Време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија

Живееме во времиња на Фејсбук демократија. Секој исфрустриран лик кој што поради свои лични убедувања или претензии нема симпатии кон вас, може да ве уништи и сотре за миг. Доволно е да ве исплука на ѕидот на својот профил, а потоа истата невистинита информација како магија ќе се прошири со молскавична брзина низ мрежата. Се разбира, колку лагата е посензационалистичка, толку брзината на распростанување на истата ќе биде поголема.

Таквите лажни обвинувања без докази веќе станаа стандард и ги гледаме и читаме секојдневно. Тоа што плаши е што никој не се обидел барем да размисли пред да ја прочита, лајкне или сподели информацијата: дали има вистина во неа?

Утрово еден од моите ФБ пријатели споделил информација дека обвинетиот за тероризам Борис Дамовски побарал од судот да се брани од слобода, а веднаш под самата информација некој лик коментирал: „Море нека скапе во затвор, убаво му беше кога лапна од државата 700.000 евра“. Потоа на ова веднаш се налепија сезнајковците кои лицитираат со некакви си добиени пари од државата (за филм кој никогаш не бил снимен), па така цифрата стигна до 2.000.000 евра. А јас сум убеден дека такви пари за таков филм, дотичната особа никогаш не добила. Меѓутоа, веќе се е доцна. Го обвинија, го осудија и го жигосаа човекот без при тоа да го прашаат, разговараат, а да не зборуваме да изнесат некакви докази против него пред јавноста.

А вакви ситуации има секојдневно. Една таква лавина од обвинувања и осуди неодамна имаше и за водичот на планинарското друшто „Трансверзалец“, Зоран Костадиновски – Москито. Тој беше толку силно „исплукан“ од сезнаечките експерти, што како што дознав од негови лични пријатели, човекот бил на работ на нервен слом. Замислете, без воопшто да ја познаваат ситуацијата, „експертите“ кои што никогаш не стапнале на планина, го осудија и уништија животот на човекот кој планината ја познава како својот џеп.
Со најголема жал за загубените животи на Калина и Александар, сигурен сум дека Москито дал се од себе за да ги извлече од ситуацијата во која што се нашле. Но тоа што „фејсбук експертите“ не го знаат, е бројот на спасени животи од страна на истиот тој човек што така немилосрдно го исплукаа.
И што сега? Неговиот углед засекогаш е уништен од страна на сезнајковците кои никогаш не стапнале на планина. Од тие кои воопшто не го ниту познаваат Москито.
Секако, можам целосно да ги разберам родителите на загинатите кои поради огромната болка изрекоа сомневања и обвинувања кон Костадиновски. Нивното страдање е толку големо, што тие се спремни на се за да ја дознаат вистината. Но што е со сите други кои даваа експертизи и го „решаваа случајот“ удобно залегнати во своите меки фотељи? Дали некој од нив помисли дека животот на Москито е веќе уништен? Ниту една тужба за клевета која сигурно би ја добил повеќе нема да го испере неговиот образ, извалкан безобзирно без никаков доказ.

И сега додека сите ликуваат и навиваат државата да го суспендира планинарското друштво „Трансферзалец“, никој не се запрашал што тој клуб има направено за илјадници млади луѓе кои спасот од загадениот град го нашле во мирот на планината. Никој од плукачите не ја почуствувал слободата што природата ја дава. И најважното од се!!! Секој вистински планинар ја знае моќтта на планината и дека самото искачување на неа може да биде опасно. Всушност, ние сме нејзини гости и мораме да ги почитуваме нејзините правила. А планинарските друштва не се „војничка чета“ па да можат некому да наметнат насила дисциплина. И на крајот, тој што сака да ужива во планината и во нејзините врвови, ќе замине ако треба и сам да ја искачува.

Оставете ги клубовите нека си работат. Колку повеќе луѓе во природа, толку повеќе здрави генерации (граѓани) во државата. Наместо да ги стимулирате да работат, вие навивате да се затворат.

Но ете, живееме во време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија и секој може да напише што сака без трунка страв дека ќе одговара за напишаното. Секој може да уништи нечиј живот со неколку потези на прстите врз тастатурата. А најстрашното од се е што таа информација ќе се прошири со невидена брзина од страна на бедниците кои се ситаат додека нечиј живот пропаѓа. Ним им е важно само некој да биде осуден, обвинет, понижен и уништен. Само така нивната душа ќе ужива во фиктивната правда која единствено може да ги излечи нивните злобни души.

Живееме во време на Фејсбук демократија, лудило и хистерија. Војните почнаа да се водат со тастатура, преку медиуми и на зелени маси. Чесната борба гради в гради со соочување на вештината и на аргументите веќе одамна е демоде. Битките почнаа да ги добиваат тие кои можат најдалеку да плукнат. За чесните нема повеќе место на овој свет.

Да живее Фејсбук демократијата. И не заборавај. Можеби ТИ си следната жртва.

Уште една Прочка

Денес е денот кој народот го прославува под името Прочка. А јас и понатаму упорно одбивам да бидам во ист кош со оние кои цела година грешат, а потоа мислат дека со една реченица ќе си ги измијат гревовите. Не дека сум јас подобар од другите и дека не грешам, меѓутоа не сум лицемер и не мислам дека сите гревови ќе ми бидат однесени како „со дланка преку прашина“ ако ги изговорам „магичните зборови“.
Оригиналната идеја која стои зад овој празник е совршена и надземска. Но практичната реализација е преточена во желба за потчинување на помладите, над послабите, за обид за докажување на нечија вина или за смислено „перење на мозокот“ во некои случаи.
Религијата е наменета за обичните луѓе. Духовноста е за Воините. Можеш да бидеш крајно продуховен, а воопшто да не бидеш религиозен. Не може секој да го разбере ова. И не треба секој да го разбере. Не припаѓаме сите во истиот кош.

Во името на „оригиналната идеја“, барам прошка од сите Вас за се што сум Ви згрешил во текот на изминатава година. И се додека ја барам, затоа што јас самиот така сакам и така чувствувам, а не поради наметнатите правила на околината, не поради тоа што морам некому да се правдам, не поради тоа за да бидам потчинет или послушен, не за да некого смирам или удоволам, не поради мода – ќе го празнувам овој празник во вистинската смисла на зборот.

Се друго е само религиозност. А за Воините е духовноста, се сеќавате?

Патриоти, а?

„Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја. Тие кои се многубројни, ќе ја наследат“. – Бог *
* Митски владетел на Универзумот
———————————
Имам едно правило во мојот живот. Не зборувам на тема „патриотизам“ со луѓе кои немаат повеќе од две деца. И точка.
Секако, тука не ги сметам оние кои од оправдани причини не можат или не смеат да раѓаат. Туку мислам пред се на оние себични луѓе кои не сакаат да си го нарушат сопствениот комфор и слобода, посветувајќи го своето време или своите средства на одгледување деца.

Секоја дискусија на таа тема со оваа категорија на луѓе е бесцелна. А честопати токму тие се „патриотите“ кои се лупат во гради, продаваат демагогија, се сликаат со знамиња во секоја прилика и критикуваат дека ја губиме државата. Па ја губиме нормално! Како мислите да ја задржиме? Кој ќе ја наследи?

Случајно пред некој ден на телевизија се појавува еден политичар од десничарска провениенција и раскажува како во неговиот град имало многу стари моми кои наместо деца за рака, шетале кучиња на ременче. А типот начукал четириесет и кусур и се уште неженет. Каква лакрдија!!!

Бадијала се сите тие изблици на љубов кон татковината, скандирања на натпревари, пеење патриотски песни, критикување на државата. Секоја изјава дека ние „сме немале национална свест“, а при тоа сте неженети или немате деца е прдење во шише.
Всушност Вие и воопшто нема потреба да ја сакате државата, ниту пак сопствениот народ. Вие само родете односно одгледајте три деца и сте направиле поголем патриотски чин од сите кои себе си се сметаат за родољуби. Бидејќи земјата ќе ја наследат тие кои се множат и кои се помногубројни.
Сите тие Ваши слики со македонското знаме, сите изблици на патриотизам, сите Ваши зборови ќе ги снема заедно со Вас еден ден. Ќе отидат во заборав низ ветрот. Дури и сите големи дела направени за оваа држава ќе се заборават или ќе бидат урнати еден ден од тие кои ќе ја наследат. Ќе остане само Вашето семе и Вашето поколение да сведочи за Вашиот патриотизам. Секако, доколку го оставите зад вас.

И сите закони за територијална поделба, за двојазичност, за можни федерализации и редефинирања во иднина ќе паднат во вода доколку Вие оставите пород што ќе ја наследи оваа земја. Бидејќи земјата не се брани со пушка, туку со деца. И тоа не со две, бидејќи правилото е јасно: „Двајца одат, двајца доаѓаат“. За множење и зголемување на народот потребни се најмалку три.

А има ли нешто поубаво и помило од сопствениот пород? Има ли повредно од рожба, од дечиња, кои ќе Ви возвратат многукратно на Вашата љубов?  Ете, тоа треба да биде „светата должност“ на сите кои сакаат да зборуваат или се сметат себе си за патриоти. Се друго…..кажав погоре.

И на крајот да појаснам. Не поминуваат оние фори дека државата не ни овозможила услови за раѓање деца, дека е сиромаштија, итн. Не другари. Се додека ги полните кафаните, додека патувате низ светот, додека пиете алкохол и пушите цигари – ова нема да Ви се важи. Јас сум исчувал три. И знам дека единственото што треба за да се чуваат деца е МНОГУ ЉУБОВ и ОТКАЖУВАЊЕ од сопствените задоволства и навики. И ништо повеќе. САМОПОЖРТВУВАЊЕ. Тоа е вистинскиот збор. Прашањето е кој е спремен на тоа.

Ако не се почитуваш самиот, нема никој да те почитува

Бев уште студент на Институтот за етнологија и антропологија и со мојата тогашна девојка отидовме на летување во Созопол (Бугарија). Како шизик кој попрво ќе ја однесе рибата во музеј, отколку во кафана, веќе вториот ден го посетивме Археолошкиот Музеј во стариот дел на градот. Уште на самиот влез не пречека еден средновечен човек и не праша од каде сме. Само што му одговорив дека сме од Македонија, веднаш констатираше – „значи Бугари“.

Не ме зачуди толку неговата дрскост поради негацијата на мојата етничка припадност, ниту пак простотилукот да поставуваш некому интимни прашањa на влез на музеј, а прв пат да го гледаш во својот живот. Туку повеќе ме зачуди што му пријде една девојка која што беше вработена таму и му се обрати со „Директоре“. И веднаш се запрашав, како може ваков оксиморон да биде поставен за директор на една ваква висока институција.

Му одговорив веднаш: „Не сум Бугарин, туку сум чистокрвен Македонец и сите мои предци што ги знам девет колена наназад биле Македонци родени во Македонија“.
Тогаш тој почна на зборува на повисок тон велејќи дека Македонците се Грци бидејќи зборувале Грчки, а дека ние кои сме живееле во Македонија сме Бугари, при тоа ставајќи ми насила во рацете (подарок) книги кои тој ги напишал, а во кои се негира македонскиот идентитет.
Го ислушав незаинтересирано, чекајќи го да заврши со монологот, а веднаш потоа му поставив контра-прашање: „А како тогаш Вие сте Бугари, а зборувате на македонски дијалект? Бугарскиот јазик припаѓа на огурската група на турските јазици, заедно си исчезнатите хазарски, турско-аварски и хунски јазик. А вие, како што гледам, добро го разбирате мојот македонски јазик“.

И тогаш Директорот за момент се збуни и со малку подзината уста почна да размислува што да ми одговори, а јас истовремено ги фрлив книгите (кои тој се обиде насила да ми ги подари) на земја и тоа на очиглед на сите присутни во Музејот. Потоа ја повлеков девојка ми за раката и го напуштивме просторот без да имаме прилика да ја разгледаме поставката која верувам дека беше прилично интересна. Пред да излезам забележав дека негаторот беше клекнат на земја и ги собираше неговите „дела“.

Многу години подоцна, истиот лик се појави на некоја од нашите телевизии каде што повторно ги кажуваше истите тези кои сакаше мене да ми ги пласира (насила). Тогаш дознав дека неговото име е Божидар Димитров и дека бил директор на бугарскиот Национален историски музеј, доктор на историски науки, автор на бројни монографии и статии од областа на бугарската историја. Ми беше чудно што некој на ваква висока позиција си дозволил да чека македонски туристи во својот роден град и да ги омаловажува и негира на етничка основа. Но истовремено ми беше мило што со една реченица му ја затворив устата и што неколку долги секунди тапо блееше со погледот во мене, не знаејќи што да возврати.

И токму денес, повеќе од дваесет години од случајната средба со него, на интернет прочитав негова изјава во која тој се исмева поради најавата за преименување на нашето воздушно пристаниште (на барање на грчката, а со амин на нашата влада) и соодветно на тоа бара да именуваме булевар со неговото име.

Е тоа веќе не ми е воопшто чудно. Бидејќи ако си подготвен на толку важни отстапки и ако разговараш за толку есенцијални прашања како што се името и јазикот на нашата земја, тогаш секој ќе си земе за право да се шегува со тебе омаловажувајќи те и како поединец и како етнос.

Јас не направив отстапка од моите ставови и застанав цврсто во одбрана на мојот идентитет. Го посрамив јавно со прашање на кое што немаше одговор и го натерав да си ги собира плуканиците (книгите) од земја. Затоа што се почитувам себе си и не дозволувам никому да ме негира.
За разлика од нашите поткупени и корумпирани политичари…..

Нивното време допрва доаѓа

– Како може некои од децата да полагаат за шести кју, а некои од возрасните да полагаат за деветти? Зарем може дете да истепа човек што тежи 90 килограми, ме праша професорката Весна Гершан за време на тренингот во доџото на ИЕА.

Благо се насмевнав и накратко објаснив.

– Звањето воопшто не е мерило за снагата што некој ја поседува. Туку повеќе за неговата посветеност. За време на полагањето ние го оценуваме напредокот во совладувањето на техниките, а воедно и на целокупниот развој на личноста односно дали таа се подобрила како човечко битие воопшто.
Нормално дека десетгодишно детенце со 35 килограми, не може да совлада возрасен човек од 90 килограми, без разлика колку високо звање поседува. Меѓутоа, неговото звање ќе излезе на виделина после десетина години. Дури кога тоа дете физички ќе се развие и оформи, кога ќе биде во цутот на младоста, кога ментално ќе созрее, тогаш неговото знаење ќе излезе на површината. А знаењето е нешто што никој не може да му го одземе. Тоа тлее и расте истовремено со телото и со духот.
Затоа воопшто не е страшно ако дечињата сега поседуваат високо звање. Тие го заслужиле со своето залагање, редовност и со својот напредок при совладувањето на вештините кои ги вежбаме. Нивното време допрва доаѓа. Целиот труд вложен во детството, ќе им се врати како бумеранг веднаш кога ќе влезат во периодот на адолесценцијата. Нивно е само напорно да вежбаат. А моите Воини се потполно свесни за ова што го зборувам и никој нема да замери за таквата ситуација. Напротив, со истите зборови секому би му го објасниле истото. Бидејќи ним им е потполно јасна воинската филозофија.

Го испушивме...повторно

Саботата беше од оние денови кога мојот најдобар другар Вучковски ме покани да му помогнам во работата. Колку и да не го сакам градскиот ноќен живот, одвреме-навреме ќе излезам со него. Поради неговите патувања, се поретко се гледаме, па на овој начин успеваме да споиме неколку корисни работи во едно.

И така влегуваме во моментално најпопуларниот ноќен клуб во градов и наеднаш ме удира во лице силен смрад од цигари. И густа димна завеса. Не се гледа прст пред очи. Дишиш чад, издишуваш чад. А внатре 200 луѓе. Речиси сите со цигара в рака (секако, комбинирано со чаша алкохол пред себе). Смрди-труе. Корне.

Чекај малку, си помислив. Нели се уште е на сила законот за пушење? Нели е забрането да се пуши во затворени простории??? А оваа тука е целосно затворена, па дури и да сакат да најдат дупка во законот, како финтата со мушамите – нема да можат. Каде се инспекциите? Каде се тие кои треба да го спречат кршењето на законите?

И после во разговор со Ацо и со уште еден наш заеднички другар дознавам дека овој локал се отворил со доаѓањето на новата власт и дека газдите биле блиски со неа. И уште повеќе недоумици во мојата глава. Уште повеќе прашања!!! Зарем со доаѓање на секоја нова власт треба да се менуваат законите донесени од претходната??? Но дури и да е така, овој закон се уште не е сменет!!! А тоа значи само едно. Во оваа држава која самата не си ги почитува и спроведува своите закони, животот ќе тоне се подлабоко. Затоа што секоја успешна држава се темели на строгото почитување на сопствените закони.
Во истиот разговор дознав дека новата Влада сакала „да го врати животот“ во државата, па затоа им прогледувала на гадите на локалите меѓу прсти. Бидејќи претходните закони биле премногу строги, а Власта изрекувала големи казни за прекршувањето на законите.

Во каква држава живееме ние??? Дали има некој нормален тука??? Па секоја силна и средена држава е таква, токму поради строгото почитување на законите!!! Поради (екстремно) високите казни!!! Што мислите Вие, кога се воодушевувате на чистотата на Данска, како го постигнале тоа??? Па токму со високи казни и почитување на законите!!! Тоа е единствениот начин да успеете. Строги казни и закони кои ќе важат еднакво за сите. И нивна доследна примена. А што се постигнува вака? Дали знаете што се постигнува вака?
Ќе Ви одговорам веднаш. Секое непочитување на законите и секое популистичко прогледување низ прсти за да се ќарат ефтини поени кај гласачите (народот), значи директно уништување на иднината на својата земја. Таквата политика создава паразити и зависни безрбетници кои не се способни да преземаат акција за унапредување на благостојбата. А истовремено се создава апатична машинерија која чека да дојдат нејзините на власт за да можат да „живнат“ во следните неколку години. А краткорочните „живеачки“ неповратно ја туркаат Македонија кон дното на Европа. Се создава криминална елита и еден куп ситни разбојници. Криминалот почнува да цвета и секојдневно ќе читаме или слушаме на вестите за убиства или за грабежи. Бидејќи порака е јасна. Законите тука не се почитуваат доследно.
И сето тоа благодарение на непособните водачи на оваа држава. Едниот си замина, дојде другиот кој е надградена верзија на претходниот. И затоа си тонеме. И немојте да мислите дека ќе биде подобро. Ќе биде уште полошо. Уште посиромашни ќе станеме сега. Ќе го осетите тоа за кратко време. А подобро ќе им биде само на оние на кои им се дозволува да ги кршат законите. Како што им беше подобро на претходниците нивни кои беа паразитски закачени за чмаровите на претходната гарнитура. А народот? Ќе си ги чека се уште ветените 30.000 денари плата, гасификацијата на Скопје, прочистувањето на воздухот. И така чекајќи ќе помине животот во беда на уште неколку генерации.

Да, секоја следна власт е полоша од претходната. И овие ќе заминат и пак ќе дојдат старите и пак ќе биде уште полошо. Поради непочитувањето на законите. Поради ефтиниот популизам и додворувањето кон својата гласачка машинерија. Поради немањето муда да се каже НЕ. Поради поданичкиот однос кон странските амбасадори. Поради тоа што сме кукавици. Поради тоа што вакви-какви што сме, не заслужуваме своја држава. А веќе и ја загубивме. Одамна немаме едно знаме, едно име, еден јазик, една црква. Ние сме поделени во секој поглед. Разделени на мали парченца кои е лесно да ги столчиш преку ноќ. Да им ги менуваш и законите и традициите и јазикот и имињата кога и да посакаш. А тие мирно и со наведнати глави ќе си ќутаат и ќе си пушат (цигари).

Повторно некој ќе рече дека си го прекршувам зборот дека на овој блог нема да се пишува за политика. Не другари. Ова не е политика.
Ова е директно уништување на здравјето на нашите поколенија. Дали знаете колку наши соборци работат како келнери во кафулињата? Дали знаете колку чад внесуваат во своите бели дробови секојдневно за време на својата работа? Дали знаете дека Македонија е меѓу првите во Европа по бројот на болни од канцер?

Впрочем почнавме за непочитувањето на закоконот за пушење, нели?
Епа го испушивме! Повторно! И по Режимот – Режим. Нов. Ама со исти финти. Ако не ми верувате, прашајте ги тие 120 пи-ар џабелебојадци кои се начукаа длабоко во дебелите црева на властодржците и кои демнат кој што ќе напише на Фејсбук. Во време кога народот гладува, тие „работеле за унапредување на транспарентноста на работењето на Владата“???

БЕДОТИЈА!!!

Диплома или Отпис

После толку години посветена работа со дечињата, доживеавме едно да се отпише од нашето доџо бидејќи не било ставено на списокот за полагање.
Не дека и досега немало обиди за „фаќање протекции“ или притисоци од страна на родителите, меѓутоа ете некако сме успевале да им објасниме, а тие да разберат, дека во „оваа работа“ не помагаат познанства и пријателства, а уште помалку уцени и притисоци.

Инаку познати ни се зборовите: „Ќе го отпишам моето дете, ако не биде ставено на списокот за полагање“, меѓутоа не сме дозволиле да подглегнеме на емоциите предизвикани поради ваков банален проблем.

Драги родители, не заборавајте со каква љубов и внимание се грижиме и ги воспитуваме Вашите дечиња. Не заборавајте со колкава посветеност ги пречекуваме на секој час. Не заборавајте колку се жртвуваме да ги направиме посреќни, позадоволни, поздрави. Не заборавајте дека тие се секогаш на прво место и дека ние доаѓаме и гладни и жедни само за да стигнеме на време односно половина саат пред тренингот. Сакаме секогаш да ги пречекаме подготвени и со раширени раце.

А за тоа, дали тие ќе полагаат или не, оставете не ние да донесеме проценка или одлука, бидејќи си ја знаеме „работата“. За разлика од многу компании, бутици, продавници и брендови кои се појавуваат и ги снемува, нашето доџо опстојува 22 години без ниту еден пропуштен тренинг досега. И за сето тоа заслужно е нашето не подлегнување на притисоците. Заслужна е нашата чесна работа. Ете, во тоа се разликуваме од другите.

Вие заборавате дека доколку на Вашето дете му дозволиме да полага за повисоко звање, а тоа не го заслужува во моментот, ние ќе оштетиме други дечиња. Вие заборавате дека кај нас се напредува со знаење и посветеност, а не со протекции и притисоци. Вие заборавате дека сите родители мислат дека нивното дете е најдобро и дека може повеќе и заслужува повеќе.

А што мислите, така ли ќе создаваме здрави генерации кои ќе ја извадат оваа земја од калта во која што се наоѓа? Зарем не знате дека кога Ве гледат како вршите притисок во нивна полза, Вие ги учите утре и тие да го прават истото? Не знаете дека од тука почнува и митото и корупцијата и калкулациите и тезгарењето и сите штетни појави кои се случуваат во нашата државичка?

Епа ние, драги родители сме поинакви. Можеби сме единствени, ама сме поинакви. Ние ги учиме Вашите деца на чест, на лојалност, на правдина. Ги учиме дека чесно мораат да се изборат за своите права, преку почитување на обврските. Ги учиме дека мора со труд и со работа да се добие соодветното звање односно положбата во доџото.

И на крајот, дали сте размислиле дека ако ние не бевме чесни, ќе дозволевме на сите дечиња да полагаат, бидејќи тоа најмногу би одело во наша корист???

За последен пат сакам да ве замолам. Дозволете им на децата да вежбаат во здрава и во чесна средина и самите со својот труд да си го заслужат секое звање и секоја диплома. Бидејќи само таквите дипломи имаат тежина и значење. Во секој друг случај, тие се обично безвредно парче хартија која можете да си ја испечатите во секое време.
Дозволете им да вежбаат за знаење, а не за звање. Второто ќе си дојде самото по себе. Парчето хартија со текот на времето ќе избледне или ќе се загуби, ама знаењето засекогаш ќе остане.

Доколку мислите дека вашите деца споро добиват дипломи во нашето доџо, тогаш запишете ги во друг клуб. Има такви инструктори кои за да заработат штанцаат дипломи на секои три месеци.
Ние не продаваме хартија. Ние даваме знаење и создаваме карактери. Не одбиваме ниту едно детенце и максимално се вложуваме да го извадиме максимумот од сите нив. Без разлика на талентот или способноста. Сите ќе бидат подобри од тоа што биле. А за таков напредок, кој е единственото мерило за успех, потребно е да не оставите да си ја работиме нашата работа онака како што и досега сме ја работеле. Вредно, посветено и чесно.

– Игор Довезенски, водач на Буџинкан Македонија

И повеќе од заслужено!!!

Пет Даито рју Аикиџуџутсу семинари со Сенсеи Черта. Четиринаесет интензивни Даито рју Аикиџуџутсу семинари во Хомбу (140 саати тренинг). Осум Даито рју Аикиџуџутсу семинари во Скопје. И дополнителни Даито рју Аикиџуџутсу редовни тренинзи.


И покрај сето ова, Марко Опачиќ не можеше да ја прифати промоцијата во фуку-шидоин од страна на шиханот Антонино Черта, па самиот побара од мене да полага за шодан пред членовите на нашата Организација. Секако, без двоумење прифатив, иако знаев дека неговото назначување од страна на нашиот Учител е повеќе од заслужено. Прифатив бидејќи знам на каков чесен начин го има заработено секое звање во нашето доџо. Бидејќи знам за каков квалитетен ученик, другар, па и човек ако сакате – станува збор.

Да не набројувам колкава е неговата посветеност кон „Пат кон Сонцето“ воопшто. Да не спомнувам дека членува во сите три доџо-а и ги вежба сите борбени традиции кои ги изучуваме во Организацијата. Или дека со години држи тренинзи во почетничката група односно успешно раководи и ги подучува на основата сите кои ќе се запишат во доџо-то. Секојдневно се јавува за да понуди помош и секогаш е подготвен да излезе во пресрет за било што. А неговите извештаи за сработеното ја допираат и најмалата ситница која што се случила за време на работата и предавањето.

Да. Тоа е мојот Марко. Ова доџо ниту имало, а не верувам ниту дека ќе има таков член и Воин во блиска иднина.

Затоа ми е чест да Ве поканам, на 21 октомври, доколку сте во можност да дојдете во Хомбу Доџо и да бидете сведок на официјалното полагање за ШОДАН на Марко Опачиќ за вештината Даито рју Аикиџуџутсу. Бидете дел од историјата на Даито рју Македонија – Корју Доџо и на „Пат кон Сонцето“ воопшто.

Се гледаме!

Токму поради страста!

За време на јулскиот Даито рју Аикиџуџутсу интензивен семинар во Хомбу, после 36 години непрекинато вежбање јапонски боречки вештини, за прв пат „се фатив“ како за време на тренингот правам работи кои не се директно поврзани со самиот тренинг.
Запрепастен самиот од себе, вечерта не можев око да затворам од размислување. Одговорите дојдоа изутрината, откако ги подредив и разгледав сите делови од мозаикот наречен „мојот живот“.

Да, тие кои беа на јулскиот семинар беа сведоци, а оттогаш и другите мои ученици кои го посетуваат Хомбу-то, дека откако ќе ги покажам сите детаљи на техниката која што тие ќе ја вежбаат, си седнувам на земја и почнувам да читам книги или некои други ракописи и белешки поврзани со класичните јапонски боречки вештини.

Што се случува? Ќе Ви објаснам на кратко!

Ниту сум се изморил од предавање и вежбање, а уште помалку таа моја животна активност ми здосадила. НАПРОТИВ!!! Се повеќе низ годините го засакувам буџутсу-то и нинџутсу-то. И токму поради таа огромна љубов, почна да се случува ова!

Како? Зошто?

Како што животот минува, а времето се намалува, се јавува кај мене чувство дека има уште многу работи да научам, а едноставно правилата на Природата го спречуваат тоа ограничувајќи го животот со своите универзални закони.
Иако речиси сето мое време го посветувам на тренингот и на корју-то, сепак почна да ми надоаѓа емоција дека има уште многу работи да научам, дека можам уште многу да дадам – а немам време за тоа. Животот тече и минува. Краток е за сите планови и дела кои планирам да ги остварам. И два животи да имам, мислам дека малку ќе бидат за да дадам се што можам да дадам на моето доџо и на моите ученици.
И кога Влатче во книгата „Разговор со Учениците“ ми постави прашање „како успевам“, а јас му дадов одговор дека скратив од се што може да се скрати, несвесно тој јулски ден ми текна дека можам и за време на тренингот да учам и да се надоградувам.

Ете така! Можам! Откако ќе ги покажам катите по неколку пати, а со тоа ќе ги повторам и извежбам, додека моите ученици ги повторуваат и вежбаат, јас ќе читам, ќе вежбам на страна и ќе правам работи кои мене ќе ме надоградуваат во тие делови кои ги зметаам за недовршени и несовршени. Ве молам, не помислувајте дека повеќе не се грижам за Вашиот напредок. Или за мојот! Јас и понатаму имам по неколку тренинзи во текот на денот. А Вас постојано „под око“ Ве набљудувам. Ве поправам и Ви ја дотерувам техниката, ама најважно од се е што после 36 години поминати во будо, веќе имам ученици кои можат да им помагаат на почетниците и тие да ги исправаат ггрешките кои другите ги праваат.
Јас сум среќен што конечно имам заменици кои можат речиси целосно да ме одменат и да ја пренесуваат вештината, а секако, кога нема да бидат сигурни за нешто, секогаш сум тука да ме прашаат за совет.

Како што кажав: гледам се, слушам се и кажувам се. Не помислувајте дека сте оставени самите на себе. Но јас морам постојано да се надоградувам за да можете и Вие да одите напред и еден ден да станете подобри кобудоки од Вашиот учител.

А јас немам време. Морам да го зграпчам секој миг. Јас сум човек со голема страст за животот, а особено за боречките вештини.

Простете ми што после 36 години тренинг почнав да си дозволувам освен за Вас, да се грижам помалку и за себе, па истовремено да подучувам и да учам.

Заедно ќе одиме по Патот. Се додека Вие го сакате тоа. А кога ќе застанете, јас ќе продолжам. А доколку некогаш посакате повторно да се сретнеме, тргнете по моите чекори. Ќе Ве почекам. Ќе продолжиме заедно.

Ганбатте Кудосаи !!!

Товарот на крвта

Читав многу одамна едно интервју со познат мајстор за традиционални јапонски боречки вештини од Јапонија и се уште се сеќавам како и објаснуваше на новинарката за тоа колку е тешко да ги воспитуваш и да ги подучуваш своите сопствени деца. Тогаш бев млад и немав свој пород, па некако тој дел како да не ми остави некој посебен впечаток. Но денес, кога од мојата крв се изнедрија тројца потомци, почнувам да го разбирам водачот на доџо-то што беше интервјуиран.
Го почуствував тоа за време на Детскиот Нинџа Камп, каде што Косара и Ксенија земаа учество, но уште повеќе откако постарата ќерка се префрли во почетната група за постари членови.
Да. Сега сфатив колку е тешко твоите деца да вежбаат во твоето доџо и под твој надзор.

Иако, во исто време претставува привилегија, да бидеш учител на своите деца во доџото каде што вежбаат и други членови – е голема одговорност. И тоа не само кон нив, туку и кон сите останати. Рамнотежата не смее никако да се наруши, а токму тука е најтешкиот дел.

Истовремено треба да бидеш строг и праведен како Учител, а не смееш никако да заборавиш дека пред се си нивен татко. Дека тоа е твојата првична улога во нивниот живот.
И ако за време на тренингот покажеш милост и нежност кон своите деца, тие ќе го сфатат тоа како слабост и подршка и можеби ќе ја злоупотребат с/твојата положба. Ако, пак, бидеш претерано строг, тогаш повеќе нема да бидеш „добар татичко“ како што секој татко треба да биде, туку ќе станеш нечуствителен родител.
Особено е важно да внимаваш ниту едно друго дете кое што вежба со нив да не се почуствува неудобно и во второкласна положба, бидејќи во доџото истите правила и закони мораат да важат за сите подеднакво.

Но!?

Некако по правило, од твоите дечиња се очекува да вежбаат години и години подолго од сите останати во доџото. Е сега, дали е фер таа строгост да ја чувствуваат на ист начин и тие кои ќе вежбаат две-три години и оние кои ќе вежбаат два-триесет години?

А што е со болката? И телесната и менталната болка која е составен дел на секое самоусовршување во класичните јапонски боречки вештини.

Затоа дури сега ми стана јасно делот од интервјутото кога стариот Учител бара од своите постари ученици и инструктори да внимаваат да не ги повредуваат премногу неговите деца. Тогаш не можев да го разберам тој дел и мислев дека Тој е неправеден кон останатите.
Меѓутоа, летово конечно разбрав во која насока се движеле неговите барања. Па зарем исто ќе го „потрошат“ своето тело тие кои ќе вежбаат две-три години и оние кои ќе вежбаат два-триесет години? Зарем на овие вториве нема телото да им претпри многу повеќе болки и повреди, поради долгиот период поминат во доџото во „борба“ со своите соборци? Зарем ист број пати ќе треснат силно на татамите, ќе бидат удрени со раце и нозе или со дрвени или метални реквизити другите членови кои си доаѓаат и си одат и оние од кои се очекува да останат долго време во доџото?

Како да се најде таа рамнотежа за да никој не помисли дека моите деца се во привилегирана положба во однос на останатите, а истовремено да им се даде шанса да вежбаат долги години, но и да се биде добар и внимателен татко?

Ете, затоа тврдам дека товарот на крвта е многу тежок. Само тој што ќе го почуствува тоа – ќе го сфати.

А со годините тој товар почнуваш да го чуствуваш не само кон тие низ кои тече твојата крв, туку и кон тие кои на татамите својата крв ја измешале со твојата.
Ете затоа постарите ученици се помалку ги поканувам да бидат уке за време на регуларните тренинзи, а се почесто ги заменувам со некои чие време допрва доаѓа. Затоа што старите Семпаи многу години наназад паѓале и биле удирани на татамите, а токму од нив се очекува да останат во доџото до крајот на својот живот.

Товарот на крвта е голем!