Токму поради страста!

За време на јулскиот Даито рју Аикиџуџутсу интензивен семинар во Хомбу, после 36 години непрекинато вежбање јапонски боречки вештини, за прв пат „се фатив“ како за време на тренингот правам работи кои не се директно поврзани со самиот тренинг.
Запрепастен самиот од себе, вечерта не можев око да затворам од размислување. Одговорите дојдоа изутрината, откако ги подредив и разгледав сите делови од мозаикот наречен „мојот живот“.

Да, тие кои беа на јулскиот семинар беа сведоци, а оттогаш и другите мои ученици кои го посетуваат Хомбу-то, дека откако ќе ги покажам сите детаљи на техниката која што тие ќе ја вежбаат, си седнувам на земја и почнувам да читам книги или некои други ракописи и белешки поврзани со класичните јапонски боречки вештини.

Што се случува? Ќе Ви објаснам на кратко!

Ниту сум се изморил од предавање и вежбање, а уште помалку таа моја животна активност ми здосадила. НАПРОТИВ!!! Се повеќе низ годините го засакувам буџутсу-то и нинџутсу-то. И токму поради таа огромна љубов, почна да се случува ова!

Како? Зошто?

Како што животот минува, а времето се намалува, се јавува кај мене чувство дека има уште многу работи да научам, а едноставно правилата на Природата го спречуваат тоа ограничувајќи го животот со своите универзални закони.
Иако речиси сето мое време го посветувам на тренингот и на корју-то, сепак почна да ми надоаѓа емоција дека има уште многу работи да научам, дека можам уште многу да дадам – а немам време за тоа. Животот тече и минува. Краток е за сите планови и дела кои планирам да ги остварам. И два животи да имам, мислам дека малку ќе бидат за да дадам се што можам да дадам на моето доџо и на моите ученици.
И кога Влатче во книгата „Разговор со Учениците“ ми постави прашање „како успевам“, а јас му дадов одговор дека скратив од се што може да се скрати, несвесно тој јулски ден ми текна дека можам и за време на тренингот да учам и да се надоградувам.

Ете така! Можам! Откако ќе ги покажам катите по неколку пати, а со тоа ќе ги повторам и извежбам, додека моите ученици ги повторуваат и вежбаат, јас ќе читам, ќе вежбам на страна и ќе правам работи кои мене ќе ме надоградуваат во тие делови кои ги зметаам за недовршени и несовршени. Ве молам, не помислувајте дека повеќе не се грижам за Вашиот напредок. Или за мојот! Јас и понатаму имам по неколку тренинзи во текот на денот. А Вас постојано „под око“ Ве набљудувам. Ве поправам и Ви ја дотерувам техниката, ама најважно од се е што после 36 години поминати во будо, веќе имам ученици кои можат да им помагаат на почетниците и тие да ги исправаат ггрешките кои другите ги праваат.
Јас сум среќен што конечно имам заменици кои можат речиси целосно да ме одменат и да ја пренесуваат вештината, а секако, кога нема да бидат сигурни за нешто, секогаш сум тука да ме прашаат за совет.

Како што кажав: гледам се, слушам се и кажувам се. Не помислувајте дека сте оставени самите на себе. Но јас морам постојано да се надоградувам за да можете и Вие да одите напред и еден ден да станете подобри кобудоки од Вашиот учител.

А јас немам време. Морам да го зграпчам секој миг. Јас сум човек со голема страст за животот, а особено за боречките вештини.

Простете ми што после 36 години тренинг почнав да си дозволувам освен за Вас, да се грижам помалку и за себе, па истовремено да подучувам и да учам.

Заедно ќе одиме по Патот. Се додека Вие го сакате тоа. А кога ќе застанете, јас ќе продолжам. А доколку некогаш посакате повторно да се сретнеме, тргнете по моите чекори. Ќе Ве почекам. Ќе продолжиме заедно.

Ганбатте Кудосаи !!!

Товарот на крвта

Читав многу одамна едно интервју со познат мајстор за традиционални јапонски боречки вештини од Јапонија и се уште се сеќавам како и објаснуваше на новинарката за тоа колку е тешко да ги воспитуваш и да ги подучуваш своите сопствени деца. Тогаш бев млад и немав свој пород, па некако тој дел како да не ми остави некој посебен впечаток. Но денес, кога од мојата крв се изнедрија тројца потомци, почнувам да го разбирам водачот на доџо-то што беше интервјуиран.
Го почуствував тоа за време на Детскиот Нинџа Камп, каде што Косара и Ксенија земаа учество, но уште повеќе откако постарата ќерка се префрли во почетната група за постари членови.
Да. Сега сфатив колку е тешко твоите деца да вежбаат во твоето доџо и под твој надзор.

Иако, во исто време претставува привилегија, да бидеш учител на своите деца во доџото каде што вежбаат и други членови – е голема одговорност. И тоа не само кон нив, туку и кон сите останати. Рамнотежата не смее никако да се наруши, а токму тука е најтешкиот дел.

Истовремено треба да бидеш строг и праведен како Учител, а не смееш никако да заборавиш дека пред се си нивен татко. Дека тоа е твојата првична улога во нивниот живот.
И ако за време на тренингот покажеш милост и нежност кон своите деца, тие ќе го сфатат тоа како слабост и подршка и можеби ќе ја злоупотребат с/твојата положба. Ако, пак, бидеш претерано строг, тогаш повеќе нема да бидеш „добар татичко“ како што секој татко треба да биде, туку ќе станеш нечуствителен родител.
Особено е важно да внимаваш ниту едно друго дете кое што вежба со нив да не се почуствува неудобно и во второкласна положба, бидејќи во доџото истите правила и закони мораат да важат за сите подеднакво.

Но!?

Некако по правило, од твоите дечиња се очекува да вежбаат години и години подолго од сите останати во доџото. Е сега, дали е фер таа строгост да ја чувствуваат на ист начин и тие кои ќе вежбаат две-три години и оние кои ќе вежбаат два-триесет години?

А што е со болката? И телесната и менталната болка која е составен дел на секое самоусовршување во класичните јапонски боречки вештини.

Затоа дури сега ми стана јасно делот од интервјутото кога стариот Учител бара од своите постари ученици и инструктори да внимаваат да не ги повредуваат премногу неговите деца. Тогаш не можев да го разберам тој дел и мислев дека Тој е неправеден кон останатите.
Меѓутоа, летово конечно разбрав во која насока се движеле неговите барања. Па зарем исто ќе го „потрошат“ своето тело тие кои ќе вежбаат две-три години и оние кои ќе вежбаат два-триесет години? Зарем на овие вториве нема телото да им претпри многу повеќе болки и повреди, поради долгиот период поминат во доџото во „борба“ со своите соборци? Зарем ист број пати ќе треснат силно на татамите, ќе бидат удрени со раце и нозе или со дрвени или метални реквизити другите членови кои си доаѓаат и си одат и оние од кои се очекува да останат долго време во доџото?

Како да се најде таа рамнотежа за да никој не помисли дека моите деца се во привилегирана положба во однос на останатите, а истовремено да им се даде шанса да вежбаат долги години, но и да се биде добар и внимателен татко?

Ете, затоа тврдам дека товарот на крвта е многу тежок. Само тој што ќе го почуствува тоа – ќе го сфати.

А со годините тој товар почнуваш да го чуствуваш не само кон тие низ кои тече твојата крв, туку и кон тие кои на татамите својата крв ја измешале со твојата.
Ете затоа постарите ученици се помалку ги поканувам да бидат уке за време на регуларните тренинзи, а се почесто ги заменувам со некои чие време допрва доаѓа. Затоа што старите Семпаи многу години наназад паѓале и биле удирани на татамите, а токму од нив се очекува да останат во доџото до крајот на својот живот.

Товарот на крвта е голем!

Тотален Масакр 全額殺戮

*Доџо – Место за вежбање односно усовршување на духот и телото

Навикнат да го поминувам моето време во доџо-то* или околу доџо-то, многу ретко се случува да прошетам некаде. Дури и кога имам малку повеќе слободно време, гледам да го искористам работејќи на земјата што ми е наследена од моите дедовци. Освен тоа, не сакам гужви, турканици, бучава, па поради тоа ретко се случува да поминам низ центарот на Скопје, освен кога имам некоја конкретна обврска што морам да ја завршам.

Вчерашниот ден се одлучив на прошетка низ центарот на мојот град, чисто да ѕирнам до „каде стојат работите“. И нормално, кога веќе одам на прошетка, секогаш пешачам од домот, па се до посакуваната одредница.
Додека поминував низ мојата населба (Јане Сандански – Аеродром), не забележав некои поголеми промени, бидејќи почесто се движам низ неа. Но штом навлегов во центарот на градот, уште на самата Железничка Станица, почнав да чувствувам некоја непријатност околу себе.
Апатични луѓе на тротоарот, замислени, без ниту една насмевка на лицето. Веќе на кејот кај ГТЦ, слика која што почна да ми го замаглува видот. Но врвот на се беше плоштадот и околината околу него.
Ѓубре, каде и да се свртиш. Отпадоци на сите страни. Бекатони фрлени на купче, па расфрлани на земја. Фасади од стиропор, кои се распаѓаат. Се почнато – ништо не довршено и доправено. Измети од кучиња и од коњи. Просјаци и скитници седнати или легнати на земја. Забулени жени и мажи со долги бради и куси панталони. Црномурести луѓе кои зборуваат на непознати јазици и кои сомнително набљудуваат од ќошињата.
Се обидував да слушнам некој збор на македонски. Неуспешно. До моите уши најчесто допираа зборови на турски, албански, ромски. И по малку на арапски. Но никако на македонски. Со еден збор, Скопје во моментов наликува на некој муслимански град од блискиот исток, а никако на европски.

Чекај малку, си велам. Дали е ова моето Скопје во кое што јас израснав или не е? Каков е овој пејсаж што делува како да е исечен од некој филм на Квентин Тарантино? Што се случи со Градот Убав? Кој го уби? Има ли некој контрола што се случува? Има ли некој да провери по какви стандарди се гради? Дали тоа што ќе се изгради добива конечно одобрение за употреба? Дали тој што се нафатил да гради на крајот е исконтролиран дали го завршил и како го сработил договореното? Контролира ли некој кој се влегува и дали ја напушта оваа земја? Дали се пријавуваат посетителите каде ќе престојуваат? Дали се внимава кому се допушта да ја помине границата? Има ли правец бродот наречен Македонија? Каде се движиме?

Погледнав уште еднаш во широк лак кон плоштадот и само една мисла ми дојде на умот: ТОТАЛЕН МАСАКР 全額殺戮

Властите во нашата земја направиле тотален масакр за овие 27 години!!!
Менувајќи се една со друга, според некој цикличен распоред, се повторува истата ситуација.
Првите сто дена ќе ги критикуваме тие пред нас што не ограбија и се збогатија. Вторите 100 дена ќе почнеме да „исправаме криви дрини“. А веќе на третата стотка ќе си поткраднуваме бидејќи нели прво мора ние да се обезбедиме, за да може државата да ја оправаме. И се така во круг.

Се вратив назад. Поразен и разочаран целосно од неспособноста на мојот народ. Од апатичноста и немањето желба и енергија да се направат вистински промени кои ќе им обезбедат подобар живот на нашите деца. Промени кои ќе ги натераат младите да останат тука и да го внесат европскиот дух во Македонија. И веднаш се сетив на зборовите на еден наш истакнат член: „Сенсеи, кога државата би функционирала така како што функционира нашето доџо, насекаде би гледале само насмеани лица“.

Со што заслужив?

На Камп сме. Тука ритамот на денот е секогаш динамичен. Тренинзи со моите Воини од утро до мрак, а кога нема тренинзи – тогаш јас ги подготвувам тренинзите.
А во текот на денот, секогаш одвојувам малку време да ги прегрнам моите дечиња, бидејќи знам дека им недостасувам, бидејќи тие мене ми недостасуваат многу.

И така, Ксенче си вози хаврборд, а јас ја придржувам да не падне, кога таа наеднаш нагло сврти и со тркалото ми помина преку палецот. Хаврбордот е доста тежок, ама со Ксенија на него, тежи речиси 40 килограми.

Само што ми помина преку прстот, едно парче од кожата се скина и остана на тркалото. Влегов брзо во куќата за да не ме види Ксенче дека тече крв, да не се вознемири, а потоа откако влезе таа по мене, скришно и избегав кон доџото да се сокријам од неа – додека да подзаборави.

И одам кон Хомбу-то, а Воините играат некоја друштвена игра со карти за време на паузата. И само што ме забележија, сите загрижени почнаа да ме прашуваат што ми се случило. Ама во нивните очи се читаше онаа вистинска загриженост, а не само поради бон-тон.
Со што заслужив толкава љубов и почит од нив, си помислив по не знам кој пат.
Одговорот го добив за кратко.
Се вратив назад во куќата и Ксенче ме гледа како поткривнувам и со прегратка ми вели: „Тато, сега ќе одмориш еден тренинг, не можеш да вежбаш ваков повреден. Јас не те пуштам“.
А јас и одговорив: „Тоа не може да се случи никако сонце мое. И ногата да ја загубам, јас повторно ќе им одржам тренинг. Па тие дошле тука поради мене, да научат повеќе. Како можам да не им предавам?“

И нормално, веќе за половина саат од „повредата“, си одржав тренинг како ништо да не се случило.

Љубовта е двонасочна. Почитта – исто така. Дајте – за да Ви дадат. Ама искрено, без очекување нешто за возврат. Бидејќи давањето за да добиеш нешто назад не заслужува ниту љубов, ниту почит.

Јас сум среќен човек.

Големото Мече со кадифено срце

Има еден проби/штипјанец во нашето доџо, име му е Саше Гацев. Големото Мече, знаеме да го наречеме понекогаш. Корпулентен момак, а со кадифено срце. Ќе му дадеш задача, ќе се насмевне симпатично и добродушно и без поговор ќе ја заврши. Ќе му кажеш „благодарам“, а тој само ќе ти каже „нема проблем“. Понекогаш тешко може да ја контролира силата. Сепак станува збор за маса. Ама на крајот од техниката не можеш да му замериш, кога тој ќе ти подаде рака и ќе те прегрне. Саше вежба и кога му е тешко. Си офка на тренинг понекогаш, ама не се откажува никогаш. Само ќе слушнеш пред Џунан Ундо: „Сенсеи, може да капнам малку“, додека мафта со шишенцето во воздухот.
На тој истиот Саше сме му благодарни и што ни овозможи повторно блогот да ни профункционира.

И така во понеделникот доаѓа Саше на тренинг, еден ден после планинарски поход односно по неколкудневно пешачење и додека му честитам, ми вели:

– Сенсеи, јас планирав да го поминам само првиот дел од патеката, ама секој пат си викав дека можам повеќе. И да бидам искрен, не почустував некој голем замор. Дури сега сфаќам што значи тренингот во Буџинкан Македонија. Ништо посебно не се спремав за трансферзалата, а ја поминав без некои поголеми маки. Ние не само што сме одлично физички подготвени преку нашите семинари и тренинзи, туку уште повеќе сме силни ментално. Сите наши редовни членови би можеле да планинарат без никаков проблем, ама планинарите нема шанси да ги издржат нашите тренинзи без никаков проблем. Дури сега сфаќам што значи Буџинкан Македонија.

Вака отприлика си течеше резговорот со нашиот Саше. Големото Мече со кадифено срце е ученик и другар што секој би го посаккал близу себе.

———————————————————-
После поголема пауза, блоговите ќе продолжат да се множат повторно. Поради летните кампови сега многу ретко, ама од септември повторно почесто.

Викендов имавме одличен семинар. Беше толку одличен што дури откако завршивме си признавме самите меѓу себе: „Еј, па и не беше толку лесно“.
Беше толку одличен што за време на двата дена не почуствувавме ниту глад, ниту жед, ниту жештина.

Многумина од Вас дури по некое време ќе сфатат што значи Буџинкан Македонија.