Шихан е јапонска титула која се доделува на мајсторите по боречки вештини од највисок ранг. Во превод значи мајстор (учител) или експерт.
Таа се дава на поединци кои имаат големо познавање на вештината, способност за правилно подучување како и развој и ширење на вештината.
Да се пишува за оваа титула потребно е доста време и простор. Затоа ќе се осврнам на неколку работи што треба секој почетник да ги знае за оваа толку многу посакувана титула во светот на будо-то (а особено во Буџинкан).
________________________
Титулата најчесто се добива во традиционалните јапонски борачки школи (корју буџутсу). Таа е резервирана само за неколкумина одбрани, а често пати само за еден (најдобар) ученик. Со оваа титула, всушност се добива лиценца (менкјо каиден), по што носителот доколку сака може да си отвори свое доџо или да си оснива своја организација каде што ќе доделува и дипломи, но може и понатаму да си остане во организацијата каде што ја добил титулата, а со тоа останува да биде почитиван до крајот на својот живот.
Титулата шихан која што се добива во Буџинкан, всушност не е титула за школите (корју) кои што се изучуваат таму, туку е титула за хибридната вештина Будо Таиџутсу која што е создадена од страна на соке Масааки Хатсуми кон крајот на 20 век. Треба сите да знаат дека таа лиценцата (менкјо каиден) не се доделува на нејапонци бидејќи старите школи (рју ха) се сметаат за јапонско национално богатство. Дури и модерните боречки вештини (Гендаи Будо) внимаваат на ова, па така денес нема ниту еден нејапонски шихан во Аикидо. Имено, постојат неколкумина нејапонци (Стивен Сегал, Франк Доран итн.) кои ја добиле оваа лиценца во минатото од некои учители кои што работеле под чадорот на Аикикаи (организацијата која што е мајка на сите аикидо организации т.е. Хомбу доџо-то на Аикидо-то со кое што денес раководи внукот на Морихеи Уешиба-оснивачот на вештината), меѓутоа нивните титули не се признаени од хомбу-то на Аикикаи.
Ова правило кое што е јавна тајна строго се почитува од Хомбу доџо-то на Аикикаи. Така, доколку некој Јапонец стигне до 6 дан, по правило добива можност и за добивање на титулата Шихан, меѓутоа тоа не е правило и во случајот кога нејапонците ќе добијат 6 дан (ги има повеќе меѓу кои во Европа најпознат е французинот Кристијан Тисиер, мајстор кој во техничка смисла е подобар аикидока од многу Јапонци).
Кога веќе почнавме да даваме примери преку аикидо-то, редно е да споменеме дека Македонија воопшто не е претставувана од ниту една организација која што е признаена од страна на Аикикаи (иако сите го тврдат спротивното). Тоа не значи дека дипломите на нашите аикидо инструктори се нелегални. Напротив, тие се издадени од Аикикаи, но преку други подорганизации кои се под чадорот на матичната. Ова можете и да го погледнете на официјалната страница на Аикикаи (http://www.aikikai.or.jp/eng/index.htm) во делот на Overseas organizations. (Значи, во Македонија нема ниту една официјално признаена организација за Аикидо.)
После ова сигурно ќе Ви биде полесно да разберете што значи титулата шихан во светот на јапонските боречки вештини и колку малку луѓе со ваква титула постојат особено меѓу нејапонците.
________________________________
Еден од ретките шихани за корју буџутсу (нејапонец) е сенсеи Антонино Черта од Италија кој што ја добил титулата директно во Хомбу доџо-то во Абашири (Јапонија). Токму ние (Пат кон Сонцето доџо) ја имаме таа чест да бидеме негови ученици, а тоа е огромна привилегија за нас.
Иккан!