Факт

Има еден факт што никој не може да го побие. Дури ниту најголемите хејтери. Секако, тие нема јавно да го признат тоа, но длабоко во себе си ја јадат душата бидејќи фактот е непобедлив.
-Буџинкан Македонија е секогаш чекор пред времето.

Нема да пишуваме сега за нашите подвизи, за нашите семинари во природа, за нашата соработка со најдобрите корју организации во Европа, за нашиот нинџа камп, за нашето доџо кое до летово ќе биде завршено и пуштено во употреба. Нема да пишуваме ниту за смешните (безуспешни) обиди на некои други (виртуелни) клубови да ја копираат нашата работа и тие да се обидат да ги направат истите работи кои ние со години ги правиме.
Темата е една вчерашна објава на ФБ на еден клуб кој обзнанува дека ќе почнат со организирање на семинари „по школите на Буџинкан“. Така, првиот семинар им е за Кото рју Коппоџутсу.
Најсмешното е што по пат на копи-пејст (од интернет) информираат дека Кото рју е школа која што се користи за борба на блиска дистанца. Тоа е тоа. Ако купиш (симнеш) некое двд или „деншо“ преку интернет, а потоа почнеш да држиш семинари „по школи“ бидејќи некој друг тоа успешно го прави, не значи дека сега си веќе голем мајстор.
Мислам, тоа можеби и значи нешто за слепите следбеници кои веруваат на се и сешто бидејќи на тој начин побрзо ќе стигнат до целта.
Инаку, бидејќи сум сигурен дека го читаат секој мој натпис, еве чисто колку да научат нешто, да им објаснам дека Кото рју се обидува да задржи големо растојание во однос на противникот. Така што, информациите собрани од интернет дека тоа е школа за блиска дистанца не вредаат ниту пет пари. Но, корју не се учи преку интернет. Затоа и грешките ќе се влечаат и повторуваат.

За што сакавме да зборуваме? За корју. За тоа што Буџинкан Македонија е чекор пред времето, нели?
Ние први го пренасочивме тренингот целосно кон корју. Од 2005 само за членовите од 5 кју надолу, кои постепено ги воведувавме во традиционалните школи, а од 2011 комплетно за сите наши членови (од првиот ден кога ќе се запишат). До 2010 се уште организиравме (само меѓународни) семинари за Будо Таиџутсу и вежбавме Будо Таиџутсу само на тие семинари (смешни сме на снимките бај д веј – работиме нешто што со години не го вежбаме). Од 2010 наваму и семинарите се целосно за корју.
Ние напредувавме, истражувавме, согледавме и се преориентиравме комплетно. Пред време. Многу пред другите кои сега се обидуваат да ги направат истите чекори. Тие сакаат и се надеваат дека ќе го постигнат истиот успех.
Сите наши ученици кои до 2010 немале 5 кју – вежбале со нас само Будо. Тие не знаат ништо за корју. Нивното знаење се потпира само на „симнување од интернет“.
На крај, да се потсетам на еден семинар на падините на Пелистер. Покажав малку корју од неколку школи на Буџинкан и еден од учесниците (сега бивши осрамотен член*) упорно ме прашуваше: сенсеи, ова Буџинкан е?
Во тоа време техниките на наге ваза му личеа на премногу силни за да бидат дел од Буџинкан. Мислеше дека Буџинкан е мек и нежен ( на интернет е таков, луѓето сами паѓаат без некој да ги допре), па некако не му беа јасни сите тие фрлања и моќни движења). Сега, кога гледам како ги лајкува луѓето кои вежбаат корју, но и легендите како Роберт Басеј и останатите кои навреме сфатиле, мислам дека полека почнал да разбира што е Будо Таиџутсу, а што е корју. Сигурен сум дека сега му се смешни сите тие меки движења, а дека одамна сфатил дека тренингот во Буџинкан Македонија бил вистинскиот.
Секако, ќе си хејта и понатаму. Како и сите други кои им е полесно да си хејтат, отколку да се покајат и признаат.
*Осрамотен значи еден од ретките кои го напуштиле нашето доџо со плукање, оговарање и заговарање. 99%, од стотиците членови кои вежбале кај нас, одржуваат одлични односи и вратата им е отворена засекогаш.

Место за Патот

До 道 – Пат

Џо 場 – место

——————————————-

Доџо-то ги зближува луѓето, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Доџо-то е место за социјализирање и дружење, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Во доџо-то ќе го најдете Вашиот најдобар другар (другарка), но причината за неговото постоење е сосема друга.

Во доџо-то ќе фатите девојка (дечко), но причината за неговото постоење е сосема друга.

Во доџо-то ќе се насмеете, расположите и ќе се наполните со позитивна енергија, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Доџо-то е наш дом, луѓето во него се наше семејство, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Да се концентрираме на причината. Да се концентрираме на Патот.
Само со концетрација на причината ќе ги сочуваме сите горенаведени добивки од доџо-то.

Направи

Мислам дека никој не може да каже, дека јас не правам се за да обезбедам одлична атмосфера на тренинг преку која Вие полесно ќе ги совладате техниките. Сигурно досега согледавте дека во една таква позитивна и „набиена“ атмосфера, тренингот е далеку подобар.

Некогаш сум како мек како леб тукушто изваден од фурна, а некогаш сум како карпа на ветрот. Некогаш се прилагодувам како вода која пробива после силен дожд, но некогаш сум како ветер што руши се пред себе. Таков е мојот начин. Секогаш различен, а истовремено ист. Мојата добра техника од Вас ќе направи добри техничари. Но само мојот специфичен начин на ментален тренинг може да Ви го разбистри умот и да Ви го покаже вистинскиот Пат. Се разбира, само доколку Вие го дозволите тоа.
И Вие треба да направите атмосфера. Да ја „набиете“ со Вашата глад за нови знаења. Со Вашиот интерес за следната техника, но прво откако добро ќе се совлада моменталната. Како што секогаш кажуваме, од нас зависи се.

Јас направив. Направи и ти. Но на правилен начин. Бидејќи некогаш има многу начини нешто да направиш и да мислиш дека си направил како што треба.
Некој може да направи жената да се почуствува како жена преку страствено водење љубов, а некој едноставно ќе и даде да му ја испегла кошулата.
Да направиме на вистинскиот начин!!!

Школите кои не ги знаеме

Гјокушин рју Нинџутсу и Кумогакуре рју Нинџутсу се школите во Буџинкан кои никогаш не се обработуваат. За нив не се зборува многу.
Нивните тајни се откриваат многу тешко. Со чепкање и гребење по површината.

Едно е сигурно. Двете школи немаат Таиџутсу во својот курикулум. Тоа е својствено за сите нинџутсу школи. Тие немаат форми (кати), туку само принципи по кои треба да се раководи.
Ќе зборуваме понатаму зошто е тоа така.

Јуданша

Јуданша – лице со мајсторско звање.
Лице кое што чесно стигнало до шодан (прв дан) и кое отворило нова врата на својот Пат.
Низ таа врата, знаењето полесно влегува, а техниките подобро се разбираат.
Во Буџинкан Македонија носителот на мајсторско звање вообичајно носи црн појас и црно кеико ги. Но звањето му дозволува да носи хакама, хачимаки (марама на глава), широк и разнобоен оби, кеико ги во различни бои како и разни други додатоци.

Воин со карактер. Воин со достоинство.

До кога вака?

Ја ставив торбата со опремата на задното седиште во возилото, кога отспротива, група од 15 основци (околу 13-14 години) нападнаа момче кое што се движеше на патеката отспротива. За миг го кутнаа долу и почнаа да го шутираат по целото тело. Извршувајќи го злоделото, викаа гласно и бесно, охрабрувајќи се меѓу себе за да може уште пожестоко да удираат по беспомошникот.
Додека во главата ми се вртеше старата источна поговорка: „доколку си сведок на криминал, а не преземеш ништо, тогаш и ти учествуваш во криминалот“, се упатив кон толпата и со викање и влечење почнав да ја растерувам. Не дека сметам дека сум премногу храбар или силен, но повеќе од што не можам да трпам неправда. Додека насилниците збунето ме гледаа, момчето кое што беше нападнато стана набрзина и почна да бега кон раскрсницата.
За миг малолетниците се двоумеа дали да ме нападнат мене или да тргнат по него, но набргу ја избраа втората варијанта. Изгледа и тие добро ја проценија ситуацијата како што и јас ја проценив.

Со поглед го испратив момчето и забележав дека групата пополека почна да се откажува од потерата, а потоа мирно влегов во возилото и заминав кон доџо-то.
Тоа што ме изненади беше коментарот на еден од учениците кој ми кажа дека ваквите настани биле во мода и дека многу „копиљаци“ од Ново Лисиче и Аеродром напаѓале во група и претепувале осаменици.
Се прашувам, каков ли е тој бес што ги тера младите така да се однесуваат? Какво ли им е домашното воспитување? Води ли државата воопшто грижа и дали се грижи доволно за безбедноста на улиците?
Многу прашања, а малку одговори.

Останува само задоволството од сознанието дека младите во нашето доџо се насочуваат на вистинскиот Пат. Господ нека не чува.