*Доџо – Место за вежбање односно усовршување на духот и телото
Навикнат да го поминувам моето време во доџо-то* или околу доџо-то, многу ретко се случува да прошетам некаде. Дури и кога имам малку повеќе слободно време, гледам да го искористам работејќи на земјата што ми е наследена од моите дедовци. Освен тоа, не сакам гужви, турканици, бучава, па поради тоа ретко се случува да поминам низ центарот на Скопје, освен кога имам некоја конкретна обврска што морам да ја завршам.
Вчерашниот ден се одлучив на прошетка низ центарот на мојот град, чисто да ѕирнам до „каде стојат работите“. И нормално, кога веќе одам на прошетка, секогаш пешачам од домот, па се до посакуваната одредница.
Додека поминував низ мојата населба (Јане Сандански – Аеродром), не забележав некои поголеми промени, бидејќи почесто се движам низ неа. Но штом навлегов во центарот на градот, уште на самата Железничка Станица, почнав да чувствувам некоја непријатност околу себе.
Апатични луѓе на тротоарот, замислени, без ниту една насмевка на лицето. Веќе на кејот кај ГТЦ, слика која што почна да ми го замаглува видот. Но врвот на се беше плоштадот и околината околу него.
Ѓубре, каде и да се свртиш. Отпадоци на сите страни. Бекатони фрлени на купче, па расфрлани на земја. Фасади од стиропор, кои се распаѓаат. Се почнато – ништо не довршено и доправено. Измети од кучиња и од коњи. Просјаци и скитници седнати или легнати на земја. Забулени жени и мажи со долги бради и куси панталони. Црномурести луѓе кои зборуваат на непознати јазици и кои сомнително набљудуваат од ќошињата.
Се обидував да слушнам некој збор на македонски. Неуспешно. До моите уши најчесто допираа зборови на турски, албански, ромски. И по малку на арапски. Но никако на македонски. Со еден збор, Скопје во моментов наликува на некој муслимански град од блискиот исток, а никако на европски.
Чекај малку, си велам. Дали е ова моето Скопје во кое што јас израснав или не е? Каков е овој пејсаж што делува како да е исечен од некој филм на Квентин Тарантино? Што се случи со Градот Убав? Кој го уби? Има ли некој контрола што се случува? Има ли некој да провери по какви стандарди се гради? Дали тоа што ќе се изгради добива конечно одобрение за употреба? Дали тој што се нафатил да гради на крајот е исконтролиран дали го завршил и како го сработил договореното? Контролира ли некој кој се влегува и дали ја напушта оваа земја? Дали се пријавуваат посетителите каде ќе престојуваат? Дали се внимава кому се допушта да ја помине границата? Има ли правец бродот наречен Македонија? Каде се движиме?
Погледнав уште еднаш во широк лак кон плоштадот и само една мисла ми дојде на умот: ТОТАЛЕН МАСАКР 全額殺戮
Властите во нашата земја направиле тотален масакр за овие 27 години!!!
Менувајќи се една со друга, според некој цикличен распоред, се повторува истата ситуација.
Првите сто дена ќе ги критикуваме тие пред нас што не ограбија и се збогатија. Вторите 100 дена ќе почнеме да „исправаме криви дрини“. А веќе на третата стотка ќе си поткраднуваме бидејќи нели прво мора ние да се обезбедиме, за да може државата да ја оправаме. И се така во круг.
Се вратив назад. Поразен и разочаран целосно од неспособноста на мојот народ. Од апатичноста и немањето желба и енергија да се направат вистински промени кои ќе им обезбедат подобар живот на нашите деца. Промени кои ќе ги натераат младите да останат тука и да го внесат европскиот дух во Македонија. И веднаш се сетив на зборовите на еден наш истакнат член: „Сенсеи, кога државата би функционирала така како што функционира нашето доџо, насекаде би гледале само насмеани лица“.