ДКМС

Даикомјосаи! Прослава и тренинг по повод роденденот на соке Масааки Хатсуми. Се одржува секоја година на почетокот на декември. Трае три дена и на крајот се соопштува темата за следната година.

Членовите на Буџинкан Доџо од целиот свет се упатуваат во Хомбу доџо-то неколку дена пред големиот настан. Инаку, соке Хатсуми подучува два пати неделно. Цената изнесува 35 евра за час. Вчера рекордот бил срушен.  235 луѓе на 90 м2. Стиснати како сардини. Сите среќни. Ќе се сликаат и ќе добијат калиграфија од соке.

А тренинг? Тренингот не е важен. И онака таму ретко кој оди за да вежба. Повеќето одат за да се „нафоткат“ и потоа фотките да ги објават на ФБ односно на Нет. „Бевме во Јапонија кај нашиот учител Хатсуми, супер си поминавме со него“.

Проблемот не е кај Соке. Тој своето го извежбал. Туку кај оние што не сакаат да вежбат. Кај оние што сакат да бидат нинџи, но не можат да направат ниту 10 склека.

Како и да е. На Хатсуми му посакуваме среќен роденден. А на другите повеќе да вежбаат, а помалку да зборуваат.

п.с. На долниот десен агол мислам дека забележав обид за Шако Кен. Не се лажам, нели?

п.п.с. Ги замолувам плукачите кои редовно го следат нашиов блог да не праќат извештај за написов кај своите ментори. Ова е сепак само шега.
Никој не го сака Буџинкан повеќе од нас

Те но учи

Веќе сме разговарале за 4-те важни елементи во вештината за мечување:

-Иаиџутсу (Баттоџутсу)

-Кенџутсу

-Чибури

-Ното

Но секако, постојат уште многу други елементи кои еден воин треба да ги поседува за да биде комплетен. Еден од нив е Те но учи (работата на дланката). Како и секогаш во корју буџутсу, секоја школа си има свој начин на Те но учи. Тоа се однесува на специфичниот начин на држење на мечот. Во некои школи се потенцира распоредот на силата во левата и десната дланка, во некои се потенцира извртувањето на зглобот при сечењето, а во некои растојанието помеѓу дланките. Сепак, сите овие елементи се подеднакво важни за Кенџутсу.
Во спротивно…

п.с. Снимено на годишната средба на корју буџутсу школите во Јапонија.

Кеппан

Кеппан-от или крвната заклетва е стар јапонски метод на обврзување. Тој се применувал и во боречките вештини, со цел ученикот да се обврзе дека стриктно ќе се придржува до правилата на доџо-то.

Се изведувал со засекување на прстот или надлактицата, а потоа со крвта се потпишувал документот на кој биле напишани основните правила на школата.

Кеппан-от не бил карактеристичен за сите доџо-а, а повеќето од нив веќе одамна го напуштиле овој метод. Сепак, во најстарата јапонска рју-ха за меч, Теншин Шоден Катори Шинто рју, овој метод се применува и ден-денес. Се разбира, последниот соке направил неколку исклучоци од ова правило (за гаиџин-ите), но сепак, тие што нема да го потпишат документот со својата крв, никогаш нема да ги дознат сите тајни на школата.

Еве ги правилата на табличката која треба да се потпише:

  1. Никогаш и никому нема да зборувам, ниту пак да покажувам техники од школата, дури ни на моите најблиски роднини.
  2. Никогаш нема да навлегувам во кавги и при тоа да ја злоупотребам вештината.
  3. Никогаш нема да се коцкам ниту пак ќе посетувам нечесни места (јавни куќи, биртии и дувла з.м.)
  4. Никогаш нема да го вкрстам мојот меч без дозвола.

Она што е интересно за нас, е дека оваа школа подучувала и нинџутсу методи на собирање информации и анализи.

Осамениот пат

Честопати се навраќам на некои моменти од времето кога одлучив да тргнам по Патот. Се сеќавам кога наближуваше петок, а со тоа и договарањата „каде ќе одиме таа вечер“. За некои тоа беше страшна дилема. „Хард рок“ или „Копакабана“. За мене дилема немаше. Прво трчање до Нова Железничка Станица, а потоа под закрилата на ноќта тренинг на полјаната позади зграда меѓу трите големи елки кои заштитуваат од љубопитните погледи.

Набргу почнаа коментарите: „Па ти веќе не сакаш да се дружиш со нас. Ти не избегнуваш нас. Тебе вежбањето ти е поважно од нас„.

(ова сигурно и на Вас ви се случува понекогаш)

Уште тогаш тоа го сфаќав како себичност. Зошто другари мои, бидејќи ете Вие не сте себични, не вежбате со мене? Зошто место да одите во град, не дојдете на полјаната? Ќе вежбаме заедно и повторно ќе се дружиме.

„Ех, ќе вежбаме, па нас не не интересира тоа што тебе те интересира“.

Аха. Значи ако Вас не ве интересира тоа што ме интересира мене, тоа не е себично. Ако Вие не уживате во тоа што уживам јас, тоа не е себично. Само кога јас правам нешто во што уживам, тогаш Ве избегнувам и не се грижам за нашето пријателство.

Тогаш сфатив дека Патот на воинот е осамен. Тој е осуден да биде разбран само од оние кои чекорат по истиот Пат.
Продолжив понатаму. И тие продолжија понатаму.

Денес ќе се видиме одвреме-навреме низ градот, на шалтер, во продавница. Ќе дознаам преку прашања дека никој од нив повеќе не се дружи како порано. Секој со свои семејства, бизниси, проблеми. Некои дури не се виделе со години.
Се прашувам. Што нив (не) ги задржа за да бидат заедно. Што имат од тоа што се дружеа секојдневно и ја тераа „скопската шема“. Нели тие не се раздвојуваа ниту за спиење, а сега очи не си виделе со години.
Се поминува. Се е „пролазно“.

На крајот останува само Патот. И луѓето што ќе ги сретнеш на него.

Просветлување на сон

„За да бидеш добар воин,

мораш да имаш добар противник.

Ако немаш добар противник,

тогаш борбата станува само добар тренинг.

Ако борбата остане само добар тренинг,

тогаш сепак си добар воин“.

Игор Довезенски

Просветлување на сон 14 ноември, 2010 год.
п.с. Тие што им се јавува некој глас…да не ги викаа нешто на буквата „ш“?

Предиспозиции

На еден аикидо семинар, одржан под водство на јапопонски шихан, тој си зеде за право да го изговори следново: „ние Јапонците имаме нешто во нас, што вие Европјаните го немате и затоа сме подобри од вас (во будо з.м.)“.
На ова веднаш следеше мојата реплика: „можеби сте подобри во будо, но затоа на нас куровите ни се многу поголеми од вас„,

Секако, оваа крајно вулгарна констатација имаше само една цел. А тоа е да ја разбие арогантната и нацистичката теорија дека некоја нација е супериорна од другата само поради…што и да е.

Не се работи за супериорност поради некакви божествени генетски предиспозиции. Едноставно тие имаат ТРПЕНИЕ. Трпение градено со векови поради различни околности (сега немаме време да го објаснуваме тоа). На јапонците навистина може да им се препишат многу феномени. Почнувајќи од систематизираниот и совршен начин на војување. Тие се заслужни за тоа. Но повторно-не поради генетски предиспозиции поврзани со „одбрани од Бога“, туку поради нивниот специфичен начин на живот што довел до појава на неколку хомогени етнопсихолошки карактеристики кај нив.
Но за жал, тие етнопсихолошки карактеристики се променлива категорија. Така, денес Јапонците го губат приматот во речиси сите боречки спортови. Се повеќе шампиони во карате, џудо, кендо се појавуваат во други земји (нации), а за мешаните боречки вештини (ММА/УФЦ) веќе и не правиме муобет. Зарем сега америте и бразилците се супериорни нации? Не! Туку во овие дадени околности тие се потрпеливи, повредни и помотивирани за успеси.

И ден-денес многу мои пријатели ми зборуваат дека: „ние никогаш нема да можеме да бидеме добри како Јапонците“ и дека „нив им е лесно, само затоа што се Јапонци“. Тоа е Булшит! Или лајна по нашки (подобро му звучи). Јас не верувам дека Јапонците денес се подобри во Будо од Европејците или од другите народи.

Тоа е индивидуална работа. Се зависи од сопствениот труд. Тоа што тие го имале во минатото и претставувало предност над останатите, веќе го имаат загубено под налетот на западната „мода“.
Сега се зависи од вољата и трудот на поединецот.

Џуте

Ноември е месец на џуте во Буџинкан Македонија. Почнуваме од вечер.

Знам дека некои од Вас веќе копаат по нет за да дојдат до информации за џуте, а од тоа што јас го видов можам да Ви потврдам дека во најголем дел тие информации се вистинско ѓубре.

Го издвоив само ова, бидејќи последниот соке на Мусо Шинто рју (Такаџи Шимизу) ги покажува основните принципи на работа со џуте.

Зен

Станува ученикот од сабајле и го гледа учителот како фрла леб околу куќата.

-Што правиш учителе?

-Фрлам леб за да не дојдат лавовите да не изедат.

-Но тука нема лавови.

-Ете, гледаш како ги држам на страна.

Момчешка вечер

Што ти било момчешка вечер. Седат 10 мажи на маса, сите пријатели на идниот младоженец, од тука и од таму, кои што се натпреваруваат кој ќе направи поголема глупост. Кога си кум, а истовремено и најдобар другар на идниот младоженец, не ти преостанува ништо друго освен да седнеш на таа маса и да се обидеш да направиш некоја глупост „ради атмосфера“. Но тешко ти оди.

Ги гледаш Вангел, Џеки и Јордан како го љокаат виното без трунка совест. При тоа го рецитираат „Тетовирање“ и ги повторуваат дешавките од  изминатата младост. Стават ч’чкалица во уста и со неа си го чепкаат носот. Се смееш насила колку да не ја расипеш атмосферата, но повторно тешко ти оди.

Од друга страна Директорот, Андреј и нашиот Зоки ги повторуваат кафеанските фори кои ги изнагледале во текот на изминативе години. Се смееш само на Зоки, бидејќи е твој и го сакаш. Му ги броиш пивата и криво ти е што се навраќа на стариот живот, „макар“ и за миг. Не смееш да му кажеш ништо оти во кафена ти си Роги, а не сенсеи.

Тука се и Жаре и Дизајнерот. Првиот го познавам. Добро му оди виното. Надежен е. Вториот прв пат го гледам , но и тој ќе го биде. Влегува пополека во тој свет. Масла како Масла. „Е ај размисли малку педер, што мислиш зошто жена му на Вангел не му прави проблеми за да оди каде сака. Што мислиш што прави она за тоа време“. И толку. Тоа е доволно од него за цела вечер. Тој кажува и претскажува.

И на крајот Иве. Само тој дреме како мене и едвај чека да се прибере дома. И веднаш да ми каже за тоа. „Баце, глупости се ова. Седиш и дремеш. Место да си спиеш сега“. Знае дека веднаш добива бланко подршка бидејќи тој муобет сме го правеле илјада пати.

Момчешка вечер. Седиш, јадеш, пиеш, правиш глупости. Место да си дома со најблиските, саканата, најмилите. Место да читаш, проучуваш, љубиш и гушкаш. На твојот кревет во твојот дом. Момчешка вечер. Увезена од некоја западна земја. Со домашни примеси од скара и алкохол.

Дремеш така вештачки накезен и се молиш да не ти замери најдобриот другар бидејќи не можеш да се пронајдеш во празниот муобет со неговите другари. На крајот разбираш дека токму и затоа ти е најдобар другар. Затоа што те разбира дека повеќе сакаш да бидеш во доџо-то со учениците отколку во кафената, да пиеш чај наместо пиво, да вежбаш корју наместо да зборуваш, да љубиш наместо да јадеш. Знае дека сега ќе читаше нешто за класичните јапонски боречки вештини додека жена ти ти лежи на стомак и си слатко си дремка.

Момчешка вечер. Извини Ацо. Не се пронајдов. И никогаш нема да се пронајдам. Ќе дадам се од себе да се покажам на свадбата. Тоа ќе биде улогата на мојот живот. Ти ветувам.

п.с. Освоите го срцето на некоја девојка. Прошетајте ја  и направете да се чуствува убаво. Не се затворајте по кафеани. Бидете страствен љубовник, не страствен боем (тоа е пијаница со факултетска диплома).

36

Ми се јави мајка ми на телефон (08.36). „Среќен роденден сине“, ми вели.

„Денес ми е ?“ , ја прашав со неверување.

Повторно заборавив. Исто како и минатата година. Катите на 9-те школи ги паметам. А својот роденден повеќе не.

Интересно, секоја година, се повеќе се трудам да го запаметам денот кога ми е роденден. И никако да успеам.
36. На моменти се фаќам како размислувам за сите тие години. Колку брзо поминаа. Но има нешто друго важно во целата приказна: за ништо во животот не се покајувам. Никого не повредив. Никого не предадов. Можеби има некои ситни детаљи кои би ги изиграл поинаку, но генерално досега се движев по правилниот Пат.

Многу важна лекција. Правете ги работите како што треба во моментот. Сега внимавајте за да во иднина не се покаете. Доколку сега погрешите, во иднина може да биде доцна за да ги исправате работите. Но дури и ако се случило нешто поради кое сега Вие не сте тоа што го посакувате, помирете се со тоа, со зборовите: се е така како што требало да биде.

Разгледајте ги опциите и направете го тоа што реално можете. И секако, секогаш со внимание да не повредите никого. Бидејќи утре можете повторно да се покаете поради тоа. Не очекувајте премногу. Повеќе давајте, помалку барајте. Поставете задачи кои ќе Ви овозможат мирен живот. Поврзан со најблиските. Не ризикувајте ги најблиските поради своите големи апетити. Имајте малку, но бидете среќни. Тоа е подобро отколку да имате многу, а да сте постојано несреќни.
Сега и тука. Сега ја градиме иднината. Се зависи од нас.

Што беше муобетот? Ах да. За роденденот. Ден како и секој друг. Се зависи од нас.