Тешко или Лесно ?

Тешко е:

–         да дојдам на тренинг

–         да се вратам во форма

–         да го сменам распоредот

–         да продолжам како до сега

–         да бидам расположен

–         да уживам во тоа што го правам

–         да се соочам со луѓето

–         да паѓам постојано на татамите

–         да се снајдам во малиот простор

Лесно е:

–         да најдам изговори

–         да почнам „од следниот месец“

–         да ги обвинам другите

–         да кажам „просторот не ми се допаѓа“

–         да најдам ново хоби

–         секогаш да почнувам од почеток (без да стигнам до целта)

–         да кажам „не доаѓам поради…“

Избери. Сакаш „тешко“ или „лесно“ ???

Кеико

Многумина слушнале (и ќе слушаат) за зборот кеико (вежбање/подготовка на духот) што го користиме за време на буџутсу тренинзите. Меѓутоа, речиси никој не знае за подлабокото значење на овој термин. Кога разговарам со некои будо  мајстори на оваа тема, забележувам дека и тие воопшто не се свесни за значењето на овој збор.

Да го објасниме тогаш. Зборот кеико се состои од две канџи 稽古.

Првиот 稽 се преведува како мислење, разгледување односно осврт.

Вториот 古 означува нешто старо, минато, древно.

Доколку добро се познава јапонската историја и менталитет, веднаш ќе се забележи длабокото значење на овој термин. Кеико = разгледување на минатото. Со ова, се објаснува поврзаноста на тренингот со претходните генерации на школата односно на рју-то (рју = тек, течение).  Сето тоа зборува за почитта кон традицијата и кон тие кои се заслужни за раѓањето и пренесувањето на некоја боречка вештина (или друг вид на активност). Оттука кеико (вежбањето на духот) е многу повеќе од тренинг. Кеико е поврзување и одавање почит на преносителите на традицијата. Едноставниот тренинг на физичко ниво се вика реншу (вежбање/подготовка на телото).

Сега, кога научивме повеќе за кеико, станува јасно зошто за време на тренингот се бара целосна посветеност и дисциплина на учениците.

Честито Мони

Мони положи за 6-ти кју во Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден). И за половина час ги собра лајковите на ФБ. Прв и честиташе мојот голем пријател и воедно најдобриот мајстор во Џиненкан, Марио Де Мол.
Шидоши Хо Марко напиша „Девојчето штотуку почна да ја пишува историјата“. Се согласувам со него 100%.
Мони веќе го зазема своето место во Пат кон Сонцето. И неуморно се качува кон пиедесталот.

Таа е едно од оние деца што израснаа во нашето доџо. Дојде помалку несреќна, но за кратко време и се врати насмевката на лицето. Како и многу други, откри дека подршката што ја добива и љубовта кон тоа што го работиме, може да ги заменат недостатоците во животот.

Многу од (тие) деца(та) се откажаа од Патот. Израснаа, почнаа да излегуват во град, да ги откриваат „убавините“ на животот и многу работи им станаа „послатки“ од напорниот тренинг. За разлика од нив, Мони и понатаму граби напред и ги открива убавините на традиционалните јапонски вештини. Нејзината воља од ден на ден е се поголема, а истовремено и нејзината техника се подобра.

Веднаш после полагањето за 6 кју во Даито рју, го откажа полагањето за 4 кју во Буџинкан со зборовите: „сенсеи, не сум подготвена за 4 кју, мислам дека е прерано за моите години“. Мони – созреваш. Но, те чекат големи предизвици. Од тебе, сега ќе има големи очекувања. Сите мои пријатели од светот на боречките вештини ќе сакаат да го видат мојот ученик кој „никогаш не пропушта тренинг“. Затоа ќе мора уште понапорно да работиш на себе. Да бидеш подготвена да се покажеш во најдобро светло.

И внимавај. Годините ти се такви, лесно можеш да тргнеш по друг Пат. Но кој Пат и да го одбереш, јас (сенсеи) секогаш ќе бидам зад тебе.

Гамбате!!!

Дрво без корен

Тој што ќе го отфрли своето минато – отфрлил дел од себе.

Тој што се срами од своето минато – се срами самиот од себе.

Тоа што сме денес е благодарение на нашето минато. Иднината никој не може да ја предвиди.

Сите што во Македонија денес тврдат дека вежбаат класични јапонски борбени вештини, почнале да вежбаат во моето доџо. Да не бев јас, тие никогаш немаше да дознаат што е тоа корју/кобудо. Ова е несопорен факт.

За жал, има и друг неоспорен факт. Сите патишта до корју-то во Македонија водат до мене. Значи не зборуваме за соработка со третокласни самоприучени мајстори со сомнителна диплома. Зборуваме за првокласни мајстори познати на меѓународната сцена и признати како најдобри.

Така, следниот пат кога ќе ја раскажувате вашата кратка биографија, не го плукајте делот во кој што сум јас. Затоа што тоа е најсветлиот дел од вашата биографија. Тоа што тогаш го научивте, таа основа што ја поставивте, се уште е најдобра и највредна. Ова другово засекогаш ќе остане прилепено и приучено на вашата основа.

Тие што отишле предвреме, пред да ја совладат основата, ќе останат засекогаш слаби во својата техника.

Дрво без корен не бива. Знаеле нашите старци.

Неразделни другари

Критиката и егото се добар пар. Одат рака под рака. Тие не можат еден без друг. Штом првиот некој го спомене, вториот веднаш се јавува. А штом вториот се јави, љубоморно затвора врата за првиот.

Се случува да упатувам критики до моите ученици. Особено за некои работи што мора да се почитуваат. Тие кои ги нарекуваме Гири“. Обврска. Критиката не се изрекува злонамерно. Зарем некој сака самиот да си го поткопа односот со својот ученик? И тоа кога знае дека доџо-то е симбиоза.

Не другари. Критиката служи да Ве научи како навреме да ги извршувате своите обврски. А една од нив е чистењето на доџо-то.

Да. За жал дури и за ова дојде време да напишам нешто.

Таму каде што се потиме, газиме со боси нозе и чорапи, го лепиме лицето, таму каде што седиме и лежиме – мора да биде чисто. И секој мора да си исчисти. Или кажано народски: „Кој си сере, тој и ќе си чисти“.

И нема што да разговараме на оваа тема. Колку и да се сакаме и почитуваме, ако доцните „на чистење“ или не дојдете, во најмала рака ќе кркате критика. А дали ќе се лутите, воопшто не ме засега. И не ми е гајле дали Вие сте задоцниле поради некоја неверојатна голема обврска или незгода. Не ми е гајле се додека не пријдете и не ми објасните дека таква причина навистина имало. Па јас не сум баба Ванѓа да знам за Вашите проблеми. Како што и јас не се „вадам“ на моите. Јас секогаш ги извршувам обврските на време.

Ако јас не можам да Ве научам барем да си чистите таму каде што валкате, тогаш не сум Ве научил ништо, без разлика колку сте добри во техниката. А, ако, пак, мислите дека Вие чистите повеќе од мене, треба да знаете дека еднаш неделно јас правам генералка на секој предмет по кој што газите и седите во доџо-то. Дезинфекција комплетна. А Вие, фала Богу, не ни знаете за тоа.

Иако, по некое традиционално (Корју) правило, учителот и не треба да чисти, јас сепак се радувам што тоа можам да го сторам (за мене и за Вас).

Затоа другари, лутете си се самите себеси. Лутете си се на Вашата неодговорност или неможност да си го средите животот. Не ми се лутете мене што сакам да обезбедам беспрекорно функционирање на доџо-то. Тоа е моја обврска (Гири). А Ваша обврска е за секоја замерка кон мене да ме известите за да знам како и каде да се поправам (доколку е оправдано). А ако си го „собирате во себе“ и го чувате на срце, тогаш еден ден ќе пукнете и сето ѓубре ќе го истурите наоколу.

Живејте го животот целосно. Не дозволувајте ситници да Ве вадат од такт. Секогаш кога се лутите и ми доаѓате скиснати на час, само го покажувате Вашиот вистински карактер кој цело време сте го прикривале. Дајте да одиме напред. Да се усовршуваме во тоа на кое сме посветени. А секој вистински воин е посветен на ЖИВОТОТ.

Тато, што е тоа лојалност?

Ме праша Косара и седна пред мене очекувајќи да и објаснам. Неколку секунди ќутев, прашувајќи се себе си како да му објаснам на седумгодишно дете што е тоа лојалност. Потоа прозборев:

-Лојалност значи да бидеш подготвен да го дадеш животот за некого. Да му простиш кога греши, а потоа строго да му ја посочиш грешката. Да застанеш на негова страна кога е потребно, дури и ако не е во право, но потоа да му објасниш каде греши и да побараш да се извини доколку е потребно.

Да бидеш верен, значи да правиш некому добрина, без да се обидеш да му го кажеш или покажеш тоа. Верноста значи да не очекуваш возвраќање за помошта, туку да се радуваш што си се нашол некому во невоља. Лојалност е да не заборавиш кога некој ризикувал за тебе, да паметиш кога некој се жртвувал за тебе, да застанеш до него кога е потребно, да не потклекнеш при некоја уцена и да не завртиш грб кога е има опасност.
Лојалност е категорија за која што порано се гинело, се раѓале јунаци, за која се пишувале песни и се создавале легенди.

За жал, многу од твојата генерација најверојатно никогаш нема да го разберат значењето на зборот. Ти си моја крв и лојалноста треба да ти биде најважна во животот.
Ме разбра?
-Тато нешто разбрав, нешто не.
-Јас во овој момент сум спремен да го дадам животот за тебе без воопшто да размислувам. Ако не ти помогнам кога најмногу ти требам, подобро веднаш да умрам. Сега ме разбра?

-Да Тато, одговори Косара и почна да плаче.

————————————————————

Ова се тешки лекции, особено за мали деца.

Но најважните лекции се учат додека си дете!

Од поштенското сандаче

Сенсеи,
се извинувам што ќе ви одземам малку време, но морав да ви напишам неколку збора и да ги споделам моите впечатоци.
Сакам да ви се заблагодарам уште еднаш за вчерашниот час за Даито Рју и за тренингот потоа. Даито рју навистина ми се допадна и бев импресионирана од умешноста на самураите да состават техника која перфектно ќе функционира и во најнеповолна ситуација. Бев изненадена и од тоа колку внимание се обрнува на секој детал и секоја ситница, кои мене како почетник ми изгледаа небитни, само за да сфатам дека
токму деталите ја доведуваат техниката до совршенство. Особено ми беше интересно тоа што секоја ката си има киаи. Останав со подзината уста кога слушнав за обемноста на школата и за бројот на катите, што добив впечаток дека на Даито Рју е вештина на која можеш да му го посветиш целиот живот и пак да не стигнеш да ја совладаш во целост,
ниту пак да ги откриеш сите нејзини тајни, мистична како и епохата од која потекнува.
Сметам дека зад Даито рју има една неверојатна историја и традиција на која само можам да гледам со восхит и пред која се поклонувам.

Морам уште да го спомнам и вчерашниот тренинг, си поминав прекрасно. Има нешто необично во таасала, некоја неверојатна енергија или можеби не е до местото, можеби е до луѓето.
Морам да признаам дека кога ми предложивте да останам и на тренинг, прифатив со малку страв, мислејќи дека нема шанси да издржам до крај со напорниот тренинг. Но некако успеав, не можев да сфатам како најдов сила да го издржам тоа џунан ундо кога само пред неколку месеци ми беше мачно да ги искачувам скалите до дома. Навистина им должам многу на моите инструкори – вашите ученици.

Сенсеи, јас вака можам да си пишувам цел ден, но мислам дека ви одземав доволно време.

Ви испраќам поздрави и ви посакувам пријатен ден.

п.с. Повеќе на Форум.

In Memoriam (Милорад Талески)

Почина една од легендите на боречките вештини во Македонија. Почина Милорад Талески, еден од првите џудисти во нашата земја.
Нашето проклетство ќе си го носиме со себе засекогаш. За нас, секогаш биле и ќе бидат подобри мајсторите со сомнителен квалитет од соседството (и подалеку), отколку нашите прекалени борци кои само затоа што се наши – по дефиниција се помалку вредни.
Или, пак, со сомнителните побрзо се доаѓа до посакуваното?
Почивај во мир легендо. Вистинските познавачи на боречките вештини нема никогаш да те заборават.

Милорад Талески (фотографирано 1969 во Скопје)

Ристо Разбираш

Импресиите на Ристо Разбираш споделени на Форум-от.

„Воа беше мој прв семинар во природа и можам да кажам само …
ма ништо не можам да кажам.
Не ми беше прво искуство во природа ама ми беше прво од воа вид, со само един
нож, едно јаже и тоа шо природата го дадела тириста чуда се прават.
Во сред снег огин да запалиш и не само да запалиш туку и тој огин два дена да горе
и да го носиш дека сакиш никуј пт немше да помислам дека може ако не видах.
А па ништо од градежен материјал да немиш, а да се направе перфектно суа засолниште
дека шо нема да те дуа ветар, и тоа само од работи шо можиш да ги најдиш во околината.
И на се тоа кога ќе се додадат чистит ваздух, пакрасната природа, и мокрит снег …
се на се прават едно неповторливо и незаборавно искуство.“

Учител

„Учителот има една титула, но повеќе улоги, тој е ментор, инструктор, мотиватор, воспитувач…“

Дали Вие ги пронаоѓате овие особини кај Вашиот учител?

Доколку одговорот е ДА, Вие сте на добар Пат.
Доколку му недостасува барем една од овие улоги, време е да го најдете Вашиот вистински учител.