Кога сме кај честа…

Сенсеи, земи ја тетраткава и види дали се добро сум запишал, ми се обрати Марко по завршувањето на петочниот тренинг.

Стигнав дома, и после изведувањето на истиот ритуал веќе две декади наназад (бележење на редовност, туширање, вечера), седнав да ја разгледам тетратката на Марко. И да бидам искрен, воопшто не бев изненаден. Што друго и може да се очекува од него.

Над 100 страници, рачно напишани во форма на дневник. Сите поважни датуми за него и за клубот забележани. Сите текстови од веб-страницата препишани. Многу цртежи и фотографии. Мал речник на јапонски термини. Се што се случувало во клубот е забележано во неговата тетратка со дебели корици од скај. Како архива.

Ги вртев страниците и размислував колку би бил среќен кога сите ученици би ја имале пожртвуваноста на Марче. Не дека и тој си нема мани, како што си имаме сите ние. Но, Марче има некои особини кои што се веќе заборавени категории во времето во кое живееме.

Не случајно секогаш кажувам, да го имаш Марко за пријател, значи дека си богат човек. Имаш некој на кого можеш да се потпреш, да му веруваш. Некој што секогаш ќе застане рамо до рамо со тебе и ќе се обиде докрај да ја брани вистината.

Правичен и строг. Тоа ќе му носи многу проблеми и секирации во ова време-невреме. Но затоа секогаш ќе го прави посебен. Анахронизам на едно друго време. Изумрено. Кое денес постои само на филмовите.

Јапонски меч

Повторно клип. Но овој пат многу едукативен. Со оглед на тоа дека се уште сме во месецот на Тачи, еве ви еден пример за цврстината на јапонскиот меч. Го гаѓаат со машин ган и им треба дури седум куршуми за да го искршат. Забележете на спората снимка од половината на клипот (па натаму), како се крши дел по дел од сечивото, за на крај да се одвои целосно. Тоа што запрепастува е снимката што следи потоа, каде што се гледа во колку слоеви е кован, во што и лежи тајната на неговата цврстина.

Музиката која оди во позадината само метафорично потсетува на умирањето на деновите и времето кога на цена биле чесноста, дисциплината, лојалноста. Категории кои одамна се изумрени.

На вториот клип, споредени се јапонскиот и европскиот меч. И двата сечат, но забележете ја разликата во времетраењето на сечењето. Видите колку време му треба на тешкиот европски  меч за да се врати во борба повторно.

Канџи – сликовно писмо

Многупати на тренинзите сме се сретнале со некакви јапонски изрази за кои сме давале објаснување. Сме се обидувале да ги преведуваме имињата на катите, при што, некои од Вас забележале дека тоа не е нималку едноставно.

Првата причина за тоа, е секако, што во времето кога тие изрази биле создадени и запишани во деншо-то или макимоно-то, се користеле само кинески сликовни знаци таканаречени канџи. Од друга страна и јапонскиот, како и сите други живи јазици, е постојано изложен на промени. Како што денешните Македонци тешко би го разбрале македонсикот јазик од 12 век, слично би се случило и со денешните Јапонци кои би се обиделе да прочитаат некој текст од пред 800 години.

За проблемот да биде поголем, еден ист збор може да има повеќе значења во зависност од тоа со какви канџи е напишан.

Еве на пример зборот „Ко“. Тој може истовремено да значи: дете, доцна, младенче, посебен, мерка за должина, голем, огромен, стар, цена, продажба, грев итн.

Сложено е, нели?

Рамнотежа / баланс (tsuriai)

„Сенсеи, мислам дека во иднина е подобро да пишуваш на блогот текстови, размислувања или настани. Клиповите се интересни, ама не се толку едукативни“.

Вчера го добив овој маил од еден од нашите ученици. Мислам дека меѓу редови сакаше да каже: „ако е за гледање клипови, можам и сам да си ги најдам на ју туб„.
Како што кажав, Вие учите од мене, а јас учам од Вас. Ја прифаќам забелешката, секако. Благодарам.

Еве, денес ќе зборуваме за тсуриаи односно рамнотежа. Но не за тсуриаи потребна за време на таисабаки, туку за рамнотежа во односот со луѓето од нашата околина.

Замислите си дека сте инструктор во еден клуб за боречки вештини каде што има 40 ученици. Во клубот владеат прекрасни меѓучовечки односи. Како инструктор, на вас лежи огромна одговорност за да го постигнете тоа. Сите тие 40 членови имаат свои карактери. Сите имаат убави и лоши денови. Сите имаат свои проблеми, маки, секирации. Ви веруваат и ви се доверуваат често. Некогаш (иако многу ретко) ќе исплива и ќе се појави и некој меѓусебен проблем. А вие, како одговорен, бидејќи сакате вашиот клуб да биде синоним за здрава средина и среќни луѓе, треба да излезете во пресрет, да разговарате со сите (страни) и да донесете исправна одлука со која ќе се врати спокојството во клубот. Зборувате со еден, тој го кажува проблемот, па зборувате со друг, и тој го прави истото. При тоа, треба да внимавате на балансот. Тоа е многу тенка линија. Некогаш може и да згрешите. Можеби некој и ќе се налути. Ќе донесе брз и погрешен заклучок. Но и тоа некогаш мора да се случи кога се во прашање толку луѓе. Вие сте еден, тие се 40-тмина. И потоа се од почеток.

Се додека има можност за балансирање, постои надеж дека се ќе се среди како што треба. Кога таа можност ќе биде исцрпена, тогаш е време за одлучна акција. Но тоа никогаш не е приоритет.

Запомнете Ве молам: „Секогаш има црвена линија која што ако се пречекори ќе донесе последици. Поставете ја таа линија малку порано и понапред и држете безбедно растојание (мааи) зад неа.

Вашите успеси ги доживувам како свои. Вашите порази ме болат како да се мои.

Трејлер

Еден олд скул трејлер од 1963 година. Време кога нема дигитални ПЦ специјални турбо инџекшн ефекти.
Забележете каква драма, каква акција, сензуалност и еротика, со каков набој изобилува филмот.

Нема нинџа роботи облечени во ентерпрајз старварс одела. Се е чисто.

Прочка

Денес е прочка. Простете ми за се што сум Ви згрешил.

И Ве молам, секогаш кога сметате дека со нешто Ви грешам, посочете ми веднаш в лице. Само така можете да ми помогнете во моето самоусовршување.

Вие учите од мене, јас од Вас. Јас Ви помагам Вас, Вие ми помагате мене.

Извади ја креативноста од себе

Го знаете малиот Антон од нашето доџо? Да, тоа е оној што никогаш не пропушта тренинг. Што доаѓа секогаш половина час пред другите и што одлично напредува поради тоа. Што само за малку не успеа да го заврши последното Шугендо. Тој де, баш тој, што неодамна наполни 18 години и што сите реквизити потребни за на тренинг си ги изработува сам. И тоа без ничија помош. Сам, самцат. Без да гледа од слики, без да гледа од интернет. Само од информациите што ги добива од мене или од постарите ученици.
Вчера кога го запрашале во доџо како го постигнува тоа, Даре се нашол во близина и им одговорил веднаш.
– Епа Антон нема дома интернет.
Со овие неколку збора Даре кажал се. Антон нема дома ниту компјутер, ниту интернет. Тој не се плаши дека ќе „пропушти“ да најде виртуелна девојка, виртуелени другари, виртуелни пари или нинџутсу знаење кое „го има на секој чекор“ на мрежата.

И повторно, Антон има многу другари, му се лепат девојчиња, а во вештината напредува одлично.
Добро е што Даре одговорил место мене. Ако јас го кажев тоа, виртуелните нинџи ќе нападнеа дека „јас не им дозволувам на моите ученици да посетуваат интернет бидејќи ќе ја видат вистината за Буџинкан“. Уште се смеам кога ќе ми текне на тоа. Каков тиранин сум јас. Забранувам се.

А вистината за Буџинкан? Па, и подобро да не ја знаат. Ќе се разочарат кога ќе дознат дека денес можеш од 5 кју без полагање да земеш 1 дан. Од 1 дан без полагање да добиеш (читај купиш) 4 дан. Од 5 дан да одиш на 9 дан. Ете до каде дојдоа работите.
На Антон тоа и не му е важно. Кога го прашав зошто дома не стави интернет за да може да следи што се случува на нашата страница ми одговори дека се што го интересирало ќе ме прашал мене. И додаде дека не го интересира што се случува во Буџинкан надвор од Македонија, бидејќи е среќен во нашето доџо и друго не му било важно.

Епа истиот тој Антон, место да седи пред компјутер и да „вежба“ по тастатурата, да се згрбавува и да биде зависен од нешто што е виртуелно, во својот двор си ја развива својата креативност. Прави секакви реквизити и со тоа ги подигнува своите физички и ментални способности на едни повисоки граници.

Смешно е тврдењето дека некој некому може да забрани во 21 век. Само идиоти веруваат во тоа. Но, се додека Антон покажува подобри резултати од другите, јас ќе го подржам во неговото вежбање во доџо наместо на тастатура.

Итс гуд ту би бек (Горјан)

Еј, фатаморгана. Тоа е нашиот традиционален доџо поздрав доколку некој не се појави подолго време на тренинг.
Убаво е кога луѓето ќе се вратат повторно во доџо. Кога ќе почуствуваат дека нешто им недостасува во животот. Дека тоа нешто го има во нашето доџо. Дека воздухот што таму го дишат е пријатен. Дека секогаш има место за нив во таа испотена просторија. Дека тука се искрено сакани.
Вчера имавме две фатаморгани. Едната, таканаречена Горјан, еве јавно го прогласувам за доживотно почесен член.
Зошто? Од многу причини. Но најважната е што, иако секогаш знае ненајавено да замине, тој секогаш мудро вратата си ја остава подотворена. На тој начин знае дека може да се врати кога и да посака. И навистина, сите наши досегашни членови, а ги имало над илјада, кои некогаш биле дел од нашето семејство, си заминале по своите патишта, но секогаш ќе бидат добредојдени. Нашата врата е секогаш отворена за нив.
Со исклучок на неколку. Тоа се тие кои вратата ја треснале силно и ја исплукале потоа. Тоа се тие кои доаѓале на два тренинга месечно и кои секоја критика ја примале со гнев и замерка наместо со љубов. Тоа се тие што за својата слабост обвиниле некој друг. Користејќи ја секоја прилика, тие со лаги и омраза силно ја заковале вратата на нашето доџо, така што ништо повеќе не може да ја отвори.

Кога ќе се видам со некој поранешен член на нашиот клуб низ градот се чуствувам убаво. Ја стегам неговата рака цврсто, прашувам како живее, дали му е добро. Се уште го чуствувам како свој ученик. Без разлика зошто заминал. Тој секогаш ќе може да се врати назад. Само затоа што ја оставил вратата подотворена.

Учете од Горјан како да не ја трескате вратата која ви отворила нов видик во животот. Девеесет и девет пати замина, стопати се врати. И пак исто. Уште на првиот час бамбори постојано. Дофрла и се смее, а јас го „мавам“ и критикувам. Но тој знае кога треба да закочи.

За крај разговорот со него во соблекувална.

-Сенсеи, знаете дека почнав да свирам и на гитара?

-Мали, тебе уште само тоа ти требаше. Се друго во животот проба и „научи“.

-Епа заглавив со едни хипици и ме заразија да свирам.

Ако Горјан. Пробај, види, обиди се. И пак ќе се вратиш назад. Го чуваме твоето место. Нас ни требаат и такви како тебе.

Псссссссссссст. Имам визија. Шетам низ плоштад и гледам 200 луѓе собрани и ракоплескаат. Се доближувам и го гледам Горјан качен на моноцикл со седиште три метра во висина како жонглира со девет чунови.
-Еј сенсеи, уште ова да пробам. Налетав на едни жонглери и …
-Мали, ај не бамбори многу. Пробај уште ова и те чекам на тренинг во среда.

Тачи

Вечер го почнуваме месецот на тренинг со Тачи.
Како и секогаш, на почеток ќе се запознаеме со историјата и намената на ова оружје ( без информации од Википедија и интернет секако:) ), а потоа ќе следат техниките со него.

Бидете подготвени, како и секогаш, на напорен и исцрпувачки тренинг.
Постојат два типа на луѓе. Едните кои градат и со делата освојуваат и напредуваат. Другите кои зборуваат и со зборови го уништуваат тоа што некој друг го гради.

Буџинкан Македонија гради и граби напред. Со дела! Докажано!

Реката на животот

Пливајќи по реката наречена живот, сретнуваме секакви луѓе.
Некои од нив се говна, а некои злато вредаат.

Понекогаш и говното се обојува во златно. Свети, сјае, изгледа убаво. Но ако малку загребете по неговата површина, ќе ја почуствувате смрдеата. Почнува да корне, да диза, да задушува.

Говната се лесни. Пловат по површината натаму-наваму. Носени се од струјата каде што таа ќе посака.

Златото е тешко и тоне. Се што треба да направите е да се нурнете подлабоко во реката. Говната остануваат на површината, а златото самото ќе Ви се открие.