Традицијата продолжува

Прекрасни сте. Почнувајќи од Ристо Разбираш, па до Антон.
Каква ноќ. Квалитетна и плодоносна. Ја продолживме традицијата стара 1000 години.
Кругот на крајот. „Ва“. На јапонски – хармонија. Буџинкан Македонија – едно семејство.
Напредувате. Сите што сте редовни. Тоа ме радува. Мојот труд се исплатува преку Вашиот напредок.
Пред полагањето Марче ме молеше да му дозволам да биде уке на Мони и на Маја. Со две рани оперирани и незараснати. Само да знаете колку беше радосен кога му дозволив со пола уста и со негодување. А што да му правам? И тој како мене живее за корју. Морам да го разберам.
А Зоки? Е ај кажете дека Зоки не е најбогат човек на светот. Сите во доџо-то го сакаат. Од најмладо до најстаро. И машко и женско.
Сите го почитуваме и едвај чекаме да стане и да раскаже некоја „догодовштина“.
Ќе ми недостасувате до среда. Да сте здрави и живи.
И среќна Ви нова година!!!

Упис на нови членови во доџо-то во Аеродром

Што е тоа корју буџутсу (класични јапонски борбени вештини)?

Ова прашање бара многу повеќе простор за да се објасни подетално, но накратко би објасниле дека тоа се борбени вештини создадени пред периодот Меиџи (1868 година) и биле наменети за војување на бојното поле за време на граѓанските војни во Јапонија. Тоа подразбира не само голорака борба, туку и користење на најразлични оружја употребувани на бојното поле како што се катана (меч), јари (копје), нагината (хелебарда) и слично. Сите тие вештини се пропратени со посебна филозофија и психологија, но и многу други знаења кои биле потребни за да се преживат тие турбулентни времиња од јапонската историја.
За разлика од корју буџутсу, постојат и модерни боречки вештини таканаречени гендаи будо во кои спаѓаат карате, џудо, аикидо, кендо (итн.), за кои, исто така, немаме доволно време да пишуваме тука. Доколку сте заинтересирани да вежбате гендаи будо, тогаш обратете се во некои од многуте клубови во нашата земја, а ние Ве уверуваме дека постојат голем број одлични инструктори за овие вештини.
Доколку одберете да вежбате класични јапонски боречки вештини, тогаш добредојдовте во единствениот клуб во нашата земја – Буџинкан Македонија.

Внимавајте!

Известени сме дека во последно време се појавиле некои самопрогласени буџинкан учители кои тврдат дека вежбаат „правилно“ нинџутсу. Пред да почнете да вежбате со нив, побарајте да Ви ја покажат лиценцата (менкјо-то) за шидоши која е доказ дека се овластени за да се претставуваат како претставници на Буџинкан Доџо. Секаков изговор во врска со тоа значи дека тие учители лажно се претставуваат.

За обуката?

Школото за класични јапонски борбени вештини Буџинкан Македонија отвори ново доџо во населбата Аеродром кое е наменето специјално за сите кои што сакаат да зачекорат по Патот. Запишувањето е бесплатно, а месечната членарина изнесува 1000 денари. Тренинзите се одржуваат секој ден во зависност од секцијата што ќе ја одберете. При уписот не добивате ниту кимоно, ниту мајца, ниту капче. Парите собрани од членарината се користат за плаќање на просторот за тренинг, а тренинзите, кои всушност се бесплатни (без пари), ги плаќате со Вашата пот и со Вашиот труд.
Корју Буџутсу не е спорт. Тоа е знаење наменето исклучиво за личен психофизички развој и постигнување напредок на секое поле од животот.
После неколку месеци од Вашето зачленување и редовен тренинг, ќе преминете во Хомбу (централното) доџо-то на Буџинкан Македонија. Таму ќе се придружите на напредните ученици и тогаш почнува Вашиот вистински тренинг. Вие ќе бидете дел од нашето семејство, но и натаму ќе треба да се борите за да се здобиете со почитта која ја очекувате. Вниманието во нашето доџо се заслужува само на еден начин: со искрен приод кон вештината!

Колку клубови за нинџутсу има во Македонија?

Сите во Македонија кои вежбаат или вежбале (Буџинкан) нинџутсу или некоја друга класична јапонска борбена вештина, биле ученици на инструкторот Довезенски (повеќето добри – а само неколку избркани од клубот поради нечесност или занимавање со политиканство наместо со тренинг).
Дозвола за легално отворен клуб, стекната со чесен и напорен тренинг досега добиле учениците Марјан Прошев и Марко Опачиќ.

Сподели знаење и напредувај

Држењето часови од страна на сениорите (семпаи), на јуниорите (кохаи) и на почетниците (шошинша), е одличен тренинг и проверка на сопственото знаење и способност. За водење на еден час треба да се направи претходна подготовка, да се повтори материјалот, да се преиспитаат познавањата на принципите и кодексите на доџо-то. Сето тоа води кон нов напредок и отвора нови видици. Освен тоа, тука и е моментот на справување и соочување со нови лица, сите со свој уникатен карактер, уникатна градба на телото.

Со убивање од вежбање до убивање на Раскошот

Една мала група од нас се убива од вежбање (факат)!

Ми текнува пред неколку години кога држев тренинзи и во Лисиче (понеделник, среда, петок и недела) и во Буњаковец (вторник, четврток и сабота). Секој Божји ден.
Тогаш се уште немав црни појаси од учениците, па сите тренинзи морав самиот да ги одржувам. Денес имам црни појаси меѓу учениците. А знаете зошто? Затоа што Тие двајцата доаѓаа на тренинг и во двете доџо-а секој Божји ден.
Се сеќавам, после неколку месеци, во соблекувалната мојот мил шидоши хо Мацко ми се онесвести буквално во раце. Го повратив во живите смирено бидејќи знаев дека момчето падна во бесознание поради замор. Инсистирав да направи преглед поради него самиот, а лекарот го потврдил моето сознание дека Мацко е здрав како дрен (и дека се онесвестил поради замор).
Таа мала група и сега го прави истото. Не пропушта тренинг. А за секој случај и во текот на викендот вежба во Хомбу (каде што темпото на вежбање „убива“).
Знаете дека Мацко оваа година нема пропуштено ниту еден тренинг? И Антон. Тука некаде со активноста се и Зоки и Марче и да не ги редам и другите понатаму.
На групата што се убива од вежбање сакам да им кажам нешто:

Свесно или несвесно Вие се определивте за Патот. Да се чекори по Него значи да се живее во беда. Вие ја прифативте старата самурајска изрека „Зеитаку ва теки да односно „Раскошот е непријател“.

Од поштенското сандаче

Пет години во Буџинкан Македонија поминаа брзо ( 5 години и месец… ќе се утепам, си го утнав роденденот )

Што да кажам навистина незнам, без зборови сум.
Опкружен со вистински другари кои зрачат позитивна енергија.
Многу тренинг, забава, дружење, емоции и дешавки кои за ништо на светов не би ги сменил.
Никогаш нема да го заборавам мојот прв тренинг, толку ме болеа нозете мислев дека толкава болка никогаш нема да почувствувам (се излажав   ). Мојот прв семинар во природа ( Тамбо Џутсу ), мојот прв нинџа камп, тренинзите без струја во старото легендарно доџо во Лисиче.
Горд сум што сум ученик на Сенсеи и што сум дел од ова семејство, се надевам на уште многу долги години заедно, на уште многу модрици, гребаници, млатење и ќотеци.

-Мирон

———————————————————————

Прееска си се релаксирав со видеата кои ги има од нас на фб, јутуб и сл. и морам да кажам дека доста емотивно се растресов, ми се насолзија очите, што од радост поради сите убави моменти, што од тага заради носталгијата кон некои луѓе, но највеќе од се – од љубов. И пак морам да кажам, сликите од тебе и од Мацко ме вадат од патики. Сите до една, а особено тие од под Липац (на зајдисонце). Убавина, грациозност, моќ, љубов, пријателство = едноставно и видливо извираат од нив. Секој поединечен член го дава својот “зачин” во видеата, но и во спомените воопшто. До вечер сенсеи. Добра ноќ.