Тотален Масакр 全額殺戮

*Доџо – Место за вежбање односно усовршување на духот и телото

Навикнат да го поминувам моето време во доџо-то* или околу доџо-то, многу ретко се случува да прошетам некаде. Дури и кога имам малку повеќе слободно време, гледам да го искористам работејќи на земјата што ми е наследена од моите дедовци. Освен тоа, не сакам гужви, турканици, бучава, па поради тоа ретко се случува да поминам низ центарот на Скопје, освен кога имам некоја конкретна обврска што морам да ја завршам.

Вчерашниот ден се одлучив на прошетка низ центарот на мојот град, чисто да ѕирнам до „каде стојат работите“. И нормално, кога веќе одам на прошетка, секогаш пешачам од домот, па се до посакуваната одредница.
Додека поминував низ мојата населба (Јане Сандански – Аеродром), не забележав некои поголеми промени, бидејќи почесто се движам низ неа. Но штом навлегов во центарот на градот, уште на самата Железничка Станица, почнав да чувствувам некоја непријатност околу себе.
Апатични луѓе на тротоарот, замислени, без ниту една насмевка на лицето. Веќе на кејот кај ГТЦ, слика која што почна да ми го замаглува видот. Но врвот на се беше плоштадот и околината околу него.
Ѓубре, каде и да се свртиш. Отпадоци на сите страни. Бекатони фрлени на купче, па расфрлани на земја. Фасади од стиропор, кои се распаѓаат. Се почнато – ништо не довршено и доправено. Измети од кучиња и од коњи. Просјаци и скитници седнати или легнати на земја. Забулени жени и мажи со долги бради и куси панталони. Црномурести луѓе кои зборуваат на непознати јазици и кои сомнително набљудуваат од ќошињата.
Се обидував да слушнам некој збор на македонски. Неуспешно. До моите уши најчесто допираа зборови на турски, албански, ромски. И по малку на арапски. Но никако на македонски. Со еден збор, Скопје во моментов наликува на некој муслимански град од блискиот исток, а никако на европски.

Чекај малку, си велам. Дали е ова моето Скопје во кое што јас израснав или не е? Каков е овој пејсаж што делува како да е исечен од некој филм на Квентин Тарантино? Што се случи со Градот Убав? Кој го уби? Има ли некој контрола што се случува? Има ли некој да провери по какви стандарди се гради? Дали тоа што ќе се изгради добива конечно одобрение за употреба? Дали тој што се нафатил да гради на крајот е исконтролиран дали го завршил и како го сработил договореното? Контролира ли некој кој се влегува и дали ја напушта оваа земја? Дали се пријавуваат посетителите каде ќе престојуваат? Дали се внимава кому се допушта да ја помине границата? Има ли правец бродот наречен Македонија? Каде се движиме?

Погледнав уште еднаш во широк лак кон плоштадот и само една мисла ми дојде на умот: ТОТАЛЕН МАСАКР 全額殺戮

Властите во нашата земја направиле тотален масакр за овие 27 години!!!
Менувајќи се една со друга, според некој цикличен распоред, се повторува истата ситуација.
Првите сто дена ќе ги критикуваме тие пред нас што не ограбија и се збогатија. Вторите 100 дена ќе почнеме да „исправаме криви дрини“. А веќе на третата стотка ќе си поткраднуваме бидејќи нели прво мора ние да се обезбедиме, за да може државата да ја оправаме. И се така во круг.

Се вратив назад. Поразен и разочаран целосно од неспособноста на мојот народ. Од апатичноста и немањето желба и енергија да се направат вистински промени кои ќе им обезбедат подобар живот на нашите деца. Промени кои ќе ги натераат младите да останат тука и да го внесат европскиот дух во Македонија. И веднаш се сетив на зборовите на еден наш истакнат член: „Сенсеи, кога државата би функционирала така како што функционира нашето доџо, насекаде би гледале само насмеани лица“.

Со што заслужив?

На Камп сме. Тука ритамот на денот е секогаш динамичен. Тренинзи со моите Воини од утро до мрак, а кога нема тренинзи – тогаш јас ги подготвувам тренинзите.
А во текот на денот, секогаш одвојувам малку време да ги прегрнам моите дечиња, бидејќи знам дека им недостасувам, бидејќи тие мене ми недостасуваат многу.

И така, Ксенче си вози хаврборд, а јас ја придржувам да не падне, кога таа наеднаш нагло сврти и со тркалото ми помина преку палецот. Хаврбордот е доста тежок, ама со Ксенија на него, тежи речиси 40 килограми.

Само што ми помина преку прстот, едно парче од кожата се скина и остана на тркалото. Влегов брзо во куќата за да не ме види Ксенче дека тече крв, да не се вознемири, а потоа откако влезе таа по мене, скришно и избегав кон доџото да се сокријам од неа – додека да подзаборави.

И одам кон Хомбу-то, а Воините играат некоја друштвена игра со карти за време на паузата. И само што ме забележија, сите загрижени почнаа да ме прашуваат што ми се случило. Ама во нивните очи се читаше онаа вистинска загриженост, а не само поради бон-тон.
Со што заслужив толкава љубов и почит од нив, си помислив по не знам кој пат.
Одговорот го добив за кратко.
Се вратив назад во куќата и Ксенче ме гледа како поткривнувам и со прегратка ми вели: „Тато, сега ќе одмориш еден тренинг, не можеш да вежбаш ваков повреден. Јас не те пуштам“.
А јас и одговорив: „Тоа не може да се случи никако сонце мое. И ногата да ја загубам, јас повторно ќе им одржам тренинг. Па тие дошле тука поради мене, да научат повеќе. Како можам да не им предавам?“

И нормално, веќе за половина саат од „повредата“, си одржав тренинг како ништо да не се случило.

Љубовта е двонасочна. Почитта – исто така. Дајте – за да Ви дадат. Ама искрено, без очекување нешто за возврат. Бидејќи давањето за да добиеш нешто назад не заслужува ниту љубов, ниту почит.

Јас сум среќен човек.

Големото Мече со кадифено срце

Има еден проби/штипјанец во нашето доџо, име му е Саше Гацев. Големото Мече, знаеме да го наречеме понекогаш. Корпулентен момак, а со кадифено срце. Ќе му дадеш задача, ќе се насмевне симпатично и добродушно и без поговор ќе ја заврши. Ќе му кажеш „благодарам“, а тој само ќе ти каже „нема проблем“. Понекогаш тешко може да ја контролира силата. Сепак станува збор за маса. Ама на крајот од техниката не можеш да му замериш, кога тој ќе ти подаде рака и ќе те прегрне. Саше вежба и кога му е тешко. Си офка на тренинг понекогаш, ама не се откажува никогаш. Само ќе слушнеш пред Џунан Ундо: „Сенсеи, може да капнам малку“, додека мафта со шишенцето во воздухот.
На тој истиот Саше сме му благодарни и што ни овозможи повторно блогот да ни профункционира.

И така во понеделникот доаѓа Саше на тренинг, еден ден после планинарски поход односно по неколкудневно пешачење и додека му честитам, ми вели:

– Сенсеи, јас планирав да го поминам само првиот дел од патеката, ама секој пат си викав дека можам повеќе. И да бидам искрен, не почустував некој голем замор. Дури сега сфаќам што значи тренингот во Буџинкан Македонија. Ништо посебно не се спремав за трансферзалата, а ја поминав без некои поголеми маки. Ние не само што сме одлично физички подготвени преку нашите семинари и тренинзи, туку уште повеќе сме силни ментално. Сите наши редовни членови би можеле да планинарат без никаков проблем, ама планинарите нема шанси да ги издржат нашите тренинзи без никаков проблем. Дури сега сфаќам што значи Буџинкан Македонија.

Вака отприлика си течеше резговорот со нашиот Саше. Големото Мече со кадифено срце е ученик и другар што секој би го посаккал близу себе.

———————————————————-
После поголема пауза, блоговите ќе продолжат да се множат повторно. Поради летните кампови сега многу ретко, ама од септември повторно почесто.

Викендов имавме одличен семинар. Беше толку одличен што дури откако завршивме си признавме самите меѓу себе: „Еј, па и не беше толку лесно“.
Беше толку одличен што за време на двата дена не почуствувавме ниту глад, ниту жед, ниту жештина.

Многумина од Вас дури по некое време ќе сфатат што значи Буџинкан Македонија.

Брзина на филмска лента

Со брзина на филмска лента се одвиваа настаните во последниве четири недели. Посетив еден меѓународен семинар во Италија (со Сенсеи Нобутоши Отаке во Милано), организирав два меѓународни во нашето Хомбу Доџо (Сенсеи Антонино Черта и Сенсеи Ерик Лоув), како и еден за Шиноби Таисо на кој јас предавав. Гледано од страна, сигурен сум дека никој не може ниту да претпостави колку труд е потребно за да се изведе сето ова. Да не зборуваме воопшто за тоа колку финансиски средства треба да се издвојат од сопствениот џеп. Велам од сопствениот, од причина што сите споменати настани, освен тој на кој јас предавав, ги „покрив“ лично, а со цел да им озвозможам на учениците кои имаат желба да вежбаат со моите Учители.

И сите тие непроспиени ноќи, сите тие дополнителни обврски за да успеам во тоа што сум го зацртал се занемаруваат кога ќе се случаат некои настани што ми даваат волја да продолжам понатаму. Овој пат за тие мали работи кои даваат голема сила да се истрае на Патот.

1. Дента кога Сенсеи Черта пристигна во Македонија, ја чекавме Косара пред нејзиното школо да се врати од четиридневната екскурзија во Струга. Половина час пред почетокот на часот за боречки вештини во нашето доџо, таа ми заѕвони на телефон и загрижено ми прозборе: „Тато, автобусот заглави на пластичарската улица поради некои демонстрации и се плашам дека ќе задоцнам на тренинг. Чекај ме спремен со ранецот и со кимоното, не сакам да пропуштам ниту еден час“.
Се замислив малку и се запрашав, од каде детево мое има толку голема волја за да замине право на тренинг, после толкав изминат пат. Кога автобусот пристигна, се гушнавме кратко и со голема брзина се упативме кон доџо-то. Стигнавме точно на време пред самата „молитва“.

2. Следниот ден го однесов Сенсеи Черта во Лабораторијата за Источни Кулутури (УКИМ). Со тоа ми се оствари една голема желба – мојот Учител да присуствува на еден мој час во „сината соба“ на Природно-математичкиот Факултет. Само што влезе во просторијата му пријде професорката д-р Весна Гершан (Институт за Физика), инаку редовен „вежбач“ во доџо-то и му се обрати: „Да го карате вашиот ученик. Ги скина лигаментите на рамото и само еден час паузираше. Јас знам дека за таква повреда треба најмалку шест месеци пауза и секако хируршки зафат. Ама истовремено сум среќна за неговото опоравување и да ви кажам дека бев сведок на целиот тој процес“.
Сенсеи Черта ја погледна со насмевка и и рече: „Ова момче е лудо. Го знам долго време, но што и да му кажам, се додека стои исправен на нозе – нема да прекине со тренинг, без разлика на повредата“.

3. Неколку дена откако Сенсеи Черта си замина во Милано, јас отидов на семинар во неговиот роден град. Во организација на шидоша Лујза Раини, се одржа четиридневно предавање со Сенсеи Нобутоши Отаке.
Третиот ден, по завршувањето на тренинзите гребаше да заминеме директно на вечера со учителот Нобутоши, па затоа влегов да се истуширам во салата каде што се одржуваше семинарот. Секако, облеката заедно со ранецот морав да ја оставам надвор од кабината за туширање. Ни беше кажано од страна на организаторот дека салата е заклучена за лицата од надвор. Кога излегов од кабината, забележав веднаш дека ранецот ми е откопчан. Посегнав веднаш по паричникот и забележав дека ми недостасуваат 250 евра, потребни за да ја платам хотелската соба при заминувањето.
Патувам на семинари уште од дете. И за дваесет и кусур години, ова беше прв пат да ме ограбат. И тоа во Милано, во Италија. И тоа од некој што вежба боречки вештини односно од учесник на семинарот.
На некои луѓе навистина не им е местото во доџо.
Само јас си знам какви маки „избуткав“ за да се вратам дома. Секако, никому не кажав за настанов. Ниту покажав некое разочарување или тага. Сега за прв пат соопштувам за тоа. Чувајте се…..

4. На семинарот со Сенсеи Ерик се пријавија само тројца членови на нашето доџо. За прв пат откога јас организирам семинари во нашата земја, имаме помалку од 8 учесници за некој меѓународен настан.
Сакам да им се заблагодарам на Марко, Ацо и на Таки за подршката што ми ја дадоа за време на последниот настан. Само толку имам да кажам за ова…..

Се гледаме вечер на тренинг.

Гамбатте Кудосаи!

I’ll be back

Ајде да си бидеме искрени и отворени, како што впрочем си бевме сите овие години. Во петокот не бев на тренинг. Тоа го знаете.
А дали знаете зошто?
Како да Ви кажам, ама можеби сепак докторите биле во право:
http://bujinkan.koryu.mk/article/show/218

„Прогнозата на докторите е дека повредата ќе остави трајни последици, а со текот на годините може и да напредува до степен на инвалидитет“.

Кратка ретроспектива за минатата недела: во вторникот на Даито рју Аикиџуџутсу во Лабораторијата си правев укеми на Куби Наге. Во средата на Наге Ваза во доџо го повлеков Тошка малку посилно при фрлањето. Во четвртокот некако се борев со болката, во петокот попладне не можев да ја движам десната нога и морав да одам „по доктори“, а саботата и неделата ми беше најдолг викенд во животот.
Саботата неподвижен во кревет, во големи болки при мирување, а да не зборувам за движење. И постојано зачитан. „Анатомија на човечкото тело“, „Нервите и нервниот систем“ итн.

Недела наутро, и покрај сите тие маки, одлучен го поминав денот во вежби за истегнување и корегирање на мускулите и скелетот. Понеделникот, односно денес, веќе држев тренинг во Лабораторијата. Иако бев спор, несмасен, ужасен, сепак издржав.

Сакам да Ве замолам да ми дадете една седмица одмор. Само една седмица ми треба. Да се средам за семинарот за Даито рју во недела. А јас Ви ветувам дека за најбрз можен рок се враќам назад. Посилен од кога и да е.

А, да. Требаше и за тоа како „стојат работите“. На кратко и едноставно:
Местото каде што напукнала коската во 2011-та (карлицата), поради калцификација го развлекува мускулот на грбот, а тој, пак, го изместува нервот, при што десната нога се „одзема“. Оттаму и нивните прогнози за трајни последици и влошување на ситуацијата низ годините. Затоа и забраните за било каква физичка активност, бидејќи се помалку „напор“ ќе треба за да се истегне мускулот кој и онака е под голем притисок.

Мое решение: уште поголемо проучување на анатомијата, на движењето и уште посилен, но поселектиран тренинг за да се одложат сите можни инвалидитети на што подолг период. И тоа најмногу поради една работа. Ви должам бре Луѓе мои. Додека не Ве однесам до крајот на Патот не смеам да паднам. Мора да Ви го пренесам целото свое знаење, па потоа може и во дупка, немам страв ниту од тоа. Затоа велам, до последниот здив…во доџо!

Ќе поминам да Ве видам вечер на тренинг. И секако, не сакам вртење околу мене и „пажња“, туку сакам да слушнам убави работи за Вас и за Вашиот живот.
Јас тоа што имав да го кажам, тука го напишав. За да не Ви одземам повеќе од мислите и енергијата, кои треба да ги насочите во Вашето усовршување.

Гамбаре!

Со крстот на чело

Три години по ред моите ќерки Косара и Ксенија се најредовни на часовите во детската група на Буџинкан Македонија (Нинџа Клинци).

Според правилата (статутот) на доџо-то, за возрасните кои немаат повеќе од три отсуства во текот на целата година, водачот на Организацијата им доделува Пофалница, која што се смета за многу важно признание за нивниот труд. Според истиот статут, на трите дечиња кои имаат најмалку отсуства во текот на годината, исто така им следува Пофалница.

Косара и Ксенија и во 2013 и во 2014 година имаа најмалку отсуства споредено со останатите дечиња. Но татко им (јас), не им додели Пофалници, иако сосема заслужено требаа да добијат.

Правилата кои важаат за моите ќерки се секогаш построги во однос на останатите дечиња.

Кога ме прашаа зошто за нив нема Пофалница и покрај тоа што отсуствувале само пет пати во текот на целата година, мојот одговор беше дека ќе добиева доколку немаа повеќе од три отсуства.

Знам дека не можат да ја разберат мојата строгост кон нив. Знам дека не им е јасно зошто правилата кои важат за сите, за нив се многу построги. Но еден ден ќе сфатат. Ќе разберат зошто нивниот татко секогаш бил со „крстот на чело“. И зошто, наместо да бидат привилегирани во однос на другите, за нив правилата секогаш биле построги.

Оваа година и двете се на добар пат да добијат Пофалници. Немаат направено повеќе од три отсуства во текот на целата 2015-та. И кога беа болни редовно ги посетуваа сите часови во детската група. И повеќе од тоа. Ги посетуваа и сите дополнителни саботни часови.

Само со труд и со крајна посветеност се добиваат привилегии во Буџинкан Македонија. И тие се подеднакви за сите кои се залагаат. Но секогаш, моите ќерки ќе треба да работат и да се докажуваат повеќе од останатите. Бидејќи доколку „крстот на челото“ падне долу, никогаш повеќе не може да се врати назад.

Подобро да те обесат за верност, отколку да те наградат за предавство

За време на семинарот во Романија, каде што бев поканет да предавам кенџутсу од страна да водачот на Шинган Доџо – Каталин Сореану, се случи да најдам малку слободно време и да се јавам преку вибер на семпаи Тодор Ангеловски, со цел да прашам дали е се во ред со тренинзите во „сината соба“.

Разговорот беше краток, а тој возвратно ме праша за условите во кои се наоѓам во моментот. Му одговорив дека Романците се однесуваат со неверојатна почит кон мене, дека ме сместиле во претседателскиот апартман во најдобриот хотел во градот и дека дури не се чувствувам баш најпријатно бидејќи не сум навикнат на таков лукзус.

Следниот ден прочитав на Форум дека Тоше и Марко накратко дискутирале за тоа, како корју-то секогаш ни возвраќа за трудот што сме го вложиле.

—Извадок од Форумот—

(Тоше: нa крaткo се слушнав сo Сенсеи, a пред тоа кoментирaвме сo Мaрче зa негoвиoт престoј вo Рoмaнијa. За тоа, какво е чувствoтo пoсле 20 и кусур гoдини пaтувaње, спиење пo дoџo-a, пaркети, лaдни тaтaми, хoстели и прчвaрници, дa те стaвaт вo претседaтелски aпaртмaн сo пoглед нa цел грaд и 7-8 метри гoлем прoзoрец.
Сенсеи бaш ми е милo штo тaкa те пречекaле, нaвистинa гoлемo брaвo зa дoмaќините и уште пoгoлемo брaвo зa тебе, зaтoa штo сo тoa штo гo прaвиш и не претстaвувaш, нaшетo дoџo, нaшaтa вештинa, нaшaтa земјa, несoмненo си зaслужил!
Марче: Баш е убаво да се види и слушне како е дочекан и угостен нашиот учител. Тошка, изгледа после 20 години корју-то почнува да враќа за жртвувањето.)

Тоа што сакам да го истакнам тука и всушност затоа и го пишувам овој блог, е дека не смееме да дозволиме егото да не совлада и да помислиме дека треба да вложуваме во нашата вештина со цел еден ден таа да ни возврати нешто што е материјално односно во вид на финансиска добивка. Ако се сеќавате на делот од книгата „Разговор со Учениците“, токму за ова не едно место напишав дека ниту еден од моите учители не вежбал за да има некаков финансиски поврат во иднина. Всушност, корју-то ни возвраќа на многу подобар начин. Ни дава здравје, енергија, знаење, мотивација, ни дава љубов.

Се друго, што после 20 години ќе си дојде, е само стапица која треба вешто да ја избегнеме со цел да не се најдеме во ситуација да станеме алчни и расипани.

Јас никогаш не вежбав за да отворам свое доџо преку кое ќе заработувам пари. Јас никогаш не вежбав за да предавам на семинари во Македонија или во странство. Јас не вежбав за да спијам во луксузни хотели и за да вечерам во префинети ресторани. Јас постојано вежбав ( и вежбам) со една цел – да ја усовршам вештината создадена од Учителите пред стотина години и правилно да ја пренесам на следните генерации.

Случајно или не, корју-то почна после 27 години лојалност – да ми возвраќа. Но како што напишав погоре, истовремено почна и да ми поставува нови тестови: дали ќе свртам од Патот, дали ќе помислам на можноста да почнам да станувам понезависен и да „предавам за пари“ или и понатаму да останам лојален на моите Учители и да предавам од љубов.

За среќа, јас никогаш не сум се двоумел ниту за миг во врска со Патот, а никогаш и не сум заборавил дека: „Подобро е да те обесат за верност, отколку да те наградат за предавство.“

Ви благодарам!

Човекот што ја плука раката што го рани, обично ја лиже чизмата што го гази.

—————————————————————————————————————

Сакав, навистина сакав да ја известам јавноста дека отсега средношколците ќе имат можност да изберат студии на кои ќе можат да ја изучуваат културата и традицијата на Јапонија. Сакав младите да знаат дека постои факултет на кој во текот на школскиот ден можат да вежбаат и да се опуштат од долгите предавања. Сакав класичните јапонски вештини да се издигнат на академско ниво, бидејќи со тоа ќе го добијат местото кое што го заслужуваат. Сакав да ги направам моите учители среќни. Сакав преку вметнувањето на корју-то во студиите на ИЕА, да имам можност да вежбам уште некој саат повеќе дневно, бидејќи од вежбање сум зависен.

Но не сакав, ама навистина на сакав да свртам внимание на мене. Тоа воопшто не ми беше намерата. Овие денови примив многу честитки од многу драги луѓе кои навистина ми значат и многу сум им благодарен поради тоа. Но примив и покани од медиуми да ме снимат, интервјуират итн.
Па чекајте побогу! Само две недели поминаа. Уште не се знае дали ова ќе успее или не. Дајте ми време да се потрудам, да се испотам, да ги направам студентите на ИЕА среќни и задоволни. Тогаш ќе можеме да зборуваме за успех. Доколку поради овој проект во иднина привлечеме повеќе студенти на Институтот, доколку се појават заинтересирани младинци на вратата на ИЕА, тогаш ќе зборуваме за успех. Вака…отворив само мала врата која што треба да направи место за многу поголема. Ништо повеќе. Без желба за помпа и слава.

Но ова немаше никогаш да се случи да не беа моите ученици од Пат кон Сонцето / Буџинкан Македонија. Тие беа И ЌЕ ОСТАНАТ мојата мотивација. Секој мој успех, слободно можат да си го препишат и на себе. Тие учеа од мене, јас учев од нив.

Некои од студентите веќе почнаа да ме викаат Сенсеи. Следниот час ќе треба да им објаснам дека јас сум учител само на моите ученици од моето доџо. А тие си се студенти на ИЕА. Студенти на професорите кои работат таму. Можеби помалку и мои, но само СТУДЕНТИ. Не и мои ученици!

Моите ученици се во моето доџо. Во моето срце. Со нив ги делиме сите убави и неубави работи. Заеднички се радуваме на нашите успеси, но и заеднички тагуваме кога имаме причина за тоа.

Многу од нив со години верно го следат Патот (на Сонцето). Од ученици, прераснаа во другари. Како што веќе кажав, да не беа тие, за кого ќе беше целата оваа „борба“ и желба да се подобри работата во нашето доџо?

Благодарен сум Ви. И секогаш ќе Ви бидам. До крајот на мојот живот.

Сакам да се заблагодарам и на учениците кои ме заборавиле и кои ја вртат главата во страна кога ќе се разминеме. На оние кои се срамат да ме погледнат во очи. Малкумина се, но ги има и такви. И од нив научив многу. И тие помогнаа да го изградам мојот карактер. Разочараноста и болката нанесена од нив, ме направија уште полојален кон моите Учители. Сфатив дека Тие (Учителите) никогаш не смеат да почуствуваат болка и тага поради мене, бидејќи јас почуствував што значи кога некој кој толку си го сакал – те заборавил, те повредил.

И повторно – ВИ БЛАГОДАРАМ. На сите Вие кои минавте низ, или се уште сте дел од Пат кон Сонцето. Сите носите мал дел во себе и сите сте оставиле мала трага во Буџинкан Македонија.

Нинпо Иккан!

Јапонските класични боречки вештини во Македонија се издигнуваат на академско ниво

Другари…конечно…успеав! Ги издигнав јапонските класични боречки вештини на академско ниво во нашата земја. Тоа ми беше дамнешна желба и конечно успеав во тоа.

Го работев ова долго време. Многу непреспиени ноќи, честопати со намалена концентрација, нарушување на сопственото здравје, нарушување на односите со најблиските, изгубен поглед…многу жртвување. Но остварив уште една зацртана цел. Со само една мисла – јапонските класични боречки вештини да ги подобрат нашите сограѓани во секој поглед и да направат подобри личности, корисни за нашето општество.

Ова не е само мој успех. Ова е успех на целото наше доџо. Успех на Пат кон Сонцето. Нинпо Иккан!

Од другата страна

Секогаш кога ќе им кажам на моите ученици дека треба да размислуваат поинаку од „обичните смртници“, најпрвин добивам „блед“ поглед кој јасно зборува дека не ме разбрале најдобро, што точно сакам да им кажам.

Исто така, честопати го користам изразот „погледнете и од другата страна“. За жал, малкумина го прават тоа, иако ме уверуваат дека целосно го разбрале неговото значење.

Сите знаете дека Таки најде работа како келнер, со цел да собере пари и да учествува на Летниот Корју Камп. Така, тој цели два месеци работи по цел ден за мизерна дневница од 200-300 денари, само за да може да учествува на овој навистина неверојатен настан што повеќето од нас го чекат во текот на целата година. Се откажа од многу работи, па дури и од редовните тренинзи, само за да може да ја постигне својата зацртана цел.
И што мислите Вие, мене толку многу ми беше тешко да го ослободам од таксата за камп и да го спасам од деноноќната тешка работа во кафеаната?

Сигурно знаете и дека некои од нашите членови срдечно помагаат во подучувањето на почетниците. Доаѓаат еднаш или двапати неделно и ги предаваат основите на тие кои само што зачекориле по Патот. И сигурен сум дека честопати добиваат совети од своите најблиски од типот: „каде му помагате и му водите тренинзи, па барем да Ви го плати патот до таму или да Ве ослободи од членарината“. Јас знам дека таквите совети честопати го внесуваат црвот на сомнежот длабоко во душата.
И што мислите Вие, мене ми е тешко да ги ослободам од месечната членарина или да им ги платам патните трошоци на моите помошници?

Има и една група која што несебично ми помага околу изработката на материјалите кои допринесуваат за подобра презентација и популаризација на работата во нашето доџо. Тоа се оние кои ги одржуваат и изработуваат веб-страниците, постерите и флаерите. И тие работат доброволно и редовно си плаќаат месечна членарина за вежбање во доџо-то.
И што мислите Вие, мене ми е тешко да ги ослободам од месечната членарина или да им ги платам нивните услуги?

Моите воини треба да научат да размислуваат ПОИНАКУ.

Јас можам да го ослободам Таки од плаќањето на таксата за учество на кампот. Одамна знаев дека ќе имам доволно учесници кои ќе ги покријат трошоците за организирањето, а останатите пари кои беа предвидени за исплата на татамите во доџо-то (да другари, се уште не се исплатени ниту половината), можам да ги скратам толку – колку да Таки не мора да работи по цел ден во смрдливата кафеана. И што сум постигнал со тоа? Јас ќе Ви кажам. Сум ја уништил можноста Таки да дознае колку тешко се заработуваат парите кои толку многу ни се неопходни. Сум ја уништил можноста да разбере колку му е важно школувањето, бидејќи во спротивно цел живот ќе работи за 200-300 денари дневница. Сум ја уништил можноста да сфати дека животот е тежок и дека мораме сами да се избориме за нашата подобра иднина.

Што е со членовите кои ги подучуваат помладите, но и со оние кои ми помагаат на било каков начин. И нив можам да ги „ослободам“ од плаќањето на месечната членарина. Тоа можеби ќе резултира со неможност на често организирање интернационални семинари, како и со набавка на опрема за тренинг, но и без тоа се може. Но што ќе се постигне со тоа? Јас ќе Ви кажам. Од моите ученици, кои ги учам несебично да помагаат насекаде каде што можат, ќе направам себични индивидуи кои ќе помагаат само тогаш- кога ќе имаат корист од тоа. Наместо несебично да се вложуваат во развојот на доџо-то и да уживаат во можноста да го пренесуваат знаењето и традицијата стекнати токму преку доџо-то, нивните апетити ќе се зголемуваат постојано и со текот на времето ќе почнат будо-то да го гледат како можност за заработување пари и бизнис. А кога тоа ќе се случи, тогаш нивниот Пат во Будо-то станува Пат на алчноста и ќе почнат да го напуштаат вистинскиот Пат. Ќе станат себични и алчни за материјалното и ќе ја уништат сета добрина и сета духовност во себе. Сум имал многу примери досега и верувајте ми дека многу добро го знам тоа.

Ете, само доколку ова го разберете, ќе можете целосно да ја примените поговорката: „Ако сакаш некого да нахраниш – дај му риба. Ако сакаш да му помогнеш за цел живот – научи го сам да си ја лови“.

Размислувајте како воини. Погледнете секогаш најпрвин ОД ДРУГАТА СТРАНА.

Тоа што сите можат да го видам (омоте) ќе Ви помогне само еднаш, а потоа од Вас ќе направи „зависни“ индивидуи кои ќе „помагаат само од корист“. Тоа што можат да го видат воините, а се наоѓа од другата страна (ура), ќе Ви помогне за цел живот и ќе Ве направи вредни и независни личности кои ќе го почитуваат и вреднуваат сечиј труд.

Гамбаре!