Интервју со Игор Довезенски за denesen.mk

„Првата половина од животот ја минав како земја и оган. Стабилен и незапирлив. Втората половина продолжувам како вода и ветер. Прилагодлив и неодреден“.

Се надевам дека по заминувањето од овоземниот свет ќе го достигнам и Петтиот Елемент – ПРАЗНИНА.

Според филозофијата на Петте Елементи 五大 односно ГоДаи во јапонскиот будизам, петиот елемент Ку (Празнина) е тој што ги обединува сите претходни (Земја, Вода, Оган и Ветер). Преку него се заокружува природниот циклус на земјата.
——————————————–
Ова е најавата на моето најново интервју дадено за denesen.mk, кое истовремено ќе го постирам тука со цел да остане архивирано доколку еден ден се затвори порталот.
——————————————–
НАЈЧЕСТО ТЕ МРАЗАТ ТИЕ КОИ ДЛАБОКО ВО СЕБЕ ПОСАКУВААТ ДА БИДАТ КАКО ТЕБЕ

*Интервју со водачот на единственото македонско доџо за Самурајски и Нинџа вештини

Неколку пати ти се јавував да се договоривме за интервју и секогаш добивав одговор дека немаш ништо ново да кажеш. Сега кога конечно те седнав на маса, сакам да те прашам зошто така мислиш?

Досега сум дал повеќе интервјуа, одошто сум заслужил. Принципите во боречките вештини се зацементирани многу одамна и јас не смеам ниту да помислам, ниту пак сакам да ги менувам. Освен тоа, сите досегашни прашања горе-долу биле слични и поврзани со мојот Пат во боречките вештини. Од друга страна, за што друго некој би сакал да прашува човек кој целиот свој живот го минал во вежбање боречки вештини.
И на крајот, да бидам искрен, за друго и не би сакал да зборувам.

Зарем учителите за боречки вештини не треба да знаат сѐ?

Секако дека треба. Меѓутоа немаат потреба јавно да зборуваат за сѐ.

Во ред, ќе се обидам да поставам прашање кое можеби досега не ти било поставено. Кога прв пат го слушна зборот Нинџа?

Кога имав пет години. Мојот татко ми купуваше стрипови кои многу ги сакав. Особено со Загор Те Неј. На три години веќе имав научено да читам латиница и српско-хрватски. Во еден од тие стрипови Загор се бореше со еден човек дојден од Јапонија кој беше облечен во црно и се бореше со катана и шурикени. Тогаш прв пат слушнав и дознав за Нинџите. Истовремено за прв пат, Загор не беше повеќе мој идол, туку човекот во црн костим кој што се бореше со него.

Игор Довезенски во доџото на Јасусада Иизаса, 20-тиот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Хеихо

Тежок ли беше патот да се стане учител за Нинџутсу?

Иако се уште не се сметам достоен за да ме нарекуваат Учител, ќе одговорам потврдно. Да. Патот беше тежок. Бидејќи многупати беше пресечен од различни судбини кои некако се вклопија и станаа дел од мојот живот. Не е лесно кога толку многу луѓе ќе дојдат и еден ден ќе си заминат од твојот живот. За среќа и таа слабост ја совладав, па сега се трудам да не се поврзувам толку многу со сите мои ученици. Почнав строго да ги селектирам луѓето околу себе.

Читајќи ги текстовите на твојот блог, прочитав дека досега си бил разочаран само од неколкумина твои ученици. Со што може еден ученик да те разочара?

Со наивност. Но тоа што ти си го прочитал е многу стар блог. Напишан многу одамна. Уште пред да ја совладам и таа детска болест. Порано се разочарував кога наивно и слепо некој ќе загриза на ефтини приказни.
Кога живееме во доба на информираност и кога сите информации Ви се достапни со еден клик, глупаво е да бидете наивни, но исто така е глупаво да верувате на сите тие информации и да не бидете доволно интелегентни да донесете свој заклучок. Пред еден месец еден мој ученик ми кажа дека случајно се сретнал со еден поранешен член при што му било кажано дека јас не сум бил „вистински Нинџа“ и дека единствен „оригинален Нинџа“ бил некој лик од Србија. Забележете ја терминологијата ќе Ве молам. Уште пред да ми биде пренесено за кого станува збор, веднаш знаев дека тоа не е мој ученик, туку лице кое било на минување во моето доџо. Моите ученици не користат таква несмасна и ступидна терминологија. Тие се начитани, ерудити, луѓе со широки знаења. И како што кажав, тоа се пред се интелегетни луѓе кои со неколку клика на тастатурата можат да проверат што е тоа Нинџутсу, што е Теншин Шоден Катори Шинто рју Хеихо и што е тоа Даито рју Аикиџуџутсу. И лесно можат да донесат заклучок околу прашањето: што е потребно да поседувате за да пиете чај со Јасусада Иизаса, кој инаку е Соке на најстарата и најпочитуваната јапонска школа за боречки вештини. Или, пак,  што е потребно да поседувате за да се прошетате низ доџото на соке Масааки Хатсуми како турист и да се фотографирате со него. Секако, одговорот на првото прашање е АВТЕНТИЧНОСТ. Одговорот на второто прашање е – ПАРИ. Меѓутоа, ова ќе го разберат само луѓето кои сериозно се занимаваат со боречки вештини, така што можете слободно да го избришете овој дел од интервјуто при уредувањето.

Што мислиш за омразата?

Автодеструктивна болест која го разорува телото, умот и духот. Кога мразиш, собираш големо количество негативна енергија, со која всушност си наштетуваш себе си, а никако на тој кон кого е упатена. Инаку, најчесто те мразат тие кои длабоко во себе посакуваат да бидат како тебе односно на твоето место.

А за љубовта?

Која? Кон децата? Кон партнерката? Кон доџото? Кон мојата татковина? Кон боречките вештини?
Чудно е, но како што ми минуваат годините, смислата на љубовта ја менува формата, интезитетот, насоките, смислата. Тоа неверојатно чувство кое може многу да даде и истовремено многу да земе – е феномен што ги движи идеите и ги формира постулатите на планетава уште од самото создавање на човештвото.
Жал ми е, но еве невешто ќе го избегнам ова прашање. Имам толку многу материјал да зборувам за него, а речиси нималку желба да ја отворам душата пред јавноста.

Кои се твоите долгорочни планови во однос на „Пат кон Сонцето“?

Од како знам за себе, па се до денот кога наполнив четириесет години, правев долгорочни планови кои на крајот секогаш успевав да ги остварам. Размислував години однапред, поставував високи цели, поместував граници и реализирав неверојатни идеи. И тогаш, преку ноќ, одлучив дека продолжувам стихијно, како река, која го менува својот правец според теренот низ кој тече. Првата половина од животот ја минав како земја и оган. Стабилен и незапирлив. Втората половина продолжувам како вода и ветер. Прилагодлив и неодреден. Без конкретни планови, без длабоки анализи, без долгорочни цели и неверојатни идеи. Очекувам тоа што досега вложував, да почне да ми се враќа. На секое поле. Сега продолжувам да живеам од денес за утре. Секако, со сите доблести кои ги поседувам или кои ги стекнав низ годините.

Благодарам за ова концизно и директно интервју. Се надевам бев барем малку поразличен од колегите кои досега те интервјуирале.

Благодарам за поканата и пристапот. Јас се надевам дека успеав да кажам барем нешто ново, со оглед на моите ригидни и бетонирани ставови кон животот.

Д.Д.


Линкот од denesen.mk—->тука

Највнимателно со жените

– Сенсеи, понекогаш имам проблем да пристапам на некоја жена. Губам самодоверба и навистина не знам од каде да почнам.

– На жените треба да им пријдеш како на неотворена книга. Најпрвин ја гледаш однадвор, па ако ти запне на око и ако ти дозволат, почнуваш полека и внимателно да ги разгледуваш кориците. Потоа почнуваш најнежно да ја разлистуваш, да не поткинеш некоја страница. Ако книгата добро ти легне на срце, тогаш ќе прашаш дали можеш да ја земеш со себе. Ако има согласност и добра воља, тогаш ја носиш дома и уште повнимателно почнуваш од првата страница. Мораш постепено и со љубов да ја читаш. Страна по страна. Дури откако добро ќе ја прочиташ, ќе можеш да ја вртиш и да ја читаш од која страна и да посакаш.
А дали ти имаш навика да читаш книги? Ако не, тогаш мораш веднаш да почнеш. Инаку никогаш нема да знаеш како треба со жените.

———————————————————————————————————
„Да бидеш Самурај, значи да бидеш љубезен во секое време“ – Хоџо Нагауџи (1432 – 1519), Генерал на провинциите Суруга, Изу и Сагами.

———————————————————————————————————-
Мојот последен блог не е наменет за искусните мажи, а уште помалку за величенствените дами во моето доџо.

Овој блог е одговор на прашањата кои почнуват да се вртат во главите на младите момчиња од Буџинкан Македонија.
На оние кои зачекоруваат по Патот на животот. Кои почнуваат да ги чувствуваат убавините на плодовите носени од ветрот наречен страст. На желбата која доаѓа со созревањето. Таквите момчиња се многубројни во нашето доџо. И сите тие треба да го сфатат значењето на БУНБУ РЈУДО 文武 両 道. Дека поседувањето на техника не е сосема доволно. Но и дека премногу потпирање на духот – исто така не е доволно.
БУНБУ РЈУДО е јапонски концепт на рамнотежа помеѓу мечот и пенкалото. Помеѓу науката и вештината. Помеѓу борбата и духовноста.
„Мечот и умот мора да бидат обединети“. Тоа е БУНБУ РЈУДО 文武 両 道.

Исфрустрирана нација

Почитувајќи го секогаш правилото на доџото дека за време на тренингот односно од Шинзен Реи до Шинзен Реи дозволено е да се слушат само звуци од вежбањето, знаеме понекогаш за време на Џунан Ундо (односно после Шинзен Реи) да се опуштиме помалку и да кажеме по некоја шега.

Така и вчера, додека тераа вежбите за зајакнување на телото, си тераа и нашите шеги. А секоја шега, вака или онака – на крајот завршуваше со политика.
Наеднаш изустив: „Ние сме исфрустрирана нација. Целосно не пореметија“. Шидоши хо Зоки кој секогаш вежба од мојата лева страна ме погледна и климна потврдно со главата: „Навистина Сенсеи, комплетно не исфрустрираа“.

Се свртев кон останатите и прозборев: „Пред да се случат сите овие настани кои доведоа до промена на името, ние во ова доџо не сме зборувале никогаш за политика. Знам дека ние сме единствен народ на планетава, кој преку лаги, со измами, со уцени и на сила, го смени своето уставното име. И тоа толку силно не боли, што несвесно не тера секој разговор и секоја шега да ја сведуваме на политика. Па дали знаете дека ја изгубивме довербата еден во друг. Дали знаете дека некаде брат со брат повеќе не зборува. Дека цели семејства се раскарани и дека никој-никому повеќе не верува?“.
Тука Зоки повторно климна со главата и рече: „Знам јас многу такви примери Сенсеи“.

До пред две-три години. Сме разговарале на илјада теми врзани со Кобудо. Сме разговарале и за теми надвор од Кобудо. Сме зборувале дури и за сините китови во леденото море. Сме зборувале за се и сешто. Ама никогаш за политика. Си верувавме, се смеевме, се дружевме многу подобро.

Ве замолувам Соборци мои. Да ја оставиме политиката надвор од вратата на доџото. Таа може да ни донесе раздор. Недоверба. Да ни расипе се што досега сме граделе. Доколку некој може да ја победи фрустрацијата, да ја оставиме политиката и надвор од нашите животи. Се покажа дека нашата генерација е неспособна нешто да смени. Бидејќи главно секоја акција ни се сведува на „разговарање, дебатирање и расправање на темата“. Да продолжиме да се усовршуваме и најважно од се, да ги воспитуваме следните генерации да бидат подобри од нас. Да можат да преземат вистински чекори за нешто да сменат на подобро. Да се надеваме дека тие ќе го вратат изгубеното достоинство кое толку многу не боли и не фрустрира. Затоа што ние како генерација ништо не преземавме.
Секако, тука не зборувам за поединци. Меѓутоа една ластовичка не носи пролет.

Пино за Буџинкан Македонија

Последниот викенд на април, учителот Игор Довезенски и даи-шиханот Пино Дуранте одржаа семинар за Такаги Јошин рју Џутаиџутсу во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија.

Еве ги изјавите на Пино за време на семинарот.

  • Кога ја видов првата демонстрација на Игор и кога почнавте да ја вежбате техниката си помислив: „Што барам јас тука. Зошто воопшто дојдов. Можам слободно да си заминам“.
  • Ако во Германија имавме шихани, добри барем половина од вашите кои носат хакама, ќе бевме најдобри во целиот свет.
  • Често предавам низ доџоата во Германија, Австрија, Холандија и редовно патувам низ цела Европа. Можам слободно да кажам дека вашите зелени и портокалови појаси се подобри од речиси сите црни во државите кои ги посетувам.
  • Без разлика дали се мажи или жени, деца или постари – членовите на ова доџо се Воини.
  • Игор, каде беше сите овие години да ме потсетиш како изгледаа боречките вештини пред 20 години?
  • Посетата на Македонија и на твоето доџо ме вратија во живот.
  • Ќе ве снимам со мобилен и ќе објавам на интернет: “This kind of training is not allowed for pussies”.

 

Се стеснува Кругот

Пред некој викенд, за време на еден од семинарите во Хомбу, вечерта пред спиење семпаи Таки ме замоли да направиме една „спаринг борба“ со цел да го проверам неговото знаење за „Не Ваза“ кое последниве години неуморно го усовршува. И покрај заморот и безволноста поради некои случувања во претходните месеци, без размислување се согласив – бидејќи за мене учениците секогаш биле пред се друго.

Иако семпаи Таки беше видно напреднат, зајакнат и со одлична кондиција, сепак некако успеав да го совладам во првата рунда со ефективна апликација на Џуџи Гатаме.
И додека седев да подземам воздух, ми се обрати шидоши хо Марко:
– Сенсеи, би требало ти да се натпреваруваш, има ли некоја категорија за ветерани?
– Не Марче, мојот Муша Шугјо одамна заврши и сега воопшто немам интерес за такви работи. Ништо повеќе не може да ме воодушеви, му одговорив.

Ова писание е посветено токму за тоа. За искуството, за годините, за зрелоста. Чудно. Но како што минува времето, така Кругот се повеќе се стеснува и веќе ретко нешто може да ме воодушеви. Се сеќавам, кога бев млад, толку лесно се воодушевував речиси на се што е невообичаено, на се што е ретко, на се што е вешто.
Меѓутоа, како што минуваат годините и како што очиве се повеќе се нагледуваат, ушиве се повеќе се наслушуваат, а сетилата се задоволуваат – воодушевеноста се повеќе се намалува.

Во тој мал Круг, остана уште место за моите деца, за моите ученици и најмногу за моите Учители.

Со затворањето на Кругот на Животот, се повеќе се стеснува Кругот…

Чесноста меѓу Воините

Можам со денови да пишувам и зборувам за чесноста на Воините на Буџинкан Македонија. Ама сега би се задржал само на еден мал и безначаен сегмент.
Речиси 25 години опстојува нашето доџо и досега никогаш не се случило нешто да снема од него. А во него има речиси се.
Па така, секој може нешто да остави, а некој можеби нешто ќе заборави. И секако, се ќе остане на местото каде што било оставено или заборавено. Па така, соборците си оставаат (позајмуваат) пари на некое видно место, си разменуваат облека или реквизити. Тука е и онаа наша тегла полна со донирани 10 денарки со кои се купуваат средства за чистење на доџото. И никој-никогаш не знае колку точно пари има во неа, ниту пак има потреба да знае. Затоа што СЕ ЗНАЕ најважното. Дека луѓето во Буџинкан Македонија се толку чесни, што никој досега не се осмелил ниту да помисли нешто да изнесе од домот наречен ДОЏО.

Колкупати досега сум видел „илјадарки“ спакувани во коцка како со недели седат на рафтот во кујната. А понекогаш на нив нема ниту ливче за кого се наменети. И потоа тој што ја позајмил ќе си ја земе, а другиот ќе биде известен дека е земена. И сите сме спокојни, бидејќи сме сигурни дека секој што го поминал првичниот филтер во почетничката група – раката нема никогаш да „му залепи“ или умот да „му помисли“. Бидејќи лошите луѓе не виреат на нашата воинска почва.

Како што кажав на почетокот, можам со денови на оваа тема. Но нема потреба. Се знаеме „кои сме и што сме“.

Сеопфатен Воин

Денешниот ден ми помина во градините околу нашето Хомбу Доџо, подготвувајќи ја земјата за пролетното садење на зеленчук, со цел да бидам подготвен за Летниот Нинџа Камп. Март е идеално време за хранење на почвата со природно ѓубриво произведено со гниење на кравји лепешки.

Цврсто верувам дека секоја личност што претендира да биде сеопфатен Воин, треба да практикува неколку работи кои се екстремно важни:

1. Боречки вештини. Редовен тренинг со цел постојано да се остри телото и духот.
2. Земјоделие. За да можете да ја разберете тајната на раѓањето на нов живот со цел да бидете во хармонија со природата.
3. Наука. Со особен акцент на проучувањето на медицината, историјата и психологијата. За да не бидете жртви на манипулација.
4. Литература и уметност. Бидејќи уметноста го урамнотежува духот, а понекогаш зборот е посилен од мечот.

Вежбајте, уживајте, сонувајте. За сопственото совршенство.

Сериозните Кобудоки и Нинџи кои редовно ги посетуваат семинарите, после неколку учества на вакви настани добиваат Деншо, кое ќе им служи како потсетник на научените кати, а воедно ќе ѕирнат подлабоко во историјата и традицијата на самата школа.
Да се добие Деншо е огромна чест. За да ги комплетирам сите историски материјали поврзани со боречките вештини и школи кои ги практикуваме, ми биле потребни над 20 години макотрпен тренинг и потрошени илјадници и илјадници евра за патување и учество на семинари и приватни часови. Ваша олеснителна околност е што некој веќе го изодел трнливиот Пат за Вас, па сега Вие можете по асфалт поплочен со листови од рози да го добиете тоа што мене ми требало крв да плукам за да го добијам.
Не откажувајте се никогаш! Вежбајте, уживајте, сонувајте. Бидете секогаш на Патот. Кон сопственото совршенство.
На Патот кон Сонцето.
Нинпо Иккан!

Еден сосема обичен ден

Не баш обичен, ама речиси обичен. Со тоа што мене обичните денови ми се секогаш најубави.

По изминатиот викенд при што со откостивме од вежбање на двата семинари, утрово бевме гости во Телевизија 24, каде што во живо нашите три преубави дами Сања, Косара и Стефи, го претставија нашето доџо во најубаво светло.
Се разбира, потоа следуваше онаа работа која што Вие честопати не ја забележувате, меѓутоа ги гледате последиците од неа.
Само што завршив со пишувањето на извештаите за настаните, со одговарањето на педесетината пораки (што од Македонија, што од странство), архивирањето на материјалот од семинарите, од медимските презентации, од писмата, од пораките, итн., кога примив уште една убава вест.

Имено, на Природно-математичкиот факултет една група на професори поднела писмена иницијатива до Наставно-научниот совет за враќање на часовите за Шиноби Таисо (Јапонска Јога) откако претходно, (после три години) беа укинати со смешно образложение. Не знам дали ќе успее оваа иницијатива, меѓутоа не можам да не признам дека ме израдува фактот што луѓето го препознаваат квалитетот што „Пат кон Сонцето“ веќе 24 години го носи со себе.
Истиот тој квалитет што придонесува секојдневно да се полни електронското сандаче со признанија и честитки за нашата работа, а кои доаѓаат од еминетни или помалку еминентни практичари на боречки вештини од целиот свет. Зборувам за тој квалитет кој ги тера новинарите секојдневно да не контактираат и да не покануваат да гостуваме во нивните медиуми (се разбира, само повремено одговараме на ваквите покани со цел да не им здосадиме на луѓето). За квалитетот поради кој секој божји ден се легнува толку доцна, а се станува толку рано, само за да се постигне се во текот на денот и да се овозможи доџото да напредува и да се развива, а луѓето во него да се усовршуваат и подобруваат во секој поглед. И на крајот, квалитетот за кој еден ден ќе се пишуваат и книги и дипломски и магистерски трудови – за луѓето кои ги донеле класичните јапонски боречки вештини во Македонија и кои помогнале во нивното ширење. Да. Звучи многу нескромно и прстите ми се грчат додека ова го пишувам бидејќи се борам со егото кое ми шепоти вакви грозни работи, меѓутоа вистината е таа. Јас и Вие кои сте постојано околу мене, пишуваме една историја во оваа наша Македонија. Историја која за некого е помалку важна, меѓутоа за некого е многу важна. Ја пишуваме историјата на Кобудо-то во нашата држава. Но и на сето она што Кобудо-то го носи со себе. Традицијата, честа, пожртвуваноста, лојалноста…

Сега остануваат да се завршат уште дваесетина обврски до вечерниот тренинг и да се посветат уште неколку саати на нашето доџо. А потоа се гледаме на тренинг.

Ќе заборавев…се гледаме на тренинг и бидете подговени бидејќи повторно ќе имаме гости од медиумите.

И ќе продолжиме посветено. Го знам тоа. Бидејќи така сме научени и така сме воспитани. До крајот.

За животот и смртта

Дојдовме во фаза кога почнуваат да не измачуваат прашања поврзани со нашето суштествување на земјава.

„Тато, а зошто сите морат да умрат еден ден? Татичко, јас не сакам никогаш да умреш, кој ќе се грижи за нас? А мора ли секогаш да се умре на крајот? Може ли некој засекогаш да живее? А дали боли смртта? Се плашиш ли тато ти од смртта? Јас сакам ти вечно да живееш!“

Различни татковци, даваат различни одговори. Најчесто се обидуваат да ја сменат темата, да дадат утеха, привремено да ги ослободат своите деца од стравот од непознатото.

А јас?

„Петарче, не плаши се. Животот и смртта се вечни сопатници. Одат заедно рака под рака. Животот е посилен, но на крајот смртта секогаш победува. Меѓутоа смртта е траен премин, а животот постојано се раѓа и продолжува.
Ништо не е вечно и не треба да биде. Постарите треба да направат место за помладите. Тоа се вика Круг на Животот. На крајот, воопшто не е важно колку време ќе живееме, туку како ќе живееме. Дали ќе бидеме исполнети и среќни или ќе ги осудуваме луѓето околу себе за својот неуспех. Многу луѓе завршуваат со својот живот на четириесет години, само што ги закопуваат на осумдесет.
Важно е, по што ќе останеме запаметени. Дали по нашата добрина или по нашата злоба. Важно е што ќе оставиме зад нас. Какви ќе бидат нашите дела.
Тато твој не се плаши од смртта. Ограничувањето на слободата, стравот од болести и од умирање – тоа е најстрашното за мене.
Затоа сине мој – живеј слободно. Диши со полни гради и зграпчи го животот цврсто со двете раце. Живеј во сегашноста, заборави на минатото и не мисли на иднината. Живеј го секој ден како да е последен. Тоа ти е совет од татичко твој. Сега нема да ме разбереш, меѓутоа еден ден се ќе ти стане јасно“.