Факт

Има еден факт што никој не може да го побие. Дури ниту најголемите хејтери. Секако, тие нема јавно да го признат тоа, но длабоко во себе си ја јадат душата бидејќи фактот е непобедлив.
-Буџинкан Македонија е секогаш чекор пред времето.

Нема да пишуваме сега за нашите подвизи, за нашите семинари во природа, за нашата соработка со најдобрите корју организации во Европа, за нашиот нинџа камп, за нашето доџо кое до летово ќе биде завршено и пуштено во употреба. Нема да пишуваме ниту за смешните (безуспешни) обиди на некои други (виртуелни) клубови да ја копираат нашата работа и тие да се обидат да ги направат истите работи кои ние со години ги правиме.
Темата е една вчерашна објава на ФБ на еден клуб кој обзнанува дека ќе почнат со организирање на семинари „по школите на Буџинкан“. Така, првиот семинар им е за Кото рју Коппоџутсу.
Најсмешното е што по пат на копи-пејст (од интернет) информираат дека Кото рју е школа која што се користи за борба на блиска дистанца. Тоа е тоа. Ако купиш (симнеш) некое двд или „деншо“ преку интернет, а потоа почнеш да држиш семинари „по школи“ бидејќи некој друг тоа успешно го прави, не значи дека сега си веќе голем мајстор.
Мислам, тоа можеби и значи нешто за слепите следбеници кои веруваат на се и сешто бидејќи на тој начин побрзо ќе стигнат до целта.
Инаку, бидејќи сум сигурен дека го читаат секој мој натпис, еве чисто колку да научат нешто, да им објаснам дека Кото рју се обидува да задржи големо растојание во однос на противникот. Така што, информациите собрани од интернет дека тоа е школа за блиска дистанца не вредаат ниту пет пари. Но, корју не се учи преку интернет. Затоа и грешките ќе се влечаат и повторуваат.

За што сакавме да зборуваме? За корју. За тоа што Буџинкан Македонија е чекор пред времето, нели?
Ние први го пренасочивме тренингот целосно кон корју. Од 2005 само за членовите од 5 кју надолу, кои постепено ги воведувавме во традиционалните школи, а од 2011 комплетно за сите наши членови (од првиот ден кога ќе се запишат). До 2010 се уште организиравме (само меѓународни) семинари за Будо Таиџутсу и вежбавме Будо Таиџутсу само на тие семинари (смешни сме на снимките бај д веј – работиме нешто што со години не го вежбаме). Од 2010 наваму и семинарите се целосно за корју.
Ние напредувавме, истражувавме, согледавме и се преориентиравме комплетно. Пред време. Многу пред другите кои сега се обидуваат да ги направат истите чекори. Тие сакаат и се надеваат дека ќе го постигнат истиот успех.
Сите наши ученици кои до 2010 немале 5 кју – вежбале со нас само Будо. Тие не знаат ништо за корју. Нивното знаење се потпира само на „симнување од интернет“.
На крај, да се потсетам на еден семинар на падините на Пелистер. Покажав малку корју од неколку школи на Буџинкан и еден од учесниците (сега бивши осрамотен член*) упорно ме прашуваше: сенсеи, ова Буџинкан е?
Во тоа време техниките на наге ваза му личеа на премногу силни за да бидат дел од Буџинкан. Мислеше дека Буџинкан е мек и нежен ( на интернет е таков, луѓето сами паѓаат без некој да ги допре), па некако не му беа јасни сите тие фрлања и моќни движења). Сега, кога гледам како ги лајкува луѓето кои вежбаат корју, но и легендите како Роберт Басеј и останатите кои навреме сфатиле, мислам дека полека почнал да разбира што е Будо Таиџутсу, а што е корју. Сигурен сум дека сега му се смешни сите тие меки движења, а дека одамна сфатил дека тренингот во Буџинкан Македонија бил вистинскиот.
Секако, ќе си хејта и понатаму. Како и сите други кои им е полесно да си хејтат, отколку да се покајат и признаат.
*Осрамотен значи еден од ретките кои го напуштиле нашето доџо со плукање, оговарање и заговарање. 99%, од стотиците членови кои вежбале кај нас, одржуваат одлични односи и вратата им е отворена засекогаш.

Место за Патот

До 道 – Пат

Џо 場 – место

——————————————-

Доџо-то ги зближува луѓето, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Доџо-то е место за социјализирање и дружење, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Во доџо-то ќе го најдете Вашиот најдобар другар (другарка), но причината за неговото постоење е сосема друга.

Во доџо-то ќе фатите девојка (дечко), но причината за неговото постоење е сосема друга.

Во доџо-то ќе се насмеете, расположите и ќе се наполните со позитивна енергија, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Доџо-то е наш дом, луѓето во него се наше семејство, но причината за неговото постоење е сосема друга.

Да се концентрираме на причината. Да се концентрираме на Патот.
Само со концетрација на причината ќе ги сочуваме сите горенаведени добивки од доџо-то.

Направи

Мислам дека никој не може да каже, дека јас не правам се за да обезбедам одлична атмосфера на тренинг преку која Вие полесно ќе ги совладате техниките. Сигурно досега согледавте дека во една таква позитивна и „набиена“ атмосфера, тренингот е далеку подобар.

Некогаш сум како мек како леб тукушто изваден од фурна, а некогаш сум како карпа на ветрот. Некогаш се прилагодувам како вода која пробива после силен дожд, но некогаш сум како ветер што руши се пред себе. Таков е мојот начин. Секогаш различен, а истовремено ист. Мојата добра техника од Вас ќе направи добри техничари. Но само мојот специфичен начин на ментален тренинг може да Ви го разбистри умот и да Ви го покаже вистинскиот Пат. Се разбира, само доколку Вие го дозволите тоа.
И Вие треба да направите атмосфера. Да ја „набиете“ со Вашата глад за нови знаења. Со Вашиот интерес за следната техника, но прво откако добро ќе се совлада моменталната. Како што секогаш кажуваме, од нас зависи се.

Јас направив. Направи и ти. Но на правилен начин. Бидејќи некогаш има многу начини нешто да направиш и да мислиш дека си направил како што треба.
Некој може да направи жената да се почуствува како жена преку страствено водење љубов, а некој едноставно ќе и даде да му ја испегла кошулата.
Да направиме на вистинскиот начин!!!

Школите кои не ги знаеме

Гјокушин рју Нинџутсу и Кумогакуре рју Нинџутсу се школите во Буџинкан кои никогаш не се обработуваат. За нив не се зборува многу.
Нивните тајни се откриваат многу тешко. Со чепкање и гребење по површината.

Едно е сигурно. Двете школи немаат Таиџутсу во својот курикулум. Тоа е својствено за сите нинџутсу школи. Тие немаат форми (кати), туку само принципи по кои треба да се раководи.
Ќе зборуваме понатаму зошто е тоа така.

Јуданша

Јуданша – лице со мајсторско звање.
Лице кое што чесно стигнало до шодан (прв дан) и кое отворило нова врата на својот Пат.
Низ таа врата, знаењето полесно влегува, а техниките подобро се разбираат.
Во Буџинкан Македонија носителот на мајсторско звање вообичајно носи црн појас и црно кеико ги. Но звањето му дозволува да носи хакама, хачимаки (марама на глава), широк и разнобоен оби, кеико ги во различни бои како и разни други додатоци.

Воин со карактер. Воин со достоинство.

До кога вака?

Ја ставив торбата со опремата на задното седиште во возилото, кога отспротива, група од 15 основци (околу 13-14 години) нападнаа момче кое што се движеше на патеката отспротива. За миг го кутнаа долу и почнаа да го шутираат по целото тело. Извршувајќи го злоделото, викаа гласно и бесно, охрабрувајќи се меѓу себе за да може уште пожестоко да удираат по беспомошникот.
Додека во главата ми се вртеше старата источна поговорка: „доколку си сведок на криминал, а не преземеш ништо, тогаш и ти учествуваш во криминалот“, се упатив кон толпата и со викање и влечење почнав да ја растерувам. Не дека сметам дека сум премногу храбар или силен, но повеќе од што не можам да трпам неправда. Додека насилниците збунето ме гледаа, момчето кое што беше нападнато стана набрзина и почна да бега кон раскрсницата.
За миг малолетниците се двоумеа дали да ме нападнат мене или да тргнат по него, но набргу ја избраа втората варијанта. Изгледа и тие добро ја проценија ситуацијата како што и јас ја проценив.

Со поглед го испратив момчето и забележав дека групата пополека почна да се откажува од потерата, а потоа мирно влегов во возилото и заминав кон доџо-то.
Тоа што ме изненади беше коментарот на еден од учениците кој ми кажа дека ваквите настани биле во мода и дека многу „копиљаци“ од Ново Лисиче и Аеродром напаѓале во група и претепувале осаменици.
Се прашувам, каков ли е тој бес што ги тера младите така да се однесуваат? Какво ли им е домашното воспитување? Води ли државата воопшто грижа и дали се грижи доволно за безбедноста на улиците?
Многу прашања, а малку одговори.

Останува само задоволството од сознанието дека младите во нашето доџо се насочуваат на вистинскиот Пат. Господ нека не чува.

Солзи

Кога ги видов солзите радосници во Вашите очи, во Вашите искрени погледи, сфатив колку некои луѓе се сиромашни и бедни.

За миг помислив како го примиле (добиле) црниот појас. Без емоции, со лажна радост. Со радост дека имаат нешто што отсекогаш го посакувале, а со лажна надеж дека тоа го заслужиле.
Вашите солзи предизвикаа солзи кај мене. Појасите што беа натопени со пот и крв, се натопија со солзи. Сега тројството е заокружено. Без тоа тројство нема заслужени појаси. Нема заслужени звања.
Продолжете. Чесно и упорно како и до сега.
Вие сте вистински Воини!!! И секогаш ќе бидете.

Услов

Секоја година, пред составувањето на списокот за полагање, одреден број на ученици добиваат таканаречен Услов, за да можат да учествуваат на полагањето. Условот најчесто забранува пропуштање на повеќе од четири тренинзи до денот предвиден за тестирање.

Во тој период, посебно се цени присуството на учениците кои нема да полагаат односно кои не се условени  да присуствуваат редовно на тренинг. Токму во тој период се одлучува дали истите ученици ќе имаат право да полагаат и на следното и дали тие ќе бидаат „под услов“. Токму тогаш ученикот го истакнува својот карактер.

Иако малку грубо звучи, условот не се користи како супститут за некаква забрана. Во боречките вештини условот означува проверка на сопствениот карактер.

Учениците кои се под Услов обично се редовни до полагањето и го исполнуваат условот. Тој треба да им покаже дека сите изговори кои претходно ги имале не „држат вода“.

Ако можете да бидете редовни кога сте условени, тогаш можете да бидете редовни и кога не сте.

Условот не е уцена. Условот не е поради желбата и вољата на учителот. Условот нема задача да Ве натера нешто со сила.

Условот го испитува Вашиот карактер и Ве прави да бидете одговорни. Условот Ве гради како личност. Условот Ве развива како будо-ка.

Лихвари и должници

Успехот постигнат преку ноќ има краток век на траење. Секоја инстант слава завршува неславно. Газењето преку трупови и забивањето нож во грб на пријателите, порано или подоцна ќе се врати како бумеранг.
Тоа се случи. Точно како што предвидов. И воопшто не беше тешко да го сторам тоа.

Тажната приказна оди вака. Пријателот од соседната земја ти се жали дека е обесправен и бара помош од тебе. Му подаваш рака и го вадиш од анонимноста. Го вивнуваш од калта право во височините. Го запознаваш со луѓето и зборуваш добро за него.

Му тргнува добро. Во височините е убаво. Воздухот е попријатен.

Наместо да биде благодарен, тој станува алчен. Сака повеќе. Бара повеќе.
Станува независен. Го свртува грбот. Ги свртува луѓето кои вие сте му ги пратиле против вас. Изневерува на најбезобразен начин. Со вашите ученици. Врбува. Отворено флертува со тие со кои не би требало. Придобива. Мисли дека ве надминува.
Верува дека е најдобар.

Организира семинари. Заработува. Се шири.

Но должи. Се задолжува. Не само што не го враќа долгот, туку и намерно го заборава. И лаже. Дрско и безобразно. И не признава.

Но до кога? Може ли така? Смее ли така? Ќе го дозволи ли природата тоа?

Задолжувањето кај лихварите не е исто како задолжувањето кај пријателите. Вторите простуваат. Првите никогаш. Вторите не го бараат долгот за возврат, тие само сакаат почит. Кај лихварите не е така. Мораш да го вратиш долгот. Стануваш обврзен да одиш на нивните семинари. Те поседуваат. Или ќе пушиш или си готов. Немаш избор. Можеш да му избегаш на еден лихвар, но ќе мораш да одиш кај друг. Од новиот лихвар земаш, на стариот му враќаш. И се така во круг.

Но до кога?

Додека сите лихвари не дознаат дека тоа го правиш постојано. И додека не те исплукаат преку Фејбук онака како што ти ги плукаше твоите пријатели. Додека јавно не се откажат од тебе. И на крајот крилата ги снемува. Ти ги поткаструваат. Паѓаш повоторно надолу. Назад во говната, назад во калта.
За жал, пријателите веќе не можат да ти помогнат. Ти ги уби. Им забоде нож во грбот. Го заборави тоа?

Повторно си мал и сам. Пријателите напредувале споро и чесно. Но немаат газди. Не должат на лихвари. Почитувани се. Најдобрите мајстори се со нив. Најдобрите организации ги посакуваат во своите редови. Соработуваат со нив. Затоа што тие никогаш не забивале нож во грб. И секогаш помагале. Не должат никому. Живеат мирно. Напредуваат сигурно.

Пријателите се уште го чуствуваат ножот в грб. Се уште ги боли местото на убодот. Но не ти се наситуваат. Дури те сожалуваат.

А како да се наситуват? На што да се наситуват? Должниците и лихварите го уништија Буџинкан. Зарем на тоа треба некој да се радува? На плуканиците на интернет? Смрдеата во етерот? На озборувањето. До кога? До кога ќе ги гледаме овие ефтини приказни со лесно предвидливи завршници?

Залет

Викендов разгледував некои стари фотографии и писма поврзани со мојот тренинг во Буџинкан. Случајно налетав и на моите стари дипломи кои значително се разликуваат од денешните. Се потсетив на времето кога се вежбаше за знаење, а не за дипломи, но и на времето кога тие почнаа да стануваат средство за заземање на подобра положба во организацијата.
Тоа беше време кога сите дипломи беа доделувани од страна на водачите на доџо-а. А истовремено беа под покровителство (и признаени) од страна на соке Масааки Хатсуми. Тоа всушност и го пишуваше на самата хартија. Повеќето од денешните топ инструктори (шихани) всушност имаа такви дипломи за кои што јас пишувам.
Некои од тие парчиња хартија изгледаа и прилично смешно, зборувам од визуелна гледна точка, но сепак, никој не се грижеше за тоа. Знаењето беше тоа што беше приоритетно.
Потоа, одненадеж дојдоа нови времиња. Падна одлука старите дипломи да се заменат со нови. Тие што имаа услови да заминат во Јапонија, тоа го направија лесно. Тие што немаа, се молеа кај тие што имаа, со цел да им бидат признанени или да ги преполагат повторно.
Заебани времиња, но сепак, доста почесни од овие сегашниве.
Денес, многу млади мајмуни ќе се залетат и ќе се „фатат“ за дипломите. Не за џабе велам, да се фатиш за работа што не ја познаваш, е исто како да се „фатиш“ за нешто „друго“. И не случајно додавам, за да зборуваш за деликатни работи (како за дипломи), треба да ја познаваш ДУШАТА на Буџинкан. А тоа го можеш само ако си бил, и се уште си, со ЛУЃЕТО кои биле дооолги години во јадрото. Но ако си маалска џукела која што само знае да лае (по тој што го ранел), а која се продава за парче хартија (диплома) на некоја друга маалска џукела, која што е малку попамента од тебе, тогаш цел живот ќе останеш „кусур за поткусурување“. И ќе се лажеш дека твојата лага е вистина се додека и самиот навистина не поверуваш во неа.
За сите тие што се залетале како млади мајмуни, еве им фотка од диплома за нидан (името го замачкав поради заштита на приватноста) на еден од денес најголемите авторитети во боречките вештини во Европа.
Не мора воопшто да се чудите и распрашувате. Да бевте во Буџинкан во тие години, кога се уште мочкавте во пелени, ова ќе ви беше сосема нормално.