџо-то.